Црно Езеро (Шар Планина)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Црно езеро
Црно Езеро (Шар Планина) 04.jpg
Координати:
Површина: 33.520 м2
Должина: 248 м
Ширина: 185 м

Обем:

825 м
Длабочина: м
Надморска висина: 2.122 м
Планина: Шар Планина

Црното езеро е глацијално езеро[1] и едно од 27-те на Шар Планина. Според големината која ја зафаќа, Црното Езеро е на второ место меѓу Шарпланинските езера[2]

Местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на Црното Езеро

Се наоѓа во Брустовичкиот масив, на неговата јужна падина наспроти северната на која што заедно се наоѓаат Белото и Боговињското езеро[3]. Езерото лежи на надморска височина од 2.120 метри во карпест басен на еден цирк - длабодолинка која се наоѓа на јужната страна Бориславец (Брустовец)[2]. Длабнатината (циркот) во кој се наоѓа Црното Езер на север е ограничена од врвот Бориславец, на запад и југозапад од гребенот на висорамнината и врвот Рудока, од исток со еден гребен кој е висок 2.540 метри, а јужната страна е карпеста и безводна. На јужната страна Црното Езеро е заградено со моренски бедем висок околу 6 метри[2]. До езерото може да се стигне по добро обележана планинарска патека која започнува од селото Ѓурѓевиште и продолжува кон врвот Рудока.

Одлики[уреди | уреди извор]

Поглед на Црното Езеро (со „опашот“ на југозападниот брег)
Поглед на Црното Езеро

Црното Езеро зафаќа површина од 33.520 m²[4]. Долго е 248, а широко 185 со обем односно должина на бреговите од 825 метри[2]. Длабоко е колку и Боговињското Езеро- 2,20 метри[2]. Се наоѓа на карпест басен со лесно достапни брегови, со мирни линии, со исклучок на северниот дел. Бреговите се ниски со исклучок на северниот брег каде се појавува стрмен отсек на кој има извор со вода и едно мало полуострово во вид на клин долго 40 метри[2]. На западниот дел се наоѓа една височинка на која е доградено бачило, па поради тоа езерото е изложено на таложење на животинскиот измет поради што, овој дел од езерото до неодеамна бил нечист и каллив. Голем дел на плитоците се уништени и обраснати со шамак и други растенија.[5]. Во близина на езерото се забележуваат траги на затрупано езерце, низ чиј талог сега тече поток кој се влива во езерото.

Вода[уреди | уреди извор]

Езерската вода е бистра со затвореносина боја[2]. Поради поголемата длабочината и каменесто дно од далеку езерото има потемна (црна) боја, заради што е и наречено Црно Езеро за разлика од поплиткото Бело Езеро со тињесто дно. Вода добива од крајбрежните извори и од врнежи и топење на снегот, а ја губи со испарување и преку отоката наречена Матени (Матене) што се влева во реката Маздрача[2]. Во минатото езерото било подлабоко, но со продлабочување на отоката од страна на жителите на с.Калиште, со цел да зафатат повеќе вода за наводнување, нивото на Црното Езеро, слично како Боговинското Езеро е снижено, а длабочината намалена[2]. Поради сите овие одлики, ова езеро има голем туристички потенцијал[6].

Галерија[уреди | уреди извор]

Види исто така[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Rista Nikolić: "Glacijacija Šar Planine i Koraba“, Beograd, 1912 godina.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Стојмилов, Александар (2011) (на македонски). Географија на Република Македонија. Скопје: Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 208. 
  3. Кузман Најденоски: „Тетово во минатото“, издание од 1964 година. Печатница „Напредок“ Тетово
  4. Живко Стефановски, Напредок Тетово, Шар Планина, стр 56-57
  5. Душан Кривокапиќ: „Шар-Планина“, издание на „Туристичка Штампа“, Белград, 1969 година
  6. Горске очи - могућности туристичке валоризације - Оливера Радуловић