Драган Василески

Од Википедија — слободната енциклопедија
Драган Василески
Роден 23 април 1954
Горно Добреноец, НР Македонија, ФНРЈ
Починал 28 ноември 2011(2011-11-28) (возр. 57)
Скопје, Македонија
Занимање професор и хидролог

Драган Василески (Горно Добреноец, Кичевско, 23 април 1954 - Скопје, 28 ноември 2011) ― виден македонски географски истражувач, научник и универзитетски професор. Бил сметан за еден од најеминентните хидролози на Балканот.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Ран живот и образование[уреди | уреди извор]

Василески бил роден на 23 април 1954 година во кичевското село Горно Добреноец. Основното образование го завршил во ОУ „Слобода“ во селото Другово, а средното училиште во гимназијата „Мирко Милески” во Кичево во учебната 1975/76 година. По завршувањето на средното училиште, се запишал на студии на Географскиот факултет во Скопје и истите ги завршува во учебната 1978/79 г. Магистрирал во април 1987, а докторската дисертација под насловот „Радика – хидрографско хидролошка студија“ ја одбранил во април 1991 година.[2]

Кариера[уреди | уреди извор]

Соодветно на научното усовршување се одвивало и универзитетското наставно унапредување, така што непосредно по дипломирањето во 1980 година, Василески се вработил како помлад асистент на Географскиот факултет во Скопје, во 1987 година е избран за асистент на факултетот, во 1992 година во доцент, во 1997 во вонреден професор и во 2002 година е избран во највисокото наставно научно звање редовен професор по група предмети од областа на хидрологијата и сродни дисциплини на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. На таа положба останал сè до својата смрт, односно до 28 ноември 2011. Професорот Василески бил ментор и член на комисии за поголем број на магистерски тези и докторски дисертации. Имал доста богата општествена активност. Активно бил вклучен во органите и телата на разни установи. Бил шеф на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, бил член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, член на одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, продекан за финансии на Природно-математичкиот факултет и други функции и задолженија. Од посебно значење се и активностите во уредувачките одбори на списанијата Географски разгледи (издание на Македонското географско друштво) и Годишниот зборник на Институтот за географија. Како активен член на Македонското географско друштво го има добиено највисокото признание Плакета на заслужни географи од Македонско географско друштво.[2]

Трудови[уреди | уреди извор]

Бил носител и остварувач на 11 научни проекти. Објавил 45 научни трудови во разни списанија и зборници од конгреси и симпозиуми, седум поединечни научни монографии[2] меѓу кои „Колешинскиот Слап“, „Планинските езера на Дешат“, „Планинските езера на Јабланица“, „Планинските езера на Пелистер“, „Водопадите на Ростушка Река и реката Битушница“, „Билјанин Слап“ (на Тресонечка Река) и „Смоларскиот Водопад“. бил и соавтор на средношколки учебници и помагала и друго.


Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „КРАТКА БИОГРАФИЈА: ДРАГАН ВАСИЛЕСКИ“. Институт за географија. Посетено на 2012-03-17.
  2. 2,0 2,1 2,2 Маркоски, Благоја (2019). Македонската географска мисла по повод 70 години Македонско географско друштво. Скопје: Македонско географско друштво. стр. 44. ISBN 978-608-65155-5-3. line feed character во |title= во положба 60 (help); |access-date= бара |url= (help)