Петковден

Од Википедија — слободната енциклопедија
Петковден
Петковден
Фреска на Св. Петка во црквата „Св. Петка“ во охридско Велгошти
Го празнува(ат)Христијанските и нехристијански земји
Видхристијански
ЗначењеДен на Петка Балканска
Датум14/27 октомври
Обичаислава, обредно пеење, ритуали

Петковден или Зимски Петковден (локално: Петкоан, Петкоен, Петковд’н) — голем христијански празник, особено свавен и почитуван во Македонија. Тој е прв празник за домашна слава од зимките слави. Еден од обичаите кои се практикуваат на празникто на св. Петка е „петолебие“, кога луѓето носат пет лепчиња во црквата, во спомен на настанот од Библијата, кога Исус Христос со пет леба нахранил 5.000 луѓе. Притоа, петте лепчиња се осветуваат, при што едно му се дава на верникот, а четири остануваат во црквата.[1]

Житие[уреди | уреди извор]

Света Петка потекнува од градот Епиват, кој се наоѓал меѓу Силинаврија и Цариград. Таа е родена кон крајот на 10 век, во петок, денот кога Евреите се подготвуваат за празнување на празникот Сабат (сабота). Затоа, нејзе ѝ го дале името Параскева, што значи „подготовка“. Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло, а освен Петка, имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал епископ Малитски.[2] По смртта на родителите, девицата Петка, желна за подвижнички живот, го напуштила родителскиот дом и отишла најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што останала до својата старост. Нејзиниот долг пустински живот во молитва и пост може да биде спореден со 40 дневницата која што Исус ја спроведол в пустина. Кога св. Петка била стара, еднаш ѝ се јавил ангел и ѝ рекол: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послушала небесниот глас, ја оставила својата омилена пустина и се вратила во Епиват. Таму, таа поживеала уште две години и умрела во 11 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите биле пренесувани: во Цариград, во Велико Трново (Бугариjа), па пак во Цариград, па во Белград. Сега, тие се наоѓаат во Романија, во градот Јаш. Во Белград постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што и притекнуваат со вера кон светителката. Во Скопје, во населбата Црниче, постои црква посветена на оваа светица. Како и стотици други низ Македонија.

Славење[уреди | уреди извор]

Лековит извор посветен на св. Петка во Кнежинскиот манастир

Во Македонија често народот не ги разликува трите Параскеви - Петки туку најчесто ги идентификува со една Петка најчесто со света Петка Трновска но ликот на овие светици го почитува и празнува достоинствено со домашни служби и со големи собири и панаѓури,

Во Гевгелиско денот на Света Петка не се сметал за голем празник освен во селото Прдејци каде што имало селска служба и каде што се собирал мноштво народ од соседните села. Овде Света Петка се сметала за сестра на Света Недела. Во Радовиш овој празник бил ден на овчарите. Тогаш за овчарите се правел добар ручек, им се исплатувало тоа што не им било доисплатено во текот на момокувањето и се пазареле за наредниот период. Спространов пишал дека се правело разлика меѓу Петковден и Света Петка од 26 јули според стариот односно на 8 август по новиот календар.

Особено култот кон Света Петка бил раширен во Мариово, како што стои во записите на Крсто Бинев. Во овој крај петокот се празнува повеќе од неделата онака како што Евреите ја празнувале саботата. Тоа празнување, вели запишувачот, не е во чест на воспеаната од светата ни црква светица Петка која се празнува еднаш во годината, имено на 14 октомври, која селаните ја разликуваат од нивната св. Петка, ами по некој стар обичај останат којзнае од кога и којзнае зашто. Населението за света Петка верува дека е заштитничка на луѓето, нивни застапник пред Бога, ги чува од суша, помор, неплодност, грмење и воопшто од многу зла и напасти. Како празник света Петка повеќе го празнуваат жените. Во Мариово на овој ден мажите можеле да берат дрва, да копаат, да прават рало, само не смееле да ораат. Жените уште од вечерта спроти петокот не работеле никаква работа дури до петокот навечер, како што тоа го правеле Евреите во саботата. Неделата не ја празнувале толку колку петокот ‒ вели запишувачот на овие верувања.

Култот кон света Петка кај Македонците е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.

Света Петка низ рај шета

Света Петка низ рај шета,
ми ги фати двете раце,
Света Петка по рај шета,
ми ги фати двете нозе.
Света Петка по рај шета,
ми ги ослепе двете очи.
Па ме фати за десна рака,
ме одведе посветена црква,
ми ги пушти мене двете раци.
Ме одведе посветен манастир,
ми ги пушти двете нози.
Ме одведе на посветен камен,
Ми ја пушти мојата сила.
Ме одведе посветена вода,
Ми ги изми двете очи.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Испосничката света Петка чува од несреќи“, Дневник, година XVIII, број 5601, понеделник, 27 октомври 2014, стр. 28.
  2. „Saint Petca Parasceva“. Patron Saints Index. 2010. Архивирано од изворникот на 2014-05-07. Посетено на March 31, 2010.