Беловишки Водопади

Од Википедија — слободната енциклопедија
Беловишки Водопади
Големиот водопад
МестоБеловишка Река, Општина Јегуновце
Виднуркање, пливање, капење
Највисок слап14 м

Беловишки Водопади (на месниот дијалект: Белојшки Водопади) — живописен предел со водопади во Општина Јегуновце[1].

Природни особини[уреди | уреди извор]

Три водопади на Беловишка Река извираат од утробата на Пирибег, претпоследниот врв на долгата Шар Планина во нејзиниот западен дел. Пенливите води ги формираат трите водопади — Горна Скала, Долна Скала и Петочко Водиче. Третиот и најнискиот водопад месното население го нарекува уште и Враживир. Водите стрмоглаво се спуштаат по речиси непроодниот кањон до тетовското село Беловиште. Оваа ретка природна убавина може да се види на простор од два километра, во вкупна должина од 150 метри.

Овие дивини во кои погледот кон небото завршува во испреплетените гранки на огромните дрва, стрмнината по која двата километра до најдалечниот водопад се совладуваат дури со три часа напорен од, љубоморно ги криеле жителите на Беловиште, но и на соседните Вратница, Рогачево, Старо Село и Одри. Планинарите се први кои пред 15 години почнаа да ја освојуваат оваа област и веќе обележаа патека, поставувајќи белези по дрвата од десната страна на Беловишка Река.

Мештаните велат дека целиот тој простор, до врвовите на Шара е богат со дивеч - мечки, лисици, волци, дивокози, срни, но и со вистински ендемски растенија, на кои намерникот наидува напролет, кога природата почнува да се буди. Во сите периоди од годината, студената Беловишка Река е обилна со вода, но во исто време и чиста за пиење, иако ни тврдеа дека најголема е во период кога се топат снеговите на Пирибег и околината. Тогаш и трите водопади, чија должина досега никој не ја измерил, се најдолги и најубави, а кршењето на водата прави вистински спектар на бои. Тие три водопади упатените тврдат дека се втори по должина на Балканот.

Долна и Горна Скала се доживуваат со поглед оддалеку, дури на стотина метри. Петочко Водиче е на дофат на Беловиште, на само еден километар над селото и до него води оформен поплочен пат. Враживир не е само водопад, каде што по карпестиот дел водата прави скок од приближно петнаесет метри, туку место кој сè повеќе личи на туристичко место.

Патот води покрај селската црква „Св. Богородица“ и за возила завршува на пристапот, каде што посетителот го пречекува оформен простор со уреден базен, црковна трпезарија. Беловишка Река се преминува преку пешачко железно мовче кое води до две цркви „Св. Петка“ и „Св. Јован Крстител“. Сиот овој дел кој зафаќа простор од околу пет хектари го нарекуваат Петочко Водиче. Овде од корените на дрвјата излегуваат многу извори, но еден е не толку голем и насочен кон црквата „Св. Петка“, а велат дека бил лековит, особено за очи. Со децении доаѓале луѓе од многу места што имале проблеми со видот, а жители на Беловиште ќе речат дека „многумина се излекувале“. За овој извор се поврзува и градбата на црквичето.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Водопадите се сместени во село Беловиште, Општина Јегуновце. Иако долго време не била пропагирана нивната атрактивност, тие денес се достапни за вљубениците во природата и за туристите. До водопадите се изградени пешачки патеки кои ги сечат рекичките со малечки мовчиња, патокази, дрвени колиби и клупи за посетителите.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределска разновидност): Национална стратегија за заштита на природата. Скопје, 2016, стр. 157.