Висечки мост

Од Википедија — слободната енциклопедија
Поглед на мостот Акаши во Кобе, Јапонија
Мостот Џорџ Вашингтон со своите две нивоа го поврзува Њујорк со округот Берген, Њу Џерси, САД. Ова е најголемиот висечки мост во светот, преку кој годишно минуваат 102 милиони возила.[1][2]

Висечки мост — еден вид градежна конструкција во која каблите што висат од столб ја носат неговата греда.[3] Првите современи примероци на ваков вид мост биле изградени во раните 1800-ти.[4] Едноставните висечки мостови, кои немаат вертикални потпори, имаат долга историја во многу планински области во светот.[5]

Историја[уреди | уреди извор]

Едноставен висечки мост

Висечките мостови се еден од најстарите видови мостови. Ваквите мостови биле градени уште од неолитот користејќи растенија како носачи на подножјето на мостот. Многу поцврсти конструкции почнале да се градат во Индија околу IV век, кои користеле испреплетени бамбуси како носачи, а подоцна и железни синџири.[3]

Бидејќи висечките мостови обезбедуваат економично решение за проблемот со големите распони над пловните реки или на други места каде што е тешко да се изградат столбови поради длабоката вода, за нив почнало да се размислува за време на Индустриската револуција.[3]

Британски, француски, американски и други инженери на крајот на XVIII век и на почетокот на XIX век, наишле на сериозни проблеми со стабилноста и цврстината против силите на ветровите, тешките товари, силните бури, обилните снежни врнежи и стадата добиток. Најголема заслуга за решавањето на тие проблеми има американскиот инженер со германско потекло Џон Реблинг, кој го решил проблемот со додавање на решеткаста конструкција на секоја страна од мостовите. Притоа, тој создал структура доволно силна за успешно да ја премости реката Нијагара, потоа реката Охајо во Синсинати и на крајот Источната Река помеѓу Бруклин и Менхетен во Њујорк во своето ремек-дело Бруклинскиот мост.[3]

Техниката на упредување кабли, што ја измислил францускиот инженер Луј Вика (современик на Реблинг), значително ја унапредила изградбата на висечки мостови.[3]

Друг голем придонес во развојот на модерните висечки мостови бил кесонот, кој овозможил да се градат столбови на големи длабочини. Првично го користеле француски, британски и американски инженери, меѓу кои и Вашингтон Роблинг, кој го завршил Бруклинскиот мост на неговиот татко.[3]

Туристичкиот висечки мост Капилано недалеку од Ванкувер

Околу 1930-тите години, американските инженери вршеле опити со многу тенки цврсти кабли како носачи на гредите на мостовите, наместо решеткаста конструкција, но откако мостот преку теснецот Такома се урнал во 1940 година заради аеродинамичките сили (многу се нишал дури и при слаб ветер), се откажале од таквиот начин и се вратиле на потврдените методи. Подоцна, аеродинамички стабилни носачи ги замениле решеткастите структури.[3]

На крајот на 1980-тите, само три висечки мостови - Голден гејт во Сан Франциско, Веразано во Њујорк и Хамберскиот мост во близина на англискиот Хул — имале распон поголем од 1200 метри.[3]

Се смета дека модерните легирани челици можат да носат многу поголеми распони, па дури и висечките мостови би можеле да бидат доволно цврсти да носат товарни возови, но сепак речиси сите се проектирани за автомобилски сообраќај.[3]

Мостови од подготвени кабли почнале да градат германските инженери во Келн, Дисердорф и други градови во текот на 1950-тите и 60-тите години, при што само еден средиштен столб носел низа кабли кои пак ја носеле гредата на мостот.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Port Authority of New York and New Jersey - George Washington Bridge“. The Port Authority of New York and New Jersey. Архивирано од изворникот на 20. 09. 2013. Посетено на 13. 09. 2013. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |archive-date= (help)
  2. Woodruff, Bod; Zak, Lana & Wash, Stephanie (20. 11. 2012). „GW Bridge Painters: Dangerous Job on Top of the World's Busiest Bridge“. ABC News. Архивирано од изворникот на 28. 09. 2013. Посетено на 13. 09. 2013. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |date=, |archive-date= (help)
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Suspension bridge (engleski). Encyclopædia Britannica. Посетено на 19. 02. 2017.. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  4. Lhasa and Its Mysteries by Lawrence Austine Waddell, 1905, p.313
  5. Morley, Arthur (1912). Theory of structures. Longmans, Green, and Co. стр. 482-484, 574. simple suspension bridge.

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]