Српска пропаганда во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Српската пропаганда е разгранет систем за ширење на српското национално чувство, култура, јазик, идеја и влијание меѓу населението во Македонија. Нејзиниот пробив започнува по обединувањето на кнежеството Бугарија и Источна Румелија, ноемвриската војна од 1885 година и засилувањето на Бугарската пропаганда во Македонија.

Појава[уреди | уреди извор]

Илија Гарашанин

Основите на српската пропаганда се наоѓаат во Начертанијето на Илија Гарашанин од 1844 година. Во овој програмски документ кој се однесувал на надворешната политика на српската влада било констатирано дека кнежеството Србија не може да се задржи на неговите тогашни граници и дека треба да се стреми:

... да ги приклучи сите српски народи што го опкружуваат [1]

Во 60 - тите години на 19 век, Гарашанин го испратил Стефан Верковиќ во тајна политичка мисија во Македонија. Меѓутоа српската пропаганда во тој период била слаба и далеку од создавање на Срби во Македонија. Според самиот Верковиќ неговата мисија била:

Македонските словени при решавањето на Источното прашање... да се признаат за Словени, а не за Грци [2]

Верковиќ уште во 1850 година се движел низ Македонија, а од 1855 година за постојано се населил во Сер каде работел како антиквар. Постепено тој станал одговорен за тајната активност и политичка пропаганда на српската влада во Источна Македонија. Засилувањето на српската пропаганда ќе дојде по 1868 година, односно по 1885 година.

Пробив[уреди | уреди извор]

Голема Србија

Во 1868 година српската држава ги променила средствата за водење на пропагандата и по иницијатива на самата влада во Белград бил формиран еден Просветен одбор кој требало да се грижи за отварање на српски училишта во Стара Србија [3] и Македонија, снабдување на овие училишта со кадар и учебници со што започнал процесот на посрбување во Македонија [4].

Од 1868 до 1878 година овој одбор успеал да отвори 61 училиште во Стара Србија и Македонија. Меѓутоа во текот на Српско-турските војни од 1876 до 1878 година српските училишта во Македонија биле затворени, а останало само она во тетовско кое било раководено од месен учител.

Во тој период активност пројавил еден комитет формиран од страна на емигранти од Стара Србија и Македонија. Комитетот бил формиран во 1877 и бил под раководство на архимандритот Сава кој барал од Берлинскиот конгрес, Македонија и Стара Србија да и припаднат на српската држава. По налог на архимандритот Сава двајца членови на комитетот објавиле статии, а подоцна брошури и еден календар, во кои се докажувал српскиот карактер на населението во Македонија.

Во периодот од 1881 до 1885 година биле определени српските претензии во Македонија, на југ до Леринско и Струмичко, во овој период биле поставени начелата за пропагандно дејствување, а било донесено решение повторно да се отворат српските училишта. Првите знаци на посилно истапување на српската пропаганда биле митинзите во Белград, Ниш и Врање на кои биле донесени резолуции, а истите тие подоцна биле испечатени во вид на брошури.

Во 1885 година бил испечатен и календарот Вардар и тоа во 4 000 примероци по што бил растурен во Македонија, во сите овие печатени материјали се потенцирал српскиот карактер на населението во Македонија.

Засилување[уреди | уреди извор]

Странски пропаганди во Македонија
Поделба на Македонија по Букурешкиот договор.
Бугарска пропаганда
Грчка пропаганда
Српска пропаганда
Католичка пропаганда
Протестантска пропаганда
Романска пропаганда
Отпор на Македонците кон туѓите пропаганди

До засилување на српската пропагнада доаѓа по обединувањето на кнежеството Бугарија и Источна Румелија во 1885 година и по неуспехот на Србија во Српско-бугарската војна. Тогашните српски владеачки кругови истакнале потребата од:

итна одбрана на српските интереси во Македонија од бугарските претензии спрема таа земја [5]

Затоа српската влада побарала од Високата порта да се препечатат српските учебници за српските училишта во Македонија, што и било одобрено, а од друга страна бидејќи Србија немала своја црква во Македонија , требало да се добие подршката на Цариградската Патријаршија.

Во август 1886 година во Белград било организирано пропагандното друштво св. Сава, кое било задолжено да печати и растура пропагандни книги и брошури, а при него биле отворени и две училишта, едно подготвително кое траело две години, како и вечерно училиште. Првото училиште било наменето за создавање на училишен кадар за Македонија, а во второто било наменето за описменување на македонските печалбари. Во текот на 1887-1888 година, со подршка на српската влада, друштвото св. Сава успеало да отвори 37 училишта во Стара Србија и Македонија а во нив работеле 54 учители. Идната учебна година бројот на училиштата се зголемил на 42.

Македонско движење и српската пропаганда[уреди | уреди извор]

Со цел да се ослабат позициите на бугарската пропаганда во Македонија, во првиот период од своето делување српската пропаганда има отворен македонистички настап, отворено се подржуваат македонските асоцијации и друштва со цел на тој начин да се ослабне бугарската пропаганда.

Македонизмот на српската пропаганда се гледа во подршката на разни македонски асоцијации како што е Тајниот македонски комитет или Друштвото Србо-Македонци. Целта на српската пропаганда не е да се заштити македонскиот национален идентитет туку тоа е правено од дневно политички интереси со што се внесувал дополнителен антагонизам во Македонија.

Треба да се истакне дека и покрај тоа што меѓу овие македонски асоцијации и дејци делувала српската пропаганда сепак тие манифестирале силна македонска национална свест [4].

Солунски вилает[уреди | уреди извор]

Во Солунскиот вилает српската пропаганда била насочена првенствено во Солун, и затоа С. Новаковиќ, којшто бил дипломатски преставник на Србија во Цариград, во 1886 година ја посетил Солунската егзархиска гиманзија Св. Кирил и Методиј и дошол до став дека од интерес на Србија е да се парализира работата на оваа институција.

Кога во учебната 1887/88 година ќе дојде до училишен бунт и ќе бидат исклучени 38 ученика, меѓу нив ќе делува Петар Карастојановиќ српскиот конзул во Солун и ќе успее да убеди 33 исклучени ученици да заминат во Белград каде требало да го продолжат своето образование. Меѓу овие ученици ќе се најдат идните македонски дејци како што се: Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Крсте Петков Мисирков, Никола Наумов, Христо Поп Коцев и многу други.

Во Белград најпрво им биле сменети презимињата и целта на српската пропаганда била да направи од нив орудие за остварувања на српските интереси во Македонија. Меѓутоа веќе во 1889/90 година тие го напуштаат Белград и заминуваат во Софија.

Во 1892 година во Солун било отворено првото основно српско училиште со што се создале услови за пробив на српската пропаганда во Солунскиот вилает [6]. Отварањето на ова основно српско училиште се обидело да го искористи пропагандното српско друштво Св. Сава и тиа испланирале посета на ова училиште и притоа сакале да одржат богослужба на црковно - словенски во некоја од патријаршиските цркви но не успеале во својата намера.

Српската пропаганда во Солунскиот вилает била многу слаба и нејзиното влијание одвај се почуствувало во Гевгелиско, Воденско, Дојранско, Кукушко, Тиквешко и Ениџевардарско.

Српската пропаганда особено се насочила на Велес и Велешката каза поради стратегиската положба на овој реон. Оттука пропагандата можела да дејствува во Северна, Југозападна и Јужна Македонија и затоа во Велес во учебната 1894/95 година било отворено српско училиште. Поради недостаток на вистинско српско населние, македонците кои оделе на печалба во Србија биле уценети да ги запишат своите деца во ова училиште или во спротивно српските власти немало да им дозволат да влезат во Србија.

Дополнително на тоа српските пропагандисти во ова училиште донеле сиромашни албанчиња од Поречието, Србија и од други краеви. Со ова делување во Азот, српската пропаганда го зголемила антагонизмот во Македонија кој и онака постоел, дошло до поделба на населението на србомани и бугарофили, се свртеле татко против син, брат против брат.

На овој српски пробив се обидел да се спротистави Петар Поп Арсов, но неговиот авторитет се обидела да го искористи Егзархијата за своите интереси и затоа Арсов го напуштил Азот.

Во 1897 година Србија добила право да отвори училишта на целата територија на Македонија со што започнал обидот на српската пропаганда за пробив во Солунскиот санџак. Во 1897 година српските пропагандисти дошле во судир со проегзархистите, имено српската пропаганда во Солунско тогаш била предводена од Пејчиноски кои бил родум од Ресенското село Царев Двор. Тој бил поранешен учител во Солунската егзархиска гимназија и бил во лоши односи со бугарските учители.

На 3.06.1897 година во Солун, Пејчиноски ќе го организира нападот против членовите на Бугарското тајно револуционерно братство. Во нападот ќе учествуваат србинот Александар, црногорeцот Никола Бабаковиќ и Ташко кој бил родум од селото Магарево. Во нападот ќе биде убиен Христо Ганов додека пак Иван Гарванов бил ранет. Учесниците во нападот подоцна биле уапсени, а Пејчиноски бил ликвидиран од терористите на ТМОРО.

Во почетокот на 1898 година српската пропаганда отворила српско училиште во Кукуш. Подготовките ги водел црногорецот Јован Јовановиќ кој исто така бил замешан во убиството на Христо Ганов. Тој успеал да издејствува преку поткуп кај Кајмакамот отварање на српско училиште. Но набргу училштето било нападнато од Кукушани , тие ги искршиле вратите и прозорците на училиштето, го претепале учителот и му се заканиле на сопственикот на куќата, која ја изнајмил за училиште, дека ако уште еднаш ја изнајми за српско училиште ќе ја запалат. Но Јовановиќ добил засилување од двајца црногорци, меѓу кои бил и Никола Бабаковиќ, притоа Јовановиќ носел два пиштола и истакнал дека не се плаши од никого и дека Кукуш е српски град. Меѓутоа по неколку дена дошла истражна комисија од Солун, а Кајмакамот останал без својата служба. Сопственикот на куќата која ја изнајмувал за српско училиште бил принуден да се откаже од изнајмувањето, а Јован Јовановиќ морал да го пресели српското училиште во турскиот дел од градот со што бил изолиран од македонците.

Кон крајот на 19 век српската пропаганда во Солун имала 2 класни и 2 основни училишта но успехот бил привиден бидејќи во 1903 година во Солун имало околу 15 србомански куќи. И покрај сите обиди српската пропаганда не успеала да го засили своето влијание во Јужна Македонија, а тоа се потврдува од извештајот на рускиот конзул од Солун Николај Гирс во кој тој истакнува:

Србите требало да се задоволат со своите училишта во Солун и да не трчаат со отварање нови училишта по Солунскиот вилает бидејќи предизвикуваат непријателство меѓу словенското население... (за б.н) Српските училишта трошат многу пари , зошто нивното отварање и постоење без поткуп е невозможно, овие трошоци одвај се оправдуваат... Нема сомнение дека без постојната материјална подршка, оние што почнаа себеси да се нарекуваат Срби одново ќе бидаат Бугари, какви што се станати веќе пред многу години, благодарение на усилената бугарска пропаганда меѓу македонските Словени [7]

Реорганизација[уреди | уреди извор]

Писмо од Велибор Драгашевиќ до генералниот српски конзул во Скопје, во кое му ги изнесува предлозите за отворање на српска книжарница во Скопје, со што би се забрзал процесот на српска пропаганда , бидејќи книгата е најмоќно и најздраво пропагандно средство. (Скопје, 4 февруари 1910)

Во 1890 година во Белград се одржало советување на српските конзули и министерството за надворешни работи, на оваа средба дошло до реорганизација во работата на српската пропаганда во Македонија. Било решено со српската пропаганда да раководат српските конзули и да дојде до нивно територијално разграничување, секој конзул да раководи во вилаетот каде е поставен.

Секој конзул бил одговорен пред српското министерство за надворешни работи и на тој начин пропагнадата се нашла под директна контрола на државата, а било решено буџетот за пропаганда од 200 000 да се зголеми на 300 000 динари, да се формира еден одбор од тројца членови како советодавен орган на министерството за надворешни работи, пропагандниот центар од Цариград да се пренесе на терен во Македонија, односно во Скопје, Битола и Солун, меѓу другото српските конзули биле задолжени да се грижат за црковно-училишните работи во своите реони.

Оваа реорганизација постигнала успех. За неколку години биле создадени црковно-училишни општини и тоа во: Кичево, Галичник, Дебар, Крушево, потоа во Куманово, Кочани, Кратово, Берово, а во 1892 година во Гостивар, Крива Паланка и Штип.

Српска воружена пропаганда[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот
Македонска револуционерна организација
Печат на Македонскиот комитет
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Српско четничко движење.

Првата српска чета била формирана по Мајскиот преврат од страна на Милорад, Васе Јовановиќ и Лука Ѓеловиќ. За војвода на оваа чета бил поставен Илија Славе, а за негов помошник бил назначен Ангелко Алексиќ кој бил со потекло од Гостиварско.

Првите чети биле формирани од Македонци и тоа од Кратовско, Кумановско и Порече. За водачи на четите во почетокот биле поставувани старите арамии, постепено биле назначувани и офицери од српската војска, а за прв српски војвода во Македонија бил назначен Мицко Крстевски.

Прв организатор на четничка акција на теренот бил Аксентије Бацетовиќ. Тој воспоставил два горски штаба за Источното и Западното Повардарије, ваквата поделба останала се до Балканските војни.

Први раководители на овие горски штабови биле полковникот Илија Јовановиќ-источно повардарие и капетанот Сретен Рајковиќ за западното повардарие. Раководителите на горските штабови биле бирани од младите офицери кои сакале да учествуваат во движењето, а тие морале да поднесуваат извештаи до Централниот комитет.

Ранетите и болните четници кои не можеле да бидат префрлани во Србија биле згрижувани по србоманските села во Македонија, во просториите на српскиот конзул во Скопје,каде др Михаил Шушкаловиќ ги лекувал со што почнала да егзистира илегална четничка болница. Четниците исто така биле лечени и во интернатот на српската гимназија во Скопје, а биле прифаќани и од српските хуманитарни друштва како што биле: Српски браќа и Коло на српските сестри.

види: Борба за Македонија

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Начертаније
  2. Катарџиев Иван, Борба до победат.1 1-4, Скопје, 1983
  3. Косово и денешна "Јужна Србија
  4. 4,0 4,1 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893-1903 година, Скопје, Институт за Историја-Филозофски Факултет
  5. Љубиша Доклестиќ, Српско-македонските односи во XIX век, Скопје, 1973
  6. К. Џамбазовски, Културно - општествени врски на Македонците со Србија во текот на 19 век, Скопје, 1960.
  7. Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот..., т.1, 247.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]