Долно Доброшко Езеро
Долнодоброшко езеро | |
---|---|
![]() | |
Координати: | 42°08'38,7 СГШ 21°00'46,2 ИГД |
Површина: | 3.760 м2 |
Должина: | 55 м |
Ширина: | 75 м |
Обем: |
225 м |
Длабочина: | 0.50 м |
Надморска висина: | 2.400 м |
Планина: | Шар Планина |
Долнодоброшкото езеро е ледничко езеро[1] и едно од 27-те на Шар Планина. Заедно со Горнодоброшкото езеро ги сочинуваат Доброшките езера. Името го добиле по селото Доброште, кое се наоѓа веднаш под нив на самото подножје на планината[2]. Се наоѓа на 2.400 m надморска висина на една зарамнета полјана која е заградена во подножјето помеѓу врвовите Доброшки Врв, Езерски Врв и Езерска Чука. Долго е 55, а широко е 77 метри, додека вкупната должина на неговите брегови изнесува 225 метри[3]. Длабоко е само половина метар. Има површина од 3.760 m²[4]. Всушност ова езеро претставува своевиден завир - односно заезерување на водите од неколку потоци и извори кои се слеваат на најниската точка на ова мало зарамнување полјана/висорамнина помеѓу трите околни стрмни врвови. Дното на езерото е рамно и песокливо, делумно со плочест нанос. Создадено е од атмосферските наноси, но во него се вливаат и неколку помали поточиња од потокот Езерска Река кој извира над Горното Доброшко Езеро се влева во него, па повторно истекува и се влева во Долното Доброшко Езеро од каде истекува и се влева во реката Габровница. Сепак, во сушни години, кон средината на летото при многу високи температури речиси пресушува[5]. Се одликува со многу бистра и студена вода, чија проѕирност се должи на протечноста на водата која се влева и истекува од него како и од многу малата длабочина со песокливо дно. До езерото нема обележана планинарска патека, но под него има бачило до кое води добро разгазен коњски и пешачки пат. Недалеку, На ливадата веднаш до Горното езеро, се поставуваат шаторите од кампот за првото ноќевање на Западната македонска планинарска трансферзала „Љуботен - Охрид“, а поради зарамнетоста на теренот и изобилството од вода бреговите околу Долното Доброшко Езеро се исто така многу поволно место за кампување.
Галерија[уреди | уреди извор]
Поврзано[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ Rista Nikolić: "Glacijacija Šar Planine i Koraba“, Beograd, 1912 godina.
- ↑ Кузман Најденоски: „Тетово во минатото“, издание од 1964 година. Печатница „Напредок“ Тетово
- ↑ Стојмилов, Александар (2011). Географија на Република Македонија. Скопје: Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 208.
- ↑ Живко Стефановски, Напредок Тетово, Шар Планина, стр 50
- ↑ Душан Кривокапиќ: „Шар-Планина“, издание на „Туристичка Штампа“, Белград, 1969 година