Балин Дол

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Балин Дол
Балин Дол со Гостивар и Полог во позадина.JPG

Поглед на селото Балин Дол со Гостивар и Полог во позадината, рано наутро

Балин Дол is located in Македонија
Балин Дол
Местоположба на Балин Дол во Македонија
Координати 41°47′26″N 20°56′17″E / 41.79056° СГШ; 20.93806° ИГД / 41.79056; 20.93806Координати: 41°47′26″N 20°56′17″E / 41.79056° СГШ; 20.93806° ИГД / 41.79056; 20.93806
Општина Општина Гостивар
Население 2501 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 560 м
Commons-logo.svg Балин Дол на Ризницата


Балин Дол — село во Општина Гостивар, во околината на градот Гостивар.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Населбата Балин Дол се наоѓа во источниот дел на Општина Гостивар, во непосредна близина на градот Гостивар, односно во неговата рурбална зона[1]. Поточно, селото Балин Дол се наоѓа на 2,5 километри источно од Гостивар во подножјето на планината Сува Гора[2]. Над него се издигнува стрмна планинска падина[2]. Од централното градско подрачје на градот Гостивар е одалечено 2,7 километри[1], а преку градењето на голем број нови куќи преку реката Вардар кон ЖС „Гостивар“ на улицата Балиндолска, селото е веќе речиси поврзано односно споено со градот. Балин Дол е рамнинско село, расположено на надморска височина од 560 метри[1]. Атарот е мал и зафаќа простро од 4 км2, на кои обработливото земјиште зазема површина од 173,4 ха, на пасиштата отпаѓаат 12,3 ха, а на шумите 188,7 ха[1].

Историja[уреди | уреди извор]

Според предание меѓу жителите, Балин Дол е старо село, кое еднаш било потполно разорено, а потоа на селиштето се собрале доселеници кои основале ново село[2] Најстарите записи за селото Балин Дол потекнуваат од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 508 од 1467 година за тогашниот Тетовски Вилает, кога во него живееле 11 македонски христијански семејства кои произведувале пченица, јачмен, 'рж, просо, бостан, лен, лозја и чувале свињи за што остварувале приход од 1637 акчиња[3]. Подоцна во XVI век, во 1545 година и во 1568 година во селото Балин Дол поединечно се запишани 9 христијански македонски семејства [3]. Обновеното село Балин Дол се наоѓало над денешната местоположба на местото сега наречено Старо Село, а населбата на тоа место, кон крајот на XVIII век ја основале православни македонски родови[2]. Први се доселиле претците на денешните родови Чулчевци и Баклевци, а со подоцнежните доселувања селото пораснало на околу 40 домови[2]. Во средината на XIX век, тука се доселиле и албански муслимански родови[2]. Кон крајот на XIX век, Балин Дол го посетил македонскиот револуционер Ѓорче Петров кој во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, дава детален опис на местоположбата и на една занимлива случка во селото. Според записите на Ѓорче Петров, селото Балин Дол е сместено на ½ час од Чајле и Гостивар во еден дол на Сува Гора, недалеку од Вардар[4]. Селото било чисто македонско, а и тука имало „градиште“[4], за што Јован Трифуноски смета дека е погрешен податок[2]. Самиот Ѓорче Петров запишал дека не знае дали е вистина, но ако тие „градишта“ се остатоци од поранешни градови, такви би требало да има навистина многу, но сепак, тоа е невозможно, притоа додавајќи дека најверојатно, со тој назив се нарекувале не местата каде што имало градови, туку остатоците од некогашните згради[4].

Занимлива глетка од нашиот бит ми се претстави во Балин Дол. Во селото отидовме со еден поп. Кога влеговме во крајот на селото здогледавме една група од 5-6 деца кои весело си играа. Штом нѐ здогледаа веднаш престанаа со веселата игра, ги намуртија веселите лица, писнаа да плачат и се разбегаа наваму-натаму. Смирувачките зборови на свештеникот наместо да ги успокојат уште повеќе ги исплашија. Се виде дека појавата на попот беше причината за таа вознемиреност. Се пренесов во детските години и од сопственото искуство си го објаснив тоа. За да немаат главоболки, мајките постојано ги заплашуваат децата со попот и Турчинот. Стравот, дека попот сече уши на децата, правел да трепериме и да се криеме во глувчешки дупки кога поп ни доаѓал дома. Тој страв го зголемуваат и самите свештеници кои ги потврдуваат зборовите на нашите мајки за да им угодат. Ете под влијанието на тој страв и децата во Балин Дол бегаат и се кријат од попот.[4] .

—Ѓорче Петров, Материали по изучванието на Македония, Софија 1896

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото потекнува од именски форми од македонскиот јазик, односно од топонимската синтагама: Балинјь Дол кое е придавско образување од личното име Балин, Бало,-а кое доаѓа од имињата Балдовин, Братислав, Братољуб, Благомир, Благољуб и кое под овој облик -Балин е забележано во Македонија во записи од XIV, XV и XVI век, со додавка на апелативот дол (мала река)[5]. Под името Балин Дол селото е забележувано и во пишаните историски документи во XV и XIV век, а самото население нема некое посебно толкување или легенда за настанокот на името. Селото Балин Дол навистина се наоѓа во дол низ кој протекува мал поток од подножјето на Сува Гора.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Главна дејност на населението на с.Балин Дол била земјоделството, но исто така пред втората светска војна и по неа дел од населението главно Македонци се занимавале и со правење на црепnи и од таа работа живееле. Со осамостувањето на Македонија жителите на с.Балин Дол дел се занимаваат со трговија,а дел со занаетциски работи. Врз основа на составот на атарот селото Балин Дол има поледелска функција[1], но поради неговата непосредна близина и поврзаност со градот Гостивар, најголемиот дел на населението своите приходи и издршка ги обезбедува од второстепени и третостепени стопански дејности како трговија, занаетчиство, услужни дејности - градежништво, превоз итн. Поради плодната почва од алувијалната рамнина наводнета од реката Вардар од земјоделството, најразвиено е градинарството и жителите најмногу одгледуваат кромид, патлиџани (домати), пиперки, лук, марула, сето во бавчи на отворено. Од житата на помали површини се одгледуваат пченица и пченка, додека од сточарството се одгледуваат кокошки за што има и живинарска фарма на самиот влез на селото и мал број на кози. Во селото работат и неколку продавници, угостителски обејкти како ресторани и чајџилници, автосервиси и перални и салони за мебел.

Население[уреди | уреди извор]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 2.501 жител и претставува голема наелба, [1] со значителен пораст на населението, што се должи на поволната местоположба во непосредната близина на градот Гостивар, добрите услови за живот и добрата сообраќајна поврзаност.[1] Намалувањето на бројот на жители помеѓу двата последни пописи се должи на тоа што куќите населени со ромски семејства на самиот почеток на улицата Балиндолска кои се најблиску до градското подрачје, се префрелени и службено се водат како дел од градот Гостивар.

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[6]

Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. Вкупно
1948 916
1953 382 633 1 1 3 1.020
1961 417 738 4 1 10 1.170
1971 458 1.261 1 2 14 1.736
1981 658 2.276 42 120 5 63 3.164
1994 361 2.213 2 275 8 3 2.862
2002 337 2.156 3 1 4 2.501

Родови[уреди | уреди извор]

Според потеклото и припадноста на населението, Балин Дол претставува етнички мешано село и во него живеат: Македонци од православна вероисповед, помуслиманети па поалбанчени Македонци и Албанци од муслиманска вероисповед[2].

  • Македонски православни родови се: Чулчевци (слават Св. Никола и Мала Богородица) по потекло се од селото Сретково на планината Буковиќ од каде се доселиле пред околу 200 години, а таму биле старинци. Од Сретково се иселиле 5 браќа од кои 2 заминале во Гостивар, а тројца од нив (Јове, Крсте, името на третиот не се знае) останале во Балин Дол[2]. Се знае следниот родослов: Јове (на 65 години во 1975)-Дуко-Јован-Дуко-едниот од браќата кои се доселиле. Една нивна родовска гранка во Гостивар преминале во ислам и се потурчиле. Баклевци (слават Митровден) по потекло се од селото Долно Јеловце на Шар Планина каде биле старини, а тука дошле после Чулчевци[2]. Една нивна родовска гранка во Балин Дол преминала во ислам, а две семејства се иселиле во Романија[2]. Кланковци (слават Митровден) по потекло се од Стенче каде биле старинци и од каде што биле протерани зашто „краделе коњи“[2]. Од Стенче се иселил Никола со 5 синови (Петре, Богоја, Сандре, Арсе и Марко) пред околу 140 години и во родот се знае следниот родослов: Серге (жив на 63 години во 1975)-Павле-Петре-Никола кој се доселил. По иселувањето од Стенче, родот Кланковци најпрвин се задржал во Чајле, а потоа дошле во Балин Дол, од каде една гранка продолжила во Печково[2]. Дабевци или Николовци (слават Петковден) по потекло се од областа Љума во северна Албанија од каде избегале поради крвна одмазда, а во Балин Дол дошле како „католици“ пред околу 160 години[2]. Нивниот предок кој прв се доселил - Дабе, во селото наишол на православно население и нивната црква, па од католицизам преминал во православие, а во тоа време во Балин Дол сѐ уште немало муслимански Албанци. Во родот се знае следниот родослов: Груне (жив на 55 години во 1975)-Стојан-Никола-Дабе[2]. Јанкулоски (слават Св. Кузман и Дамјан) се гранка од истоимениот старинечки род во соседното село Беловиште. Џаноски (слават Петковден) доселени од соседното село Беловиште во втората половина на ХХ век[2].
  • Родови на помуслиманети па поалбанчени Македонци се: Потуровци или Баклевци се делат на Ајдиновци и Емировци, а во исламска вера преминал нивниот предок Столе кој го добил муслиманското име Бејто[2]. Сѐ до втората половина на ХХ век, припадниците на овој род помагале во работите и одржувале блиски односи со своите православни роднини - Баклевци, а не се знае причината зошто преминале во ислам. Се знае следниот родослов: Назиф (жив на 40 години во 1975)-Шефкија-Ајдин-Столе, односно Бејто[2].
  • Албански муслимански родови се: Цековци најстари доселеници кои по потекло се од областа Љума во северна Албанија од каде се доселиле пред околу 140 години[2]. Оџалари по потекло се од некое место во северна Албанија, а пред доселувањето некое време живееле во Гостивар. Асковци по потекло до Хас во северна Албанија[2]. Гудовци се доселиле од с.Гуда во областа Љума во Албанија во средината на XIХ век, а останатите жители за припадниците на овој род велеле дека се „бектеши“ зашто пиеле алкохолни пијалоци, јаделе свинско месо, ретко ја посетувале џамијата и „не ја држеле цврсто“ муслиманската вера[2]. Рамовци млади доселеници од северна Албанија, чии припдници важат како насилнии и убијци, а како такви се истакнале и во Втората светска војна[2]. Рекани неодамна доселени од пределот Горна Река и Адеми се доселил во 1960-тите од Трново преку Беловиште[2].

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Балин Дол

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото Балин Дол во минатото имало иселеници во Гостивар, Печково и Романија[2], а во поново време иселеници има во Швајцарија, Германија, Шведска и други држави во Западна Европа.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Панов, Митко (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 17. ISBN 9989-862-00-1. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 2,21 2,22 2,23 Ф. Трифуноски, Јован (1976) (на српски). Полог (антропогеографска проучавања). Српска академија наука и уметности. стр. 177-179. 
  3. 3,0 3,1 Соколоски, Методија (1976) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 98. 
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 309-310. ISBN 978-608-245-113-8. 
  5. Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 33. ISBN 978-608-220-026-2. 
  6. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  7. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 271.
  8. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр.564.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]