Другово

Координати: 41°29′3″N 20°55′23″E / 41.48417° СГШ; 20.92306° ИГД / 41.48417; 20.92306
Од Википедија — слободната енциклопедија
Другово

Поглед на селото

Другово во рамките на Македонија
Другово
Местоположба на Другово во Македонија
Другово на карта

Карта

Координати 41°29′3″N 20°55′23″E / 41.48417° СГШ; 20.92306° ИГД / 41.48417; 20.92306
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Копачка
Население 1.545 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6261
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12018
Надм. вис. 650 м
Другово на општинската карта

Атарот на Другово во рамките на општината
Другово на Ризницата

Другово — село во областа Копачка, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Охрид. До март 2013 година, селото било административно седиште на поранешната истоимена општина, која била припоена кон Општина Кичево.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Улица во селото Другово

Ова големо село се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, југозападно од самиот град Кичево, а на патот Кичево-Охрид.[2] Селото влегува во рурбалната зона на градот Кичево. Тоа е рамничарско, на надморска височина од 650 метри.[2]

Селото се наоѓа близу планинска падина на север и плодната котлина околу реката Треска на југ. Околни села се: Србјани, Пополжани, Долно Добреноец и други.[3]

Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Дремчишта, Оштри Врв, Гргул, Петро Село, Тана Ливада, Виништа, Горно Другово, Млаки, Курец и Краста. Месностите во котлинскиот дел на атарот на селото се следни: Гури, Имерица, Манчев Мост, Ридарско Поле, Каранѓулица, Буџаци и Палатишта.[3]

Селото има збиен тип, кое е издолжено од североисток кон југозапад.[3]

Другово се наоѓа во областа Долна Копачка, на левиот брег на Треска. Од Кичево селото е оддалечено само 1 километар.

Историја[уреди | уреди извор]

Споменик на Гоце Делчев пред основното училиште

Другово се смета за старо село во Кичевската Котлина. Најпрвин се наоѓало во месноста Горно Другово, кое е на планинска падина. Од денешното село оддалечено е околу 20 минути пеш. Во тоа село живееле христијански семејства, Македонци.[3]

На почетокот на XIX век, во Горно Другово се населил муслимански Арбанас, кој бил говедар, а потекнувал од Северна Албанија. Во селото се оженил со „каурка“. Потоа следувало доселување на уште шест семејства Арбанаси. По зголемувањето на муслиманските семејства, Македонците се иселиле од Горно Другово.[3]

Така, Горно Другово станало целосно арбанашко. Но, тие жители околу 1840 година се спуштиле на местото на денешното село. Во тоа село имало само 7 арбанашки куќи.[3]

Во месноста Горно Другово може да се сретнат чешма, остатоци од куќи, стари христијански и муслимански гробишта и стари овоштарници.[3]

Арбанасите во Другово, поради близината на градот Кичево, започнале да склопуваат бракови со тамошните Торбеши. Воедно, кај нив почнал да преовладува говорот на Торбешите.[3]

Во XIX век, Другово било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Првите Македонци се населиле во 1925 година. До почетокот на Втората светска војна имало седум македонски домаќинства. Земјата ја купиле од страна на иселените Торбеши.[3]

Поради вклученост на дел од Торбешите со балистите, во текот на НОБ во 1944 година, во селото биле стрелани 20 мажи.[3]

По војната, покрај иселувањето на Торбешите, во селото се случило нагло доселување на Македонци од поблиските и подалечните кичевски села.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 6,7 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 336,6 хектари, на пасиштата отпаѓаат 177 хектари, а на обработливото земјиште 117,5 хектари.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948537—    
1953615+14.5%
1961606−1.5%
1971944+55.8%
19811.291+36.8%
ГодинаНас.±%
19911.420+10.0%
19941.398−1.5%
20021.492+6.7%
20211.545+3.6%

Според податоците од 1873 година, селото имало 40 домаќинства со 105 жители муслимани (најверојатно Албанци).[4]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Другово имало 260 жители, сите Албанци.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Албанци и 50 Македонци.[6]

Поради близината на градот Кичево, селото бележи значителен пораст на бројот на населението. Во 1961 година, селото броело 606 жители, од кои 412 биле Македонци, 141 Турчин, 46 жители Албанци, додека во 1994 година бројот се зголемил на 1.398 жители, од кои 1.171 биле Македонци, 153 Турци и 81 Албанец.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Другово живееле 1.492 жители, од кои 1.250 Македонци, 108 Албанци, 128 Турци, 1 Ром, 2 Срби и 3 останати.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.545 жители, од кои 1.276 Македонци, 81 Албанец, 122 Турци, 2 Власи, 2 Срби, 2 останати и 60 лица без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 260 537 615 606 944 1.291 1.420 1.398 1.492 1.545
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови[уреди | уреди извор]

Другово е торбешко-македонско село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

  • Македонски муслимански родови во селото се: Мифтаровци (9 к.), Ајровци (4 к.), Елмазовци (3 к.), Мустафовци (3 к.), Зејновци (3 к.) и Велиовци (3 к.). Сите овие родови потекнуваат од предци доселени од северна Албанија. Кога дошле зборувале албански, но бидејќи се женеле со торбешки девојки од Кичево, брзо го напуштиле албанскиот јазик, и го прифатиле македонскиот јазик.
  • Македонски правослацвни христијански родови во селото се: во периодот од 1924 до 1941 година во селото се доселиле следните родови: Цветановци (3 к.), доселени се од селото Пополжани; Сарџовци (3 к.), доселени се од селото Лавчани; Тасевци (1 к.), доселени се од селото Подвис; Тасевци (1 к.), доселени се од селото Брждани. Во периодот од 1954 до 1961 година во селото се доселиле 78 домаќинства од селата Горно и Долно Добреноец (16 к.), Лавчани (15 к.) и Пополжани (7 к.). Останатите 40 домаќинства се доселени од селата Јаворец, Горна и Долна Душегубица, Кленоец, Турје (Дебрца), Брждани, Подвис, Козица и Јудово.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:

  • Арбанаси: Лан Калоши (77 к.), доселени од Дебар пред 150-200 години.
  • Македонци: Цветалковци (1 к.), доселени од селото Пополжани; Блажевци (1 к.), доселени од селото Јудово и Божиновци (1 к.), доселени се од селото Лавчани. Сите се доселени по 1912 година.[13]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Централното основно училиште „Христо Узунов“
Поглед на селото од патот Србјани-Манастирско Доленци

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото било седиште на некогашната Општина Другово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Другово, во која покрај селото Другово, се наоѓале и селата Горно Добреноец, Долно Добреноец, Јаворец, Лавчани, Манастирско Доленци, Подвис, Пополжани и Србјани. Општината Другово постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе биле вклучени селата: Другово, Манастирско Доленци, Пополжани и Србјани.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места бр. 0764 и 0765 според Државната изборна комисија. Двете се сместени во основното училиште.[14]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.348 гласачи.[15] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.328 гласачи.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.316 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед кон главната селска црква „Св. Недела“
Археолошки наоѓалишта[18]
Цркви[19]
Спомен-бисти
Џамии[19]
  • Џамија — новоизградена џамија од 2016 г.

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото има доста иселувања. Најпрвин се иселиле Македонците од тогашното Горно Другово. Потоа се иселиле Торбешите, чие иселување било зачестено во повоениот период. Сосем е иселен торбешкиот род Рамановци. Иселениците од Другово живеат во Адапазар и Истанбул во Турција. Само после Втората светска војна во Турција се иселиле 55 семејства.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 116. Посетено на 19 јануари 2019.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 79–81.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.90-91.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 256.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 јануари 2019.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Кичевија - Тома Смиљаниќ (1926) - Кичево“. Кичево. 2018-05-16. Посетено на 2018-11-25.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 19 јануари 2019.
  15. „Локални избори 2017“. Посетено на 19 јануари 2019.
  16. „Референдум 2018“. Посетено на 19 јануари 2019.[мртва врска]
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. Коцо, Димче (1996). Археолошка картаг на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  19. 19,0 19,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]