Mariovo Off-Road Experience

Координати: 41°10′5″N 21°43′41″E / 41.16806° СГШ; 21.72806° ИГД / 41.16806; 21.72806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Mariovo Off-Road Experience
За трката
Датумпоследен викенд во мај
РегионМариово
Дисциплинапланински велосипедизам, планинско трчање, планинарење, аеробик и болдеринг
Видтридневен фестивал
ОрганизаторЗдружение „ВЕЛОЕВРОПА“
Директор на тркатаСлободан Трајковски
Историја
Прво одржување2012
Одржувања5 (2016)

Mariovo Off-Road Experience (се чита: Мариово Оф-Роуд Икспериенс) — тридневен фестивал на отворено во областа Мариово, јужниот дел на Македонија. До 2015 година, фестивалот се одржал четири пати и вклучува повеќе активности како што се велосипедски тури (во планински и друмски велосипедизам), аеробик, болдеринг, планинско трчање и планинарење.

Кампот на фестивалот и негова средишна точка е селото Манастир, каде учесниците спијат во своите шатори, а од самото село и од регионалниот пат кон Витолиште почнуваат сите спортски активности, предвидени за секое издание на фестивалот.

Вообичаено, фестивалот е поддржан од многу покровители и спонзори, како и од страна на локалната власт од Општина Прилеп.

Организација[уреди | уреди извор]

Фестивалот е организиран од страна на Здружението за унапредување на велосипедизмот „ВЕЛОЕВРОПА“ - Скопје, под водство на главниот организатор Слободан Трајковски,[1] и Општина Прилеп.

Првото издание на фестивалот е во 2012 година. Ова издание на фестивалот било организирано од тројца ентузијасти и вљубеници во Мариово, кои решиле да организираат тура низ Мариово. По извонредно тежок терен, со многу дожд и кал на патеката, стотина велосипедисти успеале да пристигнат во селото Манастир по 13 часа возење.

Успехот од првата година донело до резултат да се продолжи организирањето на настан и следната година, кога присуствувале 200 учесници и воведување на нова дисциплина „планинско трчање“.

Третата година била воведена и третата дисциплина „планинарење“ и дополнителна забавна програма вечерта сабота кон недела. Третото издание на фестивалот било посетено од 400 гости од Македонија и Балканот.

Во 2015 година, бројката на учесници на фестивалот достигнала 800 посетители, кои земале учество на четири спортски активности. Тоа делумно се должи и на промоцијата на самиот фестивал во Македонија и на други велосипедски настани на Балканот.

Петтото издание на фестивалот се одржало од 27 до 29 мај. Во чест на малиот јубилеј била воведена и нова велосипедска патека, а исто така бил воведен и нов спорт - болдеринг.

Патеки и активности[уреди | уреди извор]

Планинскиот велосипедизам е застапен на три рути и се возат во недела, на третиот ден од фестивалот.

Тешка (голема) тура

Првата рута МТВ 1 (наречена „Тешката“) е во должина од 52 километри и вкупно искачување од 1100 метри и се движи во круг посетувајќи ги селата Бешиште, Градешница, Старавина, Зовиќ и Манастир. Таа рута ги посетува црквата Света Петка (во атарот на село Бешиште), реката Сатока, познатиот Зовички мост на кој се снимани сцени од филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски и средновековниот манастир „Свети Никола“ во селото Манастир. Најголемиот дел од патеката е неасфалтиран и поминува низ прекрасен живописен предел. Затоа се препорачува користење на добро подготвени планински велосипеди.

Лесна (мала) тура

Втората рута МТВ 2 (наречена „Лесната“) е пократка и полесна. Таа се движи кон селата Полчиште, Бешиште, Мелница, Витолиште и завршува во селото Манастир, и е во должина од 35 километри со вкупно искачување од околу 350 метри. Рутата ги посетува манастирот „Свети Илија“, куќата на писателот Стале Попов и манастирот „Свети Никола“. Движењето е претежно по асфалтиран и тампониран пат. Оваа рута е наменета за помалку подготвени велосипедисти и различни типови на велосипеди. И на оваа патека има водичи и сервисери кои се грижат за безбедноста на велосиедистите и сигурноста на велосипедите.

Ултра тура

Третата рута МТВ3 (наречена „Ултра“) е најтешка велосипедска патека. Таа тргнува од селото Манастир кон Црна река, па ги посетува селата Чаниште, Рапеш, Зович и повторно се враќа во селото Манастир. На 17 километри пред крајот таа се спојува со МТВ 1 и заедно продолжуваат кон Зовичкиот мост. Таа е во должина од 60 километри со вкупно искачување од 1500 метра.

Исто така, има и патека за друмски велосипедизам што почнува на регионалниот пат Витолиште-Прилеп, и го поминува целиот асфалтен пат во прилепско Мариово до вкупна должина од 103 километри, посетувајќи ги двете страни на Мариово поделено со Црна Река.

Планинско трчање

Планинското трчање е во организација и реализација на клубот „Трекс“. Се трчаат две патеки во сабота и недела. Првата патека се движи кон селото Витолиште, Живово и Врпско, а на враќање се поминува низ селото Мелница, манастирот Свети Илија и завршува во селото Манастир. Втората патека делумно ја следи големата велосипедска рута и ги посетува селата Бешиште, Градешница, Зович и Манастир.

Bubalo Boot Camp и Аеробик

Активностите поврзани со аеробик вежбањето се изведуваат во рамки на Bubalo boot camp и се вклучени сите присутни во кампот. Таа активност се изведува во саботата во попладневните часови.

Планинарење

Планинарењето се изведува во неделата. Стартот на таа активност е од центарот на селото Манастир и се движи кон селото Зовиќ (со посета и одмор на Зовички мост каде се посетува новоотворената етно куќа. Целата рута е во должина од 23 километри.

Болдерингот е воведен како спортска активност на петтото издание на фестивалот следејќи го трендот на воведување по еден спорт во секоја следна година од почетокот на фестивалот. Гранитните карпи во околината селото Манастир се искористени за качување и отворање на нов болдеринг сектор во околината на градот Прилеп, после оние околу Прилепско езеро, манастирот Трескавец, Камена баба во близина на селото Дабница и Маркови кули.

Изданија[уреди | уреди извор]

Во неколкуте изданија фестивалот секоја година ја збогатувал својата програма со нови активности и настани.

2012 година[уреди | уреди извор]

На првото издание на фестивалот заврнало силен дожд при што возењето на турата се одвивало во по кал и во многу отежнати услови.

2015 година[уреди | уреди извор]

Изданието на фестивалот во 2015 година опфаќало три фестивалски дена на кои имало богата програма.

За првиот фестивалски ден биле најавени проекција на кратки филмови со спортска содржина и отворање изложба на фотографии од претходните години. Вториот ден бил резервиран за целодневна забава со диџеи и бенд, курс по самоодбрана, аеробик-вежби, кратко предавање за готвење. Сите спортски активности се одржале на последниот фестивалски ден. Се одржале две планински велосипедски трки (голема и мала), две планински трки за трчање, аеробик и планинарење до селото Зовиќ.[1]

Настанот како и другите години претходно биле организирани од страна на здружението „ВЕЛОЕВРОПА“, а самиот настан е финансиски поддржан од програмата на УСАИД за поддршка на мали бизниси, а поддржан бил и од Општина Прилеп.[2]

Спортските активности последниот ден започнале во 9 и во 10 часот утрината и сите завршиле по околу 5-6 часа. Сите учесници имале заеднички ручек во два различни манастири, во зависност кој од учесниците на која трка бил пријавен. Ручекот за сите учесници бил послужен во манастирите „Св. Никола“ и во Витолишкиот манастир.

Учесниците од малата велосипедска трка, која се одржала на растојание од 35 километри, биле на ручек во рамките на Витолишкиот манастир, односно уште наречен манастир „Св. Илија“, каде покрај другото се одржувале и 31. Мариовско-мегленски средби.

Учесниците од големата велосипедска трка, која се одржала на растојание од 52 километри, присуствувале на ручек во манастирот „Св. Никола“ во селото Манастир, каде што се наоѓал и главниот камп на фестивалот, како и секоја година.

2016 година[уреди | уреди извор]

На изданието во 2016 година, за првпат била претставена третата тура наречена Ултра тура која ја извозеле околу 70 велосипедисти. Завршната точка и ручекот за сите активности на ова издание се одржала во манастирот „Св. Никола“ во село Манастир.

Галерија[уреди | уреди извор]

2015 година

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Четврти Фестивал „Mariovo OFF-Road Experience". Скопје: Сител. 26 март 2015. Посетено на 1 јуни 2015.[мртва врска]
  2. Талеска, Моника (31 мај 2015). „Духовден ги сплоти Македонците во Мариово“. Утрински весник. Скопје: МПМ Македонија. Архивирано од изворникот на 2016-05-02. Посетено на 2 јуни 2015.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

41°10′5″N 21°43′41″E / 41.16806° СГШ; 21.72806° ИГД / 41.16806; 21.72806