Боговињско Езеро

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Боговинско Езеро)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Боговињско Езеро
Bogovinje Lake 01.jpg
Координати:
Површина: 66.880 м2
Должина: 245 м
Ширина: 210 м

Обем:

1.200 м
Длабочина: 2,2 м
Надморска висина: 1.936 м
Планина: Шар Планина

Боговињско (локално: Богоњско Езеро) — најголемо од 27-те леднички езера[1] на Шар Планина.

Одлики[уреди | уреди извор]

Поглед на целото Боговињско Езеро од запад

Езерото се наоѓа меѓу Брустовец (Бориславец) и Мала Смрека на 1.936 м надморска висина. Во правец југозапад-североисток е долго 245 м и широко 210 м[2]. Најголемата длабочина изнесува 2,2 метри. Има површина од 66.880 м². Се наоѓа на карпест басен, со многу издолжен облик, со голема разлика во широчината, па по тоа се разликува од сите останати шарски езера. Од западниот дел на езерото започнува со широчина од 170 м, потоа се проширува во средината, за на источниот дел да се сведе само на 10 м[3].

Замрзнатото Боговинско езеро во зима
Поглед на целото Боговинско езеро од северозапад

Во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, македонскиот револуционер Ѓорче Петров, меѓу позабележителните шарски езера го наведува и: Езерце над с.Боговиње на Езерце Планина (Езерски рид, н.з), од коешто и планината си го добила називот[4]. Тоа е најголемо од познатите Шарски Езера; има обиколка од околу 1/2 час, а длабочината му е непозната[4].

Бреговите му се кривулесни, наместа вовлечени, особено јужниот брег, со најголема деформација од 45 м. Северниот брег е нешто потесен од јужниот, а на двата се гледа плочест нанос, со кој е зафатен и источниот дел на брегот. Западниот брег е целосно претворен во мочуриште и е обраснат со шамак и чемерика.

Вода[уреди | уреди извор]

Водите на Боговинското Езеро

Боговињското езеро има голем број на притоки кои се влеваат во него. Најголема и најпозната секако е истоимената Боговињска Река, која се влива во него и на спротивната страна се одлива, за да продолжи кон селото Боговиње, и на крај да се влива во Вардар кај селото Радиовце. Вода добива и од повеќе извори, кои некои се наоѓаат во ливадестиот дел веднаш до самото езеро. Во близина се наоѓаат и неколку водопади. Езерото ја губи водата преку испарување, подземно истекување и преку површинска истека.

Поради честото капење на овците езерската вода е матна, но поради големиот број на притоки, водата сама се прочистува[5].

Народно предание[уреди | уреди извор]

Поглед на Боговинското Езеро

За Боговинското Езеро народни преданија во XIX век запишале Марко Цепенков и Ѓорче Петров. Според записите на Ѓорче Петров, постои предание, дека еден извор во с.Рашче (Скопско) на источните поли на Жеден Планина и недалеку од Вардар го води своето потекло од ова езеро, за што како потврда на таа претпоставка месните луѓе ја наведуваат следната легенда: Некојси овчар на Шар Планина, како што си седел на брегот на езерото и си свирел на својот кавал, кога посегнал во чантата за да извади леб, го испуштил кавалот во езерото[4]. Кога по некое време си отишол дома во Рашче, за чудо, тој го нашол својот кавал закачен на карпата[4]. Потоа работата се разјаснила, кога му кажале дека кавалот се нашол на изворот, што покажува дека тој извор има некаква поврзаност со езерото[4].

Има и друг доказ за тоа. Кај с. Јегуновце, коешто се наоѓа под западното подножје на Жеден Планина, на неколку стапки од Вардар има една пештера, којашто некое време била отворена само одгоре[4]. Уште од далеку се слуша шумот на водата, којашто тече на дното на пештерата, а ако погледнеш во отворот го гледаш самото течение на водата, којашто оди накај планината[4]. Жеден е на десно од Вардар и е одделен од Шар со Тетовското Поле. Тогаш, тука имаме една многу интересна географска појава, ако тоа предание е точно. Доста силна вода излегува од висока планина, го пресекува полето напреку и при подземно течение минува под дното на Вардар, ја пресекува широката каменеста планина Жеден и се јавува на нејзината друга страна[4]. Тоа, според Ѓорче Петров, е важна појава којашто заслужува сериозно внимание од страна на геолозите. Точноста на тоа предание се потврдува со течението на водата во споменатата пештера и со сличноста на преданијата во околните места на тие краишта[4]. Во Рашче веруваат дека водата им доаѓа од Шар, а на Шар веруваат дека водата од езерото слегува во Рашче - совпаѓање, коешто не може да биде тукутака случајно, затоа што селаните во Рашче и оние околу езерото имаат слаби врски и меѓусебни односи[4].

Историја и искористување[уреди | уреди извор]

Значајна карактеристика на ова езеро е таа што постојат сигурни извори дека ова езеро во минатото било двојно поголемо, и дека неговата површина се намалила со таложењето на наносите. Наталожената површина е долга 248 м и зафаќа површина од 57.000 м². Постои можност езерото со помош на човечка рака да се наполни и да се зголеми неговиот волумен[6].

Жителите на селото Раковец ја користат водата за наводнување. Имено тие имаат ископано истек, па со долги бразди ја носат водата до нивите.

Постои голема можност на ова езеро да се развие туризмот. Чистата недопрена природа, големината на езерото, бројните водопади и лесната пристапност овозможуваат развој на еко туризмот во секој поглед.

Во селото Боговиње функционира еколошко друштво со истото име.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Rista Nikolić: "Glacijacija Šar Planine i Koraba“, Beograd, 1912 godina
  2. Македонска Енциклопедија: Боговинско Езеро стр. 175, МАНУ, Скопје, 2009 година.
  3. Живко Стефановски, Напредок Тетово, Шар Планина, стр 54-56
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 4,9 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 39. ISBN 978-608-245-113-8. 
  5. Душан Кривокапиќ: „Шар-Планина“, издание на „Туристичка Штампа“, Белград, 1969 година
  6. Кузман Најденоски: „Тетово во минатото“, издание од 1964 година. Печатница „Напредок“ Тетово