Ниџе

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ниџе
Поглед кон планината
Највисока точка
Надм. вис.2528 м [1]
Истакнатост1758 м [1]
Матичен врвКајмакчалан
Координати40°55′50″N 21°47′13″E / 40.93056° СГШ; 21.78694° ИГД / 40.93056; 21.78694Координати: 40°55′50″N 21°47′13″E / 40.93056° СГШ; 21.78694° ИГД / 40.93056; 21.78694
Географија
Ниџе на карта

Карта

Место Македонија
 Грција
Матичен венецНиџе

Ниџе (грчки: Όρος Βόρας) — типична јужна планина во Р. Македонија, преку која води границата со Грција. Највисок врв е Кајмакчалан, висок 2.521 м.[2]

Местоположба и правец на протегање[уреди | уреди извор]

Поглед на главното планинско било и срт на Ниџе во зима

Планината Ниџе се наоѓа во крајниот јужен дел на Република Македонија. На македонска територија зафаќа вкупна површина од 689,4 км2, од кои 357,4 км2 над 1000 метри надморска височина, 82,2 км2 над 1500 метри и само 10,8 км2 површина над 2000 метри надморска височина. Преку нејзиниот срт води државната граница помеѓу Македонија и Грција. Се протега во правец североисток-југозапад со највисок врв Кајмакчалан (2521 м.н.в.), но доста се истакнува и истоимениот врв Ниџе висок 2361 метри. Нејзината должина изнесува повеќе од 20 километри во права линија[3]. На запад, Ниџе се граничи со големата пелагониска котлина. Северозападната граница и воопшто на север од Селечка Планина е одвоена со Скочивирската клисура на Црна река после нејзиниот голем свиок јужно од Селечка Планина до сливот на реката Сатока. Од вливот границата завртува десно на повеќе од 90 степени и се упатува во југоисточна насока до сливот во Градешка Река. Спротиводно од неа достигнува до изворите, одделувајќи го Ниџе од планината Козјак на североисток со која што морфолошки се надоврзува. На југ од Ниџе во егејскиот дел на Македонија се простира Островската (Еордејска) Котлина. Според правецот на протегање, Ниџе претставува ретка и единствена планина во Македонија која што скршнувајќи по речиси прав агол од 90° ја променува насоката на протегање, наликувајќи скоро на бумеранг. Од историјата, планината Ниџе е позната по тоа што на нејзиниот срт на кој денес е расположена на македонско-грчката граница за време на Првата светска војна бил познатиот Македонски или Солунски фронт. Ниџе е петта по височина од планините во Република Македонија.

Врвови[уреди | уреди извор]

Глетка на врвот Старков Заб со пространата зимзелена борова шума на Ниџе

Планинското било на Ниџе на североисток започнува со врвот Кравица висок 1682 м., продолжува до превојот Бела Земја висок 1635 м.н.в., од каде што се искачува на врвот Сокол висок 1822 метри. Од таму сртот се искачува до највисокиот врв Кајмакчалан (2521 м.н.в.) од каде што го менува правецот кон запад преку врвовите Стефанец (1825 м.н.в.), Старков Гроб (1876 м.), Рогош (1353 м.), завршувајќи со малиот врв Голаш на котата 774 метри над селото Живојно во Пелагониската рамнина.

Настанок и геолошки состав[уреди | уреди извор]

Поглед на планината Ниџе во зима

Планината Ниџе настанала во палезоикот со херцинската орогена фаза, а целосно е обликувана во средниот терциер[3]. Според настанувањето и геолошкиот состав, планината Ниџе настанала со раседнување во текот на терциерот[4], поради што таа е слична со Јакупица, Баба итн. Со дејство на надворешните сили на неа се формирале помали и поголеми земјишни облици, од кои најистакните се ледничките леднички форми: циркови, валови и моренскиот материјал, додека формите на флувијалната ерозија се претставани со длабоки долини низ кои проеткуваат речни текови[3]. Од облиците на ледничката ерозија, на Ниџе најчесто се среќаваат циркови, пократки валови и обемен моренски материјал, при што овие форми најчесто се среќаваат на северната и североисточната страна на планината[3]. Составена е од палеозојски шкрилци, а во повисоките делови има мезозојски варовници. Во основа во нејзиниот геолошки состав доминираат прекамбриските шкрилци, што овозможува да се развијат флувиоденудационите процеси и облици[5]. На Ниџe, како и на целиот планински масив кој го поврзува со Кожуф има остатоци и од вулкански релјеф како магматски карпи, гранитни карпи и друг вид на минерални каепи и почви поради што самата планина е богата со руди како перлитите односно вулканско стакло.

Растителен и животински свет[уреди | уреди извор]

Планината Ниџе е значајна по богатството со шума, планински пасишта, разновидна фауна. Ниџе е една од најбогатите планини со шуми во Македонија, што се должи на фактот дека планината е многу слабо сообраќајно поврзана, далеку од главните патни правци односно речиси непристапна и воедно нејзината падина во Мариово е многу малку населена, односно скоро без постојани жители. Изобилува со специфични фаунистички типови, а карактеристично за Ниџе е тоа што од подножјето до највисоките делови на врвовите се сретнуваат и јавуваат сите флористички типови кои се распространети и се среќаваат од Средоземјето до Северна Европа[6]. Тука, сите тие се распоредени на мал простор и тоа висински, од подножјето до врвот. Шумскиот појас е претставен со даб, бука и зимзелени иглолисни шуми. Ниџе една од ретките планини во Македонија и на Балканот каде што меѓу зимзелените иглолисни шуми може да се најде застапен познатиот бел македонски бор - молика. Вкупниот шумски фонд на планината Ниџе е застапен на над 15.000 хектари. Исто така, Ниџе е една од најбогатите македонски планини со дивеч, што е исто така резултат на непристапноста, оддалеченоста, слабата населеност и неповолна сообраќајна и патна поврзаност. Најчести претставници на животинскиот свет на Ниџе се: волкот, мечката, дивата свиња, срната, дивата мачка, разни птици[3] од кои најмногу орли, соколи, мршојадци и др.

Застапеност на шумите на Ниџе[7]
борови шуми (црн и бел бор) борови-елови шуми борово-елово-букови шуми букови шуми буково-дабови шуми дабови шуми други видови вкупно
3101,2 ha 1960 ha 3650,6 ha 277,5 ha 1833,9 ha 1349,9 ha 2661,9 ha 14.835 ha

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 http://peaklist.org/WWlists/ultras/EuroCoreP1500m.html
  2. Географско друштво на СР Македонија (1989). „Географски разгледи“ (27-30 издание). Скопје: Друштво.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Башески, Илија (1981). Некои природно-географски одлики на Мариово (Зборник на трудови од републичкиот симпозиум „Природни и социо-географски проблеми на ридско-планинските подрачја“. изд.). Скопје: Сојуз на географските здруженија на СР Македонија. стр. 152–153.
  4. Стојмилов, Александар (2011). Географија на Република Македонија. Скопје: Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 58.
  5. Стојмилов, Александар (2003). Физичка географија на Македонија. Скопје: ПМФ.
  6. Андоновски, Томе (2009). Македонска енциклопедија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 1056.
  7. Стојмилов, Александар (1984). Шумарство. Мариово - комплексни географски истражувања. Скопје: Географски факултет. стр. 313.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]