Прејди на содржината

Молика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Молика
Молика на планината Рила
Научна класификација
Царство: Растенија
Оддел: Четинари
Ред: Боровидни
Семејство: Борови
Род: бор
Вид: Молика
Научен назив
Pinus peuce
Griseb.
Распространетост на моликата

Молика или македонски бор (науч. Pinus peuce)[2] — вид борово дрво што вирее по планините во Македонија. Може да се најде и во делови од Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора[3] и во мали предели во Егејска Македонија[4], обично на 1.000-2.200 m надморска височина. Честопати ја достигнува алпската шумска граница во оваа област.

Ова дрво расте 30 – 40 m во височина, со пречник на трупот од 1,5 m. Круната е тесна и пирамидална, кората на стеблото е сивкаво кафеава, кај младите стебла е мазна, а кај старите пука и од неа паѓаат мали лушпи. Пупките се јајцевидни, на врвот заострени. Младите гранчиња се голи. Игличките по пет во снопче, долги 7-10 см, широки 0,7 мм, заострени, сивозелени. Шишарките на моликата се цилиндрични, долги 8 – 15 см, широки 2,5 см, светлокафеави, повеќе или помалку искривени.Семенките се долги 8 мм, а крилото 15 мм.[5]

Најчесто семенките ги разнесува птицата лешникарка.

Моликата е многу отпорна на големи студови, дури и до -45 °C, како и на изложеност на ветер.

Употреба

[уреди | уреди извор]

Моликата е едно од највредните зимзелени дрвја на Балканскиот Полуостров. Нејзиното дрво е високо ценето во градежништвото, производството на мебел, резбањето и изработката на буриња. Ова дрво е исклучително добро во прилагодување на суровите планински климатски услови, што го прави особено соодветно на пошумување на висок терен за заштита од ерозија. Месното население ја користи смолата од моликите за да лечи рани, за лекување на зарази на белите дробови, кожата и стомакот, проширени вени и други заболувања.

Како и други европски и азиски бели борови, моликата е мошне отпорна на габичното заболување Cronartium ribicola. Заболувањето било случајно пренесено во Северна Америка, каде направило пустош по автохтоните северноамерикански бели борови во многу области. Моликата е од големо значење во истражувањата за вкрстување и генетска модификација за создавање на отпорност од габи кај овие дрва.

Распространетост

[уреди | уреди извор]
Моликова шума во Маљовица, Рила

Во Бугарија може да се најде во шумите на Рила, Пирин, Западни Родопи, Средна Стара планина, Славјанка и Витоша, при надморска височина од 1.400 до 2.100 метри. Во Пирин Молика зазема 23,4% од зашумена површина на паркот.[6]

Моликата е одомаќинета во Пункахарју во источна Финска.

Таа е исто така позната и како украсно дрво по паркови и големи градини, давајќи постојан и бавен раст на најразлични терени.

Во Македонија

[уреди | уреди извор]
Моликова шума, Пелистер

Во Македонија главно расте на силикатна подлога во суптропскиот појас, на надморска височина од 1400-2100 метри. Се среќава на Шар Планина и Пелистер, а се наведува дека е видена на Ниџе, Рудока, западниот дел на Кожуф и Галичица, како и на Јабланица.[7]

Моликата е симбол на националниот парк Пелистер на планината Баба кај Битола. Таму моликовите шуми се издвоени во две заедници: моликови шуми со папрат (Pteridio pinetum peucis) и моликови шуми со боровинка (Murtila Pinetum peuces).

На 2 јули 1839 година, познатиот ботаничар Август Гризебах, на падините на Пелистер ја открил моликата, ја класифицирал како специфичен растителен вид, карактеристичен за Балканот, најкомпактно застапен на Пелистер.[8]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. Pinus peuce. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 1998. Посетено на 11 мај 2006.
  2. Michael Dirr - Dirr's Hardy trees and shrubs: an illustrated encyclopedia, , Timber Press, 1997, ISBN 978-0-88192-404-6, стр. 282
  3. Folke Andersson - Ecosystems of the world, book 6 - Coniferous forests, Elsevier, 2005, ISBN 978-0-444-81627-6, стр. 138
  4. 1997 IUCN red list of threatened plants, World Conservation Monitoring Centre, IUCN, 1998, ISBN 978-2-8317-0328-2, стр. 26 (цитат: Albania, Bulgaria (west), Greece (extreme north), (former) Yugoslavia (south))
  5. Кирил Мицевски: Флора на СР Македонија, том 1, св. 1, стр. 80-81, МАНУ, Скопје, 1985
  6. Списание „Орбел“, бр. 1, 2009 г. - „Балканските ендемити Бяла и Черна мура“, изд. на Национален парк Пирин
  7. Кирил Мицевски: Флора на СР Македонија, том 1, св. 1, стр. 80-81, МАНУ, Скопје, 1985
  8. Бор – Молика – Pinus peuce Gris. Архивирано на 20 мај 2025 г., НП Пелистер

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]