Јован Цвииќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јован Цвииќ
Јован Цвијић
Фотографија од Милан Јовановиќ (1911)
Роден(а)12 септември 1865(1865-09-12)
Лозница, Кнежевство Србија
Починал(а)16 јануари 1927(1927-01-16) (возр. 61)
Белград, Кралство на Србите, Хрватите и Словенците
ПочивалиштеНови гробишта, Белград
Националностсрпска
Полињагеографија, геологија, фолклор
ОбразованиеУниверзитет во Белград, Универзитет во Виена
Значајни студентиПавле Вујевиќ
Петар Јовановиќ
Потпис

Јован Цвииќ (српски: Јован Цвијић; Лозница, 11 октомври 1865Белград, 16 јануари 1927) – српски научник, основач на Српското географско друштво, претседател на Српската академија на науките и уметностите, професор и ректор на Белградскиот универзитет, почесен доктор на Универзитетот Сорбона и на Карловиот универзитет во Прага. Подеднакво се занимавал со општествана и физичка географија, геоморфологија, етнографија, геологија, антропологија и историја. Се смета за основоположник на српската географија.

Животопис[уреди | уреди извор]

Цвииќ како млад

Јован Цвииќ е роден на 11 октомври (29 септември по јулијанскиот календар во 1865 година во Лозница во семејството Цвииќ, гранката Спасојевиќ. Татко му се викал Тодор Цвииќ. По потекло бил Херцеговец, односно Црногорец од областа Стара Херцеговина, од племето Пива и се занимавал со трговија. Неговиот татко, односно дедо му на Јован, бил Живко Цвииќ, претседател на лозничкото собрание и познат мачвански обреновиќевец. Пошто бил на страната на т.н. „катани“ во време на Катанската буна противници на уставобранителите во 1844 година, казнет е со камшикување после успешната акција на Тома Вучиќ Перишиќ, после што умрел уште млад. Неговиот татко, прадедо му на Јован, Цвијо Спасојевиќ, бил родоначалник на Цвииќеви. Цвијо бил познат ајдучки арамбаша во тој дел на Стара Херцеговина. Цвијо се борел против Османлиите за време на Првото српско востание, а после неговото задушување, во 1813 година, се преселил во Лозница, каде крај црквата изградил куќа од херцеговски тип на два ката и отворил дуќан, почнувајќи трговска кариера на новооснованото семејство.

Татко му на Јован, Тодор (умрел во 1900 година), во почетокот и самиот се занимавал со трговија, но бидејќи тоа не му одело од рака, се вработил во општината како писар. Мајка му на Јован Марија (родена Аврамовиќ), била од угледно семејство од Коренита, село во областа Јадар, кое се наоѓало недалеку од манастирот Троноша и Тршиќ, родното село на Вук Караџиќ. Освен Јован, Тодор и Марија го имале синот Живко и три ќерки, Милева, омажена за Владимир, сарач, Нада, омажена за Драгутин Бабиќ окружен благајник, подоцна началник на министерството за финансии, и Сока.[1]

Цвииќ често говорел дека во детството на неговото духовно образование најмногу влијаела мајка му и воопшто мајчиното семејство, мирно, сталожено и домаќинско, додека за татко му и татковото семејство пишувал со доста помалку емоции. Сепак, Цвииќ во својот научно-истражувачки труд за народната психологија има пофални зборови за динарскиот етнички тип и карактер, на кој му припаѓал и неговиот татко.[2]

Образование[уреди | уреди извор]

Плоча на зградата во која живеел Јован Цвииќ, Белград

По основното училиште кое го завршил во Лозница, завршил нижа гимназија во Лозница (првите две години) и Шабац (трета и четврта година), а потоа се запишал во Првата белградска гимназија,[3] во генерацијата со Милорад Митровиќ, Михаило Петровиќ-Алас и други великани, за што е напишан роман и снимен ТВ-филмот „Шеширот на професорот Коста Вујиќ“.

Куќата во која живеел Јован Цвииќ

Во 1884 година, по завршувањето на гимназија, сакал да студира медицина, меѓутоа лозничката општина не била во можност да го стипендира неговото школување во странство. Тогаш Владимир Кариќ, неговиот професор од шабачката гимназија, му предложил да се запише на студии по географија на Големата школа во Белград. Цвииќ го послушал и истата година се запишал на Природно-математичкиот отсек на Големата школа во Белград. Овие студии ги завршил во 1888 година.

Споменик во дворот на куќата во која живеел Јован Цвииќ

Во текот на своето школување Цвииќ особено се посветил на читањето книги. Во гимназија учел англиски, германски и француски јазик кои во текот на студиите многу му користеле со оглед дека не постоела соодветна научна содржина на српски јазик. Подоцна на овие странски јазици пишувал научни и други трудови.[3]

Во учебната 1888/89 година работел како професор по географија во Втората белградска гимназија. Во 1889 година се запишал на студии по физичка географија и геологија на Универзитетот во Виена како државен питомец. Во тоа време на овој универзитет предавањата по геоморфологија ги држел прочуениот научник д-р Албрехт Пенк, по геотектоника ги држел професорот Едвард Зис (тогашен претседател на Австриската академија на науки), а по климатологија јулиус фон Хан.

Цвииќ докторирал во 1893 година на Универзитетот во Виена. Неговата докторска теза „Das Karstphänomen“, го претставила на широката јавност и го направила познат во светските научни кругови. Овој труд подоцна е преведен на повеќе јазици (во Србија како „Карст“ во 1895 година), а благодарение нему, Цвииќ се смета за основоположник на карстологијата. Британскиот научник Арчибалд Гики напишал дека ова претставува „знаменосно дело“ на науката.[3]

Истражувачка работа[уреди | уреди извор]

Јован Цвииќ своите први и најзначајни теренски истражување ги спровел на почетокот на кариерата, работејќи на терен на карстните предели на источна Србија. Посматрајќи го карстот на Кучај и Преконошката пештера, дошол до идеја за својата докторска дисертација која ја одбранил во Виена во 1892 година, а свечено бил промовиран на 22 јануари 1893 година.

Покрај тоа, Цвииќ се занимавал со геологија (геоморфологија, геотектоника, палеогеографија и неотектоника). Неговата монографија за карстот предизвикала многу позитивни реакции во европските научни кругови, а пристапната академска беседа за структурата и поделбата на планините на Балканскиот Полуостров на основа на геолошко-тектонската градба го прославила како прв јужнословенски геотектоничар. Пред Цвииќ, со карстот на Србија се занимавале и други истражувачи, но во значително помал обем и по правило не со карстот како основна тема. Тоа биле: Ото фон Пирх – 1830, Ами Буе – 1840 и Феликс Филип Каниц, Милан Милиќевиќ, Јован Жујовиќ, Владимир Кариќ. Записите од нивните истражувања биле пред сè со дексриптивен карактер и со општи заклучоци.

Уште едно значајно поместување во науката Цвииќ направил додека ја посматрал околината на Миџор, врвот на Стара Планина и планината Рила (Бугарија), каде препознал траги на глацијација во вид на 102 горски очи, планински езера. Дотогаш се сметало дека овој регион не бил зафатен со глацијација, па ова откритие на Цвииќ направило пресвртница во изучувањето на глацијацијата во однос на распространетоста.[4]

Благодарение на своите истражувања Цвииќ уште еднаш направил исчекор во светската наука и тоа со својот антропогеографски преглед во делото „Балканскиот Полуостров 1918“, 1922 - I, 1931 – II [5] на основа на своите проучувања на „балканските психолошки типови“.

Двотомната „Геоморфологија“ на Јован Цвииќ која дава геоморфолошки приказ на теренот на Балканскиот Полуостров ни денес не изгубила на актуелност и претставува извонредна појдовна основа во современите истражувања.

Научни трудови[уреди | уреди извор]

Етнографска карта на Балканскиот Полуостров од 1918 година, на чија еден од авторите е и Цвииќ

Треба да се навикне и за проблемот, работата, професијата долго, понекогаш и непрекинато да се мисли, додека не се најдат решенија. Има светли часови, особено светли ноќи, кои се јавуваат ретко; во нив се наоѓа решение на прашањето или се смислуваат планови за научната работа. Тоа доба на духовната луцидност и креативност, треба да се употреби, а не по онаа обична, човечка, уште повеќе ориентална тромост, да се мисли на одмор. Ова најчесто не му штети на организмот, но и ако штети, организмот е затоа честито да се истроши. [6]

Цвииќ со наука почнал да се занимава уште како студент на Големата школа и тогаш е создаден неговиот труд Прилог на нашата географска терминологија, а продолжил како средношколски професор и виенски студент проучувајќи ги карстните појави во источна Србија, Истра и Јадранското Приморје. Врз основа на тие проучувања, напишал повеќе трудови како и својата докторска дисертација. Целиот живот му го посветил на проучувањето на Србија и Балканскиот Полуостров патувајќи скоро секоја година по Балканот.

Први негови објавени трудови се:

  • 1889 – „Кон познавањето на карстот во Источна Србија“ (Ка познавању крша Источне Србије);
  • 1891 – „Преконошката пештера“ (Преконошка пећина);
  • 1893 – „Географски испитувања на областа Кучај“ (Географска испитивања области Кучаја);
  • 1893 – „Пештерите и подземната хидрографија во Источна Србија“ (Пећине и подземна хидрографија у Источној Србији);
  • 1895 - „Карст, географска монографија“;
  • 1896 – „Извори, тресетишта и водопади во Источна Србија“ (Извори, тресаве и водопади у Источној Србији).

Сите овие дела како предмет ја имале проблематиката во Источна Србија.

Гробот на Јован Цвииќ и неговата жена Љубица во Белград

Како зрел и искусен научник ги напишал:

  • 1922 – „Ѓердапските тераси“ (Ђердапске терасе);
  • 1925 – „Карстот и човекот“ (Карст и човек);
  • 1925 – „Карстот и српските народни приказни“ (Карст и српске народне приповетке).

Во текот на својот живот, односно за преку триесет години интензивна научна работа, објавил неколку стотини научни трудови. Едно од најважните дела е „Балканскиот Полуостров“.

Умрел во својата 62 година, на 16 јануари 1927 година во Белград, а погребан е на Новите гробишта во Белград. Својот имот му го завештал на Српското географско друштво.

Редовен професор[уреди | уреди извор]

Првите осум редовни професори на Белградскиот универзитет, 1905 година: Седат одлево Јован Жујовиќ, Сима Лозаниќ, Јован Цвииќ, Михаило Петровиќ-Алас; стојат одлево Андра Стевановиќ, Драгољуб Павловиќ, Милиќ Радовановиќ и Љубомир Јовановиќ

По враќањето од Виена во март 1893 година, станал редовен професор на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград. Во почетокот предавал физичка географија и етнографија, а потоа само географија.

Патувајќи како студент, и подоцна како професор, по скоро сите краишта на Балканскиот Полуостров, рано го развил својот интерес за народниот начин на живот и култура. Заради тоа на отсекот за географија организира проучување на антропогеографија и етнографија како споредни предмети.[2]

По укинувањето на Големата школа, а од основањето на Универзитетот во Белград на 12 октомври 1905 година, Јован Цвииќ станал еден од првите осум редовни професори на универзитетот.[3] Рамноправно покрај Цвииќ се нашле: Јован Жујовиќ, Сима Лозаниќ, Михаило Петровиќ-Алас, Андра Стевановиќ, Драгољуб Павловиќ, Милиќ Радовановиќ и Љубомир Јовановиќ. Овие осум професори потоа бирале други колеги во звањето редовни професори.

Цвииќ одиграл важна и активна улога во реформите на школството помагајќи во основањето на посебни катедри за етнологија на која прв предавач бил неговиот најстар ученик и соработник Јован Ердељановиќ, а потоа и Тихомир Ѓорѓевиќ, додека Цвииќ останал носител на наставата на географија. Пресудно делувал на отворањето на пет нови факултети: медицинскиот, земјоделскиот и богословскиот во Белград, филозофскиот во Скопје и правниот во Суботица.[3]

Освртот на Цвииќ на школството во Србија[уреди | уреди извор]

Цвииќ сметал дека тогашното школство, т.е. гимназиското образование треба да трае седум, а не осум години. Сметал дека момчињата треба што порано да се вклучат во животот и самостојно да работат.

Гимназија ја формира интелигенцијата и карактерот, можеби повеќе, поснажно, и во некои правци подлабоко, отколку универзитетот; таа има големо влијание на духот и моралната вредност на идните интелектуални генерации. Покрај универзитетот, од неа најмногу зависи како во државата ќе се развие моралната и духовната атмосфера, каков тим ќе добие нејзината цивилизација, и најпосле дали ќе го успорува или попречува развојот на големите личности, во кои до најголем степен се изразуваат особините на еден народ.[7]

Објавил пет детални упатства за „теренски истражувања“ на населението и населбите за да ги поттикне и насочи соработниците во нивната научна работа.

Цвииќ објавил бројни информации за наставата и науката во статијата „За научната работа и нашиот универзитет“, објавена во 1907 година.

Антропогеографска школа[уреди | уреди извор]

Српски опинци – составен дел на српската народна носија

Јован Цвииќ се смета за основач и иницијатор на антропогеографско-етнолошката школа во Србија, која претставува појдовна основа на најголем дел на истражувачки работи во јужнословенските општествени науки во XX век.[8]

Во своите антропогеографски истражување Цвииќ ги изучувал миграциите, селските и градските населби, типовите куќи, материјалната култура на населението во зоните под различни влијанија на цивилизациите, психолошките типови, народната носија и покуќнината.

Преку триесет години вршел истражувања, особено на просторот на Балканскиот Полуостров, кои резултирале со бројни трудови и основање на „антропогеографската школа“. Патувал под многу неповолни општествени и политички прилики, изложувајќи се на многу непријатни, па и опасни по живот ситуации, особено во земјите кои сè уште, до Првата светска војна биле под власта на тогашна Турција и Австроунгарија. На овие патување на кои непосредно се запознавал со условите на живот на населениот на Балканскиот Полуостров, се развила неговата желба да се занимава со етнографски и политичко-етнографски, а подоцна и психо-социјални прашања. Самиот Цвииќ говорел дека малку го познавал животот во Бугарија, Босна и Херцеговина и Македонија, сè до периодот 1896-1898, кога на своите патувања по тие земји видел колку таму тешко се живеело.[2] До тој момент, како што самиот вели, не се интересирал многу за фолклорот, етнологијата и националната политика. Меѓутоа оттогаш, почнал активно да се занимава со овие прашања. Во Цвииќ, како сјаен организатор на бројни и студиозна патувања на кои завлегувал и во најнепристапни и најопасни предели, се појавиле склоности кон емпириски истражувања. Овие истражувања подоцна тој умеел да ги поддржи на широки научни основи.[2]

Во 1896 година Цвииќ ги објавил „Упатства за проучување на селата во Србија и останатите српски земји“ кои подоцна се коригирани и адаптирани на специфичните услови во другите балкански области каде потоа и се применети.

На основа овие упатства во Србија се развило силно движење за истражување на народниот живот што овозможило создавање на први методолошки и систематски собрани етнолошки податоци. Истражувањата ги спроведувале, освен студентите и соработниците на Цвииќ, и многу интелектуалци аматери, најчесто селските учители и свештеници. Овој заеднички и обемен научен напор претставува единствена и значајна појава во меѓународниот научен живот.

Тезата на Цвииќ за влијанието на климата и релјефот на градбата (морфологијата) на човекот е основа во неговиот научен пристап во изучувањето на антропогеографијата, каде тој практично меѓу првите нагласува дека човекот е „екосензибилно битие“.[9] Кога се работи за формирање на антрополошките типови, Цвииќ во примарни фактори ги вбројува социјалната структура, односно струката, ендогамијата и егзогамијата и миграциите. Особено го нагласувал делувањето на географската средина на етнопсихолошките одлики на населението. Основната концепција на ваквиот став го дал во трудот „Антропогеографски проблеми на Балканскиот Полуостров“ од 1902 година. Подоцна, под влијание на трудовите на Цвииќ, прим. д-р Милорад Драгиќ, некогашниот негов ученик, ја разработил темата на етнопсихолошки истражувања во трудот „Упатства за испитување на населбите и психичките особини“ од 1911 година[10] после што Цвииќ ја проширил својата теза во „Балканскиот Полуостров и јужнословенските земји“[2][11]. Овој труд најпрво е објавен на француски јазик, а потоа во 1922 година, значително проширен, печатен е и на српски јазик.

Ненадејниот интерес на Цвииќ за антропогеографски и етнографски истражувања е еден од најголемите потези во неговата научна кариера. Залагањето и научно-истражувачките способности на Цвииќ придонеле за собирање на релевантни податоци кои ги користел во текот на преговорите околу формирањето на политичките граници на новата држава после Првата светска војна.

Придонес за одредување на политичките граници на Кралството СХС[уреди | уреди извор]

После Првата светска војна Цвииќ придонел за одредување на политичките граници на новата југословенска држава користејќи ги своите научни истражување како аргумент во преговорите. Ги користел истражувањата од подрачјата на демографија и антропогеографија. Собраните знаења ги користел за точно да ги омеѓи просторите на етничко простирање на јужнословенските народи.

Прочуениот француски географ Пол Видал де ла Блаш го повикал Цвииќ во Париз, каде во 1917 и на почетокот на 1919 година на Сорбона држел предавање за балканските земји и народи. Кон крајот на 1918 година, тогашната српска влада го наименувала за прв стручњак за етнографски граници, а на почетокот на 1919 година поставен е за претседател на Историско-етнографската секција на делегацијата на Кралството СХС на Мировната конференција во Париз, каде, благодарение на неговото залагање како етногеограф (изработил етногеографски карти на југословенските земји 1918-1919) и на залагањето на Михајло Пупин, тогаш признат, угледен научник и политички влијателен човек, се одредени границите на новата држава Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Тогаш е договорено на новата држава да ѝ припаднат Банат, Барања, Далмација, Блед, Бохињ и Триглав.[3]

Академик[уреди | уреди извор]

Портрет на Јована Цвииќ, масло на платно, Урош Предиќ

Цвииќ станал научник од светски глас и добил бројни признанија. Бил член на осум академии на науки, шеснаесет географски и природонаучни друштва и добитник на 10 одликувања. Бил:

  • Почесен доктор на Сорбона и на Карловиот универзитет во Прага
  • Дописен член на Српската академија на науките и уметностите од 5 февруари 1896 година, а редовен член стана на 4 февруари 1899 година.
  • Претседател на Српската кралска академија од 12 април 1921 до својата смрт во 1927 година.

Двапати бил ректор на Белградскиот универзитет (1906/07 и 1919/20).

Исто така бил:

  • Дописен член на Академијата на науки на Советскиот Сојуз
  • Дописен член на Југословенската академија на науките и уметностите
  • Дописен член на Ученото друштво Парнасос (Атина)
  • Почесен член на многу географски, етнографски, природонаучни и други друштва ширум светот (Санкт Петербург, Будимпешта, Букурешт, итн.)
  • Носител на англиски, француски и американски медал за научна работа (Американското географско друштво му доделило златен медал за исклучителен научен придонес во областа на географијата на балканските земји и проучување на картите).[2]

Критика[уреди | уреди извор]

Географско потекло на населението на Кралството Србија на крајот на XIX и на почетокот на XX век

Советскиот етнолог Сергеј Токарев во освртот на етнографските истражувања во Македонија на Цвииќ му ја признал „точната објективност и научна добронамерна совест“.[12] Имено, Цвииќ бил еден од првите научници во Србија кој во своите трудови изнел теза за посебноста на македонскиот народ. Во склад со тоа на географската и етнографската карта од 1913 година ја означил со посебна боја.[12] Тоа го поттикнало Токарев позитивно да го оцени придонесот на Цвииќ во решавањето на прашањето на народноста на македонските Словени:„Тој е еден од првите кој на таков начин му го признал на македонскиот народ правото на национална самостојност и тоа неоспорно е голема заслуга на српскиот научник“.[12] Меѓутоа Цвииќ не ја застапувал оваа теза кога ги бранел воените цели на Србија во војните од 1912 до 1918 година.[13]

Џорџ Вајт во својата книга од 2000 година тврди дека во текот на борбите за Македонија, Цвииќ со низа публикации и етногеографски мапи влијаел на меѓународното јавно мнение дека Македонците се всушност „јужни Срби”.[14] Прогласувањето на македонскиот јазик за дијалект на српскохрватскиот играло клучна улога во поддршката на српските претензии за оваа област.[15] Тој вели дека меѓу 1906 и 1918 година Цвииќ изработил серија на мапи со кои територијалните претензии на Србија за Вардарска Македонија се правдани со прогласување на Македонците за етнолингвистичка група Срби.[15] Етнографските мапи на Цвииќ објавени во 1906, 1909 и 1913 година меѓусебно се разликуваат и ги следеле надворешно-политичките потреби на српската држава.[14] Се вели дека на мапата од 1909 година значително е намалено присуството на Албанците на Косово и во Западна Македонија во однос на претходната од 1906 година. На мапата од 1913 година присуството на т.н. „Србо-Хрвати“ е значително поместена на југ во однос на претходната од 1909 година. На истата мапа, присуството на Албанците е „драматично редуцирано“, дури и во Северна Албанија.[15] На мапата од 1918 година, која требало да влијае на одлуките на мировната конференција во Париз, Србите и Македонците се групирани во една категорија, со што Цвииќ дал легитимитет на српската контрола над Македонија.[15]

Оставината на Јован Цвииќ[уреди | уреди извор]

Географскиот завод и Српското географско друштво[уреди | уреди извор]

Споменикот на Јован Цвииќ во студентскиот парк во Белград, дело на вајарот Ото Лого

Јован Цвииќ го основал Географскиот завод на Филозофскиот факултет во 1893 година, прва таква установа на Балканот и бил негов управник од основањето до својата смрт во 1927 година. Заедно со група географи и природонаучници го основал Српското географско друштво во 1910 година во Белград. Негов претседател бил од основањето до својата смрт. Во 1912 година го основал списанието „Гласник на Српското географско друштво“ кој сè уште постои. Еднаш неделно држел семинар за припадниците на сродните науки на кои доаѓале и наставниците од белградските гимназии.

Географскиот институт[уреди | уреди извор]

Во Белград во 1947 година, Српската академија на науките и уметностите го основала географскиот институт кој од 1961 година го носи името „Јован Цвииќ“. Институтот е основан со цел унапредување на географската наука, зголемување на бројот на квалитетни научни кадри за работа во струката или на универзитетот.

Голем број на основни школи и улици во Србија исто така го носат името на Јован Цвииќ. Неговите ученици ја продолжиле неговата работа, а шестмина негови асистенти подоцна станале академици: Павле Вујевиќ, Боривоје Ж. Милојевиќ, Војислав С. Радовановиќ, Петар Јовановиќ, Атанасије Урошевиќ и Милисав Лутовац.

Меморијален музеј[уреди | уреди извор]

Во Белград се наоѓа Меморијалниот музеј на Јован Цвииќ во неговата семејна куќа (улица Јелена Ќетковиќ бр. 5). Оваа куќа била изградена во 1905 година и од 1963 година е под заштита на државата како споменик на културата. Куќата е единствена по својата внатрешна декорација за што е заслужен Драгутин Инкиостри Медењак.[16] кој се смета за едно од зачетниците националната декоративна уметност [17] Цвииќ, според сопствено искажување, го делел ентузијазмот на тогашната интелигенција од потреба за создавање национален стил кој би се засновал на балканските фолклорни елементи.

Денес во куќата се наоѓа легатот на Јован Цвииќ кој има 1.476 предмети меѓу кои се наоѓаат ракописи, преписки, бележници, фотографии, географски карти, атласи, книги, уметнички слики, лични предмети и др. Во музејот повремено се организираат пригодни предавања.

Неговиот живот особено го проучувал географот Милорад Васовиќ кој во 1994 година ја објавил книгата „Јован Цвииќ — научник, јавен работник, државник“.

Признанија[уреди | уреди извор]

Еден од медалите во Србија го носи името Јован Цвииќ, со што се нашол во друштво на други српски великани како што се Вук Стефановиќ Караџиќ, Никола Тесла, Милош Обилиќ, а од 17 септември 2004 година, Народната банка на Србиј во оптек пуштила банкнота од 500 динари со ликот на Јован Цвииќ. Со ова Јован Цвииќ се нашол во друштво со други српски великани:

Во организација на Српската академија на науките и уметностите на 21 и 22 ноември 2002 година одржана е научна конференција „Општествено-политичката дејност на Јован Цвииќ“.

Покрај сето наведено името на Цвииќ името денес го носи еден вид шафран >„Б92 - Јован Цвијић:Природа као Лабораторија“. B92.net. 31 декември 2007.</ref> и врв на планината Рудник (Србија) кој се вика Цвииќев Врв (1.132 м).[18]

По повод 150 години од неговото раѓање, во октомври 2015 година одржана е меѓународна научна конференција во Белград во организација на САНУ, Географскиот институт и Музејот на градот Белград.[19]

Поважни дела[уреди | уреди извор]

Гробот на Цвииќ во Алејата на великаните на белградските Нови гробишта
  • Географска испитивања у области Кучаја у ист. Србији, 1893;
  • Das Karstphänomen, 1893, Виена;
  • Карст, 1895;
  • Структура и подела планина Балканског полуострва, 1902;
  • Die Tektonik der Balkanhalbinsel mit besonderer Berückichtigung der neueren Fortschritte in der Kenntnis der Geologie von Bulgarien, Serbien und Mazedonien, 1904, Виена;
  • Основе за географију и геологију Македоније и Старе Србије I-III, 1906—1911;
  • Grundlinien der Geographie und Geologie von Mazedonien und Alt-Serbien. Nebst Beobachtungen in Thrazien, Thessalien, Epirus und Nordalbanien, 1908, Gotha;
  • Језерска пластика Шумадије, 1909;
  • Геоморфологија I-II, 1924, 1926.

Дела на Јована Цвииќ на семрежјето[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Милорад Зебић: Моје родно место, детињство и ђаковање - сећања, Лозница 1996. године,
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „Биографије – Јован Цвијић“. Архивирано од изворникот на 2013-12-03. Посетено на 2017-04-21.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Академик у 34-тој години
  4. Prof. Cvijić on the Structure of the Balkan Peninsula - Dr. Karl Peucker, The Geographical Journal Vol. 19, No. 6 (1902): pp 735–742
  5. септември 104/search?q=cache:HD7ZifYDC-wJ:web.f.bg.ac.yu/download/79Longdur.doc+web.f.bg.ac.yu/download/79Longdur.doc&hl=es&ct=clnk&cd=1&gl=es&client=firefox-a Prof. dr Aleksandar Palavestra Long-term History in Archeology and Balkanology[мртва врска]
  6. Јован Цвијић и Источна Србија - Стеван М. Станковић[мртва врска]
  7. Јован Цвијић, Аутобиографија и други списи, Приредио Владимир Стојанчевић, Српска књижевна задруга, књ. 394, Београд, 1965.
  8. Палавестра, Александар; Милосављевић, Моника (2015). „Дело Јована Цвијића и Владимира Дворниковића кроз призму српске археологије“. Етноантрополошки проблеми. 10 (3): 619. Укажано повеќе од еден |pages= и |page= (help)
  9. „Микић Живко: О интердисциплинарности у српској археологији са посебним освртом на физичку антропологију, Пројекат Растко, Библиотека Српске Културе“. Rastko.rs. Посетено на 28 февруари 2013.
  10. „Студије медицине, једна неиспуњена Цвијићева жеља“. Архивирано од изворникот на 2009-01-03. Посетено на 2017-04-21.
  11. Цвијић Ј: Балканско полуострво и јужнословенске земље, II, Београд 1931
  12. 12,0 12,1 12,2 Ћулибрк 1973, стр. 166.
  13. Чубриловић 2000, стр. 88.
  14. 14,0 14,1 George W. White, Nationalism and territory: constructing group identity in Southeastern Europe. Books.google.com.
  15. 15,0 15,1 15,2 15,3 Diarmait Mac Giolla Chríost, Language, identity, and conflict. Books.google.com.
  16. „Музеј Јована Цвијића“. Архивирано од изворникот на 2008-12-22. Посетено на 2017-04-21.
  17. Вулешевић С.: Драгутин Инкиостри Медењак пионир југословенског дизајна, Музеј примењене уметности, Београд. 1998. ISBN 978-86-7415-061-0.
  18. „О Руднику“. Rudnik.bravehost.com. Архивирано од изворникот на 2014-08-05.
  19. Век и по Јована Цвијића (октобар 2015)

Литература[уреди | уреди извор]

  • Diarmait Mac Giolla Chríost, Language, identity, and conflict. Books.google.com. Посетено на 28 февруари 2013.
  • George W. White, Nationalism and territory: constructing group identity in Southeastern Europe. Books.google.com. Посетено на 28 февруари 2013.
  • Ћулибрк, Светозар (1973). „Јован Цвијић у развитку социјалистичке мисли Србије“. Глас САНУ. 284.
  • Ћулибрк, Светозар (1982). Цвијићева социологија Балкана. Београд.
  • Чубриловић, Васа (2000). „Живот и рад Јована Цвијића“. Во Цвијић, Јован (уред.). Карст: географска монографија; Нови резултати о глацијалној епоси Балканског полуострва. Београд.

Дела[уреди | уреди извор]

Страници на српски[уреди | уреди извор]

На други јазици[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]