Крива Река

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Крива Река
Kriva Reka river flowing through Kriva palanka.JPG
Крива Река во Крива Паланка
ЗемјаМакедонија Македонија
Слив
Главен извор1.880
УстиеПчиња
Гол. на сливот985
Физички особености
Должина75 км

Крива Река е најдолга (75 км), а по површина на сливот (1002 км2) најголема притока на реката Пчиња. Извира на Осоговските Планини, северно од Царев Врв (2085 m), на надморска височина од 1932 m, а во Пчиња се влива кај Клечовце, на надморска височина од 294 m. Од изворишниот дел до вливот на Киселичка Река (на 18 km од изворот), Крива Река првин тече кон север и северозапад, а потоа нагло го менува правецот и продолжува да тече кон југозапад.

Речна долина[уреди | уреди извор]

Долината на Крива Река е композитна, при што се сменуваат неколку клисурски делови (Жидиловско-Паланечка, Псачка, Маркова, Вакуфска Клисура) со ерозивни проширувања (Уземско, Трновечко, Средоречко) и котлини (Славишка, Кумановска). До село Опила, долината на Крива Река претежно е всечена во кристалести карпи (гнајсеви, микашисти, хлоритски, мусковитски шкрилци), а низводно до село Бељаковце главно е всечена низ терцијарни вулканити: андезити, игнимбрити, туфови, бречи и др. Од село Бељаковце до самиот влив во Пчиња, долината на Крива Река е всечена во еоцени (марински) седименти: песочници и плочести варовници.

Речен слив[уреди | уреди извор]

Сливот на Крива Река има неправилна правоаголна форма и зафаќа површина од 1002 км2. Се протега во доминантен правец исток-североисток запад-југозапад, при што минималната должина на сливот (од врвот Руен, 2252 m) до вливот на Крива Река во Пчиња (294 m), изнесува 55 km, а максималната должина (по водотекот), изнесува 79 km. Сливот на Крива Река се одликува со мала пошуменост, особено во западните (палеовулкански) делови, како и на јужните падини на Герман и Билино. Обесшуменоста на сливот условува значително површинско истекување за време на врнежи, поради што најголем дел од водотеците имаат пороен карактер и доста променлив протек во годината. За да се подобри состојбата и да се намали ерозивноста, во втората половина на 20 век се вршени пошумувања, но на релативно мала површина и без соодветна динамика. Затоа, добиените резултати битно не се одразуваат врз современата состојба.

Хидрографска мрежа[уреди | уреди извор]

Крива Река има развиена хидрографска мрежа, која ја чинат над 600 постојани, периодични и повремени водотеци со вкупна должина од околу 1400 km. Од тој број, 14 водотеци се подолги од 10 km, а од нив 11 се директни притоки на Крива Река и тоа: Киселичка Река, Габерска Река, Рашка Река, Ранковечка, Ветуничка Река, Дрзава (или Руѓинска Држава) и Живуша, кои се десни притоки и Дурачка Река, Кратовска Река, Повишница и Врлеј кои се леви притоки.

Галерија[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  • Квалитет на површинските води во сливот на Крива Река“ Димитровска О., Милевски И. — Билтен за Физичка географија, Скопје, 2005