Тополчани
- За истоимената поранешна општина, видете Општина Тополчани.
Тополчани | |
Поглед на селото | |
Координати 41°13′42″N 21°25′53″E / 41.22833°N 21.43139°E | |
Регион | Прилеп |
Општина | Прилеп |
Население | 310 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7512 |
Шифра на КО | 20103 |
Надм. вис. | 600 м |
Слава | Спасовден |
Тополчани на општинската карта Атарот на Тополчани во рамките на општината | |
Тополчани на Ризницата |
Тополчани — село во областа Пелагонија, во Општина Прилеп, во околината на градот Прилеп.
До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина, која била споена со Општина Прилеп.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Според жителите, селото Тополчани најпрво се нарекувало Плочани бидејќи луѓето тука изработувале камени плочи кои ги продавале во Битола. Ова занимање постоело до 1912 година. Од старото име Плочани настанало официјалното денешно име Тополчани.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Пелагонија, во крајниот јужен дел на Прилепското Поле и во јужниот дел на територијата на Општина Прилеп, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Могила. Селото е рамничарско, на надморска височина од 600 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 17 километри.[3]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од автопатот А3.
Тополчани е познато село во Прилепското Поле. Се наоѓа лево од коритото на Црна Река, покрај автопатот А3 и регионалниот пат R1101. Атарот на селото граничи со атарите на селата: Ерековци и Шелеверци на исток, Клепач на југ, Новоселани и Лознани на југозапад, Тројкрсти на северозапад и Загорани и Веселчани на север. Жителите со вода за пиење се снабдуваат од селска чешма и 2-3 бунари. Во околината на селото се наоѓаат изворите Крива Врба, Петочна и Неделска Вода. Изворите лете пресушуваат, поради што мештаните оделе до други бунари во полето.[2]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Старо Село, Царевиќ, Калдрма, Долни Јаз, Бели Камења, Мал Крст, Завој, Гајтанова Лака, Гајтаница, Долни Ливади, Стари Лозја и Барлејца.[2]
Тополчани е издолжено во насока северозапад-југоисток. Селото има збиен тип, поделено на четири маала. Низ селото води пат, кои ги дели Горно и Степаноско Маало на една, и Долно и Илиоско Маало на другата страна од патот.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Подрачјето на Тополчани е населено барем од неолитот, за што сведочат остатоци на населба и јами на наоѓалиштето Чука.[4]
Првиот помен за Тополчани потекнува од првата половина на XVII век. Преданието говори дека некогаш во Старо Село, околу 400 метри источно од денешната местоположба се наоѓало старото село Тополчанни со 10 до 15 куќи. Подоцна, тоа село, при турските зулуми било целосно напуштено од своите жители. Денешното село било основано од староседелското население на тогашното село пред околу 150-180 години.[2]
Денес, на местото на селиштето може да се забележат остатоци од црковен храм, гробови и темели од куќи.[2]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 13,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 860 хектари, на пасиштата отпаѓаат 394 хектари, а на шумите само 16 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него има земјоделска задруга, продавници и услужни објекти.[3]
На почетокот на XX век, во селото Тополчани постоеле три чифлици, чии сопственици биле Риза-бег, Усеин-ага, а името на третиот сопственик е заборавено. Неговиот чифлик го купил некој христијанин од Прилеп. Овој чифлик се нарекувал Вукароски. По ослободувањето од турската власт, селаните си ја купиле земјата, додека еден дел ја добиле со аграрната реформа направена за време на Кралството Југославија.[2]
Население
[уреди | уреди извор]Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 38 домаќинства со 172 жители христијани (Македонци) и 4 Роми.[5]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Тополчани живееле 360 жители, сите Македонци.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Тополчани е претставено како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 55 куќи.[7]
Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 440 Македонци, патријаршисти.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[8]
Селото во 1961 година броело 929 жители, додека во 1994 година населението се намалило на 505 жители.
Според пописот од 2002 година, во селото Тополчани живееле 449 жители, сите Македонци.[9] Од нив 243 биле мажи, а 206 жени.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 310 жители, од кои 297 Македонци, 2 Албанци, 1 останат и 10 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 360 | 440 | 745 | 785 | 929 | 857 | 757 | 565 | 505 | 449 | 310 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Епска народна песна од Тополчани изрецитирана на месниот прилепско-битолски дијалект | |
Проблеми со пуштањето? Помош. |
Тополчани е македонско православно село, родовите во селото се староседелски и доселенички.
- Староседелци: Степановци (10 к.), Илиовци (7 к.), Трпковци (6 к.), Шиклевци (5 к.), Шуплиновци (4 к.), Китевци (2 к.), Јандревци (5 к.) и Коруновци (2 к.). Родовите Јандревци и Коруновци се деленици од родот Трпковци.
- Доселеници: Калaмуковци (4 к.), Петанчевци (6 к.), Вузевци (3 к.), Јанчевци (3 к.), Радичовци (4 к.), Караџовци (2 к.), Станковци (2 к.), Бојковци (2 к.), Балабановци (4 к.) и Пројчевци (4 к.) доселени се однекаде; Чапкуновци (7 к.) доселени се од селото Лознани; Чагоровци (4 к.) доселени се од Чагор; Зацевци (2 к.) за нив се вели дека секаде скитале, доселени се од Лознани; Ѓоргијовци (3 к.) доселени се однекаде; Беговци (3 к.) и тие се доселени однекаде; Карабелевци (4 к.) потекнуваат од домазет кој дошол однекаде; Кожуваровци (2 к.) доселени се однекаде; Козаровци (1 к.) доселени се од Горно Алинци и Роглевци (2 к.) доселени се од Битола, а пред тоа живееле во други села.[15]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]- Од ова село иселеници има во Загорани (Јанчевци и Ризовци), Тројкрсти (Ѓоревци) и Новоселани (Шуплиновци). Од родот Шуплиновци иселеници има во Битола. Од родот Заневци иселеници има во Битола. Прилеп и Романија.[2]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- ОУ „Круме Волпароски", деветгодишно основно училиште
- Пошта (7512)
- Амбуланта
- Дом на културата
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Тополчани било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Прилеп, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Тополчани.
Во периодот 1955-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Тополчани.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Тополчани, во која покрај селото Тополчани, се наоѓале и селата Веселчани, Загорани, Клепач, Тополчани и Тројкрсти. Селото било седиште на некогашната општина Тополчани во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Веселчани, Загорани, Тополчани, Тројкрсти и Чепигово.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1500 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на работнички универзитет.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 320 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[4]
- Крива Врба — населба од римско време;
- Чука — населба и јами од неолитот и средниот век;
- Џаферица — депо на монети од римско време; и
- Селиште — населба од непознат период.
Цркви
- Црква „Вознесение Христово“ — главната селска црква, завршена во 1864 г.
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Слави[2]
- Спасовден — селска слава
Личности
[уреди | уреди извор]Родени во или по потекло од Тополчани
- Ангелина Маркус — историчар и професор по филозофија
- Евгенија Шуплинова — поет, раскажувач и преведувач
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (I. изд.). Скопје: Патрија. стр. 298. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 314. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 76-77.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр.247.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 20.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ 9,0 9,1 Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Ф. Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина. Српска академија наука и уметности. стр. 137.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.