Мантово
Мантово | |
---|---|
Поглед на езерото Мантово | |
Координати | 41°34′10″N 22°20′39″E / 41.56944° СГШ; 22.34417° ИГД |
Вид | вештачко |
Главни приливи | Крива Лакавица |
Главни истеци | Крива Лакавица |
Сливни земји | Македонија |
Најг. должина | 5,5 км км |
Најг. ширина | 0,8 км км |
Површина | 4,49 км2 км2 |
Прос. длабочина | 20 м[1] м |
Најг. длабочина | 40 м[1] м |
Зафатнина | 47,5 хм3[1] км3 |
Надм. височина | 402 м м |
Мантово — вештачко езеро во Лакавичко, во југоисточниот дел на Македонија. Сместено е на 15 км од селото Конче, 18 км од Радовиш и 25 км од Штип. Езерото има издолжен облик и зафаќа вкупна површина од 4,49 км2. Тоа управно во целост се наоѓа во Општина Конче.
Езерото Мантово е изградено на реката Крива Лакавица во 1978 година, со основна функција да го наводнува Радовишко Поле, да обезбедува вода за потребите на рудникот Бучим, да обезбеди водоснабдување на Општина Конче, како и да прерасне во главен туристички центар во регионот.[2][3]
Езерото се протега во насока исток-запад. Од север се граничи со атарот на селото Долна Враштица, од исток со атарот на селото Габревци, од југ со атарот на селото Долни Радеш, додека од запад со атарот на село Гарван, од каде се наоѓа насипот на самата брана.[1]
Географија
[уреди | уреди извор]Мантово е изградено на реката Крива Лакавица и се наоѓа на надморска височина од 402 м. Езерото има издолжен облик и се протега во правец исток-запад, а од обете страни има повеќе издолжени заливи. Вкупната негова должина изнесува 5,5 км, просечната ширина 0,8 км, а вкупната површина 4,49 км2. Најголемата длабочина изнесува 20 м и е измерена веднаш до браната. Во целост е сместено во северозападниот дел на Општина Конче, во непосредна близина на селата Долни Радеш, Габревци и Долна Враштица. Во однос на поголемите населени места, оддалечено е на 15 км од с. Конче, 18 км од Радовиш и 25 км од Штип. Во непосредна близина на езерото се наоѓа ридот Габровска Чука, кој претставува неиспитано археолошко наоѓалиште. Во близина на ридот, пак, се издигнуваат вертикални гранитни карпи со висина од 2 до 25 метри. Мантово се одликува со микрклима, а температурата на водата во летниот период достигнува 24 °C.[2]
Како главни извори на доток на вода се реките Крива Лакавица, Конечка Река и Габрешка Река. Исто така, како поголемо сливно подрачје во браната се влеваат повеќе порои како што се: Згоречки, Скорушки и Боровски.[1]
Флора и фауна
[уреди | уреди извор]Езерото изобилува со богати и разновидни видови, при што во него и неговата околина се среќаваат повеќе видови на слатководни риби и птици. Најзастапени видови на риби се: крап, сом, караш, костреш, клен, плашица, скобуст, црвеноперка и лињак.[1][2]
Во акумулацијата се среќаваат и следните видови: жаби, водни желки и водни змии.[1]
Брана и капацитет
[уреди | уреди извор]Езерото е изградено со подигање на камено-насипна брана со глинено јадро во 1978 година. По својот капацитет, езерото е втора најголема вештачка акумулација во Источна Македонија, при што може да акумулира вода најмногу до 47,5 милиони м3. Негови основни функции се наводнување на Радовишко Поле, водоснабдување на Општина Конче, како и обезбедување вода за потребите на рудникот Бучим. Меѓутоа, од сите овие функции, езерото денес се користи само за водоснабдување на рудникот Бучим, за што секоја година се обезбедува количество вода од 2 милиони м3. Со тоа, искористеноста на водниот потенцијал на езерото е не повеќе од 10%.[2][3]
Туризам
[уреди | уреди извор]Во поново време се преземени повеќе активности во насока на промовирање на Мантово како главен туристички центар во регионот. Пријатната клима со температура на водата од 24 °C во летниот период е погодна за капење и практикување на водните спортови, застапеноста на повеќе видови на риби создаваат добри предуслови за спортски риболов, а издолжените вертикални граматни карпи во близина на ридот Габровска Чука овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување.
Во април 2008 година било најавено дека во околината на Мантово ќе се гради туристичка населба.[4] Со проектот се предидувало изградба на поединечни куќи за одмор, хотели, трим-патеки и спортски терени. Во рамки на проектот е започната урбанизација на површина од 23 ха, за што Општина Конче преку Министерството за транспорт и врски има обезбедено средства во висина од 1,5 милиони денари.[5] Во ноември 2013 година бил пуштен во употреба патот М6 од Штип до езерото Мантово. Со овој проект бил асфалтиран пат во должина од 4,5 км, почнувајќи непосредно кај клучката на спојување на патот кој води до Неготино, а за таа намена биле потреошени 23,6 милиони денари.[6]
Во декември 2014 година крај езерото биле изградени три дрвени влашки колиби како дел од проект за промоција на влашкото културно наследство во регионот на Сер и Конче во рамки на прекугранична соработка со Грција. И покрај тоа што во Општина Конче не живеат Власи, локалната самоуправа изградените објекти ги нарекла „влашки колиби“ поради местото каде што тие поминувале и престојувале. Колибите се изградени во стар стил, од дрво, со бетонска подлога, а опремени се со кревет, маса и дрвени клупи.[7]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Дел од новоизградените објекти покрај езерото
-
Браната и дел од патот кој е долж езерото
-
Поглед на селото Долни Радеш и целата Лакавичка област, како и на самото езеро
-
Браната и дел од патот кој е долж езерото
-
Глетка на езерото Мантово
-
Глетка на езерото Мантово
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Костов, Васил (октомври 2015). „Риболовна основа за риболовна вода „Акумулација Мантово" за период 2017-2023 година“ (PDF). Институт за сточарство. Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. стр. 1–19. Посетено на 1 мај 2016.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 П., Н.. „Акумулацијата „Мантово“ неискористен туристички потенцијал“, Игеографија, 26 јануари 2015.
- ↑ 3,0 3,1 Б., И.. „Акумулацијата „Мантово“ неискористен потенцијал за три општини[мртва врска]“, Утрински весник, 14 август 2012.
- ↑ Б., И.. „На браната „Мантово“ ќе никне туристичка населба[мртва врска]“, Утрински весник, 6 април 2008.
- ↑ „Туристичка населба на езерото Мантово кај Конче“, Југоинфо, 29 октомври 2012.
- ↑ „Пуштен во употреба патот М6 до езерото Мантово[мртва врска]“, Канал 5, 17 ноември 2013.
- ↑ М., С.. „Влашки колиби кај Мантово[мртва врска]“, Канал 5, 21 декември 2014.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|