Студенчишко Блато

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Студенчишко Блато
Студенчишко Блато (Студенчишта) -
Поглед на бара во мочуриштето
Место Охрид
Земја Македонија
Околна водна површина Охридско Езеро
Координати 41°6′1″N 20°48′37″E / 41.10028° СГШ; 20.81028° ИГД / 41.10028; 20.81028Координати: 41°6′1″N 20°48′37″E / 41.10028° СГШ; 20.81028° ИГД / 41.10028; 20.81028
Вид блато
Површина 50 хектари


Студенчишко Блато или Студенчишта — блато (мочуриште) веднаш крај Охридското Езеро и непосредно јужно до самиот град Охрид.

Местоположба и површина[уреди | уреди извор]

Блатото Студенчишта се наоѓа на надморска височина од 694 до 696 метри (средна височина од 695 метри) меѓу Студенчишката Река (денес каналот Студенчишта) и реката Рача (на север и на југ) и меѓу регионалниот пат Охрид-Свети Наум и крајбрежјето на Охридското Езеро (на исток и запад).[1]

Блатото Студенчишта е валоризирано како природен феномен сочуван со милениуми и оттука неговото особено значење за Охридското Езеро. Студенчишкото Блато, не така одамна, претставувало интегрален дел од Охридското Езеро. Се протегало северно и јужно од Студенчишка Река (денес каналот Студенчишта) и со многубројни канали било поврзано со Охридското Езеро. Секоја промена на нивото на водата од Езерото директно влијаела и на Блатото. Тоа било населено со различни растителни и животински видови. Многу ципринидни (бели) риби (особено крапот) се мрестеле во Блатото, а се гнезделе и многу водни птици. Денес, влажните хабитати зафаќаат површина од над 50 ha, а блатните и мочуришни терени се протегаат на околу 25 ha, во непосредна близина на Студенчишкиот Канал. Влажните ливади околу Блатото зафаќаат поголеми пространства. Јужните и источните делови од локалитетот се претворени во обработливи површини, ниви, ливади и овоштарници.

Хидролошки одлики[уреди | уреди извор]

На теренот на Студенчишкото Блато застапени се литолошки членови, кои имаат функција на хидрогеолошки колектори, хидрогеолошки спроводници и хидрогеолошки изолатори. Нивната хидрогеолошка функција е во директна зависност од литологијата на теренот по вертикала и хоризонтала. Токму поради овие одлики Студенчишкото Блато служи и претставувало како своевидна природна прочистителна станица на Охридското Езеро. Во групата на хидрогеолошки колектори спаѓаат неврзаните карпести маси: песоците и чакалите, потоа тињата и песокливите материјали, кои имаат повисок коефициент на филтрација. Како хидрогеолошки спроводници се јавуваат полуврзаните карпести маси: правови и глини и на места песокливи материјали, кои имаат понизок коефициент на филтрација. Хидрогеолошки изолатори се тријаските варовници, кои ги има во околниот терен, а на предметната локација само на длабочина поголема од 30 метри и имаат слаб коефициент на филтрација (h х 10-7 m/s до h х 10-9 m/s). Литолошките членови во првите десетици метри се карактеризираат по тоа што се неврзани седименти, кои имаат висок коефициент на филтрација и водопропустливост, што овозможува брза инфилтрација на подземните води.

Заштита[уреди | уреди извор]

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и еколошките организации, по повеќе од две години борба со самите локални власти, во текот на април 2017 година се избориле Студенчишкото Блато да остане строго заштитена еколошка зона, во која нема да биде дозволено градење, како што првобитно се предложувало со најавените измени на Генералниот урбанистички план (ГУП) на Охрид во периодот 2014-2024.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. [http://www.ohrid.gov.mk/Ekologija/Proekti/Ekologija%20arhiva/Menka-Blato-13_02_2012%20%20lektorirano-final.pdf ИНТЕГРИРАНА СТУДИЈА ЗА СОСТОЈБАТА НА ОСТАТОКОТ ОД СТУДЕНЧИШКОТО БЛАТО И ПРЕЗЕМАЊЕ МЕРКИ ЗА НЕГОВА РЕВИТАЛИЗАЦИЈА]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]