Илири

Од Википедија — слободната енциклопедија

Илири — древен народ сочинет од голем број на племиња, меѓу кои најпознати биле Таулантите, Патрините, Енхелејците, Доклеатите, Далматите, Аутаријатите, Даорсите и Пирустите. Овие племиња биле населени уште од 2 милениум п.н.е. на територијата на западниот дел на Балканскиот Полуостров, на запад по брегот на Јадранското и Јонското Море, на север до реката Дунав, а на југ до и со Епир.

Илирите главно се занимавале со сточарство, примитивно земјоделство, ископување на руда, како и лов и особено риболов. Најдобри сточари биле Аутаријатите, а најдобри трговци биле Даорсите. Илирите многу брзо ја развиле трговијата, а се развило и занаетчиството. Тие биле и познати морепловци, а и гусари кои им попречувале на туѓите бродови, а често и ги ограбувале.

Илири

Како и во соседните земји, така и кај Илирите започнало да се распаѓа родовското уредување и да се создаваат класи. Се појавиле богати и имотни Илири, но и сиромашни и бедни. Во 7 век п.н.е. Галаур ја создал првата илирска држава и се прогласил за нејзин крал. Тој ги одредил границите, но тие многу често се менувале, бидејќи Илирите многу често војувале со соседите, а особено со Античките Македонци.

Најголем подем илирската држава постигнала во 5 век п.н.е., а најпознати владетели на илирската држава биле Грабос, Бардалис, Аргон, Гентиј, како и кралицата Теута. Најчесто престолнина на илирската држава бил градот Скадар.

Илирите ја одржувале својата држава сѐ до крајот на 3 век п.н.е. кога Римјаните за да го спречат гусарството на Илирите кои го попречувале слободното одвивање на трговијата на римските морепловци-трговци и во римско-илирските војни 229-228 година п.н.е. и 219 г.п.н.е. биле поразени и изгубиле голем дел од територијата која потпаднала под римска власт. Последен илирски крал бил Гентиј којшто дури склучил и сојузништво со последниот македонски крал Персеј, но сепак и двајцата биле поразени од Римјаните.

Илирите располагале со културни обележја, обичаи и верувања. Тие верувале во задгробен живот, а исто така ги толкувале и природните појави како желби на нивните богови. Најпознати богови биле Видасус, Магла, Биндус и др. Илирите исто така имале и свој јазик, но со потпаѓањето под римска власт настапил период на романизација, па постепено започнале да го прифаќаат латинскиот јазик, а својот јазик постепено го изгубиле.

Илирски кралства[уреди | уреди извор]

За да се одбранат од надворешните напади, илирските племиња понекогаш се здружувале во поголеми племенски сојузи, на чело со заеднички владетел – крал. Така биле создадени повеќе племенски сојузи или кралства на Илирите. Најстарото кралство на Илирите било создадено кон крајот на петтиот век пред н.е., на источното крајбрежје на Јадранското Море. Тоа била моќна држава на чело со кралот Грабос. Освен Грабос, познат владетел на оваа илирска држава бил и кралот Бардилис, современик на македонскиот крал Филип II. Тој војувал успешно против македонското кралство, но на крајот бил поразен од Филип II. За време на неговиот наследник, кралот Грабос II, кралството почнало да слабее.

Ардијанското Кралство[уреди | уреди извор]

Со распаѓањето на родовско-племенското општествено уредување, во III век п.н.е. било формирано и Ардијанското Кралство, на чело со првиот крал Агрон. Тоа се простирало во делот на денешното Црногорско Приморје, со центар во Бока Которска.

Кралот Агрон подоцна го проширил кралството и во јужна Херцеговина до долниот тек на реката Неретва. Исто така, кон неговата држава приклучил и територии на југ, потчинувајќи некои од тамошните илирски племиња.

Освен тоа, кралот Агрон соѕдал моќна флота. Тој презел поход и во јужна Илирија потчинувајќи ги Лабеатите со центар во Скадар. За кратко време јадранските острови на територијата на денешна Албанија до реката Војуша (Вјоса).

По смртта на кралот Агрон власта ја наследила неговата жена Теута. Таа настојувала да ја зацврсти власта и создала уште помоќна флота на Јадранското Море. Меѓутоа, наскоро се нашла пред опасноста од својувањата на римската држава.

Култура на Илирите[уреди | уреди извор]

Илирите имале развиена култура. Таа се развивала и под влијание на соседните култури, особено на македонската, хеленската и римската култура. Илирите рано воспоставиле трговски и културни врски со хеленските колонии на Јадранското Море. Тоа придонело за ширење на хеленското културно влијание меѓу илирските племиња. Подоцна, по паѓањето под римска власт, Илирите се нашле под силно влијание на римската култура.

Култови и религија[уреди | уреди извор]

Илирите негувале повеќе култови, кои биле поврзани со почитувањето на природните сили. Кај северните илирски племиња особено бил почитуван култот на сонцето, а кај јужните илирски племиња големо почитување уживала змијата. Таа е прикажана на накит и други предмети. Илирите ги почитувале шумите, реките и водата. Илирите верувале во повеќе богови, биле многубошци. Главно божество бил богот Силван, заштитник на шумите и пасиштата, чувар на посевите и жетвата. Кај некои племиња особено бил раширен култот на речното божество Биндос, заштитник на изворите и водите. Го почитувале исто така и богот на војната Медаур, кој понекогаш се прикажувал како коњаник. Илирите верувале во задгробен живот и го почитувале култот на умрените. Во гробовите ставале оружје, накит и други предмети, кои починатиот ги користел додека бил жив, бидејќи сметале дека нив тој ќе ги користи и по смртта. На своите кралеви и племенски старешини Илирите им граделе големи и масивни гробници.

Начин на живеење[уреди | уреди извор]

Илирите зборувале на посебен јазик, од кој останале само траги. Нивниот јазик бил сроден со јазиците на соседните народи (Хелени, Македонци, Тракијци), но сепак се разликувал од нив. Досега не е откриено посебно илирско писмо, а не се зачувани ниту натписи или други документи на илирски јазик. Зачувани се само неколку одделни зборови и повеќе лични имиња и имиња на места. Најголем дел од Илирите живееле во селата, а помал дел од нив живееле во утврдени градови. Во градовите живееле владетелите, благородниците, трговците и занаетчиите. Имало голем број илирски утврдени градови. Познати биле: Пелион, Димале, Скадар и други. Еден од најголемите градови во Илирија бил градот Билис. Тој имал дебели бедеми долги преку 2 километри, голем плоштад, театар за околу 7000 гледачи, цистерна за вода и стадион. Многу владетели на Илирите ковале свои пари. Пари ковале и многу градови, на пример Дирахион и Билис.

Остатоци од материјалната култура[уреди | уреди извор]

Илирите оставиле значајни археолошки сведоштва за својата материјална и духовна култура. За животот и културата на Илирите најдобро зборуваат материјалните остатоци. Тоа се претежно предмети од глина, камен и метал најдени на териториите што ги населувале илирските племиња. Со археолошки истражувања се откриени многу накит, садови, скулптури, оружје, орудија за работа и други предмети. Откриени се исто така и остатоци од куќи, театри, патишта, водоводи, храмови на боговите и друго. Главни центри на културата биле Дирахион и Аполонија, каде што се пронајдени голем број материјални остатоци. Покрај нив, остатоци од материјалната култура на Илирите се пронајдени и во Билис, Скадар и други места. Зачувани се и остатоци од утврдени населби на Илирите, заштитени со цврсти одбранбени бедеми, изградени од големи камени блокови.