Ногаевци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ногаевци
Nogaevtsi-upper-part.jpg

Поглед на селото Ногаевци

Ногаевци се наоѓа во Македонија
Ногаевци
Местоположба на Ногаевци во Македонија
Координати 41°37′44″ СГШ 21°54′19″ ИГД / 
Општина Општина Градско
Население 244 жит.
Надм. вис. 260 м
Commons-logo.svg Ногаевци на Ризницата

Ногаевци е село во Општина Градско, во околината на градот Велес.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на реката Вардар и Долното маало на село Ногаевци

Селото Ногаевци се наоѓа на 18 односно 19[1] километри јужно од Велес, а 25 км северно од Неготино, непосредно од левата страна на меѓународниот автопат „Александар Македонски“ (Е-75) и е сместено веднаш на левиот брег на реката Вардар[1]. Ногаевци претставува рамничарско село и лежи на надморска височина од 260 метри[1], а куќите се распоредени во рамничарскиот дел на брегот на Вардар (Долно Маало) и на благите ридови (Горно Маало). Горното и Долното Маало се разделени со засекот на суводолицата Шопурка[2]. Селото Ногаевци се наоѓа во северниот дел на Општина Градско[1] и претставува стојалиште на железничката пруга Скопје - Гевгелија. Атарот на селото зафаќа површина од 15,2 км², од кои 873 хектари зафаќа обработливото земјиште, а 444 хектари зафаќаат пасиштата, со што Ногаевци во основа има полјоделска функција[1]. Селскиот атар е многу сиромашен со шуми, кои речиси и да ги нема, па токму затоа во непосредната околина на Ногаевци се спроведувани неколку акции за пошумување со зимзелени дрвја.

Историja[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Ногаевци и планината Клепа во позадината

Поради самата местоположба на Ногаевци, на левиот брег на реката Вардар и близината до утоката на реката Брегалница во Вардар и античкиот град Стоби, населби во околината имало уште од најдамнешни времиња, а особено во антиката. Доказ за тоа се шест археолошки наоѓалишта во непосредната близина и околина на селото од кои 4 се од доцноатничкото време (Црвеници, Ограѓе, Лисички Дупки, Горна Црква) и по едно е од железното(тумул кај задружниот блок) и од римското (Грамади) време[3]. Денешното село Ногаевци е настанато најверојатно во преиодот на раниот период на тимаро-спахиство за време на Отоманската империја. Селото Ногаевци за прв пат се споменува во турски пописен дефтер од XV век од 1455 кога тоа било македонско христијанско село кое како тимар било во посед на некојси Хошкадем кој бил субашија на јуруците и учествувал во војна, а потпаѓало под Велешкиот вилает[4]. Во ова време во Ногаевци живееле 25 семејства, 5 неженети и 1 вдовица сите Македонци христијани, а се произведувало пченица, јачмен, 'рж, просо, граор, памук. се чувале свињи и пчели, а се одгледувало и лоза при што имало и лозје на кое работеле 13 аргати, за што севкупно се остварувало приход од 2293 акчиња[4]. Потоа Ногаевци повторно се споменува во XV кога е запишано во 1467/68 година[5]. На почетокот на XVIII век, велешките бегови го почифличиле селото Ногаевци кога родот Ристовци избегал во селото Грнчиште за да не станат чифчии[2]. За време на овој период па сѐ до крајот на отоманското владеење селаните биле орачи и исполџии или момци на беглиците[2]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов - Џинот во својот напис „Велес - статистическо описание“ објавен во „Цариградски весник“ на 7 март 1859 година, за селото Ногаевци запишал дека е христијанско село кое има 30 куќи и стара црква на реката Ногаја и дека најпрвин тука дошле нашите словенски просветители Свети Кирил и Методиј[6]. Имајќи предвид дека недалеку од Ногаевци се наоѓа вливот на Брегалница во Вардар, овој запис на Џинот за Свети Кирил и Методиј може да се заснова на претпоставка за нивно патување од Солун по Вардарската долина кон долината и Брегалничката област каде св. Методиј бил управник и воен заповедник и ја извршил Брегалничката мисија. Река со такво име - Ногаја, меѓу населението до денес не е позната, но веројатно е дека тоа име изведено од името на селото, Јордан Хаџи Коснтантинов - Џинот да го дал за реката Брегалница или пак за некој поток (односно суводолицата Шопурка) во селото крај кој се наоѓа црквата. Ова се потврдува со податоците од 1914 дека под Долното Маало на отворот на суводолицата веднаш крај Вардар се наоѓале остатоци и рушевини („грамаѓе“) од старата „Долна црква“[1]. Во 1914 година, Ногаевци исто така имало 30 куќи од кои 16 во горното и 14 во долното маало[2]. За време на Втората светска војна, генералот Михајло Апостолски одејќи од Пехчево кон селото Горно Врановци при завршните операции за ослободување на Македонија, го минал Вардар со чун кај Ногаевци со помош на селаните за што постои и спомен плоча на една од куќите во селото во која престојувал генералот. Во самото село Ногаевци, на ридовите во Горното маало, и денес постојат неколку куќи постари од 100 години со автентична македонска архитектура. На почетокот на декември 2010 надојдените води на реката Вардар го урнале мостот преку кој водело единственото сообраќајно поврзување на Ногаевци, при што цели три години, се до неговата целосна обнова во ноември 2013 година[7], поради што жителите морале да користат заобиколни земјени патишта или да преминуваат преку импровизиран висечки мост преку кој дневно пренесувале и до 15 тони домати и пиперки, а учениците изостанувале и од настава[8].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Ногаевци и реката Вардар

За потеклото на името постојат повеќе преданија, толкувања и анегдоти меѓу местните жители. Во едната се вели дека селото го добило името според изгледот на својата местоположба. Недалеку од Ногаевци е вливот на Брегалница во Вардар, за кој погледнат од околните ридови се добива глетка на човечка нога. Ова верување е најверодстојно и најточно бидејќи со зборот нога во метафорично значење уште во старословенскиот се означувале и именувале географски места како 'планински гребен или рид во вид на нога'[9]. Ова се потврдува што во Македонија постојат вакви места како што се најјужната точка - Маркова Нога кај Долно Дупени во Преспа, месност кај селото Вир во Порече, а во соврмениот словенечки јазик со зборот 'noga' се означува 'брдо, планински гребен'[9],. Оттаму, значењет на името Ногаевци означува 'луѓе кои живеат крај нога' (гребен). За името на селото постои и една анегдота која вели дека пред да се изгради мостот секој што ќе поминел крај Вардар велел „Дигни ногавици“ и така местото го добило името Ногаевци. Според книгата „Речник на топонимите во областа на Сливот на Брегалница“ за селото Ногаевци се претпоставува дека името му потекнува од зборот „ногај“ што на монголски значи куче, а исто така било и лично име на татарски хан од 13 век[5], сепак оваа претпоставка е помалку веројатна односно неточна зашто според историските записи во Ногаевци никогаш не живееле ниту подолго престојувале Татари, туку и покрај околното бројно турско -јуручки население уште во минатото од секогаш селото било населено исклучиво со Македонци - христијани.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Одгледување на домати (патлиџани), една од најзастапените градинарски култури во Ногаевци

Според составот на атарот селото Ногаевци има полјоделска функција[1]. Иако Ногаевци спаѓа во редот на средноразвиени рурални населби сепак селото е стопански и економски извонредно многу активно. Главното занимање на жителите е полјоделството и најмногу се одгледуваат градинарски култури и зеленчук поради алувијалната почва на бреговите на Вардар, при што продажбата на земјоделски производи претставува најголем и единствен извор на приходи за населението. Од градинарските култури најзастапени се пиперките (зелени и црвени), доматите, младиот кромид, лук, праз, морковот, зелката, марулата, ротквата кои се одгледуваат на отворено и под пластеници. Од житните култури најмногу се застапени пченицата, јачменот и пченката, а од останатите култури застапени се лубеницата, тиквата и луцерката. Од овоштарството во голем дел е застапено одгледувањето на праски. Голем дел од земјоделското прозиводство се одвива под организација на ЗК „Вардар“ од Градско. Жителите своите производи ги продаваат најчесто на пазарите во Градско, Велес, Неготино, Кавадарци и Скопје, а голем број на откупувачи и продавачи на големо доаѓаат директно во Ногаевци каде постои мобилен откупен пункт за да ги откупуваат земјоделските производи од жителите, особено зелените пиперки, кромидот, доматите, праските и зелката при што во деновите на бербата на лето и есен дневно се берат и откупуваат и до 15 тони пиперки и домати. Селото Ногаевци е едно од најголемите производители на ран зеленчук со кој се снабдуваат пред сè Велес, а исто така и Скопје, Кавадарци, Неготивно. Како едно од селата најголеми производители на млад кромид во Велешко, од Ногаевци доста млад кромид се откупува и во странство на пазарите во земјите на поранешна Југославија односно Хрватска, Црна Гора, Косово[10], Романија и Бугарија. Во последно време во Ногаевци повторно се одгледуваат и индустриските земјоделски култури како маслодајната репка[11] и сончогледот, а има и неколку лозја помеѓу овоштарските насади со праски. со Веднаш над и спроти селото постојат бачила во кои презимуваат овците од Западна Македонија. Во Ногаевци работи и приватната млекарница „МИЛКОМ“ која произведува млеко, јогурт и млечни производи застапени како свои или по нарачка на други компании за пазарите во Велес и Скопје и во која се вработени дел од жителите, а истотака работат и неколку фирми за ископување на песок од Вардар. Повеќето домаќинства во селото чуваат и кози, како и живина односно домашни птици - кокошки и петли, гуски, мисирки.

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците од пописот во 2002 година, во Ногаевци живеат 244 жители, сите Македонци.

Во последните 50 години, не е забележана драстична и голема промена во бројот на населението на Ногаевци иако тоа бележи постојано и благо опаѓање. Така во 1961 година во Ногаевци живееле 302 жители, од кои 289 Македонци, 7 Срби и 6 Албанци, додека во 1994 година селото броело 244 жители од кои 240 Македонци, 3 Срби и 1 Албанец[1]. Забележливо е тоа што во селото има бројно младо население и стапката на новороденчиња е висока. Во селото има 67 домаќинства и околу 15 напуштени (празни) или разрушени (од забот на времето) куќи. Во Ногаевци има 1 домаќинство со 4 деца и неколку со по 3 деца што е реткост во селата населени со македонско и христијанско население во Македонија.

Родови[уреди | уреди извор]

Иако селото Ногаевци се наоѓа на левиот брег на реката Вардар, на кој е познато дека во отоманско време живеела голема област (оаза) на турско-муслиманско население од вливот на Пчиња во Велешко, па сѐ до Орфанскиот Залив во Егејското Море, сепак Ногаевци од секогаш па сѐ до денес било населено исклучиво со православни христијански македонски родови. Според податоци од 1914 година во селото живееле следните родови, од кои старинци биле: Шортевци, Благоводовци, Тренчевци, Стоилковци, Давчевци, Нисторовци, Кимчевци, Карговци[2]. Стари доселенички родови биле Ѓорговци (од с.Пештерица кај Кочилари кон крајот на XVII век), а понови доселеници биле Нејковци-Џандаровци (од с.Водоврати околу 1880, а претходно се преселувале во Виничани, Уланци и Згрополци), Сарајовци и Крстовци (двата рода од с.Долно Чичево), Глигоровци, Ковевци, Науновци и Петревци (сите четири родови од с.Убого, Петревци претходно живееле во Криволак и овчеполското село Преод), Батовци (од с.Градско, а претходно се преселувале во Росоман и Подлес), Крстевци (од с.Градско, а претходно од Виничани)[2]. Поради постојаниот број жители и иселувањата во помали размери и денес во Ногаевци живеат потомци на овие македонски родови со презимиња Игнови, Андовски, Ѓошевски, Ставревски, Мишкови, Николовски, Стојанови.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во селото работи подрачната едниница на основното училиште ОУ „Даме Груев“ - Градско во кое учат 16 ученици од I до IV одделение. На крајот на селото работи прочистителна станица на реката Вардар која е изградена пред неколку години.

Цркви[уреди | уреди извор]

Црквата Свети Спас

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото Ногаевци претставува месна заедница во рамките на Општина Градско.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Во Ногаевци има црква Свети Спас која најверојатно е изградена во периодот од 1800 до 1820 година.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Спасовден (10 јуни) - селска слава и патронен празник на селската црква


Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во просториите на селското училиште во Ногаевци работи КУД „Спасовден“.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Пишани податоци за најстари иселувања се забележани во Велес во 1900 година[2]. Првите поголеми миграциони процеси на иселување од Ногаевци се забележуваат по Втората светска војна, особено во педесетите и шеестите години на ХХ век. Најголемиот дел од иселеното население е иселено во Велес, а во многу мал број и во Скопје. Многу се ретки случаите на иселување во странство. Со затворањето на повеќето фабрики во Велес, последниве години е забележително враќањето на иселените жители назад во Ногаевци.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 215–216. ISBN 9989-862-00-1. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Радовановиќ, Воислав (1924). Јован Цвииќ. уред (на српски). Тиквеш и Раец - антропогеографски испитувања. 29 (Српски етнографски зборник издание). Белград: Српска краљевска академија и Графички завод "Макарије"). стр. 477–478. 
  3. Коцо, Димче (1996).Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. Том II, стр. 79 ISBN 978-9989-101-06-9
  4. 4,0 4,1 Соколоски, Методија (1973) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. II. Скопје: Архив на Македонија. стр. 47-48. 
  5. 5,0 5,1 Иванова, Олга (1996). Речник на топонимите во областа по сливот на Брегалница. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 444. 
  6. Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (7 март 1859). „Велес - статистическо описание“ (на македонски). Цариград: Цариградски весник. http://www.promacedonia.org/bmark/jhk/jhk_2.htm#7. конс. 15 февруари 2016 г. 
  7. „Реконструиран мостот во село Ногаевци“. МИА. 10 ноември 2013. http://www.mia.mk/mk/Inside/RenderSingleGalleryTest/125608028/7?month=11&year=2013&day=10&desc=1. конс. 24 декември 2015 г. 
  8. Печков, Петар (03 септември 2012). „УЧЕНИЦИТЕ ОД СЕЛО НОГАЕВЦИ НЕ БЕА НА ЧАСОВИ ВО ГРАДСКО“ (на македонски). Скопје: Утрински Весник. http://www.utrinski.mk/?ItemID=5ED7E778B4D00B439E6A4D0E534AA196. конс. 24 декември 2015 г. 
  9. 9,0 9,1 Видоески, Божидар (1999) (на македонски). Географската терминологија во дијалектите на македонскиот јазик. Скопје: МАНУ. стр. 99. ISBN 9989-649-64-2. 
  10. Андреевски, Стоилко (28 март 2010). „Велешкото кромитче оди како алва“ (на македонски). Вечер. http://vecer.mk/ekonomija/mladiot-kromid-od-veleshko-odi-kako-alva. конс. 24 декември 2015 г. 
  11. Печков, Петар (06 ноември 2011). „Маслодајната репка се врати на велешките земјоделски површини“. Ти Реков Ми Рече (портал). http://tirekovmirece.com/Novost/%D0%9C%D0%B0%D1%81%D0%BB%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%98%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D1%80%D0%B5%D0%BF%D0%BA%D0%B0-%D1%81%D0%B5-%D0%B2%D1%80%D0%B0%D1%82%D0%B8-%D0%BD%D0%B0-%D0%B2%D0%B5%D0%BB%D0%B5%D1%88%D0%BA%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B7%D0%B5%D0%BC%D1%98%D0%BE%D0%B4%D0%B5%D0%BB%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D1%80%D1%88%D0%B8%D0%BD%D0%B8. конс. 24 декември 2015 г.