Волковија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
За тетовското село видете Волковија (Тетовско).
Волковија
Volkovia-Upper-Quarter.jpg

Поглед од долното маало кон горните куќи

Волковија се наоѓа во Republic of Macedonia
Волковија
Местоположба на Волковија во Македонија
Координати 41°42′56″ СГШ 20°40′08″ ИГД / 
Општина Општина Маврово-Ростуше
Население 89 жит.
Надм. вис. 1100 м
Commons-logo.svg Волковија на Ризницата
Поглед на црквата Свети Димитрија

Волковија — село во Општина Маврово-Ростуше (до 2004 општина Маврови Анови).

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Волковија е планинско село во средишниот дел на Општина Маврово-Ростуше (до 2004 под Општина Маврови Анови во нејзиниот југозападен дел) на северната падина на планината Бистра, од левата страна на реката Радика и патот Маврови Анови - Дебар, западно од Мавровското Езеро[1]. Всушност, Волковија е сместена во северниот дел на Реканскиот крај, познат како Горна Река во нејзиниот источен дел. Од градот Гостивар, Волковија е одалечена 32 км, а е сместена на 1110 метри надморска височина[2]. Поради истоименото село во Полог, ова село е познато меѓу населението и како Горна Волковија или гостиварска Волковија. Во пределот над селото Волковија се наоѓаат голем комплекс од густа борова шума и познатата убава Волковска елова шума која е најстарата и единствена чиста елова шума во Македонија[3].

Историja[уреди | уреди извор]

Куќата на Глигоровци, најголема и најпозната куќа во селото

За настанокот и основањето на селото Волковија постои претпоставка дека датира од доцниот среден век, како што наведува авторот Петар Поповски. Според едно предание Волковија е осована непосредно по турското освојување на Епирското кралство од Македонци кои биле по потекло од областа Матија[4]. Овој историски настан датира од средината на XV век. Постоењето на Волковија во XV век е потврдено и во пишаните историски документи. Во турскиот опширен пописен дефтер бр. 508 од 1467 година за тогашниот Вилает Река, каде селото е запишано како Воковија и Вуковија, а во него живееле 6 македонски христијански семејства (Прогон Томе, поп Радослав, Коле Томе, Андрија Томе, Коле Томе (друг), Хожава Томе) кои произведувале пченица, јачмен, 'рж, овес, леќа, мед и лен за што остварувале приход од 401 акче[5]. Во подоцнежните понови пописни дефтери селото е запишано како В'лковија и почнувајќи од 1519 па сè до 1583 година било дервенџиско село[5]. Бројноста на населението се движела од 13 христијански семејства во 1519 до 40 христијански семејства во 1583 година[5]. Во својата историја селото три пати ја променило својата местоположба, а со тоа и своето име. Во старо време селото се наоѓало повисоко над денешната местоположба и се викало Бежово[6]. Пред околу 100 години на тоа место се познавале остатоци од христијански и муслимански гробишта. После некое насилство - „зулум“ Бежово се разбегало во шумата, каде во збегот се подигнало село кое го добило името Слана[7]. Пред околу 300 години, во текот на голема зима и снег, селото се спуштило на денешното место каде го добило и денешното име[8]. За овој период на почетокот на XIX век познато е дека во Бежово или Волковија дошле македонските исламизирани родови Гулје (Гулевци) и Малјоски (Малковци) од с.Спас во Дукљанската област[9]. Сепак село со вакво име не постои во друга област на Балканот, туку само во Македонија и тоа веднаш до градот Дебар блиску до македонско-албанската граница, чие население во дамнина било исламизирано и поалбанчено. Овие записи се потврдуваат и со кажувањата на жителите на селото дека Волковија неколку пати ја менувало местоположбата низ историјата. Најпрвин селото било поставено подолу од црквата (во месноста Дервент (тур. клисура)) но била преместена погоре во планината поради честите напади од албанските качачки банди и разбојници. А според некои кажувања на постарите, некогаш селото било и долу на самиот пат пред да биде на денешното место. Како доказ менувањето на својата местоположба постои и месност во околината на селото наречена Стара Волковија. Пишани податоци за Волковија се среќаваат кон средината на XIX век кога, македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Статистическо описание на Дебрска река“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 јануари 1859 година за селото Волковија запишал дека имало 12 куќи и спаѓало во селата населени со христијани и муслимани[10].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Според кажувањата, најпрвин кога селото било основано, тоа се наоѓало во густите борови шуми, па многу често имало наезди од глутници волци кои правеле штети. Поради ова селото било наречено Волковија. Името Волковија го носи уште едно село во Македонија, во Полог (Тетовско) и една месност во Струмичко, со значење диво место[11]. Оттаму името Волковија е со македонско јазично потекло, што може да укажува за историјата и потеклото на населението на ова село.

Економија[уреди | уреди извор]

Денес бидејќи селото е раселено воопшто нема стопански и економски активности. Но кога во него живееле луѓе тоа било едно од најбогатите села во Реканскиот крај и Западна Македонија воопшто. Како планинско село Волковија има сточарско-шумарска функција за што сведочи структурата на атарот на селото (921 ha заземаат шумите, пасиштата заземаат 180,3 ha, а обработливото земјиште 99,3 ha[12]). Покрај сточарството селаните се занимавале и со полјоделство на нивите што се наоѓале од двете страни на патот кон селото Беличица, кои денес се обраснати со густи дабови и борови шуми, како резултат на опустувањето на селото (порано се сеело дури и пченица!). Исто така селаните на Волковија се занимавале и со пчеларство.

Сепак главната економска карактеристика била печалбарството. Како успешни печалбари во странство, волковичани заработувале многу пари кои ги вложувале и инвестирале во родниот крај преку изградба на куќи, дарување и помагање на манастирот Свети Јован Бигорски и црквите и финансиско помогање на револуционерното и ослободителното движење во отоманскиот период и Втората светска војна. Доказ за економската развиеност на Волковија се куќите како на пример на семејството Глигоровски која била изградена за 6000 златници-наполеони, а исто така доказ е и тоа што во текот на XIX век Волковија иако помала сепак била побогата од села како Галичник, Лазарополе, Тресонче и други големи рекански села познати по своето богатство. Друг доказ за економската развиеност на Волковија биле и многу честите напади на селото од страна на албанските качачки банди и разбојници.

Население[уреди | уреди извор]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 89 жители. Следува табела на националната структура на населението[13]

Националност Вкупно
Македонци 9
Турци 0
Роми 0
Албанци 80
Власи 0
Срби 0
Бошњаци 0
Други 0

Сепак селото е во фаза на раселување но во него повремено доаѓаат неговите некогашни жители за празници како празникот Водици или пак да ги поминат пролетта и летото таму (во овој период во селото престојуваат и повеќе од 150-ина поранешни жители).

Во ова село живеат Македонци кои го зборуваат и албанскиот јазик и поради тоа за нив се врзани повеќе теории и претпоставки кои се и што се. Овие луѓе се познати под името Шкрети и една од теориите за нив вели дека се Албанци со Православна вероисповед што е неточно и самите луѓе го негираат тоа, а за себе имаат предание кое вели дека се Македонци кои го примиле јазикот за разлика од Торбешите кои ја примиле исламската вера[14]. Кон крајот на 2014 година, постоеа обиди за политичка злоупотреби околу припадноста од албанските политички партии, и покрај самото изјаснување на овие луѓе и историските факти кои говорат дека тие имаат македонско потекло и секогаш биле и се определувале за Македонија и Македонци. Некои, други теории кажуваат дека овие луѓе наречени Шкрети се вистинските потомци на Илирите (а не денешните Албанци муслимани), античките Македонци и староседелското население на Балканот пред доаѓањето на Словените.

Жителите (христијани) на ова село се големи верници и според кажувањата тие меѓу првите ја имаат примено христијанската религија која со особена важност ја чувале и негувале како низ вековите така и денес.

На почетокот на XX век, Волковија броела нешто повеќе од 1000 жители, кои во доминантно мнозинство биле Македонците односно христијаните, а имало и неколку албански односно муслимански семејства. Како и во другите македонски села така и Волковија ја зафати катастрофалниот миграционен бран па од 1961 прва кога живееле 182 жители (од кои 115 биле Македонци, а 67 Албанци) се намалил на 76 жители во 1994 година (од кои 24 биле Македонци, а 52 Албанци)[15], за да во 2002 година селото да брои 89 жители од кои 9 Македонци и 80 Албанци.

Родови[уреди | уреди извор]

Според податоците кои ги собрал Томо Смилјаниќ - Брадина во периодот од 1912-1914 година, во селото Волковија живееле следните родови од кои, христијани биле Јовковци (дошле од с.Рибница), Џиковци и Коловци (дошле од с.Жужње), а муслимани биле Гуло, Ноло и Мајло[16]. Други родови од Волковија се македонските христијански родови Глигоровски, Бибоски.

Општествени објекти[уреди | уреди извор]

Како напредно и печалбарско село во Волковија училиште работело уште од последните години на XIX век, но со катастрофалниот миграционен бран во втората половина на XX век и раселувањето, училиштето престана да постои. До последните години од неговото функционирање тоа работеше до IV одделение. Во селото исто така, се наоѓа и црквата Свети Димитрија која е богата со позлатени и скапоцени икони и црковни и разни историски книги, а од пред неколку месеци до нејзе е доведена електрична струја.

Цркви[уреди | уреди извор]

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Во Волковија порано функционираше и земјоделска задруга.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Како најголема културно - фолклорна знаменитост на селото, а воопшто и на Реканскиот крај, може да се издвои женската носија. Поради големата економска развиеност на селото (поради печалбарството) женската носија е најбогатата Македонска носија со златен и сребрен накит.

Поглед од Волковија кон падините на Кораб Планина и кањонот на Радика

Од природните знаменитости и убавини Волковија изобилува со прекрасни ридови, борови, елови и дабови и шуми со разновидни дрва. Според природните знаменитости Волковија е препознатлива по реткиот и единствен шумски вид од зимзелена елова и борова шума во нејзината непосредна околина. Потоа хидрографски Волковија е богата со многу извори и малечки водотеци, а од вегетацијата изобилува со разни видови на цвеќиња кои никнуваат на ливадите со топење на првите снегови што даваат незаборавни и неверојатни колоритни глетки. Поради специфичната местоположба на селото, Волковија нуди прекрасни погледи, панорами и пејзажи кон планината Кораб, реката Радика и нејзиниот познат кањон односно клисурата Барич.

Волковска елова шума[уреди | уреди извор]

Во северозападниот дел на Бистра, во клисурата Барич на Мавровска Река и нејзиниот влив во Радика, непосредно кај Волковија е распространет голем предел на четинарска зимзелена шума на површина од околу 6 км². Над селото Волковија се наоѓа познатата и убава Волковска елова шума која е најстарата и единствена чиста елова шума во Македонија[17]. Во овој предел над селото се наоѓа и голем комплекс од густа борова шума, кој продолжува на огранката Сенечка Планина подимето Остров кој воедно е најнепристапниот и најмалку познат дел на Бистра со посебно развиена шумска покриква со лик на шумска пустина[18].

Пештера (Л-20)[уреди | уреди извор]

Недалеку од селото Волковија во клисурата Барич, се наоѓа една од многуте пештери на планината Бистра, која на топографските карти и меѓу спелеолозите и истражувачите е позната под ознаката (Л-20). Таа се наоѓа на надморска височина од 900 метри и има форма на триаголник[19]. Нејзиниот влез има поставеност кон северозапад со релативно големи димензии - 8,5 метри широчина и 4 метри височина. Нејзината должина изнесува 60 метри[20]. Внатрешниот облик е предиспониран долж пукнатини во хоризонталнитеваровници. Во пештерата се одделуваат еден главен и два споредни канала, при што главниот канал е долг 40 метри и има правец напротегање од северозпаад кон југоисток[21]. Притоа постепено се издигнува спрема внатрешноста, а тоа значи дека спрема влезот е конфомен. Главна одлика на пештероет е тоа што доното од каналите е покриено со големи блокови. Од пештерскиот накит забележително е дека нема сталактити и талагмнити, но оние малку што ги има се во почетниот стадиум на еволуција[22]. Пештерата е сува и е надвор од хидрографска функција.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Верскиот празник Водици (19 јануари), се прославува со кумство на една фамилија од селото, кое ротира на друга фамилија наредната година.
  • Верскиот празник Митровден (Свети Димитрија) (7 ноември), претставува слава на патронот на селската црква и воопшто претставува селска слава. Помасновно бил прославуван кога селото имало жители.

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од Волковија произлегле големи печалбари, најпрвин во Истанбул каде биле фурнаџии (пекари), слаткари и слично. За луѓето од ова село постои една изрека која гласи: „Нас нè има од Дебар до Америка“.

Денес иселените жители на Волковија што живеат во Република Македонија се главно населени во Гостивар и Скопје. Луѓето од Волковија што се иселиле надвор од земјата во дамнешно време оделе во Истанбул. Денес се најчесто населени во САД (Њу Јорк, Чикаго, Детроит, Њу Џерси) и Србија, (Белград), Црна Гора (Подгорица) а иселеници од Волковија има и во Грција (Атина).

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.58
  2. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.58
  3. Стојмилов, А. „Туристички потенцијали и развој на туризмот на планината Бистра“. Во зборникот: „Бистра -природни и социогеографски карактеристики на планината Бистра“. МАНУ, Скопје, 1983. стр. 176
  4. Поповски, Петар. Мијаците потомци на античките македонци и прастари жители на Матија (денешна Албанија) . Скопје : Здружение за културна афирмација на Мијаците - КАМ, 2006, стр. 593
  5. 5,0 5,1 5,2 Соколоски, Методија (1976) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 400-401. 
  6. Т. Смилјаниќ, „Мијаци, Горна Река и Мавровско Поље“. Насеља и порекло становништво, кн.20, Београд, 1920. стр. 119
  7. Т. Смилјаниќ, „Мијаци, Горна Река и Мавровско Поље“. Насеља и порекло становништво, кн.20, Београд, 1920. стр. 119
  8. Т. Смилјаниќ, „Мијаци, Горна Река и Мавровско Поље“. Насеља и порекло становништво, кн.20, Београд, 1920. стр. 119
  9. Поповски, Петар. Мијаците потомци на античките македонци и прастари жители на Матија (денешна Албанија) . Скопје : Здружение за културна афирмација на Мијаците - КАМ, 2006, стр. 593
  10. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.88
  11. Станковска, Љубица. Средновековниот топонимски модел во Струмичко. Акта Велјуса - Acta Veljusa - Зборник на трудови. Филозофски факултет, Скопје, 1984 год. стр. 142
  12. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.58
  13. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  14. Шаревски, М. „За припадноста на луѓето од Горна Река“. Утрински весник, бр.4663 од 18.12.2014, стр.13
  15. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.58
  16. Т. Смилјаниќ, „Мијаци, Горна Река и Мавровско Поље“. Насеља и порекло становништво, кн.20, Београд, 1920. стр. 119
  17. Стојмилов, А. „Туристички потенцијали и развој на туризмот на планината Бистра“. Во зборникот: „Бистра -природни и социогеографски карактеристики на планината Бистра“. МАНУ, Скопје, 1983. стр. 176
  18. Стојмилов, А. „Туристички потенцијали и развој на туризмот на планината Бистра“. Во зборникот: „Бистра -природни и социогеографски карактеристики на планината Бистра“. МАНУ, Скопје, 1983. стр. 176
  19. Манаковиќ, Д. Андоновски, Т. „Релјефот на планината Бистра“. Во зборникот: „Бистра -природни и социогеографски карактеристики на планината Бистра“. МАНУ, Скопје, 1983. стр. 56-57
  20. Манаковиќ, Д. Андоновски, Т. „Релјефот на планината Бистра“. Во зборникот: „Бистра -природни и социогеографски карактеристики на планината Бистра“. МАНУ, Скопје, 1983. стр. 56-57
  21. Манаковиќ, Д. Андоновски, Т. „Релјефот на планината Бистра“. Во зборникот: „Бистра -природни и социогеографски карактеристики на планината Бистра“. МАНУ, Скопје, 1983. стр. 56-57
  22. Манаковиќ, Д. Андоновски, Т. „Релјефот на планината Бистра“. Во зборникот: „Бистра -природни и социогеографски карактеристики на планината Бистра“. МАНУ, Скопје, 1983. стр. 56-57