Лешница (Шар Планина)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Долината Лешница во зима, погледната од врвот Бакардан
Поглед кон долината на Бозовска река, Горна Лешница, меѓу Среден Камен и Плат

Лешница — долина на Шар Планина. Се наоѓа во средишниот дел на Шар Планина во пределот на највисоките шарски врвови, помеѓу врвовите Среден Камен и Плат. На југозапад е оградена со највисокиот Титов Врв, додека на југоисток со вториот највисок врв Бакардан, на запад со Среден Камен и на исток со Плат, додека кон север е отворена и се спојува со долината на реката Пена, во нејзиното горно сливно и изворишно подрачје. Се дели на Долна Лешница на надморска височина од 1450 метри и Горна Лешница од 2221 метар надморска височина.

Се одликува со изразит алпски крајолик и карактер, со високи карпи, тревнати предели и густа зимзелена и букова шума, односно изобилува со иглолисна, букова и друга мешана шума, како и со богата ендемична флора и фауна која може да се најде само на ова место[1], особено до шумски плодови како боровинки, малини и разни видови билки и растенија. На карпестиот предел помеѓу Долна и Горна Лешница постои голем и повремен водопад, кој е особено силен во пролетниот и летниот период. До долината Лешница може да се стигне од Попова Шапка и тоа преку 2 правци: преку Јелак и врвот Плат или преку Церипашина, а исто така може да се пристапи по патеки кои водат од селото Бозовце.

Лешница е многу посетена од планинарите особено од алпинистите и од планинските трчачи кои на Лешница имаат организирано вертикална трка на 1 километар, односно 1000 метри висинска разлика. Над шумскиот предел на Лешница постојат неколку бачила, а низ самата долина протекува малата Лешничка Река, која е десна притока на Пена.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Георгиоски, Александар (23 септември 2015). „Лешница – „Срцето на Шарпланина“ и Титов Врв“. Маркукуле. http://markukule.mk/%D0%BB%D0%B5%D1%88%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B0-%D1%81%D1%80%D1%86%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%BD%D0%B0-%D1%88%D0%B0%D1%80-%D0%BF%D0%BB%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%B8-%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%BE%D0%B2/. посет. 19 февруари 2018 г.