Прејди на содржината

Волковија (Реканско)

Координати: 41°42′56″N 20°40′8″E / 41.71556° СГШ; 20.66889° ИГД / 41.71556; 20.66889
Од Википедија — слободната енциклопедија
Волковија

Куќи во селото

Волковија во рамките на Македонија
Волковија
Местоположба на Волковија во Македонија
Волковија на карта

Карта

Координати 41°42′56″N 20°40′8″E / 41.71556° СГШ; 20.66889° ИГД / 41.71556; 20.66889
Регион  Полошки
Општина  Маврово и Ростуше
Област Горна Река
Население 21 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1256
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07020
Надм. вис. 1.100 м
Волковија на општинската карта

Атарот на Волковија во рамките на општината
Волковија на Ризницата

Волковија — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Горна Река, сместено на патот помеѓу градовите Гостивар-Дебар.

Поради истоименото село во Полог, ова село е познато меѓу населението и како Горна Волковија или Гостиварска Волковија.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Стари куќи во селото

Волковија се наоѓа во областа Горна Река, во средишниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, на северната падина на планината Бистра, западно од Мавровското Езеро и на левата страна на реката Радика и патот Маврови Анови-Дебар.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.100 метри. Од градот Гостивар е оддалечено 32 километри.[2]

Во пределот над селото Волковија се наоѓа голем комплекс од густа борова шума и познатата убава волковска елова шума која е најстарата и единствена чиста елова шума во Македонија.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]
Куќата на Глигоровци, најголема и најпозната куќа во селото

За настанокот и основањето на селото Волковија постои претпоставка дека потекнува од доцниот среден век, како што наведува авторот Петар Поповски. Според едно предание Волковија е основана непосредно по турското освојување на Епирското Деспотство од Македонци кои биле по потекло од областа Матија.[4] Овој историски настан потекнува од средината на XV век.

Постоењето на Волковија во XV век е потврдено и во пишаните историски документи. Во турскиот опширен пописен дефтер бр. 508 од 1467 година за тогашниот Вилает Река, каде селото е запишано како Воковија и Вуковија, а во него живееле 6 македонски христијански семејства (Прогон Томе, поп Радослав, Коле Томе, Андрија Томе, Коле Томе (друг), Хожава Томе), кои произведувале пченица, јачмен, ’рж, овес, леќа, мед и лен за што остварувале приход од 401 акче.[5] Во подоцнежните понови пописни дефтери селото е запишано како В’лковија и почнувајќи од 1519 па сè до 1583 година било дервенџиско село. Бројноста на населението се движела од 13 христијански семејства во 1519 година до 40 христијански семејства во 1583 година.[5]

Во својата историја селото трипати ја променило својата местоположба, а со тоа и своето име. Во старо време селото се наоѓало повисоко над денешната местоположба и се викало Бежово. Пред околу 100 години на тоа место се познавале остатоци од христијански и муслимански гробишта. После некое насилство („зулум“), Бежово се разбегало во шумата, каде во збегот се подигнало село кое го добило името Слана. Пред околу 300 години, во текот на голема зима и снег, селото се спуштило на денешното место каде го добило и денешното име.[6]. Сепак историските записи велат дека село Волковија во казата Река имало уште во XV век, па можно е тоа по раселувањата пред 300 години, да го вратило своето првобитно име.

За овој период на почетокот на XIX век познато е дека во Бежово или Волковија дошле македонските исламизирани родови Гулје (Гулевци) и Малјоски (Малковци) од селото Спас во Дукљанската област.[4] Сепак село со вакво име не постои во друга област на Балканот, туку само во Македонија и тоа веднаш до градот Дебар блиску до македонско-албанската граница, чие население во дамнина било исламизирано и поалбанчено.

Овие записи се потврдуваат и со кажувањата на жителите на селото дека Волковија неколкупати ја менувало местоположбата низ историјата. Најпрвин селото било поставено подолу од црквата (во месноста Дервент, што на турски означува пат, премин низ клисура), но било преместено погоре во планината поради честите напади од албанските качачки банди и разбојници. А според некои кажувања на постарите, некогаш селото било и долу на самиот пат пред да биде на денешното место. Како доказ менувањето на својата местоположба постои и месност во околината на селото наречена Стара Волковија.

Пишани податоци за Волковија се среќаваат кон средината на XIX век кога, македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Статистическо описание на Дебрска Река“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 јануари 1859 година за селото Волковија запишал дека имало 12 куќи и спаѓало во селата населени со христијани и муслимани.[7].

Како познати печалбари и сточари, жителите на Волковија како и другите жители на Горна Река, биле доста имотни луѓе, за што сведочи и фактот дека во средината на XIX век, поточно во 1852 година, прочуениот Дичо Зограф го изработил иконостасот на селската црква Свети Димитрија.[8]

Во XIX век, Волковија било село во Реканската каза на Отоманското Царство.

Вкупно 2 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[9]

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Според кажувањата и преданијата меѓу населението, најпрвин кога селото било основано, тоа се наоѓало во густите борови шуми, па многу често имало наезди од глутници волци кои правеле штети. Поради ова селото било наречено Волковија. Името Волковија го носи уште едно село во Македонија, во Полог (Тетовско) и една месност во Струмичко, со значење диво место.[10] Оттаму името Волковија е со македонско јазично потекло, што може да укажува за историјата и потеклото на населението на ова село. Не постои некаква родовска и историска врска помеѓу двете истоимени села Волковија, иако тие не се многу далечни и се наоѓаат во соседни региони. Во својата историја, Волковија во Горна Река, под ова име се среќава запишана во отоманските дефтери од втората половина на XV век. Сепак, во досегашното постоење селото со неколкуте промени на местоположбата на различни но блиски месности во атарот, тоа носело и уште 2 други имиња: Бежово и Слана[6]. Според записите на Томо Смилјаниќ - Брадина, како што селото се поместувало така ги менувало и имињата, односно тоа најпрвин се наоѓало во месноста Бежово (веројатно од некој збег) погоре од денешното село и го носело токму тоа име, за потоа поради „зулуми“ тоа да се разбега по шумата и во збегот да се подигне новото село наречно Слана[6]. Потоа, пред 200 години (денес 305 години) среде јака зима и голем снег селото се спуштило на денешното место, каде што добило „ново“ (сегашното) име[6]. Сепак историските записи велат дека село Волковија во казата Река имало уште во XV век, па можно е тоа по раселувањата пред 300 години, да го вратило своето првобитно име. Сите овие имиња Волковија, Бежово и Слана се од чисто македонско и словенско јазично потекло, што укажува на некои аспекти во однос на претпоставките и теориите за припадноста на населението.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Селото зафаќа простор од 10,5 км2. На него преовладуваат шумите на површина 921 хектар, пасиштата заземаат 180,3 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат само 99,3 хектари.[2]

Селото, во основа, имало сточарско-шумарска функција.[2] Денес, со намалениот број на жители, воопшто нема стопански активности.

Во минатото, селото било едно од најбогатите села во Реканскиот крај и Западна Македонија воопшто. Во селото работела и земјоделска задруга.[2]

Покрај сточарството, селаните се занимавале и со полјоделство на нивите што се наоѓале од двете страни на патот кон селото Беличица, кои денес се обраснати со густи дабови и борови шуми, како резултат на опустувањето на селото (порано се сеело дури и пченица!). Исто така селаните на Волковија се занимавале и со пчеларство.

Сепак главната економска одлика била печалбарството. Како успешни печалбари во странство, волковичани заработувале многу пари кои ги вложувале и инвестирале во родниот крај преку изградба на куќи, дарување и помагање на Бигорскиот манастир и црквите и финансиско помогање на револуционерното и ослободителното движење во отоманскиот период и Втората светска војна. Доказ за економската развиеност на Волковија се куќите како на пример на семејството Глигоровски, која била изградена за 6000 златници-наполеони, а исто така доказ е и тоа што во текот на XIX век Волковија, иако помала сепак била побогата од села како Галичник, Лазарополе, Тресонче и други големи рекански села познати по своето богатство. Друг доказ за економската развиеност на Волковија биле и многу честите напади на селото од страна на албанските качачки банди и разбојници.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948201—    
1953196−2.5%
1961182−7.1%
1971162−11.0%
1981117−27.8%
ГодинаНас.±%
199185−27.4%
199476−10.6%
200289+17.1%
202121−76.4%

Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Волковија е село со 40 домаќинства и 115 жители, православни Албанци.[11]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година, селото има 300 Албанци, 150 православни и 150 муслимани.[12] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Волковија имало 132 Албанци.[13]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. В'лковија се води како чисто албанско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 80 куќи.[14]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[15]

Селото е мало и во 1961 година броело 182 жители, од кои 114 биле Македонци, а 67 биле Албанци, додека во 1994 година бројот се намалил на 76 жители, од кои 52 биле Албанци, а 23 жители Македонци.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Волковија живееле 89 жители, од кои 9 Македонци и 80 Албанци.[16]

Сепак селото е во фаза на раселување, но во него повремено доаѓаат неговите некогашни жители за празници како празникот Водици или пак да ги поминат пролетта и летото таму (во овој период во селото престојуваат и повеќе од стотина поранешни жители).

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 21 жител, од кои 15 Албанци и 6 лица без податоци.[17]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Волковија:

Година Македонци Албанци Турци Ост. б.п. Вкупно
1948 201
1953 133 62 1 0 196
1961 114 67 1 0 182
1971 60 96 6 0 162
1981 34 82 0 1 117
1991 23 62 0 0 85
1994 23 52 0 0 76
2002 9 80 0 0 89
2021 0 15 0 0 6 21

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Изјаснување на жителите

[уреди | уреди извор]

Во ова село живеат Македонци кои го зборуваат и албанскиот јазик и поради тоа за нив се врзани повеќе теории и претпоставки кои се и што се. Овие луѓе се познати под името Шкрети и една од теориите за нив вели дека се Албанци со Православна вероисповед што е неточно и самите луѓе го негираат тоа, а за себе имаат предание кое вели дека се Македонци, кои го примиле јазикот за разлика од Торбешите кои ја примиле исламската вера.[18] Кон крајот на 2014 година, постоеле обиди за политичка злоупотреби околу припадноста од албанските политички партии, и покрај самото изјаснување на овие луѓе и историските факти кои говорат дека тие имаат македонско потекло и секогаш биле и се определувале за Македонија и Македонци. Некои, други теории кажуваат дека овие луѓе наречени Шкрети се вистинските потомци на Илирите (а не денешните Албанци муслимани), античките Македонци и староседелското население на Балканот пред доаѓањето на Словените.

Жителите (христијани) на ова село се големи верници и според кажувањата тие меѓу првите ја имаат примено христијанската религија која со особена важност ја чувале и негувале како низ вековите така и денес.

Така на пример, историските записи на бугарските демографи православните жители на Волковија ги забележувале како Албанци, иако тие во црковно-просветните и политичките определби секогаш биле како Македонци, имале богослужба и црковни книги на црковнословенски[19]. и соодветно на тоа и тие припаѓале на тогашните поделби на македонското население меѓу патријаршијата и егзархијата.

На почетокот на XX век, Волковија броела нешто повеќе од 1.000 жители, кои во доминантно мнозинство биле Македонците односно христијаните, а имало и неколку албански односно муслимански семејства.

Според податоците кои ги собрал Томо Смилјаниќ - Брадина во периодот од 1912-1914 година, во селото Волковија живееле следните родови:[6]

  • Христијански родови: Јовковци (дошле од селото Рибница), Џиковци и Коловци (дошле од селото Жужње); и
  • Муслимански родови: Гуло, Ноло и Мајло.

Други родови од Волковија се македонските христијански родови Глигоровски и Бибоски.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
  • Поранешно основно училиште, кое работело уште од последните години на XIX век, но со катастрофалниот миграционен бран во втората половина на XX век и раселувањето, училиштето престанало да постои. До последните години од неговото функционирање тоа работело како подрачно училиште до IV одделение.

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Маврови Анови, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Ростуша, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на истата општина се наоѓало и во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Трница, во која покрај Волковија се наоѓале Беличица, Бибање, Богдево, Бродец, Врбен, Грекање, Жужње, Кичиница, Кракорница, Нивиште, Нистрово, Ничпур, Рибница, Сенце и Тануше. Општината Трница постоела и во периодот 1950-1952 година, во која влегувале селата Беличица, Волковија, Врбен, Кичиница, Сенце и Трница.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0488 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.[20]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 52 гласачи.[21]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Главната селска црква „Св. Димитриј“
Цркви[22]
Споменици
  • Споменик посветен на загинатите во НОБ
Шуми
  • Волковска елова шума

Во северозападниот дел на Бистра, во клисурата Барич на Мавровска Река и нејзиниот влив во Радика, непосредно кај Волковија е распространет голем предел на четинарска зимзелена шума на површина од околу 6 км2. Над селото се наоѓа познатата и убава волковска елова шума која е најстара и единствена чиста елова шума во Македонија. Во овој предел над селото се наоѓа и голем комплекс од густа борова шума, кој продолжува на огранката Сенечка Планина под името Остров, кој воедно е најнепристапниот и најмалку познат дел на Бистра со посебно развиена шумска покривка со лик на шумска пустина.[3]

Пештера (Л-20)

[уреди | уреди извор]

Недалеку од селото Волковија во клисурата Барич, се наоѓа една од многуте пештери на планината Бистра, која на топографските карти и меѓу спелеолозите и истражувачите е позната под ознаката (Л-20). Таа се наоѓа на надморска височина од 900 метри и има форма на триаголник. Нејзиниот влез има поставеност кон северозапад со релативно големи димензии — 8,5 метри широчина и 4 метри височина. Нејзината должина изнесува 60 метри. Внатрешниот облик е предиспониран долж пукнатини во хоризонталните варовници. Во пештерата се одделуваат еден главен и два споредни канала, при што главниот канал е долг 40 метри и има правец напротегање од северозапад кон југоисток. Притоа постепено се издигнува спрема внатрешноста, а тоа значи дека спрема влезот е конфомен. Главна одлика на пештерата е тоа што дното од каналите е покриено со големи блокови. Од пештерскиот накит забележително е дека нема сталактити и сталагмити, но оние малку што ги има се во почетниот стадиум на еволуција. Пештерата е сува и е надвор од хидрографска функција.[23]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
  • Водици (19 јануари) — се прославува со кумство на едно семејство од селото, кое се менува на друго семејство наредната година;
  • Митровден (7 ноември) — претставува слава на патронот на селската црква и воопшто селска слава. Помасовно бил прославуван кога селото имало жители.

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени или потекло од Волковија

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Женска носија

[уреди | уреди извор]

Женската носија од ова село се вбројува во една од најбогатите македонски носии со златен и сребрен накит, поради тоа што селото било доста развиено во минатото.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од Волковија произлегле големи печалбари, најпрвин во Истанбул каде биле фурнаџии (пекари), слаткари и слично. За луѓето од ова село постои една изрека која гласи: „Нас нè има од Дебар до Америка“.

Денес иселените жители на Волковија што живеат во Република Македонија се главно населени во Гостивар и Скопје. Луѓето од Волковија што се иселиле надвор од земјата во дамнешно време оделе во Истанбул. Денес се најчесто населени во САД (Њујорк, Чикаго, Детроит, Њу Џерси) и Србија, (Белград), Црна Гора (Подгорица) а иселеници од Волковија има и во Грција (Атина).

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 58. Посетено на 20 април 2020.
  3. 3,0 3,1 Стојмилов, А. „Туристички потенцијали и развој на туризмот на планината Бистра“. Во зборникот: „Бистра -природни и социогеографски одлики на планината Бистра“. МАНУ, Скопје, 1983. стр. 176
  4. 4,0 4,1 Поповски, Петар. Мијаците потомци на античките Македонци и прастари жители на Матија (денешна Албанија). Скопје : Здружение за културна афирмација на Мијаците - КАМ, 2006, стр. 593
  5. 5,0 5,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 400–401.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Смиљаниќ; Тома (1925). Mijaci, Gorna Reka i Mavrovsko Polje. Белград: Српска кралска академија. OCLC 28398861.
  7. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 88
  8. „ИКОНОПИСНОТО ТВОРЕШТВО НА ДИЧО ЗОГРАФ ВО СКОПЈЕ И СКОПСКИОТ РЕГИОН“. Премин. Посетено на 2011-01-09.
  9. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  10. Станковска, Љубица. Средновековниот топонимски модел во Струмичко. Акта Велјуса - Acta Veljusa - Зборник на трудови. Филозофски факултет, Скопје, 1984 г. стр. 142
  11. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 176-177.
  12. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 264.
  13. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 184-185.
  14. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 49.
  15. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  16. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 20 април 2020.
  17. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  18. „Шаревски, М. „За припадноста на луѓето од Горна Река". Утрински весник, бр.4663 од 18.12.2014, стр. 13“. Архивирано од изворникот на 2015-04-05. Посетено на 2015-03-05.
  19. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 315. ISBN 978-608-245-113-8.
  20. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 20 април 2020.
  21. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 20 април 2020.[мртва врска]
  22. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  23. Манаковиќ, Д. Андоновски, Т. „Релјефот на планината Бистра“. Во зборникот: „Бистра -природни и социогеографски одлики на планината Бистра“. МАНУ, Скопје, 1983. стр. 56-57

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]