Дуњска Река
Дуњска Река | |
---|---|
Местоположба | |
Физички особености | |
Устие | Црна Река |
• надм. вис. | 345 м |
Должина | 19 км |
Особености на сливот |
Дуњска Река (позната и како Лисичка Река) — река во Македонија која тече низ областа Мариово и претставува лева притока во Црна Река во која се влева недалеку од познатиот Расимбегов Мост во Скочивирската Клисура.[1] Устието во Црна Река е во месноста Градок на височина од 345 метри.[2]
Течение
[уреди | уреди извор]Изворот на Дуњската Река се наоѓа на апсолутна височина од 1440 метри во највисоките делови на Дрен Планина[1]. Всушност, неа ја сочинуваат повеќе водотеци кои се формираат под највисоките делови на Дрен Планина, имено Кокренска Река, Дуњска Река, Вепрчанска Река и други со поголем број свои помали притоки[1]. Под селото Дуње тие се спојуваат во еден водотек кој при вливот во Црна Река кај месноста Градок, го носи името Дуњска или Лисичка Река[1]. Речиси целиот слив на овој водотек е формиран на оголен терен, додека и ова речно корито нема изразити клисурски делници, какви што се среќаваат кај десните притоки на Црна Река[1]. Дуњска Река е првата лева (само една од двете леви притоки на Црна во Мариово) и воопшто петтата притока која ја прима Црна во Мариово.
Именување
[уреди | уреди извор]Оваа река е позната под две имиња. Имено од својот извор по течението сè до под селото Дуње е позната само под името Дуњска Река, а имено по влевањето на Вепрчанска Река овој водотек се именува и како Лисичка Река[1]. Името Дуњска Река доаѓа поради фактот што таа протекува низ селото Дуње, додека потеклото на името Лисичка Река не е целосно познато и можно е да доаѓа од име на месност или некогашно раселено село Лисиче, Лисец или Лисичани или пак од фактот што во овој предел сè до денес има големо и често присуство на лисици.
Хидрографски и водостопански одлики
[уреди | уреди извор]Изворот на Дуњска Река се наоѓа на апсолутна височина од 1440 метри, а вливот во Црна Река кој се наоѓа во месноста Градок, е на кота од 345 метри[1]. Должината на водотекот е 19 километри, а дренира односно ги собира водите од сливна поршина од 137 км2 со средна височина од 880 метри[1]. Падот во надолжниот профил кај Дуњска Река е неизедначен, односно сè уште го следи првичниот релјеф[1]. Така, во најгорниот дел (1440-900 м) тој изнесува 186,2 % и се намалува до делницата со висинска разлика од 760 до 660 метри височина, каде изнесува 33,3%[1]. Меѓутоа, наследната делница тој се сголемува на 47,7%, за веднаш по неа (570-500 м) на должина од 3,1 км тој да има најмала вредност од само 22,6%[1]. Интересно е дека кај овој водотек на последната делница (400-345 м) падот во надолжниот профил е меѓу најмалите притоките на Црна во Мариово (25,0%) и наедно е помал од патот на претходната делница, што е единствен случај меѓу реките во целата мариовска област[1]. Вкупниот пад на водотекот изнесувам 1085 метри, а релативниот 57,6%[1]. Водостојот на реката особено се зголемува во врнежливите периоди на пролетта и есента и топењето на снеговите, додека кон крајот на пролетта и летото таа значително многу го намалува своето ниво. Како и повеќето реки во Мариово, поради слабата населеност на пределот, Дуњска Река се одликува со чиста и бистра вода, која што најчесто се користи за напојување на стоката и наводнување на посевите по нивите и градините во селото Дуње.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 Гашевски, Миливој (1984). Хидрографски особености на Мариово (Мариово - комплексни географски проучувања. изд.). Скопје: Географски факултет. стр. 119.
- ↑ „Риболовна основа за риболовна вода „Слив на Црна Река" за период 2011-2016“ (PDF). Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија. Скопје: Влада на Република Македонија. 2011. Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-04-12. Посетено на 7 декември 2015.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Дуњска Река на Ризницата ?