Чаниште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Чаниште
Чаниште 42.JPG

Панорама на селото Чаниште

Чаниште is located in Македонија
Чаниште
Местоположба на Чаниште во Македонија
Координати 41°9′55″N 21°41′8″E / 41.16528° СГШ; 21.68556° ИГД / 41.16528; 21.68556Координати: 41°9′55″N 21°41′8″E / 41.16528° СГШ; 21.68556° ИГД / 41.16528; 21.68556
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски
Општина Coat of arms of Prilep Municipality.svg Прилеп
Население 47[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 7508
Повик. бр. 048
Надм. вис. 600 м
Слава Петковден
Commons-logo.svg Чаниште на Ризницата


Чаниште — село во Општина Прилеп, во областа Мариово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка на селото Чаниште од југ

Селото се наоѓа во западниот дел од областа Мариово, од левата страна на Црна Река во предел познат како Мало Мариово односно во рамките на прилепскиот дел на Мариово. Сместено е во долот од двете страни на Чанишка односно Крушевичка Река на источната падина во подножјето на Селечка Планина под врвовите Маргара (1016 м.) и Липје (804 м.). Чаниште е ридско село, расположено на надморска височина од околу 620 метри, додека географот Митко Панов погрешно запишал 720 метри[2], што соодветсвува на соседното повисоко село Крушевица. Селото се дели на 4 маала, по две од двете страни на реката, во кои куќите се распоредени амфитеатрално и збиени според припадноста на родот пр. Бојовско, Попагиновски итн. До селото води новоасфалтиран пат во одлична состојба кој преку соседното село Крушевица од кое е оддалечено 7 километри, се поврзува со регионалниот пат за Прилеп од каде Чаниште е оддалечено 38 километри. Во сите правци околу селото е застапно низинско земјиште на кое се нивите и бројните пасишта, додека самото село е во дол. Непосредно северно од селото се составуваат водите на Крушевичка и Косовска река кои во самото село се познати под името Крушевичка, а на географските карти како Чанишка Река, кои пак јужно од Чаниште се влеваат во Црна Река од левата страна веднаш наспроти утоката на Градешка Река кај Чебрен во Скочивирската (Мариовска) клисура. Над самото селото од западната страна, веднаш над патот има извор на вода во соѕидан кладенец. Атарот е голем и зафаќа простор од 36,7 хектари на кои обработливото земјиште зафаќа површина од 1627 ха, а на пасиштата отпаѓаат 1565 ха[2].

Историја[уреди | уреди извор]

Глетка од маалото во кое се наоѓаат куќите на родовите Бојовци и Попаѓиновци, со врвот Висока на Селечка Планина во позадината

Бројните ископини и пронајдоци на старини, меѓу кои остатоците од: древниот македонски град Пелагон на врвот Висока, енеолитската населба кај Трештена Стена, тумулот од железно време во месноста Барата, кои се наоѓаат во непосредната близина и околина сведочат дека на местото на Чаниште имало организиран живот уште од многу дамнешни времиња, односно уште од каменото, железното и античкото време.

Денешното село Чаниште се претпоставува дека е основано во XVI век[3]. Според преданието кое што се раскажува селаните, најпрвин селото се наоѓало погоре на зарамнетиот предел околу возобновениот манастир Света Петка веднаш јужно од денешното село, а подоцна заради немање вода селото се преместило подолу во долот од двете страни на реката[4]. Селаните кажуваат дека при орање и обработување на нивите околу манастирот Св. Петка јужно од селото често наоѓаат и изоруваат ќерамиди, тули, остатоци од темели и градежен материјал. Главен доказ за ова е фактот што иако главната поголема селска и гробјанска црква која се наоѓа во самото село е посветена на Свети Ѓорѓија, селската слава на селото е Петковден според манастирот Света Петка каде некогаш порано се наоѓало старото село Чаниште, што укажува дека таа останала да се прославува и празнува во чест на светителот на стариот храм од времето пред преместувањето на местоположбата на селото. Старото село Чаниште кое било на тоа место имало 7 куќи од родовите Балковци, Толковци, Ризмановци, Кусипетковци, Паланковци, Оклевци[3].

Од народните преданија и некои историски записи познато е дека селото Чаниште постоело во XVI век во времето на познатата прва Мариовска буна кога во 1548 година во рамки на грабежната експедиција организирана од прилепскиот кадија во селото Чаниште биле извршени тешки зулуми, а селото Лисиче било изгорено до темел и никогаш повеќе не се обновило[5]. Во однос на ова, според кажувањата на жителите на селото, се поврзува и настанот дека грабнувањето на Калеш Анѓа од Турците се случило токму во манастирот Света Петка во Чаниште за време на соборот, кога таа била дојдена како гостинка во селото бидејќи од тука потекнувала нејзината мајка[4]. Во пишаните податоци во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година селото Чаниште се среќава запишано како Ипшаништа кога било чисто христијанско македонско село кое како тимар било во посед на Диване Сулејман и Дервиш и припаѓало во рамки на нахијата Тиквеш во состав на Ќустендилскиот санџак[6]. Во ова време во селото, живееле 70 македонски христијански семејства кои произведувале 124 товари пченица, 130 товари мешано жито, 1 товар уров, леќа, градинарски култури, овошје, грозје и вино, сено, се чувале и свињи и пчели во улишта и кошници, работеле 4 воденици и 1 валавница во сопственост на Велче, Продан, Петко, Рале и Степан - жители на селото, а во мездрата Дубоки Дол која била сеалиште на Пчаниште доаѓале сточари однадвор за да отседнат и зимуваат плаќајќи данок за зимовиште на спахијата на селото, за што се остварувло приход и давачки од 14237 акчиња[6].

За време на отоманското владеење, животот бил доста обременете со поделби наметнати од соседните национални, политичко и верско-просветни пропаганди, па така во селото Чаниште било случај во една куќа едни членови од истото семејство да се сметаат за „Грци“, а останатите за „Бугари“[4]. Во тоа време кон крајот на XIX век селото се наоѓало во Дуњската општина и за разлика од останатите села Пештани, Вепрчани, Кокре, Кален, Крушевица и Гудјаково кои повеќе биле егзархиски („пробугарски“) определени, Чаниште било единствено село чии жители припаѓале повеќе под патријаршијата и грчката пропаганда заради што биле „прогрчки“ ориентирани[7]. Ваквата „прогрчка“ настроеност и неразјаснетите убиства на 3 бугарски војници за време на Првата светска војна ќе бидат главната причина за подоцнежната интернација на жителите на селото Чаниште во околината на Јамбол во тракиската низина во Бугарија[7].

Доста значаен историски настан од Илинденскиот период е познатата Битка кај Маргара која се одвивала кај врвот Маргара веднаш над селото Чаниште на 2 октомври 1903 година. Во оваа битка во херојска борба, здружените чети на МРО предводени од Ѓорче Петров, Лазар Поп Трајков и други војводи со околу 140 комити против турска пешадиска бригада од 5500 војници. Востаниците во оваа позната битка кај Чаниште имале само 4 загинати и 8 ранети, додека турците имале загуби околу 200 до 400 души при што четите успешно ги одбиле нападите и се повлекле преку Црна Река[8].

За време на Првата светска војна сите жители од целото село Чаниште биле интернирани односно присилно иселени во околината на градот Јамбол во Бугарија, каде работеле тешки физички работи во земјоделството, индустријата, а некои биле мобилизирани и во војската[7]. По завршувањето на војната, кога жителите се вратиле назад во своето родно село Чаниште, сè било срушено и запуштено, па извесен период цели семејства со по десетина деца биле приморани да живеат во многу мали и сиромашно изградени колиби[4]. За време на престојот во Бугарија, немало склучување брачни врски со тамошното население, а при враќањето многу мал дел од десетина млади луѓе останале некој во Јамбол, а некој по патот во Бугарија од кои поради српската власт која завладеала веднаш по војната повеќето не се јавиле никогаш кај своите во Чаниште, при што се претпоставува дека убиецот на Ѓорче Петров, младото момче по име Орце, може да е токму од овие млади луѓе кои останале по интернацијата.[7].

За време на НОВ во Втората светска војна жители на Чаниште се приклучиле во македонските партизански одреди, а еден од нив по име Јордан Анѓелевски загинал во борбите со окупаторските сили. По Втората светска војна, Чаниште го доживеало својот најголем раст кога броело околи 133-134 куќи со 800 жители и 200 деца кои учеле во основното училиште во селото[4]. Од 1957 година жителите започнале масовно да се иселуваат, а изградбата на инфраструктурата како пат и струја не го спречила овој процес, па дури предизвикала иселувања во бранови по триесетина семејства одеднаш[4].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Селото насекаде е познато под името Чаниште, а во селата преку Црна Река во Големо Мариово односно во Зовиќ, Старавина се нарекува Пчаниште[4] како што е познато и во некои пишани историски документи. Жителите на самото село и останатите во т.н. Мало Мариово како на пример соседното Крушевица селото го нарекуваат Чаниште. За потеклото на името постојат три претпоставки од кои две народни легенди и преданија. Според едното, името настанало од некојси турчин по име Чане кој тука, на местото на селото направил 3 бунари[4], додека според друго предание името на селото е поради тоа што тука имало многу чавки, што денес според кажувањата на жителите, се реткост бидејќи од птици околу селото се забележуваат само врани и соколи[4]. Според научните претпоставки, името на селото Чаниште потекнува од лично име, и тоа според Љубица Станковска од Часлав[3], а според Иван Дуриданов од Чано.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот селото има поледелско-сточарска функција, а во него работеле и земјоделска задруга и продавница[2]. Преостанатото населние денес се занимава најмногу со сточарство при што 10 куќи одгледуваат стада со овци од чие млеко се прават познатите мариовски овчко и биено сирење, а јагнињата и се извезуваат на странските пазари, додека во помала мерка и кози. Од поледелството 2-3 куќи одгледуваат тутун кој дава род од 320-330 килограми на засадена површина од 2 декари, на зарамнетото земјиште на „црвеничави ниви“ (почва црвеница) околу селото има повеќе посеви со жито најмногу со пченица, а помалку со ’рж и јачмен, кои со комбајн и механизација ги обработува и жнее едно домаќинство кое одгледува и градинарски култури како пиперки под платеник (фолија) и има деца и живее во горниот дел на селото. Со градинарство за сопствени потреби се занимваат и уште неколку други куќи на влезот на селото кои одгледуваат: пиперки, кокар - повеќе лук, а помалку млад кромид, патлиџан (домат), краставици, марули. Дел од населението и оние кои имаат свои имоти во дворовите на неколку куќи одгледуваат повеќе пчелни сандаци од кои го прават познатиот ливадски мариовски мед.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година, селото Чаниште брои 47 жители[1], сите Македонци.

Како и сите останати села во Мариово, така и Чаниште го зафатило огромниот бран на иселување што се одразило со значително намалување на населението. Па така, селото во 1961 година броело 694 жители, додека во 1994 бројот значително се намалил на само 83 жители, македонско население[2].

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[9] 1905[10] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 620 856 514 614 694 552 348 98 83 47
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Чаниште од секогаш било населено само со Македонци од православна христијанска вероисповед. Староседелските родови кои учествувале во преместувањето на местоположбата од старото село Чаниште кое броело 7 куќи се викаат: Балковци, Толковци, Ризмановци, Кусипетковци, Паланковци, Оклевци. Останати родови кои живеат и потекнуваат од селото Чаниште се: Стојовци, Митревци, Каљушовци, Бојовци, Загаровци, Мечкаровци, Поповци од кои како домазет еден член - поп ја основал родовската гранка во соседното село Крушевица, Попаѓиновци имаат куќи на самиот влез на селото и нивните членови биле свештеници, а учествувале и во една интересна случка кога турците сакале да го земат и однесат сето злато од целиот крај, Поп-Јаневци, Ѓеневци, Брдаровци, Головци, Црвенковци (4 куќи), Николовци, Анѓелевци[4]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Чаниште со зградата на некогашното училиште во преден план

На самиот влез на селото постои големата зграда на некогашното основно училиште „Браќа Миладиновци“, кое било целосна осмолетка, во која покрај децата (до 200) од Чаниште, од 5 до 8 одделение учеле и деца од соседното село Крушевица.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Витолиште, во која влегувале сите села од прилепскиот дел на Мариово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Дуње, во која покрај селото Чаниште, се наоѓале и селата Вепрчани, Дуње, Ѓуѓаково, Кален, Кокре, Крушевица и Пештани. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Крушевица, во која влегувале селата Крушевица и Чаниште.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[12]
Археолошки наоѓалишта[13]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Иселувањето од селото Чаниште започнало од 1957 година при што доста голем бран на иселување од 30 семејства одеднаш се случил во времето кога се градел патот за истражувањата за изградба на браната Чебрен, а дополнителна причина за иселување било изградбата и вработувањето во РЕК „Битола“. Најмногу иселеници од Чаниште има во селото Долно Оризари кај Битола каде има иселено преку 40 семејства поради што селото е познато и се нарекува како „Ново Чаниште“, нешто помалку (околу 8 куќи) има во Горно Оризари, а други иселеници има во Битола, Прилеп, Скопје и во странство во Австралија, Америка, Австрија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 "Попис на Македонија" (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 30 март 2013. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 316. 
  3. 3,0 3,1 3,2 Митревски - Бојов, Петко (2006) (на македонски). Чаниште - некогаш и денес. Битола. 
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 Според кажување на Ристе Стојчевски (65 г.) и останати жители на селото. Забележал Марио Шаревски на 09.04.2016
  5. Сталев, Ѓорѓи (1990) (на македонски). Мариово низ вековите (Зборник „Мариово-Меглен: вчера, денес, утре“ издание). Витолиште: Друштво за организирање Мариовско-мегленски културни средби. стр. 57. 
  6. 6,0 6,1 Соколоски, Методија (1982) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 641-642. 
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Митревски, Петко; Димовски, Спасе (1994) (на македонски). Интернацијата на с. Чаниште во Бугарија и одразот во народната литература. Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на Мариовско-Мегленски културни средби. стр. 171–174. 
  8. Пандев, Манол. Македонското ослободително дело во XIX и XX век, II, Скопје, 1987
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. "Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна". Државен завод за статистика. 
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред. Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  13. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Мкедонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски[уреди | уреди извор]