Дуф
Дуф | |
![]() Воздушен поглед на селото Дуф | |
Координати 41°45′11″N 20°47′7″E / 41.75306° СГШ; 20.78528° ИГДКоординати: 41°45′11″N 20°47′7″E / 41.75306° СГШ; 20.78528° ИГД | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Горен Полог |
Население | 30 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1231 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07032 |
Надм. вис. | 1.075 м |
![]() |
Дуф — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.
Селото културно припаѓа на областа Горна Река, каде денес припаѓа и административно (во општината Маврово и Ростуше), иако историски припаѓало на областа Горен Полог.
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, на јужните огранки на планината Враца, а во горното сливно подрачје на најголемата македонска река Вардар.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од околу 1.000 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 18 километри.[2]
Дуф е планинско село, со што некои негови делови се наоѓаат над 1.300 метри. Се наоѓа во горниот тек на реката Мелце и нејзините изворишни притоки. Водата за пиење се добива од извори и од селските чешми. Поглавни извори и чешми за пиење се Торба, Ташкоа Чешма, Трпеа Чешма, Милоа Чешма, Крој Ковачит и Крој Јованит.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Лаз, Таламбас, Сливе, Шар, Горошупец, Острика, Карашина Млака, Паралуп, Чука, Линиште, Камарица, Ара Станишит, Преслап, Ливаде, Леска, Јасики, Сотка, Бојин Брег, Лепа Дупка, Мелца, Бабин Камен и Дингоа Црква.[3]
Селото има разбиен тип, поделено е на пет маала, кои имаат топографски или родовски имиња. Маалата се Тољањ (или Толјане), Брезоец, Чајане, Јарчевиш и Балабан. Оддалеченоста помеѓу маалата изнесува и по неколку километри.[3]
Историја[уреди | уреди извор]
Дуф е старо село, што може да се заклучи по зачуваните староседелски родови, по народната традиција и по остатоците од старини. Над маалото Тољањ (или Толјане) постои месноста Селиште или Старо Село. Таму некогаш се наоѓало мало село со православно македонско население. Во селото имало девет куќи во кои биле раздвоени деветте браќа. Подоцна, најголемиот дел од жителите на ова село умреле поради чума. Остатоци од населба и од стари христијански гробишта постојат и над денешното маало Јарчевиш.[3]
Во атарот на селото се наоѓа месноста Дингоа Црква, која се наоѓа над селото. На месноста, која на карта е означена како Димговска Црква, некогаш имало црковен храм. Рушевините од храмот денес не се познаваат. Исто така, една стара црква некогаш се наоѓала во месноста Варвара, покрај реката Мелце и недалеку од денешното село. Традицијата пренесува дека месноста го добила името бидејќи самата црква била посветена на Света Варвара.[3]
Првпат селото Дуф како во усните преданија така и во пишаните и материјалните документи и артефакти се спомнува во мноштвата црковни повелби за регионот Горна Река меѓу кои и црковните повелби кои датираат од Византискиот период, односно од 1020 година, за време на владеењето на византискиот цар Василиј Втори, а посебно во црковните повелби на царот Стефан Душан од 1331 година, Стефан Урош Петти Немањиќ од 1356 исто така се спомнува во црковните повелби и од македонските кталеви кралот Димитрија Волкашин од 1365 година како и во црковната повелба од македонскиот крал Крале Марко од 1371 година за манастирот Свети Јован Бигорски.
Првите пишани податоци за селото Дуф се содржат во пописниот отомански дефтер број 508 од 1467 година, кој се однесува за Дебарската Област, кој воедно е најстар документ на оваа област, во кој е опфатен вилаетот Река, каде што се дадени и првите податоци за населението од Горна Река, односно за даноците што населението ги давало на отоманската држава. Во овој отомански дефтер за селото Дуф е запишано дека Дуф има 40 рисјански семејства (во маалото Тољан четири, во маалото Брезовец осум, во Чајане Маало десет, во Ерчевиш Маало девет и во Балабан Маало исто девет рисјански семејства).
Во пописниот дефтер од 1567 година кој се однесува за период од 100 години, меѓу другото за село Дуф е запишано дека припаѓа на вилаетот Калканделен на чифликот на Караѓоз-бег, во кое имало 48 куќи во кои живееле 35 рисјански и шест отомански (муслимански) семејства.
Стопанство[уреди | уреди извор]
Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 25 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.660,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 535,6 хектари, а на обработливото земјиште 296,3 хектари.[2]
Во основа, селото има мешовита земјоделска функција.[2]
Население[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Дуф живееле 1.130 жители, сите Албанци од кои 860 христијани и 270 муслимани.[4] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Дуф имало 800 Македонци, од кои 200 биле под врховенството на егзархијата и 600 под патријаршијата.[5]
Дуф во 1961 година имало 608 жители од кои 363 биле Македонци, а 244 Албанци. Во 1994 година бројот значително се намалил и во селото имало само 55 жители, од кои 50 Албанци и 5 жители Македонци.[2]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 39 жители, од кои 2 Македонци и 37 Турци.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 30 жители, од кои 4 Македонци, 22 Албанци и 4 лица без податоци.[7]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Дуф:
Години | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 602 |
1953 | 518 | 214 | 3 | 4 | 3 | — | 742 |
1961 | 363 | 244 | 0 | 1 | 0 | — | 608 |
1971 | 117 | 286 | 8 | 0 | 2 | — | 413 |
1981 | 23 | 207 | 0 | 0 | 1 | — | 231 |
1991 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | — | 0 |
1994 | 5 | 50 | 0 | 0 | 0 | — | 55 |
2002 | 2 | 37 | 0 | 0 | 0 | — | 39 |
2021 | 4 | 22 | 0 | 0 | 0 | 4 | 30 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови[уреди | уреди извор]
Според податоците од 1939 година, родови во селото
Маало Тољан
Во ова маало живее православно и муслиманско население.
- Православни: Новевци (2 к.) староседелци; Николчолари (1 к.) староседелци; Цапаколари (5 к.) доселени се од селото Штировица во Горна Река; Геловци (2 к.) и Нисторовци (3 к.) доселени се од селото Нистрово во Горна Река; Наќевци (1 к.) и Чикраманци (2 к.) доселени се од селото Бродец во Горна Река; Божиновци (1 к.) доселени се од селото Ничпур во Горна Река; Тримчалари (1 к.) доселени се однекаде.
- Муслимани: Оџалари (1 к.) гранка се од православниот род Николчолари; Еминолар (1 к.) доселени се од селото Печково. А таму се доселиле од Албанија.
Маало Брезоец
- Православни: Таталари (12 к.), Бадулари (2 к.) и Скералар (5 к.) стари доселеници. Доселени се од околината на Пешкопеја во северна Албанија; Трифтолари (3 к.) доселени се од селото Стрезимир во Горна Река; Ќировци (7 к.) доселени се од селото Штировица во Горна Река; Миајловци (4 к.) доселени се од селото Маврово; Фичоровци (2 к.) доселени се од селото Жужње во Горна Река; Билбилка (5 к.) доселени се од селото Стрезимир во Горна Река.
Маало Чајане
- Православни: Геговци (1 к.) доселени се од околината на Куманово; Димитровци (1 к.) староседелци; Тоска (1 к.) доселени се од некое село во Горна Река. Подалечно потекло од Албанија.
- Муслимани: Мускалар (10 к.) доселени се од селото Штировица во Горна Река. Подалечно потекло од Чаје во Љума; Дацалар (5 к.) и Фератица (1 к.) доселени се од селото Штировица во Горна Река. Подалечно потекло од Љума во северна Албанија.
Маало Јарчевиш
- Православни: Беловци (4 к.) староседелци. Имаат иселеници во Русија (четири семејства); Матуговци (16 к.) стари доселеници. Доселени се од селото Прошовце; Големовци (1 к.) доселени се однекаде. Имаат иселеници во Русија (едно семејство); Цигановци (1 к.) доселени однекаде. Имаат иселеници во Америка (едно семејство).
Маало Балабан
- Православни: Ајдаровци (7 к.) по потекло се од Мирдита во северна Албанија. Таму биле католици. Некои мислат дека имаат уште подалечно потекло од Црна Гора. Од Мирдита се иселиле во Врбен во Горна Река. Таму имале роднини. Некој предок подоцна се населил во Дуф, а имале и роднини во селото Леуново (Диневци или Ајдаровци); Поречовци (5 к.) и Волчевци (2 к.) доселени се од селото Волче во Порече. Имаат иселеници во Тетово; Пицаковци (1 к.) доселени се од селото Врбен во Горна Река; Нисторовци (1 к.) доселени се од селото Врбен во Горна Река. Подалечно потекло од селото Нистрово; Бодуловци (2 к.) доселени се од селото Бродец во Горна Река. Подалечно потекло од околината на Пешкопеја во северна Албанија; Гаврилоски (1 к.) доселени се од селото Орќуше. Таму биле староседелци.
- Муслимани: Шаќировци (1 к.) доселени се од селото Штировица во Горна Река. Подалечно потекло од северна Албанија; Илјазои (1 к.) доселени се од селото Бродец во Горна Река. Подалечно потекло од северна Албанија.[8]
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
- Цркви[9]
- Црква „Св. Петка“ - се наоѓа во маалото Брезовец и е изградена во 1842 година;
- Црква „Св. Богородица“ — манастирска црква. Се наоѓа во маалото Јарчевиш и е изградена во 1852 година;
- Црква „Св. Варвара“ - се наоѓа во маалото Толјане;
- Археолошки наоѓалишта[10]
- Селиште или Старо Село — населба од непознат период;
- Јарчевиш Маало — населба и некропола од непознат период;
- Димговска Црква — црква од непознат период;
Редовни настани[уреди | уреди извор]
Личности[уреди | уреди извор]
- Александар Арсов - македонско-одрински доброволец;[11]
- Невзат Бејта (р. 1961) - политичар, градоначалник на Гостивар;
- Трпе Зафиров Јосифов (1876 - 1913) - македонско-одрински доброволец[12]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 118.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 223–226.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 213.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 122-123.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 март 2023.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ Трифуноски, Јован (1976). Полог: антропогеографска проучавања. Белград: САНУ.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Trifunovski, Jovan F. (1976). Polog (Etudes Anthropogeographiques) (француски) (1. изд.). Belgrad: Academie Serbe des Sciences et des Art.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 54.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 329.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
|