Локув

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Локув
Ezero-Lokuv-MK.JPG
Координати: 41°31'08 с.г.ш. 20°38'00 и.г.д
Површина: 4000 м2
Должина: 96,6 м
Ширина: 75 м

Обем:

292 м
Длабочина: 2,26 м
Надморска висина: 1.566[1] м
Планина: Дешат

Локув е ледничко езеро и е едно од петте езера на планината Дешат. Тоа преставува најниското глацијално езеро во Македонија. Се наоѓа на 1.565 метри надморска висина во близина на селото Требиште.

Местоположба и име[уреди | уреди извор]

Езерото Локув е сместено во густа букова листопадна шума, која го опколува од сите страни во подгорието на планината Дешат. Поточно, езерото е сместено во дното на една вдлабнатина во подгорието на планината над селата Битуше и Требиште. Ногвата потесна пристапност е релативно потешка бидејќи од 1160 м.н.в. до 1200 м.н.в. во должина од 1 км е пробиен макадамски шумски пат прооден само за теренски возила, а од споменатата височина (извор Влог) до езерото водат две коњки патеки кои повторно се соединуваат кај месноста Салева Ливада на 1440 м.н.в.[2]. До него се стигнува по делумно (послабо) обележана пешачка патека од селото Требиште (40 мин) или од игралиштето кај караулата над Битуше (1 час и 10 мин), од кои и двете водат низ густа букова и дабова шума, а втората и низ високи папрати. Името Локув потекнува од истоименото растение кое расте во изобилство во околината на езерото, а исто така со помала веројатност може да се претпостави дека тоа потекнува и од зборот локва.

Хидрографски одлики[уреди | уреди извор]

Езерото Локув

Одликите на почвата и теренот на кој се наоѓа езерото укажуваат дека тоа најверојатно нема ледничко (глацијално) потекло, туку дека е од природно тектонско потекло. Имено, езерото Локув е опкружено со густа букова шума која изобилува со силни и студени извори на вода, кои избиваат и се слеваат во дното на вдлабнатината кое е обраснато со мочурлива трева и мека блатна почва. Ваквите одлики и отсуството на карпест и каменести релјефни форми (циркови) укажуваат дека на ова место можеби немало остатоци од ледници (глечери) од кои би настанало езерото, односно дека езерото е всушност собирна точка на водите од шумскиот појас на подгорието на Дешат. Од ледничко потекло се блиските и бројни помали езерца на билото на Дешат, над Локув. Сепак, македонскиот истражувач на планинските езера Драган Василески, утврдил дека по своето потеко езерото Локув е постглацијално езеро кое што настанало во преиздлабениот дел на некогашниот цирк, односно се создало по топењето на снежно ледената маса во времето на плеистоценот или поточно во првиот вирмски глаицјал[3]. Од времето на дилувиумот до денес како последица на делувањето на надворешните физичко-географски чинители, езерото претрпело одредени промени, па така од првобитната површина од 12,500 м² (1,25 ха) се намалило за околу 8,500 м², на денешните 4,000 м² водена површина или 5,200 м² површина на езерскиот басен заедно со островот во него[4]. Најголемата должина на езерото Локув измерена по оската на протегање во правец југозапад-североисток изнесува 96,6 метри, додека најголемата широчина изнесува 75 метри[5]. Вкупната должина на езерската кинија на езерото Локув изнесува 292 метри. Најголемата длабочина изнесува 2,26 метри и е измерена во средишниот дел, додека најмалата длабочина изнесува само 1,6 метри, а просечната длабочина изнесува 1,70 метри[6]. Водата од езерото Локув се одликува со темна д отемнокафеава нијанса, која се појавува како последица на темното дно по кое има наталожено дебел слој на органсма материја и тресетна маса[7]. Проѕирноста на езерската вода поради малата длабочина е утврдена до самото езерско дно[8]. Во текот на зимата езерската вода замрзнува по целата површина.

Туризам[уреди | уреди извор]

Глетка од езерото Локув

Имајќи ја поволната местоположба, тоа претставува една вистинска туристичка атракција.[9] Во негова близина има поставено неколку клупи за одмор, бачило, чешма со природна ладна вода за пиење и сл. До локалитетот се стигнува со пешачење во должина од 8 километри низ планина со обележани планинарски патеки. Има услови за тргнување од две локации и тоа од с. Битуше кај поранешната караула и с. Требиште. Постои можност да се изнајмат и коњи, а патеката е средно тешка и скоро преку целиот нејзин тек е прекриена со убава шума и ладовини. Патеката изобилува и со видиковци од кои убаво се гледа кањонот на реката Радика, манастирот св. Јован Бигорски и други пејсажи. Во ова езеро опстануваат неколку интересни форми на живот од кои најпознат е “Тритонот„, водоземец кој наликува на риба и жаба. Во близина на езерото е лоцирано и едно бачило во кое може да се проба тазе сирење попознато како Требишко сирење, и други млечни производи од ова поднебје. Водата во езерото за време на летниот период е доста топла а оние туристи кои го посетуваат местото имаат можност да уживаат во водите на една ретка планинска плажа. Околу езерото има идеални места за излет, кампување и одмор во планина. Во близина на езерото на околу 30 до 40 минути пешачење можат да се посетат и неколкуте “планински очи„ (езерца со чиста бистра вода распослани на падините на планината). Исто така на овие места можат да се соберат голем број на чаеви и други растенија кои можат да се употребат за подготвување на природни лекови а како најпознато растение кое има совршен природен вкус и го има во големи количини е и боровинката. Доколку се тргне од патеката од с. Битуше, може да се посети и првата партизанска печатница во центарот на селото.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Езерото Локув - нова туристичка атракција
  2. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 22
  3. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 23
  4. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 26
  5. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 26-27
  6. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 27
  7. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 39
  8. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 39
  9. За езерото Локув и планината Дешат

Надворешни врски[уреди | уреди извор]