Никифорово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Никифорово
Nikiforovo.JPG

Поглед на Мавровското Езеро и на селото Никифорово

Никифорово се наоѓа во Republic of Macedonia
Никифорово
Местоположба на Никифорово во Македонија
Координати 41°40′32″ СГШ 20°46′32″ ИГД / 
Регион Logo of Polog Region.svg Полошки регион
Општина Coat of arms of Mavrovo and Rostuša Municipality.svg Општина Маврово и Ростуша
Население 10[1] жит.
Пошт. бр. 1254
Повик. бр. 042
Надм. вис. 1260 м
Слава Свети Пантелејмон
Commons-logo.svg Никифорово на Ризницата


Никифорово (познато и како Ниќифорово) — село во Општина Маврово-Ростуше, сместено на брегот на Мавровското Езеро.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на влезот во селото

Селото Ниќифорово се наоѓа во Мавровската Котлина, на источниот брег на Мавровското Езеро. Административно претставува дел од Општина Маврово и Ростуша, западна Македонија, сместено во источниот дел на општината. Воедно, селото претставува и дел од Националниот парк Маврово. Се наоѓа во пониските делови на планината Бистра.

Селото е поврзано со асфалтниот локален пат P-413 со соседните села Леуново и Маврово, пат кој го обиколува Мавровското Езеро. Од градот Гостивар е оддалечено 32 километри.

Селото има околу 100 куќи, а поголемиот дел од нив се викендици.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Населбата Ниќифорово се верува дека има далечно минато. Доказ за тоа е локалитетот „Црквичето“ во месноста Бор. Археолошките истражувања потврдиле постоење на манастирски комплекс, чие постоење потекнува од V-VII. Црквата на овој манастирски комплекс била во целосна употреба и се изведувале богослужби сè до нејзиното палење од страна на германските војници во 1943 година.[2] Покрај палењето на црквата, во пожарот изгорело и целото село.

Во поновата македонска историја, од Ниќифорово потекнуваат бројни борци во НОБ за Македонија, меѓу кои најистакнат е Видое Смилевски - Бато, народен херој и политичар. Учествува на Првото заседание на АСНОМ, бил потпретседател на Владата на НР Македонија како и претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ.

Чеде Филиповски - Даме е учесник во НОБ, офицер и народен херој на Македонија.

За двајцата има изградено спомен-куќи во селото.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Населението во селото започнало да се намалува по првите реформи и индустријализацијата на земјата во времето на Југославија, кога жителите започнале да се иселуваат по градовите, со што бројноста на селото започнала драстично да се намалува. Неповолно кон бројот на жители се одразило и потопувањето на Мавровската Котлина, како и плодното земјиште на селото.

Според последниот попис од 2002 година, во Ниќифорово живеат 10 жители, сите Македонци.[1] Според последните проценки за население (2007 г.) се појавила бројката од само двајца постојани жители.[2]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[3] 1905[4] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 450 464 205 224 145 35 22 11 9 10
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[5]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуша, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Маврови Анови, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Ростуша, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуша, во која денес се наоѓа селото.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на истата општина се наоѓало и во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на истоимената општина, во која покрај Ниќифорово се наоѓале и Маврово и Леуново. Самата Општина Ниќифорово била дел од Гостиварската околија. Општината Ниќифорово постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на главната селска црква „Св. Пантелејмон“
Цркви[6]
Езера
Реки
  • Петтилебска река — поминува низ Збориште (сретсело);
  • Гинова река — во средината на селото се спојува со Петтилебска река и заедно се влеваат во езерото.
Врвови
  • Сандакташ — врв (1981 м) до кој води патека од Збориште.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Свети Пантелејмон — селска слава која се прославува со традиционален марш до изворот Петти леб на 8 Август, вечерна литургија во очи на празникот и главна прослава на 9 август со утринска литургија.
  • Водици (Богојавление) — тридневен обичај кој кулминира со фрлање на осветениот крст во реката „Петтилебска“ на 19 Јануари. Претходниот ден кумовите поминуваат со крстот низ сите куќи и ги осветуваат.

Личности[уреди | уреди извор]

  • Видое Смилевски - Бато — народен херој, политичар, учесник на Првото заседание на АСНОМ, потпретседател на Владата на НР Македонија, претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ;
  • Чеде Филиповски - Даме — народен херој, носител на партизанска споменица од 1941 година.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во однос на културните установи, во селото се наоѓаат спомен-куќи посветени на народните херои Видое Смилевски - Бато и Чеде Филиповски - Даме.

Во однос на спортските објекти, селото располага со новоотворено повеќенаменско игралиште, кое било пуштено во употреба на 17 ноември 2014 година, изградено со поддршка од Владата на Македонија.[7] Игралиштето е со површина од 1300 м² и со димензии 45 х 28 метри. Самото игралиште е осветлувано и во текот на вечерните часови.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“. Завод за статистика на Македонија. 2002. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/knigaX.pdf. конс. 30 март 2013 г. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Киприновски, Петар (17 април 2013). „Прекрасното село Ниќифорово покрај брегот на Мавровското Езеро“ (на македонски). Игео-Портал. Скопје: Игео-Портал. http://www.igeografija.mk/Portal/?p=3964. конс. 11 декември 2015 г. 
  3. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  4. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  5. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Popisi__PopisNaNaselenie__PopisiNaseleniMesta/Popisi_nm_1948_2002_NasPoVozrPol_mk.px/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef. 
  6. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред. Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  7. „Пуштено повеќенаменско игралиште во село Никифорово, Општина Маврово Ростуше“ (на македонски). Агенција за млади и спорт. Скопје: Влада на Република Македонија. 17 ноември 2014. http://www.ams.gov.mk/pochetna/20-odnosi-so-javnosta/soopstenija/649-2014-11-17-11-57-54. конс. 11 декември 2015 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]