Најстариот пронајден податок за постоење на Д. Јеловце датира од 1568 година од турските архиви во кои стои дека селото се викало Јелов Дол. Според турскиот попис во селото живееле 15 семејства сите со православна вероисповед. Не е познат бројот на жители, но се наведува дека 13 биле неженети и дека заради тоа плаќале данок на султанот. Насалението се занимавало претежно со сточарство и земјоделство.
Во XIX век селото било дел од Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.
Најголем број на жители кои живееле во Долно Јеловце бил 520. По Втората светска војна голем дел од селаните својата издршка ја нашле со заминување на печалба во Романија, Србија и др.
Во манастирските конаци отворен е национален ресторан „Конак“ во кој гостите уживаат во специјалитетите приготвени по рецепти токму од овој крај. Во самите конаци и во конаците пред црквата Св. Ѓорѓија има апартмани за сместување на сите добронамерници без разлика на вера и вероисповед. Сите апартмани располагаат со засебни бањи.
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Долно Јеловце е дел од Долнојеловска општина (со центар во Здуње) во Горнополошкиот срез и има 57 куќи со 405 жители, Македонци и Албанци.[5]
Долно Јеловце е македонско село, а порано имало и Албанци во селото.
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
Македонски:
Стојановци (5 к.), староседелци. Имаат иселеници во Србија (две семејства).
Панорамски поглед на Гостивар од Долно ЈеловцеВалеќевци (8 к.), староседелци. Имаат иселеници во Романија (едно семејство).
Стамевци (7 к.), староседелци. Имаат иселеници во Романија (едно семејство).
Ќосевци (5 к.), староседелци. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство).
Крајчевци (8 к.), староседелци. Имаат иселеници во Бугарија (едно семејство) и во Романија (едно семејство).
Јанејќевци (4 к.), староседелци. Имаат иселеници во Бугарија (едно семејство).
Пејовци (11 к.), староседелци. Имаат иселеници во Гостивар (две семејства).
Гаџовци (2 к.), староседелци. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство).
Караџовци (8 к.), староседелци. Имаат иселеници во Романија (четири семејства) и во Тетово (едно семејство).
Ангелковци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Печково. Домазетот влегол во родот Караџовци.
Гаве (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од некое село во Порече. Овде влегол во родот Ќосевци.
Данаил (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Печково. Таму биле староседелци.
Албански:
Алија (15 к.), Уко (2 к.), Равман (2 к.) и Незир (2 к.), доселени се во различен период од северна Албанија. Имаат иселеници во Турција (две семејства).[12]
Се прават напори селото економски да заживее во областа на туризмот, бидејќи располага со прекрасна недопрена и еколошки чиста средина. Во моментов единствен сместувачки капацитет се конаците во манастирскиот комплекс Св. Илија кој располага со 22 легла и етно ресторан во кој се служат специјалитети карактеристични за овој крај.
Во селото постои избирачкото место бр. 533 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Горно Јеловце.[13]
Во Долно Јеловце постојат три светилишта од кои две се наменети на пророкот Свети Илија (заштитник на селото), а едно на Свети Ѓоѓија. Податоци за изградба на двете цркви наменети на пророкот Илија не се познати. Манастирот Свети Илија е возобновен на темелите на стариот во 2004 година кога се удрени и темелите на конакот.
Од памтивек па сѐ до денес, во селото се одржуваат неколку црковни манифестации. Јануари е месец кога се слави денот Водици. Во април на местото каде се наоѓа светата вода (кај манастирот Свети Илија) се слави денот Источен Петок - Балаклија. На 2 август е славата наменета на заштитникот на селото пророкот Илија - Илинден. Ова е најголемиот македонски православен празник кога по традиција сите јеловчани доаѓаат да се забавуваат во манастирскиот двор и да го слават името на пророкот Илија.
Денес, Долно Јеловце — село во кое постојано живее 1 жител. Но сепак, поради близината, а и убавата местоположба, често е посетувано за време на викендите. Најголемиот дел од јеловчаните иселен е во градот Гостивар, а остатокот во Скопје. Надвор од границите на Македонија најмногубројни се во Србија, а помал дел во Романија, Америка и др.