Тресонче
Тресонче | |
Панорамски поглед на селото | |
Координати 41°33′39″N 20°43′23″E / 41.56083° СГШ; 20.72306° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Маврово и Ростуше |
Население | 24 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1254 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07083 |
Надм. вис. | 1314 м |
Мреж. место | Тресонче |
Тресонче на општинската карта Атарот на Тресонче во рамките на општината | |
Тресонче на Ризницата |
Тресонче — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Мала Река. Селото се наоѓа на Тресонечка Река, која извира во близина на селото.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]До селото Тресонче води асфалтен пат кој се двои од месноста Бошков Мост од регионалниот пат Дебар — Маврово и продолжува по текот на Мала Река. Патот до селото Тресонче се двои од овој пат и освен до него, води и до селата Росоки и Селце. Се наоѓа во срцето на планината Бистра, во западна Македонија, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка Река, која извира во непосредна близина на селото. Оддалечено е 22 километри источно од градот Дебар.
Од северната страна Тресонче е заградено со врвовите Брзовец и Пешкопеја, од исток со Шкрка (Дајдовец) и од југ со ридовите кои почнуваат со Думостол и завршуваат со карпата Соколица. На југ од Тресонче се наоѓа селото Лазарополе.
Климата во долината на Тресонечка Река е континентална, а на високите места планинска, односно алпска, која се одликува со големи врнежи снег.
Историја
[уреди | уреди извор]Тресонче е едно од најстарите села во Македонија. Неговото име најнапред било Старо Село. За првпат се споменува во еден попис од 1467 година, и нешто подоцна во Тахрир дефтер бр. 4 од 1474 – 1476 година, каде се наведува како дервенџиско село. Првите зачувани записи за селото потекнуваат откако на територијата на Македонија се зацврстила отоманската империја. Веројатноста и пред тоа да постоело селото се доста големи, но поради борбите што во тоа време се воделе на Бистра меѓу Османлиите и нивните противници придонело времено раселување на населението од регионот на Радика. Според проучувањата, се смета дека во далечното минато регионот на Мала Река ја населувале сточари - Власи, кои живееле во привремени летни колиби и ги користеле богатите пасишта на Бистра. Според наодите на српскиот научник и етнолог, Јован Цвииќ, кој работел во почетокот на XX век, со доаѓањето на словенските племиња на тој простор, Власите се словенизирале.
Освен тоа, Тресонче, заедно со другите села во областа, важи за дел од област населена со Мијаци, а за значењето на зборот „Мијак“ прв писмено толкување дал галичанецот Ѓорѓија Пулевски (1817 — 1893). Тој во неговата книга „Славјано - маќедонска општа историја“ објаснува дека „думата МИЈАК означава - бистар ум, хора бистроумни и оште Мијаци = Македонци...“. Потеклото на Мијаците Пулевски го поврзува со античките Македонци и смета дека „Мијаците биле гвардејци на Александар Македонски, а Брсјаците биле неговата брза армија“.
Според првичните записи во 1467 година во Тресонче имало три христијански куќи. Раскажувањата на старите и пронајдените записи во турските дефтери сведочат дека во Тресонче низ вековите имало и до 300 куќи.
Првото училиште во селото е изградено во 1852 година, но со години пред тоа, образованието на жителите се вршело во селската црква или во манастирот „Св. Јован Бигорски“.
Илинденски период
[уреди | уреди извор]Во илинденскиот период Тресонче го носело тајното име Назарет, додека Лазарополе го викале Ерусалим, а Галичник Миродита.
Од територијата на Тресонче се одржувала врската со областа Копачка, Кичево, Дебар и Галичник. Во селото имало организирано и центар за собирање лекови, облека и храна. Сето тоа било скриено во некоја пештера, најверојатно во месноста „Дужина дупка“, далеку над Тресонче. Во оваа дејност како надлежен во обласниот комитет на Организацијата особено се истакнувал некој Јован Јуруков со помошниците Мино П. Брадиноски, Динго П. Цветковски, Гаврило Дингов, како и курирот Јован К. Терзиев. Од базата за снабдување само на 4 август 1903 година биле префрлени 18 товари разна стока и санитетски материјал.
За време на балканските војни во 1912 и 1913 година судбината на тресончани била тие да им служат и на бугарската и на српската војска.
Првата светска војна селото ја дочекало со мобилизација на мажите во редот на српската војска. Познато е дека дел од нив учествувале и во одлучувачките битки на Балканот. Така, Петре Блажевски од семејството Рунтевци учествувал во битките на планината Кајмакчалан при пробивот на Солунскиот фронт, а Јосиф Михајловиќ (кој подоцна станал еден од најзначајните градоначалници на Скопје) бил и дел од српската војска која преку Албанија се повлекувала во Грција.
Српската окупација
[уреди | уреди извор]По 1912 година Тресонче, како и цела вардарска Македонија паднале под власт на Србија. Таа есен малореканскиот крај бил ослободен од Турците така што по повлекувањето на многувековната турска административно-воена управа, дошла српската војска, со што старата отоманска, се заменила со нова, српска окупација. Таа со мал прекин ќе трае до почетокот на Втората светска војна. Во 1914 година била воспоставена новата гранична линија меѓу новата држава Албанија и Кралството Србија, а воените одредби што биле донесени за "новоослободените земји" со сета своја острина се спроведувале и во малореканските краеви. Овој реон бил разделен на две општини. Една општина биле селата Гари и Осој, а селата Тресонче, Селце и Росоки, биле другата општина.
Влегувањето на бугарската војска во Мала Река
[уреди | уреди извор]Во половината на ноември 1915 година делови од бугарската војска се приближиле кон Тресонче и кон останатите села од малореканскиот крај. Се случиле судири со албанските војски во околината на Гостивар и на Дебар, но задржувањето на бугарската војска било невозможно. Одредот на српската војска кај селата Лазарополе и Тресонче, кој тука се наоѓал уште од крајот на балканските војни, бил разбиен и на 20 ноември 1915 година се повлекол од тој крај. Следниот ден на 21 ноември во селата влегле бугарските војници. Истиот ден Бугарите влегле и во Галичник. Со тоа се воспоставила бугарска окупациска власт која траела до 1918 година, по што повторно се вратила српската окупациска власт, овојпат во лицето на новата држава на Србите, Хрватите и Словенците (СХС).
Бугарите формирале полициски станици, службеници и администрација, како и еден воен гарнизон во Галичник. Во селата биле формирани општински управи на чие чело биле поставувани месни жители. Во Тресонче за прв кмет, т.е. претседател на општината бил поставен Косто Тодоров, а негови заменици биле селечанецот Никола Самарџиев, потоа росочанецот Филип Алексиев, а за нивни заменици биле одредени Нестор Илиев и Спиро Аврамов. По нив, нов кмет станал Динго Цветков (Тресонче), а помошници Рафе Јанев (Селце) и Васил Тодоров (Росоки). Сите тие примале плата од 50 до 100 лева.
Во исто време бугарската држава започнала и мобилизација на селаните за потребите на бугарската војска која тогаш се наоѓала во виорот на Првата светска војна. Запишано е дека во првата половина на 1916 година Тресонче имало 969 жители, а од нив 81 кои биле на возраст од 18 до 60 години биле мобилизирани.
Но, тоа траело до завршувањето на Првата светска војна. Оттогаш Тресонче повторно го запоседнале српските власти.
Во Втората светска војна во селото влегле Италијанците и балистите. Животот станал многу тежок зашто замрела секаква стопанска активност во целиот малорекански регион. По почетокот на оружените партизански дејствија против новите окупатори, кон нив се приклучиле и повеќе жители на Тресонче. Некои од нив ги загубиле и животите. Следуваат нивните имиња, како и имињата на селани од Росоки и Селце кои исто така загинале во борбите со балистите и Италијанците и Германците: Васе Стаматовски, Милан Блажевски, Ефрем Несторовски, Самоил Тодоровски, Крсте Крстевски, Анѓеле Доневски, Гале Стаматовски, Русе Јаневски, Арсо Арсовски, Трене Треневски, Андо Смилевски, Миле Кржаловски, Кузман Кржаловски, Павле Бојковски, Тане Јаневски, Милош Јаневски и Ило Китановски. Нивните имиња се врежани во спомен чешмата што на сред село во Тресонче беше построена на Петровден во 1988 година. По ова, голем број од жителите почнале да го напуштаат селото.
Задругата
[уреди | уреди извор]По завршувањето на војната и доаѓањето на КПЈ на власт во новосоздадената Социјалистичка Федеративна Република Југославија, бегалците почнале да се враќаат назад, а почнала и првата политичка акција за формирање земјоделска задруга. Таа била формирана на 28 февруари 1947 година, а веќе во март следната година задругата почнала да произведува компири. Задругата го носела името „Обнова“, а во неа членувале 50-60 семејства од Тресонче, Селце и Росоки. Од 1947 до 1949 година задругата се преименувала во „Лазар Колишевски“, а од 1954 година името „Брзовец“, односно сè до спојувањето со задругата во Лазарополе во 1964 година, кога работите почнале да одат удолу. Покрај компирите, задругата започнала и со сосема мал број овци. Се раскажува дека биле собрани вкупно 60 овци, но набргу почнале да се купуваат крави и свињи, а во 1949 година бил изграден и комбинат за преработка на млеко. Сепак, тие напори биле само бледа сенка на старото Тресонче кога по неговите планини се белееле до над 100.000 овци. Задругарите почнале да го прават и патот, почнувајќи од месноста „под Осој“ до Тресонче, на кој работеле сите задругари.
Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[2]
Во 1949 година во Тресонче дошле и се населиле и 30-40 семејства, бегалци од Егејска Македонија, каде била во тек граѓанската војна. Во Селце и Росоки се населиле 15-20 семејства или вкупно имало околу 80 семејства од тој дел на Македонија. Бегалците биле мајстори за земјоделство, а за нивните потреби во Кадиевци биле изградени и неколку камени куќи чии темели сè уште постојат. Се садел тутун, се собирале лековити билки како гороцвеќе, кантарион, бутинец, бабјаци, чај и сл. Но, доселениците од Егејска Македонија се отселиле од овие три села по само една година.
Прв претседател на задругата бил Јосиф Саржовски, од нејзиното основање до 1954, кога на негово место дошол Саржо Несторовски од Селце. Тој останал претседател на задругата до 1964 година, односно до спојувањето со Лазарополе.
За неполни 17 години жителите на Тресонче, Селце и Росоки, во 1950 година се здобиле со електрична струја, во Тресонче била изградена хидроцентрала, чија карабина и денеска постои во месноста Горна Воденица, стадото овци достигнало 8.000 грла, имало над 20 коњи, над 100 крави и свињи, над 260 сандаци со пчели, биле направени разбои за ткаење килими кај месноста „Света Петка“, биле подигнати овоштарници, ораници и сл.
Најнов период
[уреди | уреди извор]За жал и покрај првичните добри резултати на задругата, жителите од Тресонче почнале да се иселуваат, заминувајќи најчесто во Скопје. Основната причина за тоа била политиката што се водела од централната власт, односно поради настојувањето задругите да се окрупнуваат и спојуваат, не водејќи сметка за економската оправданост за тоа или за природните услови.
Тресонче, Росоки и Селце во деведесеттите добија асфалтен пат од Бошков мост, а се проби и прошири патот Селце - Галичник.
Војната во Македонија во текот на 2001 година Тресонче ја мина без поголеми проблеми. Не беа регистрирани упади на вооружени албански групи, иако нивно движење беше забележано во месноста Јама и над селото Горно Косоврасти.
Во текот на 2003 и 2004 година неколку семејства, воглавно пензионери, решија да почнат да живеат во Тресонче во текот на целата година, а беше започнат и проект за снабдување на сите маала со вода од изворите кај Алилица, неколкупати беше отворана и затворана продавница, за Петровден се вратија зурлите и топаните, се препокрија и конзервираа црквите „Свети Петар и Павле“ и „Свети Никола“, но економските проблеми продолжуваат да ги мачат жителите.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]На западната страна на селото, пред самиот влез и во непосредна близина на храмот Свети Петар и Павле се наоѓа и црквата Свети Никола. Според преданијата и сеќавањата на старите луѓе, овој православен храм е изграден врз три латински гробови или светилишта, односно врз „тре санче“. На околу еден километар од Тресонче надолу по истоимената река се наоѓа месноста Света Петка каде исто така има едно мало црквиче посветено на таа светителка.
Овие три светилишта, односно „Свети Никола“, „Свети Петар и Павле“ и „Света Петка“, според едното толкување, го претставуваат толкувањето на името на селото „тре санче“ (три светци; т.е. Тресанче). Познато е од дијалектологијата дека самогласката „А“ на многу места во мијачкиот говор се заменува со „О“, па и оттука името на селото од Тресанче, станало Тресонче.
Според второто толкување името на селото е од глаголот „тресе“. Имено во минатото тресончани заминале по некаква одмазда низ Река и во Албанија, оти разбијничка банда на населението му нанело зулуми. Оттаму, велат, луѓето во тие реони трески ги треселе кога врвеле селаните од Старо Село.
Третата можност, која веројатно најточна е дека името Тресонче доаѓа од манастирот Трескавец, Прилепско. Имено, во некои стари записи се наведува дека атарот на селото во минатото бил имот на овој манастир и оти поради тоа Старо Село во средниот век го добило името Тресонче. Исто така, познато е дека по манастирот „Свети Јован Бигорски“, „Трескавец“ бил втор манастир по важност за тресончани, кои често го посетувале, го дарувале и го помагале, дури селските кметови (старешини) му носеле и годишен данок, некои велат, заради откупување на гревовите сторени во текот на годината од селаните.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Тресончани од старо време, односно од пробивот на Турците на Балканот и освојувањето на Македонија, биле определени за дервенџии (чувари на патиштата) на патот Кичево - Дебар што минувал низ синорот на Тресонче и кој покрај тоа, ги поврзувал и Брсјачијата со Дебар.
Распослани во вакви планински места, засолнети од силни ветрови и богати со планински пасишта и вода, жителите на Тресонче имале можноста да го развијат сточарството, како единствена стопанска гранка која им овозможувала опстанок во тој предел. Сепак, Мала Река и денеска претставува еден од најзафрлените и најскриените краеви на Балканот, така што освен сточарите со своите стада и печалбарите подоцна, никој друг не можел и не сакал да живее во оваа област, од што се добива впечаток дека малореканците го избрале овој крај за само тие да живеат таму. Фактот што и најсиромашната куќа во Тресонче располагала со барем 40 овци ни докажува дека таа куќа сите домашни потреби од волна, месо, млеко и други млечни производи, ги подмирувала од опствените средства за производство. Оттука, овцата, покрај парите или златниците, имала улога на еквивалент. Со парите заработени од продажбата на вишокот млечни производи, домаќинството ги подмирувало најосновните потреби од жито, сол, шеќер, масло и друго, што им недостасувало од сопственото производство.
Секој крупен сточар, обезбедувал работа и за повеќе стотици лица. Сите тие биле запослувани во својство на овчари, разнесувачи на храна за овците, млекото и млечните производи, во обработката на млекото: сирењари, урдари, фичури, котарџии, молзачи, бачеви, параќеаи и др.
Од дамнина целата територија била резделена на „планини“, а секоја „планина“ си имала барем по еден извор со вода. Границите на „планините“ се обележувале со ќулиња, т.е. „старци“ што всушност биле редени камења, кои оддалеку на овчарите им личеле на осамени старци. Но, „планините“ биле разделувани на уште помали делови. Се викале „држави“, а секоја „држава“ си имала само по едно бачило. Некогаш во тресонечкиот дел на Бистра постоеле 32 бачила, односно „држави“, а вкупниот број на добиток се движел и над 100.000 грла овци и неколку илјади коњи. Според кажувањата и зачуваните писмени податоци, секоја куќа во Тресонче имала од 40 до 100 овци, мнозина имале и до 300, за во XIX век селскиот главатар Сарџо Брадина да формира стадо од 80.000 овци и неколку илјади коњи кои презимувале во Солунско, а напати и на некои од егејските острови. Такви силни сточарски родови во Тресонче биле Брадиновци, Јуруковци, Бошковци, Перковци, Тутинци и Силјановци. Нивните наследници денеска немаат ниту една овца.
Паралелно се дервенџиството и со сточарството жителите на Тресонче, како впрочем и другите мијачки села (Лазарополе, Галичник, Гари, Осој, Селце и Росоки) се занимавале и со други дејности: зографство, печалбарство, ѕидарство, резбарство, плетење, шиење (терзилак), ткаење итн. Имале една мала индустрија од воденици и валавници на брзите планински реки, каде самите го мелеле житото и правеле аба и други ткаенини за прекрасната мијачка народна носија. Во овој дел биле сосема самостојни од другите делови на Македонија и на Балканот, а со добитокот и млечните производи уште повеќе ја истакнувале својата независност.
Печалбарството било дел од начините за заработка и издржување на семејствата. Луѓето од Тресонче највеќе на гурбет оделе во Грција, Србија и Бугарија, но многумина заминувале и во Египет, Италија и Америка.
Резбарството и зографството се посебни поглавја од историјата на Тресонче.
Во минатото (особено во 18 и во XIX век) речиси немало куќа во Тресонче која не се занимавала барем со еден уметнички занает. Во маалото Лековци имало два видни зографски рода: едниот на Дичо Крстев, подоцна познат како Аврамоски или едноставно Дичо Зограф и вториот, родот Перкоски. Во маалото Јодровци имало зографско семејство познато како Мојсоско; во маалото Бошковци познат зограф бил Максим Ненов, подоцна познат како Максим Војвода; во маалото Кадиевци имало уште едно зографско семејство Дичовци; во маалото Петровци бил најпознат зографот Косто од семејството Пачароски, а во маалото Пешковци семејството Мирчевци (Миронски), на браќата Мирче и Вено и многу други.
Од самиот почеток, па сè до денес, поимот „резбарство“ или „копаничарство“ е поим за Македонија и обратно. Поимот за цела плејада резбари, иконописци и зографи е Река, а поимот Река а поим за раѓањето и живеењето на Мијаците кои со творештвото на овие поими создале и ја збогатиле историјата на својот народ. Еве ги тресончаните: родот Рензовци - Зографовци, прочуени како копаничари и зографи. Најугледен од нив бил Дамјан Дамјанов со синовите Ѓорѓе, Андреја, Костa и Никола. Потоа родот Станишевци со основоположникот Гешо и синовите Димитар и Андон Станишеви (чие дело е централната резба на иконостасот во манастирот Дечани во Косово); родот Данаиловци чиј основач е Данаил и неговиот син Мојсо Данаилов; родот Анѓелковци и синот Петар од чие потекло резбарството досегнува до денешни дни; потоа родот на Велјан Х. Огненов, копаничарот Јанкула Силјанов (тој има оставено и ерминија од 1728 година). Сите овие тресончани раскажувале на дрво, а се смета дека Света Гора Атонска и Солун се местата каде тресонечките резбари и зографи го изучувале занаетот.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Еве како се движел бројот на домаќинствата според пописите од поново време: според пописот од 1921 година Тресонче имало 248 домаќинства со вкупно 851 жител (274 машки и 577 женски лица); во 1925 година бројот на домаќинства изнесувал 164, а вкупното население 761 жител; во 1930 година имало 117 домаќинства, а 785 жители; во 1948 имало 34 домаќинства, а во 1953 бројот на жители изнесувал 169 лица. Во 1961 година бројот на домаќинства изнесувал 70, со 153 лица; во 1971 година имало само 10 домаќинства со вкупно 24 жители, а во 1981 се регистрирани 15 жители. Во 1994 година во Тресонче се регистрирани само 3 домаќинства со вкупно 9 жители, или како што споменавме погоре, исто колку што селото броело во 1467 година.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Тресанче се води како чисто македонско село во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 210 куќи.[3]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[4]
На пописот во 2002 година, селото броело 8 жители.[5]
Во 2004 година тука живееле 12 лица во 5 домаќинства, но голем дел од иселениците се враќата за викендите, летниот и зимскиот период. Во селото се прават нови куќи, а веќе неколку години до него води тесен асфалтен пат, прооден и во текот на зимата.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 24 жители, од кои 16 Македонци и 8 лица без податоци.[6]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1320 | 1680 | 147 | 169 | 184 | 24 | 15 | 10 | 10 | 8 | 24 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Тресонче е чисто православно македонско село, кое е пред целосно изумирање. Во селото има 14 маала, во кои живеат повеќе семејстваи. Селото е многу старо по постанок, но и покрај тоа повеќето родови во селото го чуваат преданието дека се доселени од Елбасан. Маала и родови во селото се:[11]
- Во Пешковци се родовите: Грашковци (4 к.); Влчевци (3 к.); Илијовци (2 к.); Андоновци (2 к.) и Брчковци (2 к.). Порано некои од наведените родови биле муслимански, па се вратиле во православјето пред 200 години. Близу до нивните куќи имало „турски гробишта“;
- Во Кадијевци се следните родови: Негревци (1 к.), Трмчевци (3 к.), Чатлаковци (1 к.) и Келчинци (2 к.), доселени се од Осој или Могорче; Тутинци (3 к:), Папалевци (1 к.), Јакововци (2 к.), Бутковци (3 к.) и Рунтевци (1 к.), не се знае од каде се доселени; Божановци (1 к.) и Гулабовци (1 к.), за ова маало се говори дека е најстаро;
- Во Јодровци се следните родови: Дуншуровци (2 к.), Волашовци (Стамболџиовци) (2 к.), некогаш оделе на печалба во Стамбол, Џонгаровци (1 к.), Цветковци (1 к.), Бакрдановци (1 к.), Митровци (3 к.), Дамјановци (4к.), Анастасовци (Рамчовци) (2 к.), Јосивовци (5 к.), Никовци (3 к.) и Даниловци (1 к.);
- Во Лековци се следните родови: Чеперковци (1 к.), доселени се од Мариово; Караџовци (1 к.); Севинци (1 к.); Петревци (Севинци) (1 к.), доселени се од брсјачкиот крај; Дичовци (2 к.) и Перковци (4 к.);
- Во Србиновци се следните родови: Дишковци (2 к.) и Лабевци (6 к.);
- Во Крајниковци се родовите: Василковци, отселени во Врање и Мартиновци (2 к.);
- Во Јуруковци се родовите: Петровци (2 к.), Влчевци (5 к.) и Цифунковци (2 к.), маалото го носи името по основачот кој бил Јурук и кој дошол од околината на Дојран;
- Во Тризловци се родовите: Ристевци (3 к.); Мартиновци (2 к.); Грујовци (1 к.); Иљовци (1 к.), доселени од брсјачкиот крај и Коловци, преселени во Стара Загора, Бугарија;
- Во Бошковци се родовите: Ниневци (Богојовци) (3 к.); Мицовци (3 к.); Чучковци (1 к.), доселени се од Мариово основачот на родот во селото го донел Сарџо Брадина го оженил и му станал кум; Бошковци доселени се од некое село во Горен или Долен Дебар;
- Во маалото Кичевци се родовите: Постоловци (1 к.), Дејановци (1 к.), Стефановци (1 к.) и Лазаровци (1 к.), основачот на ова маало е доселен од Кичево;
- Во маалото Екмеџиовци се родовите: Макревци (4 к.); Цапаковци (1 к.); Марковци (1 к.), доселени се од брсјачкиот крај;
- Во маалото Брадиновци се родовите: во турските книги се заведени како Олчиновци основачот на родот Караџа дошол во Тресонче од некое село во Прилепско и се женел за некоја девојка од Цапаковци. Името Брадиновци го добиле вака: биле тројца браќа кои Турците ги одвеле во Мала Азија. Потоа тие пребегнале и си пошле назад, бидејќи пуштиле брада кога се вратиле дома мајката нивна не ги препознала, а кога успеала да ги препознае почнала да ги гушка и почнала да им вика „мили мои брадиновци“. Најпозната личност од Брадиновци бил Сарџо Караџа и неговата жена Софија Караџа, родена Ѓиновска од Галичник. Поедини семејства во ова маало се: Треневци (2 к.), Петковци (5 к.), Митревци (1 к.), Здравевци (1 к.) и Марковци (1 к.), некои се отселени во Бугарија и Лесковац;
- Во маалото Врлевци се родовите: Пецановци (2 к.); Шошорковци (3 к.); Крецовци (1 к.); Крстевци (5 к.); Галевци (1 к.); Пуринци (1 к.) и Аврамовци (1к.); и
- Во маалото Петровци се родовите: Мрдајковци (2 к.) и Сиљановци (4 к.), доселени се од Брсјачијата; Пачаровци (2 к.), Голичевци (5 к.), Шенкаковци (2 к.), Олчевци (3 к.) и Блажевци (2 к.), едно семејство се преселила во Бугарија. А од Голичевци има иселеници во Тетово и Белград.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешното основно училиште
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Ростуша, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Маврови Анови, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на општина Ростуша се наоѓало во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Лазарополе, во која покрај Тресонче се наоѓале и Гари, Лазарополе, Росоки и Селце. Самата Општина Лазарополе била дел од Дебарската околија. Општината Лазарополе постоела и во периодот 1950-1952 година.
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[12]
- Црква „Св. Петар и Павле“ — главна селска црква, изградена 1844 година
- Црква „Св. Никола“ — изградена во XVIII век
- Црква „Св. Јован Крстител“ — црква во селото
- Црква „Св. Петка“ — параклис надвор од селото
- Археолошки наоѓалишта[13]
- Кадиевци — средновековна некропола
- Петрева Ливада — средновековна некропола
- Римски Гробишта — средновековна некропола
- Природни наоѓалишта
- Алилица — пештера
Личности
[уреди | уреди извор]Личности родени во Тресонче:
- Сирма Војвода (1773 - 1858) — македонска народна хероина
- Сарџо Караџа Брадина (1778 - 1889) — големопоседник
- Димитар Крстев - Дичо Зограф (1819 - 1873) — македонски иконописец
- Максим Војвода (1870 - 1903) — револуционер
- Кумрија Андреева (1872 - 1913) — револуционерка
- Јосиф Михајлович - Јурукоски (1887 - 1941) — градоначалник на Скопје
- Томо Смилјаниќ - Брадина (1888 - 1969) — етнограф, филолог и поет
- Антон Мирчев - Пешовски (1890 - 1942) — комунист
- Димитар Пандилов (1899 - 1963) — уметник
- Иван Несторовски (1921 – 1976) — геолог и професор
- Кузман Смилевски (1925 - 2012) — борец на НОБ и контраадмирал
- Васе Стаматовски (1923-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Ефрем Несторовски (1926-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Коњи во селото
-
Патоказ за селото
-
Туристички патокази поставени низ селото
-
Поглед на сретселото
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 48.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Смиљаниќ, Томе (1925). Мијаци, Горња Река и Мавровско Поље. Српска краљевска академија. стр. 95-96–97-98.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|