Никола Димитров (професор)
Доц. д-р Никола Димитров е продекан[1] на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Роден е на 28 ноември 1958 година во Битола. Основно, средно и вишо образование (Педагошка академија, група Историја-географија) завршил во Битола. Високо образование завршил во 1984 година на ПМФ - Географски факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1992 година на истиот Факултет ги завршил магистерските студии по просторно планирање, со темата: „Промени во морфо-урбаната структура на град Битола“. Во 2001 година, со темата: „Демогеографска анализа на миграционите процеси во југозападниот дел на Република Македонија“, докторирал на Институтот за географија при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекнал со титула доктор на географски науки.
Од 1987 до 1994 година работи како наставник-професор по географија и историја во Цапари, Буково и Битола. Од 1994 до 2002 година работи како професор по географија во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола. Од 2002 година до октомври 2008 работи бил советник за географија во Бирото за развој на образованието на Република Македонија, Подрачна единица - Битола, орган на Министерството за образование и наука на РМ. Од ноември 2008 година е избран за професор-доцент[2] на Факултетот за туризам и бизнис логистика во Гевгелија, а во 2009 година и за предавач на Факултетот за природни и технички науки, Катедра за географија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Од почетокот на 2009 година е избран за продекан на Факултетот за туризам и бизнис логистика.
Покрај наставната дејност, активен е и во научноистражувачката работа. Објавил над деведесет научни и стручни трудови и пет книги („Педесет години настава на македонски јазик во Цапари и Цапарско“, 1995 г.; „Урбано-географски развој на Битола“, 1998 г.; „Велмевци – предци и наследници“, 2009 г.; „Битолски регион – население и населби“, 2009 г. и „Теренска настава – прирачник по географија“, 2011 г.). Во подготовка се уште две книги и три учебника од областа на географијата, туризмот и демографија.
Напоредно со географијата негова потесна специјалност се: демографија, демогеографија, методика во наставата по географија, просторно планирање, туризам, регионален и рурален развој.
Учествувал во повеќе проекти. Членува во: Македонското научно друштво – Битола (од 1992 година), во Македонското географско друштво – Скопје, Регионално географско друштво (претседател), „Геосфера“ – Битола, Астрономското друштво „Битола“ – Битола, Здружение на граѓани за унапредување на демографскиот развој – Скопје, претседателството на Народна техника – Битола, членува и во други друштва, здруженија и невладини организации[3].
Бил организатор и активен учесник на петнаесетина научни симпозиуми, собири, конгреси и трибини. Член е на редакција на неколку списанија, рецензирал повеќе стручни книги и трудови. Во Македонското научно друштво – Битола (претходно ДНУБ), во два мандати, бил секретар на Одделението за историски и географски науки, исто така во два мандати бил член на Управниот одбор, бил технички уредник на списанието „Прилози“, а од 2008 година е претседател на Уредувачниот совет и главен и одговорен уредник на Редакцискиот одбор при МНД-Битола.
За својата досегашна работа е добитник на повеќе признанија, дипломи, плакети и благодарници, добиени од страна на Друштвото и од други институции, а во 1999 година е добитник на групна награда „4 Ноември“ во Битола.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Официјално мрежно место на Факултет за туризам и биснис логистика - „За факултетот"“. Архивирано од изворникот на 2013-05-22. Посетено на 2013-04-29.
- ↑ „Официјално мрежно место на Факултет за туризам и биснис логистика - „Наставници"“. Архивирано од изворникот на 2013-12-13. Посетено на 2013-04-29.
- ↑ Репозиториум на УГД - „Димитров Никола“