Дефтер

Од Википедија — слободната енциклопедија

Дефтер[1] – катастарски порески попис кој го водело Османлиското Царство скоро од самиот негов настанок. Дефтерите содржеле податоци за селата, домаќинствата и бројот на членови (возрасни мажи и вдовци), како и за етничките групи на просторот на царството.

Сите официјални книги на османлиската администрација и сметководство, сите записници и протоколи, како и сите поединечни акти кои имаат карактер на некој попис, список и пресметка се нарекуваат дефтери.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Дефтер во македонскиот јазик, како и во други балкански јазици (бугарски, српски...) дошол преку турскиот збор ‘’defter’’. Во современиот турски јазик дефтер означува секој вид на тетратка, бележник. Во македонскиот јазик ова значење го има турцизмот тефтер[2].

Зборот потекнува од грчкиот διφθέρα што значи книга (со страници од козји пергамент кој во Стара Грција се користел со папирусот како хартија) кој се пренел во арапскиот دفتر со истото значење.

Употреба на зборот[уреди | уреди извор]

Заради широкото значење на зборот дефтер, разните дефтери во смисла на османлиските пописи се означувале со додавање на други зборови кои поблиску го одредувале нивниот вид и карактер. Османлиските катастарски книги се нарекуваат тапу дефтерлари (пописни книги). Тие се производ од работата на посебни државни комисии кои на терен ги попишувале изворите на државните приходи заради оданочување на имотите.

Поголемиот дел од сочуваните дефтери се чува во „Архивот на претседателството на владата“ во Истанбул. Османлиските катастарски пописи се вршени сериозно и податоците во нив се земаат со целосна доверба бидејќи првенствено се работени од аспект на феудални приходи и обврски на потчинетото население и нивната распределба во која морало да се почитува точноста. Дефтерите претставуваат еден од најзначајните сегменти на изворна градба за проучување на историјата на османлиската доба на територијата која ја опфаќало Османлиското Царство. Исклучително се значајни за изучување на демографијата, општеството, економијата, топографијата и воопшто на сите делови на османлиското присуство.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Велковска, Снежана; Конески, Кирил (2003). Толковен речник на македонскиот јазик. I. Скопје. стр. 439. ISBN 978-998-964-049-0. На |editor1-first= му недостасува |editor1-last= (help)
  2. Велковска, Снежана; Конески, Кирил (2014). Толковен речник на македонскиот јазик. VI. Скопје. стр. 60. ISBN 978-608-220-029-3. На |editor1-first= му недостасува |editor1-last= (help)