Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
| Вид | државен |
|---|---|
| Основан | 24 април 1949 |
| Ректор | Проф, д-р Билјана Ангелова |
| Студенти | 36.700 |
| Место | Скопје, Македонија |
| Припадност | Мрежа на универзитети на ЈИЕ |
| www.ukim.edu.mk | |
![]() | |
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) — најстар и најголем универзитет на македонски јазик со седиште во Скопје. Формиран е на 24 април 1949 година со три факултети, а денес претставува заедница на 23 факултети, 9 научни институти (5 составни и 4 кои соработуваат со универзитетот) и 8 други институции. За прв ректор е избран Кирил Миљовски[1], а сегашен ректор е Билјана Ангелова.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Почетоци на високото образование (1945–1949)
[уреди | уреди извор]Основањето на Универзитетот во Скопје било поврзано со развојот на образовните и научните установи во Народна Република Македонија по завршувањето на Втората светска војна. Создавањето на македонската федерална единица во рамките на Демократска Федеративна Југославија, како и прогласувањето на македонскиот јазик за службен во 1944 година, овозможиле постепено организирање на образовен систем со настава на македонски јазик. Една од главните задачи на новите републички власти била создавањето домашен наставен, научен и стручен кадар, потребен за развојот на образованието, здравството, стопанството и јавната администрација.[3]

Првата високообразовна установа во повоена Македонија бил Филозофскиот факултет, основан во 1946 година. Наставата започнала на 16 декември истата година, со два оддела: Историско-филолошки и Природно-математички. На факултетот се образувале идните наставници и стручњаци од областа на хуманистичките и природно-математичките науки, а наставата се изведувала на македонски јазик. Во учебната 1946/1947 година студиите ги започнале 548 студенти, а почетниот наставен кадар се состоел од 21 наставник и тројца асистенти.[3]
Во 1947 година биле основани уште два факултета. Медицинскиот факултет бил отворен на 17 март, а редовната настава започнала на 3 ноември истата година, со 153 студенти. Набргу биле формирани и првите медицински институти, меѓу кои институтите за анатомија, хистологија, патологија и фармакологија. Неговото основање имало особено значење за образованието на лекарски кадар и развојот на здравствените установи во Македонија.[3] Земјоделско-шумарскиот факултет бил основан со решение од 29 мај 1947 година. Наставата започнала во ноември, а факултетот бил регистриран на 16 декември истата година. Првично бил организиран со два оддела — земјоделски и шумарски — чија задача била подготовката на стручни кадри за земјоделството и шумарството. Во учебната 1947/1948 година на трите факултети имало вкупно 907 студенти.[3] Со создавањето на овие факултети биле поставени основите за нивно обединување во единствена универзитетска установа.
Основање на Универзитетот (1949)
[уреди | уреди извор]На 26 јануари 1949 година Народното собрание на Народна Република Македонија го донело Законот за Универзитетот во Скопје, со кој биле поставени правните основи за создавање на првиот универзитет во повоена Македонија. Според законот, Универзитетот бил определен како највисока научна, просветна и воспитно-образовна установа во републиката. Биле утврдени и неговите основни органи на управување: Универзитетското собрание, Универзитетскиот совет и ректорот.[3]
На 24 април 1949 година, во зградата на Народниот театар во Скопје, било одржано првото Универзитетско собрание, на кое Универзитетот бил конституиран со три факултети: Филозофскиот, Медицинскиот и Земјоделско-шумарскиот. За прв ректор бил избран Кирил Миљовски, редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет, кој ја извршувал функцијата до академската 1953/1954 година.[3][4] Основната дејност на новоформираниот Универзитет била насочена кон организирање на високото образование, развивање научноистражувачка работа и подготовка на стручњаци за потребите на републиката. Покрај наставата, универзитетските единици постепено започнале со формирање библиотеки, катедри, семинари и лаборатории. Првите наставнички кадри биле составени од професори школувани на југословенските и европските универзитети, како и од искусни средношколски професори.[3]
Во академската 1949/1950 година на Универзитетот студирале 1.922 студенти, од кои 1.308 мажи и 614 жени. Во наредните години нивниот број брзо се зголемувал, достигнувајќи 2.408 студенти во 1950/1951 и 3.265 во 1951/1952 година.[3] Истата година кога бил основан Универзитетот, започнал со работа и Техничкиот факултет, првично со градежен и архитектонски оддел. Првите предавања по градежништво биле одржани на 6 октомври 1949 година. Со тоа биле поставени основите на универзитетското образование од областа на градежништвото и архитектурата во Македонија.[5]
Развој и проширување (1950–1963)
[уреди | уреди извор]Во текот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите години Универзитетот во Скопје се развивал паралелно со индустријализацијата, урбанизацијата и проширувањето на јавните служби во Народна Република Македонија. Зголемените потреби од високообразовани кадри довеле до отворање нови факултети и студиски групи, како и до постепено издвојување на одделни наставни единици во самостојни установи.
Во 1950 година бил основан Економскиот факултет, додека на 3 ноември 1951 година бил основан Правно-економскиот факултет. Од неговиот правен оддел во 1956 година се развил самостојниот Правен факултет, кој започнал со самостојна работа на 1 јули истата година.[6] Постепено се проширувал и Техничкиот факултет. Покрај првичните градежни и архитектонски студии, биле воведени наставни оддели од областа на машинството, електротехниката и технолошко-металуршките науки. Во 1965 година Техничкиот факултет бил реорганизиран со издвојување на неговите оддели во посебни факултети, со што биле создадени услови за натамошна специјализација на техничкото образование.[5]
Заедно со проширувањето на наставната дејност се развивала и научноистражувачката работа. Се оформувале нови катедри, библиотеки и лаборатории, а универзитетските наставници и соработници учествувале во истражувачки проекти, издавање научни публикации и подготовка на учебници. Универзитетот воспоставувал соработка и со други високообразовни установи во Југославија и во странство. Во овој период на ректорската функција се смениле повеќе истакнати универзитетски професори. По Кирил Миљоски, ректори биле Марин Каталиниќ (1953/1954–1955/1956), Михаил Петрушевски (1956/1957–1957/1958) и Блаже Конески (1958/1959–1962/1963). Конески бил еден од основоположниците на современата македонска филологија и значајна личност во развојот на универзитетското образование на македонски јазик.[4]
Скопскиот земјотрес и обновата
[уреди | уреди извор]
Катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година претставувал голем пресврт во развојот на Универзитетот. Во земјотресот биле уништени или тешко оштетени повеќе негови објекти, меѓу кои и стариот универзитетски комплекс, сместен во централниот дел на градот, на десниот брег на Вардар, во близина на местото каде што денес се наоѓа хотелот „Холидеј ин“. Големи оштетувања претрпеле наставните простории, лабораториите и универзитетската инфраструктура.[7]
Земјотресот ја наметнал потребата од обнова на универзитетските капацитети и создавање нови просторни услови за наставата и научноистражувачката работа. Обновата на Универзитетот била дел од поширокиот процес на реконструкција на Скопје, во кој учествувале домашни институции и меѓународни организации, вклучувајќи ги Обединетите нации и УНЕСКО.
Една од најзначајните последици на земјотресот за научниот развој на Универзитетот било основањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Институтот бил основан на 27 мај 1965 година, првично под името Институт за општа и инженерска сеизмологија, по препораки на домашни и меѓународни стручњаци. Неговата основна задача била организирање научни истражувања, образование на стручни кадри и обезбедување техничка помош при реконструкцијата и сеизмичката заштита на Скопје.[8] Во наредните години Институтот се развил во специјализирана научноистражувачка установа, а неговите истражувања придонеле за развојот на современото земјотресно инженерство во Македонија.

По земјотресот било одлучено да се изгради нов универзитетски комплекс на левиот брег на Вардар, во близина на Старата скопска чаршија. Проектот бил дел од обновата и модернизацијата на Скопје, која предвидувала создавање нови јавни, образовни и културни објекти.
Во 1967 година бил организиран архитектонски конкурс за новиот универзитетски комплекс. На конкурсот биле доставени тринаесет проектни решенија, а првата награда ја освоил тимот предводен од словенечкиот архитект Марко Мушич. Во проектантскиот тим учествувале и Мета Хочевар, Јернеј Крајгер, Борут Бучар, Марјан Мушич и Катја Репич.[7] Архитектонското решение било изработено во духот на повоениот модернизам, со изразени бетонски конструкции, монументални геометриски форми и скулптурално обликувани фасади. Комплексот бил проектиран како целина составена од повеќе меѓусебно поврзани објекти, со простори за универзитетската администрација и наставата. Неговата архитектура се вбројува меѓу позначајните остварувања на модернистичката архитектура во Скопје по 1963 година. По подготвителните работи, изградбата започнала во октомври 1970 година, во изведба на скопското претпријатие „Македонија-проект“. Првично било предвидено градежните работи да завршат за околу две години, но реализацијата се одолжила. Поради финансиски ограничувања, дел од предвидените објекти и содржини, меѓу кои спортски простории и затворен базен, не биле изградени.[7]
Новиот универзитетски комплекс бил свечено отворен на 7 јуни 1974 година, додека наставата во него започнала во февруари 1975 година. Комплексот, во кој се сместени Ректоратот и дел од факултетите, станал едно од препознатливите архитектонски обележја на главниот град.[7]
Организациски развој (1969–1991)
[уреди | уреди извор]Во април 1969 година, со одлука на Универзитетскиот совет, Универзитетот во Скопје го добил името Универзитет „Кирил и Методиј“, во чест на словенските просветители Кирил и Методиј. Промената на името била поврзана со нивното историско значење за развојот на словенската писменост и култура.[9]
Во текот на 1970-тите и 1980-тите години продолжило проширувањето на Универзитетот и специјализацијата на неговите факултети. Во 1975 година Земјоделско-шумарскиот факултет бил реорганизиран во два самостојни факултета — Земјоделски и Шумарски. Следната година Шумарскиот факултет бил обединет со Шумарскиот институт, со што се создале подобри услови за поврзување на наставната и научноистражувачката работа.[10] Развојот на Универзитетот бил проследен и со создавање нови форми на академско информирање и организирање. Во јануари 1976 година бил издаден првиот број на „Универзитетски весник“, официјално гласило на Универзитетот. Во воведниот текст, објавен под насловот „Зошто излегуваме?“, тогашниот ректор Димитар Митрев ја образложил потребата од редовно информирање за работата на високошколските установи. Весникот станал значаен извор за следење на наставниот, научниот и општествениот живот на Универзитетот.[11]
Во овој период се проширувале студиските програми, се развивале постдипломските студии и се зајакнувала соработката со универзитетите и научните установи во Југославија и во странство. Универзитетот имал значајна улога во образованието на стручни кадри за републичките институции, индустријата, здравството, образованието и културата.
Развој по независноста на Македонија
[уреди | уреди извор]По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, Универзитетот продолжил да дејствува како државна високообразовна и научна установа. Новите политички, економски и општествени околности довеле до промени во неговата организација, финансирањето и наставните програми.
Во ноември 1992 година, со нова одлука на универзитетските органи, установата го добила денешното име Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.[9] Во текот на 1990-тите години продолжиле организациските промени во рамките на Универзитетот, како и прилагодувањето на наставната и научноистражувачката дејност кон новите општествени и стопански потреби. Постепено биле осовременувани студиските програми и воспоставувани нови облици на меѓународна соработка.
Во почетокот на XXI век Универзитетот започнал процес на усогласување на високото образование со европските академски стандарди, особено во рамките на Болоњскиот процес. Реформите опфаќале воведување на Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС), осовременување на студиските програми и развивање на системот на три циклуси на студии: додипломски, магистерски и докторски. Паралелно со образовните реформи, Универзитетот ја проширувал меѓународната соработка преку учество во научноистражувачки проекти, академски размени и европски програми за мобилност. Развојот на информатичките технологии придонел и за постепена дигитализација на дел од административните, наставните и библиотечните услуги.
Со натамошниот развој на високообразовниот систем и основањето на нови државни и приватни универзитети, УКИМ останал најстарата државна универзитетска установа во земјата. Според официјалните податоци, Универзитетот опфаќа 23 факултети и пет научни институти, како и повеќе придружни установи и организации. Неговата наставна и научноистражувачка дејност ги опфаќа природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските, биотехничките, општествените и хуманистичките науки, како и уметностите.[12]
Состав на универзитетот
[уреди | уреди извор]| Ранг на универзитетот | |
|---|---|
| Глобално рангирање | |
| THE World[13] | 1501+ (2024) |
| USNWR Global[14] | =1 291 (2023) |
| Регионално рангирање | |
| QS Emerging Europe and Central Asia[15] | 159 (2022) |
Универзитетот е составен од 23 факултети, 5 составни институти и 4 јавни научни установи, 1 придружна членка како и 7 други организации кои соработуваат со универзитетот.
Факултети
[уреди | уреди извор]Денес во универзитетот постојат 23 факултети од сферата на природните, медицинските, техничките, општествените и биотехничките науки како и уметноста.
Природни науки
[уреди | уреди извор]Медицински науки
[уреди | уреди извор]Технички науки
[уреди | уреди извор]Општествени науки
[уреди | уреди извор]
Биотехнички науки
[уреди | уреди извор]Уметности
[уреди | уреди извор]Составни институти
[уреди | уреди извор]Придружни членки
[уреди | уреди извор]Јавни научни установи
[уреди | уреди извор]Други високообразовни институции
[уреди | уреди извор]Други организации
[уреди | уреди извор]Универзитетска библиотека
[уреди | уреди извор]
Академска библиотека на „Св. Кирил и Методиј“ е НУБ „Св. Климент Охридски“, која е воедно и национална библиотека на Македонија. Отворена е во 1920 година како библиотека на Филозофскиот факултет, а подоцна станала јавна Народна библиотека и библиотека на универзитетот во сегашната зграда.
Награди
[уреди | уреди извор]Во 2007 година Универзитетот „Кирил и Методиј“ е одликуван со Орден на Република Македонија за постигнатите исклучителни резултати во долгогодишната научна, наставна и апликативна дејност, давајќи значителен придонес за севкупниот развој и афирмација на Република Македонија како современа демократска држава во светот.
Дипломци
[уреди | уреди извор]- Борис Трајковски - Втор претседател на Република Македонија
- Бранко Црвенковски - Трет претседател на Република Македонија
- Зоран Јолевски - Македонски амбасадор во САД
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Ректори на УКИМ“. Архивирано од изворникот на 2020-05-14. Посетено на 2016-06-27.
- ↑ info@fakulteti.mk, Fakulteti mk-. „Биљана Ангелова ја презеде ректорската функција на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" - Скопје“. fakulteti.mk. Посетено на 2025-04-27.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 Симов, Владимир (2010). „Просветната политика во Народна Република Македонија (1944–1953)“ (PDF). Скопје: Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. стр. 46–60.
- 1 2 „Ректори на УКИМ“. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
- 1 2 „Историјат“. Градежен факултет — Скопје, УКИМ.
- ↑ „Мисија и историјат“. Правен факултет „Јустинијан Први“ — Скопје.
- 1 2 3 4 „Skopje's 1963 Quake: From Ruins to Modernist Resurrection“. Spomenik Database (англиски).
- ↑ „58 години од Скопскиот земјотрес“. Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
- 1 2 „Универзитети во Македонија“. Македонска енциклопедија. МАНУ. 2009.
- ↑ „Историјат“. Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.
- ↑ „Универзитетски весник“. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
- ↑ „Историски факти“. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
- ↑ „Saints Cyril and Methodius University in Skopje“. Times Higher Education (THE). 4 април 2024. Посетено на 4 април 2024.
- ↑ U.S. News. „Saints Cyril & Methodius University of Skopje“. Посетено на 9 април 2024.
- ↑ „QS World University Rankings-Emerging Europe & Central Asia“. Посетено на 15 January 2023.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Официјална страница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
- Студентски правобранител на УКИМ Архивирано на 28 октомври 2019 г.
| ||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||
|
