Страјане

Координати: 41°43′26″N 21°3′39″E / 41.72389° СГШ; 21.06083° ИГД / 41.72389; 21.06083
Од Википедија — слободната енциклопедија
Страјане

Воздушен поглед на селото Страјане

Страјане во рамките на Македонија
Страјане
Местоположба на Страјане во Македонија
Страјане на карта

Карта

Координати 41°43′26″N 21°3′39″E / 41.72389° СГШ; 21.06083° ИГД / 41.72389; 21.06083
Регион  Полошки
Општина  Гостивар
Област Горен Полог
Население 54 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1239
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07076
Надм. вис. 1.000-1.120 м
Страјане на општинската карта

Атарот на Страјане во рамките на општината
Страјане на Ризницата

Страјане — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Воздушен поглед во селото

Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Гостивар, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Македонски Брод.[2] Селото е планинско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 1.000 до 1.120 метри.[2] Од градот Гостивар е оддалечено 22 километри во југоисточна насока.

Селото се наоѓа на западната падина на планината Добра Вода. Негови соседни села се Трново, Железна Река и Србиново. Во минатото, водата за пиење се добивала од селските чешми, кои се наоѓале во поединечните маала. Во атарот на селото извираат изворитеЧ Линишта, Гури Челикут и Крој Мустаф Оџас.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Чука, Ограде, Линишта, Ѓури Мад (Голем Камен), Аре Мурес, Елбор, Лимоње, Бриња, Кољовере, Ливаде, Равман Кошаре, Скреп и Чопа.[3]

Куќите се изградени на возвишенија и на страните на долините. Во северозападниот и главниот дел на селото се три маала: Веље, Балис и Авмете. Источно од нив, на оддалеченост од околу 500 метри, се наоѓаат маалата Кољовере и Салвеше. Во суштина, селото има разбиен тип.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Во литературата се наведува дека во Страјане постојат урнатини од некоја стара црква. На основа на тоа Афанасиј Селишчев заклучил дека во селото порано живееле православни словенски жители. Кажување дека во Страјане порано живееле македонски родови било забележано и во соседното село Железна Река од страна на Јован Трифуноски, каде што постарите селани тврделе дека во близината на Страјане до 1940-тите години се познавале и гробови со крстови.[3]

Денес, во селото живеат доселени муслимански Албанци, кои дошле на почетокот на XIX век.[3]

Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на селото е зафаќа простор од 8,3 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 614 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 144 хектари.[2]

Врз основа на составот на атарот селото Страјане има мешовита полјоделско-шумарска функција.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948486—    
1953521+7.2%
1961504−3.3%
1971535+6.2%
1981544+1.7%
ГодинаНас.±%
19910−100.0%
1994339—    
2002307−9.4%
202154−82.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Страјане живееле 250 жители, сите Албанци муслимани.[5]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Страјане — село во Железноречка општина во Горнополошкиот срез и има 59 куќи и 350 жители, Албанци.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 400 Албанци.[7]

Во Страјане живее албанско население, коешто во 1961 година броело 504, а во 1994 година 339 жители.[2]

Пописот од 1991 година не бил воопшто одржан во селото Страјане, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[б 1]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 307 жители, сите Албанци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 54 жители, од кои 46 Албанци и 8 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 250 486 521 504 535 544 0 339 307 54
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Страјане е албанско село.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото: Кољовере (33 к.), прв доселен род. Родот го основале тројца браќа: Авмет, Браим и Селим. Тие дошле во селото на почетокот на XIX век од селото Каливари во албанската област Миридита (Северна Албанија). Тие го знаат следниов родослов: Рамадан (жив, 65 години во 1947 година)-Џабир-Ислам-Алија-Селим, еден од браќата што се доселиле. Овој род основал две маала: Кољовере и Веље. Три нивни семејства сега живеат во Чегране;[14] Авмете (9 к.), живеат во истоименото маало, кои се доселиле од истоименото село областа Матија, Северна Албанија. Три нивни семејства околу 1940-тите години изградиле куќи југоисточно од Страјане, на местото каде имале кошари; Салвеше (8 к.), живеат во истоименото маало, основач на родот е Сали, предок од четврто колено (Бешир, жив 40 години во 1947 година)-Демир-Фета-Јусуф-Сали. Сали се доселиле околу 1820 година од некое место во Северна Албанија. И за нив се мисли дека дошле од областа Матија; Балис (7 к.), живеат во истоименото маало и се сметаат за понови доселеници. И за нив се мисли дека дошле од Матија. Три нивни семејства околу 1940-тите години изградиле куќи подалеку од Страјане, на место каде имале кошари и Топал (4 к.), живеат во маалото Балис, понови доселеници. Потекнуваат од предок кој бил „топал“, кој се доселил од некое место во северна Албанија.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае за следниве иселени родови: Усмановци (5 к.), живеат во селото Горна Бањица. Таму го напуштиле албанскиот јазик и денес говорат турски и Ќаил (1 к.), живее во селото Чајле.[3]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Страјане било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото било дел од поранешната помала Општина Србиново.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Србиново, во која покрај Страјане се наоѓале Железна Река, Куново, Падалиште, Србиново, Трново и Ќафа. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во тогашната општина Србиново во која влегувале селата Србиново, Страјане и Трново.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Поглед на селската џамија

Во селото постои избирачкото место бр. 0523 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 309 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 319 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Џамии[18]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 287.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 188–189.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 214.
  6. Афанасий Селищев. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 25.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 октомври 2023.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. Албанците во Македонија само од 1780 година, д-р- Ристо Ивановски, Битола, 2014 г., стр. 11
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. https://rezultati2021lokalni1krug.sec.mk/mk/mayr/r/20-684. Посетено на 25 октомври 2023. Отсутно или празно |title= (help)
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Забелешки
  1. Во пописот од 1991 година, во населените места: Грачани, Никиштане, Ново Село (Боговиње), Раковец, Селце Кеч, Гургурница, Долно Јаболчиште, Клуковец, Добовјани, Врановци, Јажинце, Орашје, Равен, Спас, Богојци, Поум, Џепин, Долна Ѓоновица, Горна Лешница, Групчин, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село (Желино), Палатица, Рогле, Седларево, Стримница, Церово, Чифлик (Желино), Грешница, Длапкин Дол, Долно Строгомиште, Колибари, Речани - Зајаско, Вражале, Горно Седларце, Новаќе, Синичане, Мамудовци, Трапчин Дол, Горно Свиларе, Дворце, Рашче, Алашевце, Ваксинце, Виштица, Глажња, Гошинце, Злокуќане, Извор (Липково), Липково, Лојане, Оризари, Отља, Р’нковце, Руница, Слупчане, Стрима, Бибај, Богдево, Грекај, Нивиште, Орќуше, Рибница, Горјане, Градец, Ѓурѓевиште, Ломница, Арангел, Жубрино, Папрадиште, Ќафа, Црвивци, Бојане, Копаница, Паничари, Раовиќ, Чајлане, Патишка Река, Света Петка, Чифлик (Сопиште), Лакавица, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново, Франгово, Шум, Алдинци, Горно Количани, Драчевица, Рамни Габер, Црвена Вода, Црн Врв, Нераште, Вејце, Селце, Корито, Блаце, Брест, Танушевци, Ѓермо, Порој, Бозовце, Бродец, Вешала и Шипковица, целото население не прифати да земе учество (го бојкотираше) во Пописот.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]