Згрополци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Згрополци
Згрополци.jpg

Поглед на преостанатите куќи во селото Згрополци

Згрополци се наоѓа во Македонија
Згрополци
Местоположба на Згрополци во Македонија
Координати 41°39′32″ СГШ 21°51′46″ ИГД / 
Регион Logo of Vardar Region.svg Вардарски регион
Општина Grb-gradsko.jpg Општина Градско
Население 0[1] жит.
Пошт. бр. 1420
Повик. бр. 043
Надм. вис. 204 м
Commons-logo.svg Згрополци на Ризницата


Згрополци — село во Општина Градско, во околината на градот Велес. Селото се наоѓа на десниот брег на најголемата македонска река Вардар, а во негова близина се наоѓа и поранешниот индустриски комплекс „Хемиска индустрија Велес“.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Згрополци се наоѓа на 9 километри јужно од градот Велес и е сместена непосредно на десниот брег на реката Вардар од левата страна на локалниот пат Велес - Градско и Автопатот „Александар Македонски“. Селото е сместено на ниска тераса која што се издигнува на десниот брег на реката Вардар[2]. Поточно, селото Згрополци се наоѓа непосредно до реката Вардар, во северзападен правец на територијата на Општината Градско на надморска височина од 160 метри[3]. Порано селото се делело на Горно и Долно Маало соодветно распоредени по течението нa Вардар[2], , а денес во селото се преостанати само две куќи, а во една од нив во последно време живее еден жител.[1]. Во селото се наоѓа и железничка станица со истото име на железничката линија Скопје - Гевгелија.

Историја[уреди | уреди извор]

Македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов - Џинот во својот напис „Велес - статистическо описание“ објавен во „Цариградски весник“ на 7 март 1859 година, вбројувајќи го меѓу христијанските села за Згрополци кое го запишал како Згорополе забележал дека тоа имало 10 куќи и старини[4].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името Згрополци, кое во минатото често било изговарано и како Згорополци, според местните толкувања се доведува во врска со згорено поле, какво што по своите особености и одлики е и земјиштето со палеогено потекло над селото[2]. Почнувајќи од Згрополци па по целото течение на Вардар низ целата Тиквешка Котлина сè до Пепелиште, Криволак и Демир Капија, земјиштето има бледо-сива и пепелава боја како да е изгорено, но истовремено со ваквата сиво-пепелава боја ридовите околу Згрополци имаат изглед и на згура од руда, па можно е името на селото да настанало и од формата Згуро-поле.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Во непосредна близина на селото се наоѓа фабриката за вештачки ѓубрива „Хемиска индустрија Велес“ (ХИВ), која до 2003 година произведувала вештачки ѓубрива и хемиски препарати за земјоделството, а во моментов е во стечај. Земјоделското земјиште во неговиот атар активно се обработува од неколку фирми и индивидуални земјоделци од соседните села. Најмногу се одгледуваат житните култури (најмногу пченица) и доста е застапено лозарството. Во текот на зимскиот период во бачилата во ридовите околу Згрополци презимуваат голем број стада овци од Западна Македонија. Во минатото жителите на селото биле само „орачи“, а претходно и „исполџии“ на чифлик[2]. Крај Вардар се наоѓале бавчи со зеленчук и пространи лаки, во кои се добивала двојна жетва[2].

Население[уреди | уреди извор]

Според пописните списоци од пописот во 1994 година, Згрополци е раселено село по 1981 година кога броело 3 жители, Македонци.

Според пописните списоци од пописот во 2002 година, во Згрополци не биле забележани жители.[1] Сепак, во поново време, во една од двете куќи во селото живее еден жител. Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[5] 1905[6] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 75 80 102 95 83 16 3 0 0 0
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[7]


Родови[уреди | уреди извор]

Во минатото додека Згрополци било населено, тоа било македонско но верски мешано христијанско - муслиманско село од преоден тип[2], со големо и преовладувачко христијанско мнозинство. По иселувањето на муслиманите, во текот на ХХ век со до раселувањето Згрополци било населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Според истражувања од 1914 година, поголемиот број од родовите потекнувале од доселеници[2]. Староседелски родови во Згрополци биле: Јанкуловци, Јововци и Кодовци кои славеле Свети Никола[2]. Доселенички родови биле: Геговци (слават Свети Ѓорѓи) дошле на чифлик од Свеќани околу 1830, обата соеви Караџовци (слават Св. Никола) и Темелковци (слават Петковден) дошле од Виничани околу 1850, Пановци (слават Св. Никола) слегле од Грнчиште во 1900 и тука купиле „чифличе“, Ќурчиовци (слават Св. Ѓорѓи) дошле во 1912 од Горно Караслари каде преминале од Виничани во 1850[2]. Муслимански род биле Максуд-Усеинлер кои дошле од соседното Кочилари околу 1850[2].


Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Градско, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година иако првично постоел план за нејзино спојување со Општина Росоман.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес, додека во периодот по војната од 1955 до 1962 година селото било во рамките на некогашната општина Градско.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната истоимена општина, во која покрај Згрополци се наоѓале и селата Бекирлија, Горно Караслари, Грнчишта, Двориште, Долно Караслари, Пишино, Кочилари, Куридере, Ногаевци, Свеќани, Скачинци и Црквино. Самата Општина Згрополци била дел од Титоввелешката околија. Во периодот од 1950-1952 година, селото се наоѓало во рамките на тогашната Општина Кочилари, во која Згрополци, се наоѓале и селата Кочилари и Ногаевци.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 „Попис на Македонија“. Завод за статистика на Македонија. 2002. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/knigaX.pdf. конс. 30 март 2013 г. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 2,9 Радовановиќ, С., Воислав (на српски). Тиквеш и Раец (1924 издание). Белград: Српска кралска академија. стр. 471–472. 
  3. Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 129. ISBN 9989-862-00-1. 
  4. Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (7 март 1859). „Велес - статистическо описание“ (на македонски). Цариград: Цариградски весник. http://www.promacedonia.org/bmark/jhk/jhk_2.htm#7. конс. 15 февруари 2016 г. 
  5. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  6. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  7. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Popisi__PopisNaNaselenie__PopisiNaseleniMesta/Popisi_nm_1948_2002_NasPoVozrPol_mk.px/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]