Манастир (село)
| Манастир | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°10′05″N 21°43′41″E / 41.16806°N 21.72806°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Прилепско Мариово |
| Население во атар1 | 3 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 7500 |
| Повик. бр. | 048 |
| Шифра на КО | 20063 |
| Надм. вис. | 690 м |
| Слава | Митровден |
Објаснувања за населението 1 Државниот завод за статистика го пресметува населението врз основа на бројот на жители кои живеат во рамки на атарот на населеното место
| |
Манастир — село во Општина Прилеп, во областа Прилепско Мариово, во околината на градот Прилеп.
Во селото се наоѓа еден од најстарите средновековни манастири во Македонија, Мариовскиот манастир со средновековната црква „Св. Никола“.
Во поново време, селото било домаќин на фестивалот на отворено Mariovo Off-Road Experience, кој вклучувал повеќе спортски и рекреативни настани и вообичаено се одржувал три дена на крајот на мај или почетокот на јуни.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]
Името на селото Манастир е дојдено поради фактот што тоа настанало со населување кај и околу постариот и познат манастир.
Вообичаена појава во Македонија и пошироко е манастирите да се именуваат според блиските месности и населби (пр. Осоговски, Бигорски, Сливнички, Лешочки итн.), но во овој случај поради тоа што манастирот е постар, а селото е основано подоцна во неговата непосредна близина тоа го добило името Манастир.
Доста поретко, на некои места селото се среќава и под името Манастирец.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во западниот дел на прилепскиот дел од областа Мариово, во јужниот дел на територијата на Општина Прилеп.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 690 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 38 километри.[2]
До селото води локален асфалтен пат во должина од 4 километри, кој се двои како крак од регионалниот пат 1107 од неговата десна страна.
Селото Манастир се наоѓа во средишниот дел на Мариово, по долината на Црна Река, односно од нејзината десна страна, сместено веднаш под врвот на една тераса која високо се издигнува над Чебренската односно Скочивирска Клисура. Пределот во кој се наоѓа селото Манастир е познат како Старо Мариово (нарекувано уште и Големо или Прилепско Мариово).
Според својата географска местоположба самото село Манастир во суштина претставува средишна точка на целото Мариово, како за прилепскиот дел така и со својата непосредна близина кон битолскиот дел преку соседното село Зовиќ и тиквешкиот (кавадаречки) дел преку превојот Трибор кај блиските соседни села Витолиште и Полчиште.
Селото е богато со дрвна растителност, а поради изобилството од вода во него има голем број на оревови дрвја, а потоа застапени се и дабот, дивите слива и круша, тополите, смоквите, омориките и дивите маслинки.
Веднаш над самиот манастир и селото од јужната страна се наоѓа Гулабова Пештера.
Други месности и потези на атарот се нарекуваат: на југ и десно до Црна се Декова Дабица, Чуките и Песјо Поле кон Зовиќ и Бешиште, кон север се Водици, Присој, Поличе, Градиште (563 м.), Дрскавец, Ќуловите, Брест, Козјак, Влашка Аргач кон Расимбегов мост, кон манастирот Свети Илија во раселеното село Мелница на исток е потегот Плавец.
- Околината околу селото
- Карпи во близина на селото
- Карпи во близина на селото
- Ливада кај селото
- Патот помеѓу селата Манастир и Зовиќ
- Крај селото Манастир
- Крај селото Манастир
Историја
[уреди | уреди извор]

Мариовскиот манастир „Св. Никола“ со својата специфична градба и редок катедрален изглед на трикорабна базилика, налик на охридската црква „Света Софија“, кој се наоѓа на самиот крај на селото потекнува од раниот среден век односно периодот помеѓу XI и XII век. Јасен доказ за тоа се пронајдените фрески во внатрешноста кои датираат и од XIII век, како и застапеноста на натписи на глаголица и самиот архитектонски изглед на манастирската црква. За селото се знае дека е основано во XV век околу познатиот манастир каде што се одржувал голем панаѓур и пазар со многу луѓе. Оттаму доаѓа и името на самото село.
Меѓутоа за настанокот на селото меѓу населението постои и едно предание. Имено, после некој голем грабеж и напад во некое околно село било заклано целото население, а останале живи само едно братче и едно сестриче. Тие најпрвин отишле до Бешиште, а потоа извесен период се криеле и живееле во пештерите и карпите во клисурата на Црна Река во пределот над самиот манастир. Подоцна тие дошле и се доселиле до манастирот при што го основале и селото.[3] Во селото Манастир постои презимето и родот Сираковски за кој е можно и веројатно да потекнуваат од „сираците“ брат и сестра кои го основале селото.
Под името Манастирец селото се среќава во втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1476/77 кога во селото живееле 35 семејства, потоа во 1481/82 биле попишани исто така 35 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 44 домови во 1519 година и 45 домаќинства во 1528/29, како и благо намалување на 40 семејства во 1544/45 година.[4] Во овој период селото Манастир спаѓало во нахијата Мориово во Прилепската Каза.[4] Тоа било село со најголем број на овошни градини и воедно едно од неколкуте села најголем производител на винова лоза во Мариово.[4]
Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 година за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за селото Манастирец запишал дека имало 55 куќи со разорен манастир и крепост Маркова, додавајќи дека тука уште постоел и манастирот посветен на Свети Димитриј наречен Чебрен со 35 соби.[5]
Врз основа на местоположбата и наведените знаменитости и старини како манастирот и остатоците од Марковата тврдина, овој запис се однесува точно на селото Манастир.
Поради големите лежишта и наоѓалишта на дијатомејска земја, порцеланска глина - каолин, варовнички камен кон крајот на 1950-тите и 1960-тите години во селото била отворена фабриката за градежни материјали „Партизанка“.
Стопанство
[уреди | уреди извор]
Атарот на селото зафаќа простор од 15,5 километри квадратни. На него пасиштата заземаат површина од 705 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 253 хектари, а шуми речиси нема.[2]
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[2] Малобројното постојано население, повремените посетители кои имаат свои имоти и куќи, како и монасите од манастирот „Свети Никола“ се занимаваат со земјоделство, сточарство и пчеларство.
Од земјоделството најзастапено е градинарството односно одгледувањето пиперки, домат (патлиџан), кромид, лук, краставици, марула, тиква, бостан односно лубеници и дињи, а постојат и повеќе поголеми ниви на кои се сади компир. Ова производство е речиси целосно за сопствени потреби. Изобилството од вода и влажна почва, покрај за градинарските култури е доста поволно и за голем број на дрвја посебно оревови од кои се раѓаат доста крупни и сочни ореви, потоа тополи, смокви, цреши, сливи, лозници.
Во XVI век според турските пописни дефтери селото имало најголем број на овошни градини и неговите жители многу се занимавале со одгледување на винова лоза. Поради бујните и сочни цветни ливади и изложеноста на сонце кон запад, во селото има одлични услови и поголем број на луѓе се занимаваат со пчеларство. На самиот влез на селото, како и во неколку куќи низ селото сѐ до манастирот има над стотина пчлении сандаци, а пчелни семејства се одгледуваат и во земјани трмки - улишта, при што се произведуваат големи количества на познатиот цветен и ливадски мариовски мед.
Монашкото братство во манастирот и две куќи одгледуваат и неколку (десетина) глави добиток односно крави и говеда. На влезот на селото од двете страни на регионалниот пат има добро уредени трла и бачила со сточарски станови во кои стада овци напасуваат и чуваат поголеми сточарски стопанства од Прилеп.
Селото Манастир и терасата над него се големи лежишта на дијатомејска земја и остатоци од разни вулкански почви и гранитни, вулкански и варовнички карпи како и наоѓалишта на порцеланска глина (каолин), заради што постои и руднички ископ над селото. Кон крајот на педесеттите и шеесеттите години во селото била отворена фабриката за градежни материјали „Партизанка“.
Денес, веднаш над самото село постои и работи рудник односно ископ на висококвалитетен камен за градежништво, а малку подолу југ по патеката кон Зовиќ има и ископ на мермер.
- Остатоци од некогашната жичарница
- Остатоци од некогашната жичарница
- Остатоци од некогашната жичарница
- Рудник кај селото
Население
[уреди | уреди извор]Население во минатото | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
![]() | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Манастир живееле 208 жители, сите Македонци.[6]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Манастир имало 216 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Манастир се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 34 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[9]
Како и сите останати мариовски села, така и селото Манастир бележи постојан пад на бројот на жителите и е во состојба на наполно раселување. Така, во 1961 година селото имало 232 жители, а во 1994 година само 12 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, селото Манастир броело само 4 жители, сите Македонци.[10]
Со обновата на монашкиот живот во стариот средновековен манастир Свети Никола во селото, во него постојано живее монашко братство од 3 монаси со игуменот отец Никола и еден искушеник. Од скоро во селото има и неколку повратници иселени во Прилеп кои сега постојано живеат во селото и ги обработуваат своите имоти. Со обновувањето на неколку стари куќи во селото Манастир преку пролетниот, летниот и есенскиот период повремено престојуваат и по триесетина до четириесетина луѓе.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, сите Македонци и воедно тројца монаси во манастирот „Св. Никола“.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | 208 | 216 | 131 | 144 | 232 | 139 | 19 | 12 | 12 | 4 | 3 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Манастир како и целото Мариово отсекогаш па сѐ до денес било населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.
Најстар род и најверојатно основачи на селото се Сираковци чиешто родовско презиме Сираковски најверојатно потекнува од двете „сирачиња“ - братче и сестриче кои според народното предание први се заселиле и го основале селото. Останати македонски родови во селото се: Царовски, Спасески, Крстевци и сите се староседелци или старинци.
Поради непосредната близина во минатото брачни врски се склопувале со жителите од Бешиште, Зовиќ, Мелница, Чаниште и Крушевица.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
- Поранешен задружен дом
- Поранешното училиште
- Некогашниот задружен дом
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Манастир било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Витолиште.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Витолиште, во која покрај селото Манастир, се наоѓале и селата Бешиште, Витолиште, Врпско, Живово и Полчиште. Во периодот 1945-1952, селото припаѓало на Општина Бешиште, во која влегувале селата Бешиште, Манастир и Полчиште.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1528 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на домот на месната заедница на селото Бешиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 33 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 29 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]
- Грамаѓе - Белило — некропола од римското време;
- Камен Крст - Присој — некропола од римското време;
- Камено Корито — осамен наод од римското време;
- Манастир Св. Никола — средновековна црква и некропола;
- Маркови Кули - Градок — средновековна тврдина и црква;
- Плевење — некропола од доцноантичкото време;
- Брест — населба од железно и античко време;
- Вакафска Куќа — двојно корито од римскиот период;
- Градиште — населба од бакарно, бронзено и железно време и раноантички период;
- Лаштигер — населба од бронзено време;
- Трештена Стена — населба од бакарно и бронзено време;
- Ќулавите — населба од бронзено време; и
- Црните Тумби — населба од бронзено и античко време.
За археолошкото наоѓалиште Маркови Кули - Градок подоцна е откриено дека претставува древниот антички град и епископија Антанија, кој е еден од најзачуваните вакви градови во Македонија со ѕидови високи повеќе од еден метар. Антанија и денес останува титуларна епископија, под тековно водство на Партениј Антаниски, игумен на Бигорскиот манастир.
- Цркви[20]
- Црква „Св. Никола“ — манастирска црква.
- Манастири
- Мариовски манастир — средновековен манастир во самото село. Манастирот со својата трикорабна базилика е само еден од четирите такви во Македонија.
- Параклиси
- Параклис „Св. Петка“ — параклис кај Расимбеговиот мост.
- Поглед на задниот дел на манастирската црква (2015 г.)
- Манастирската црква во 2024 г.
- Параклисот „Св. Петка“ кај Расимбеговиот мост
- Воздушен поглед на Антанија
Редовни настани
[уреди | уреди извор]
- Слави
- Митровден — селска слава
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Манастир
- Митра Врчичкоска — учесник во НОВ на Македонија
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]- Mariovo Off-Road Experience — почнувајќи од 2012 година секоја година во последниот викенд на крајот од месец мај, во селото Манастир се одржува големиот фестивал на отворено Мариово Off-Road Experience кој вклучува две велосипедски тури, планинарење, планинско трчање, како и музичка забава со бендови и диџеи. Во дворот на некогашната фабрика „Партизанка“ се поставува кампот со шатори, каде што е и главната сцена, а во манастирот „Свети Никола“ каде што завршува големата велосипедска тура се дели и ручекот за учесниците.
Галерија
[уреди | уреди извор]- Поглед на дел од селото и манастирот
- Куќа во селото Манастир
- Ноќна панорама на селото
- Поглед на селото
- Улица во селото
- Улица во селото
- Чешма во куќа во селото
- Изворот во селото
- Куќа во селото
- Куќи во селото
- Поглед на селото
- Сретселото
- Селската чешма
- Панорама над селото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 191. Посетено на 4 јануари 2026.
- ↑ Според кажување на мештани. Забележал Марио Шаревски на 24 мај 2015
- 1 2 3 Стојаноски, Александар (1994). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 65–73.
- ↑ Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (1987). Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници (Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници. изд.). Скопје (Цариград): Мисла (Цариградски весник).
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 247.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 148-149.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот Вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 19 декември 2025.[мртва врска]
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 303. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Миткоски, Александар; Темелкоски, Душко (2019). „ГЕОРЕКОГНОСЦИРАЊЕ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ОПШТИНИТЕ ПРИЛЕП, ДОЛНЕНИ, КРИВОГАШТАНИ И КРУШЕВО“ (PDF). Каламус. Посетено на 4 јануари 2026.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
| ||||||||||||||||||||||



