Совиќ

Координати: 40°54′0″N 21°39′0″E / 40.90000° СГШ; 21.65000° ИГД / 40.90000; 21.65000
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Сович)
Совиќ
Совиќ во рамките на Македонија
Совиќ
Местоположба на Совиќ во Македонија
Совиќ на карта

Карта

Координати 40°54′0″N 21°39′0″E / 40.90000° СГШ; 21.65000° ИГД / 40.90000; 21.65000
Општина Новаци
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 02110
Надм. вис. 1188 м
Совиќ на општинската карта

Атарот на Совиќ во рамките на општината
Совиќ на Ризницата

Совиќ (традиционално: Сович) — село во Општина Новаци, Битолско.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото е сместено на северозападните падини на планината Ниџе, југоисточно од Битола, на границата меѓу Македонија и Грција.

Се наоѓа на надморска височина од 1.080 метри. Населбата е типично планинска. Атарот зафаќа површина од 16,2 км. квадратни. Соседни села се Живојно и Добровени од македонска страна, а од другата страна на границата се наоѓаат селата Сетина и Попадија (Леринско).

Совиќ денес припаѓа на Општина Новаци. Од Битола е оддалечено 40 км, а од Новаци 29 км.

Историја[уреди | уреди извор]

Името на селото е Совиќ, а се среќава и како Сович. Името го добило, најверојатно, од зоонимот сова, птица сојка, односно утка. Совиќ е стара македонска населба со свое богато културно и историско минато. Според турските документи за историјата на македонскиот народ изнесени во „Опширните пописни дефтери“ од 15 и XVI век, најстари регистрирани жители на селото Совиќ се од 1468 г. Тогаш селото броело 122 семејства или околу 606 жители.[2] Во селото биле регистрирани и два попа: поп Димитри и поп Бранко. Во споменатиот период Совиќ било тимар на браќата Абди и Хаџи кои биле синови на Мустафа Сијах. Браќата заеднички го уживале тимарот. Совиќани плаќале данок во висина од 5.350 акчиња.

Куќите се изградени од камен и кал и се покриени претежно со камени плочи. Има и куќи кои се покриени со ќерамиди. Селото се развивало според можностите на жителите и според условите кои ги диктирала државата. Во 1860 година совиќани изградиле храм посветен на св. Атанасиј Велики (Александриски). Храмот е ѕидан со камен и кал. Подот е поплочен, а внатрешноста е уредена со фрески и икони. Во непосредна близина на храмот на метални столбови е поставено црковно ѕвоно кое е лиено и купено од Јанина (Грција) во 1882 година. Голем број на совиќани биле вклучени во борбата за слобода на Македонија. Во народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 година од Совиќ учествувале 31 борец. На бојното поле животот го положиле Спасе Атанасовски и Ѓорѓи Ѓорѓиевски.

Во XIX век селото било дел од Леринската каза на Отоманското Царство.

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Жителите на Совиќ се занимавале претежно со сточарство. Одгледувале говеда, овци, кози, свињи и живина. Од житните култури саделе рж, пченица, јачмен, пченка и овес. На пазар најмногу продавале квалиетно овчо сирење. Најчесто пазареле во Лерин, а по поставувањето на границата на пазар оделе во Битола.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948347—    
1953428+23.3%
1961350−18.2%
1971151−56.9%
1981120−20.5%
ГодинаНас.±%
199117−85.8%
19940−100.0%
200200.00%
202100.00%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Совиќ живееле 300 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Совиќ имало 256 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Сович се води како чисто македонско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 32 куќи.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]

Селото е раселено и според пописот од 2002 година нема жители.[8] Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 300 256 347 428 350 151 120 17 0 0 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]


Во потрага за подобар живот многу совиќани започнаа да го напуштаат селото. Помасовно напуштање започнува во 1952 година. Еден број на семејства се преселија во селата Бач, Гермијан, други во Битола, а голем број заминале на печалба во Австралија и други земји. Во Кравари се доселиле 16 семејства. Во Кременица се доселиле 28 семејства со околу 80 жители. Доселените совиќани во село Кременица во 1994 година започнале со изградба на христијански храм кој му го посветиле на нивниот светец-заштитник од родното село Совиќ - Св. Атанасиј Велики (Александриски). По неколку години храмот е изграден и во истиот совиќаните од село Кременица ги изразуваат своите верски чувства и обичаи.

Родови[уреди | уреди извор]

Совиќ е македонско православно село.

Според истражувањата од 1953 година, родови во селото:

  • Доселеници: Бурназовци (3 куќи) доселени се од селото Бач. Го знаат следното родословие: Доне (жив на 90 г. во 1953 година) Толе-Пејо, кој се доселил од Бач; Гоговци (6 куќи) доселени се кога и Бурназовци од селото Радијово во Меглен (денес во Грција); Богдановци (6 куќи) доселени се кога и претходните родови од селото Гнилеш; Ушковци (4 куќи) доселени се од селото Скочивир во Мариово, во исто време со претходните родовиСкочивир; Крстевци (7 куќи) и Кисавци (4 куќи) доселени се од селото Чеган кај Воден; Лавровци (2 куќи) и Ѓилевци (3 куќи) доселени се кога и претходните родови од селото Груништа во Мариово, во родот Лавровци го знаат следното родословие: Никола (жив на 80 г. во 1953 година) Мицко-Танас, кој се доселил во селото; Митковци (4 куќи) доселени се кога и претходните родови од селото Сакулево кај Лерин; Ушевци (2 куќи) по потекло се од селото Сетина кај Лерин, од каде прешле во селото Сакулево, па во почетокот на XX век дошле во селото Совиќ; Деломани (2 куќи) доселени се од селото Пожарско кај Воден; Шлупковци (2 куќи) доселени се од селото Будимирци во Мариово; Пејовци (1 куќа) доселени се од некое село во Мариово.[13]

Етнографски одлики[уреди | уреди извор]

Во селото Совиќ живееле Македонци - Моштенци. Облеката, особено женската, има битни одлики по пои се разликува од мариовската носија. Нивните етнички особености се исти со другите моштенски села. Совиќани поставиле родовски врски со скоро сите моштенски села како што се: Бач. Живојно, Гермијан, Сетина, Крошоради, Попадија, Неокази и други други села кои сега се наоѓаат во Република Грција.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во Совиќ било изградено современо училиште. Во него учеле учениците од 1 до 4 одделение. Наставата се одвивала на мајчин македонски јазик. Прв учител на македонски јазик во 1944-45 година бил Васил Типевски. Потоа учителствувале; Трајан Мицевски, Димче Пармаковски, Тихомир Груевски, Трајче Стојчевски и Христо Галевски. По завршувањето на 4 одделение учениците своето образование го продолжуваа во Основното училиште „Мирче Ацев“ во село Бач кое од Совиќ е оддалечено 10 километри. Тие секој ден патуваа пеш по 20 километри, без разлика на временските услови. Беа примерни и вредни ученици. Многу од нив завршија средно, више и високо образование. Како нивни учител и сега им се восхитувам.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Турски документи за историјата на македонскиоит народ „Опширни пописни дефтери“ од XV век, том 2, 1973, стр. 474
  • Љубица Станкоска, „Македонска ојконимија“, книга 2, Метаморфоза, Скопје, 1997 г. стр. 279
  • Ѓорѓи Лазаревски, „Бач македонско моштенска населба“, НИД „Микена“ Битола, 2009, стр. 32
  • Завод за статистика на Р Македонија, Регионално одделение -Битола

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 170 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште на селото Живојно.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 209 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Турски документи за историјата на македонскиоит народ „Опширни пописни дефтери“ од XV век, том 2, 1973, стр. 474
  3. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  4. Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 249.
  5. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 176-177.
  6. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 26.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. Трифуноски Ф., Јован (1998). Битољско-Прилепска котлина : антропогеографска проучавања (1914-1997). Српска академија наука и уметности. ISBN 8670252678. OCLC 469501519.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.

== Надворешни врски ==