Прилепско-битолски дијалект

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Прилепско-битолскиот дијалект на картата на македонските дијалекти
Дијалектни примери
Епска народна песна од с. Тополчани, Прилепско

Приказна раскажана од жителка на градот Битола

Проблеми со пуштањето? Помош.

Прилепско-битолски дијалект — дијалект што спаѓа во подгрупата на централни дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик. Дијалектот се зборува на територијата на цела Пелагонија, поточно во Прилепско и Битолско Поле, во источните потпелистерски села, во селата кои се наоѓаат во Цапарско Поле, во Крушевско, како и во областа Железник (Демир Хисар). Дијалектот е застапен во градовите Прилеп и Битола, малите гратчиња Демир Хисар и Крушево и во 245 села кои гравитираат околу овие градови.

Според пописот од 1953 година, прилепско-битолските говори ги зборувале вкупно 168 861 жител, или 18,8 % од вкупниот број на зборувачи на македонски јазик.

Овој дијалект е близок со кичевско-поречкиот дијалект и заедно со останатите дијалекти од централната подгрупа, се основата врз која се темели стандардниот македонски јазик.

Територија[уреди | уреди извор]

Прилепско-битолската група говори се простира на мошне голема територија. Го опфаќа јужниот дел од централните говори, поточно целата област Пелагонија на југ до денешната државна граница меѓу Република Македонија и Република Грција. Значењето на оваа група говори за македонското духовно наследство е огромно со самиот факт што тоа е централната група говори што ја споменува и Крсте Мисирков како основа на македонскиот литературен јазик. Географско дијалектната граница на прилепско-битолските говори се движи по долината на реката Црна. Од велешкото говорно подрачје нив ги дели планината Бабуна, а јужната граница спрема костурско-леринските говори оди приближно по денешната државна граница, на североисток омеѓена со планината Ниџе, а на северозапад со планината Баба.

Фонолошки карактеристики[уреди | уреди извор]

  • фиксиран третосложен акцент
  • Секвенцата еа се реализира како дифтонг еа, во некои локални говори како широко е, или како долго е: неа, стреа, беа, носеа, Петреа (во прилепскиот), леа, смеа, греам, односно ле:, стре:, носе:, (во битолскиот).
  • Групата оа се реализира како дифтоншка секвенца оа, или како отворено о, во битолскиот понегде и како долго о: тоа, броам, стоат, готоа (во прилепскиот), тоар, осноа, односно: то:р, осно:, јадо: (во битолскиот).
  • Во прилепскиот говор на дифтонгизација подлежи и групата ео: мео, времео.
  • Вокалните групи ае и ое се дифтонгизираат по друг начин - со десилабизација на /е/ > /i/ : двајсе, тринајсе, инаiт, знајше, гојдо, тргојц.
  • Тенденција за депалатизација на *n' што се врши најчесто со антиципација на мекоста во /ј/: којн, бајна, се клајна, сирејне. Оваа појава се наоѓа во процес, уште незавршена.
  • Во врска со дистрибуцијата на согласките, говорите во Пелагонија ги карактеризираат две посебности. Групите шт и жд се реализираат како шч и жџ, односно шќ и жѓ, во југозападните битолски села, сп: гушчер, клешчи, огнишче, дожџо, нужџа (Прилеп), гушќер, лешќа, вежѓа, глуж'ѓо (Битолско).
  • Отсуство на в во интервокална позиција: чоек, глаа, дворој итн.
  • Согласката /с/ во група со /к/ во суфиксот -ск(и) во позиција зад согласка се африкатизира во /ц/, сп. селцски, прилепски, старцки, грацки, но: кически, тетоски (зад самогласка).[1]

Морфолошки карактеристики[уреди | уреди извор]

  • употреба на остатоци од дативен падеж: му рече Стојану
  • употреба на стандардните лични заменки
  • употреба на трите членови
  • употреба на заповеден начин на сопствени именки
  • загуба на -т во членската морфема за м.р. -от: градо, лебо, огно, дворо
  • глаголскиот прилог освен со наставката -јќи има форми и на -јќум и -јќим: викајќум, одејќум, односно викајќим, одејќим, носејќим, покрај викајќи, одејќи.

Кратенки во говорот[уреди | уреди извор]

говор
стандарден дијалект
ќе одиме ќ'ојме/ч'ојме
повеќе поќе/појче
дадам дам
одам ом
можам мом
правам прам
што има шојма
правиме прајме
можеме мојме
единаесет единајсе
дваесет двајсе

Разлики во говорите[уреди | уреди извор]

Локалните разлики помеѓу прилепскиот и битолскиот говор се претежно од фонетски карактер.

Карактеристики на прилепскиот говор се:

  • акцентираните /е, о/ по правило се реализираат како затворени фонови [ẹ, ọ]: 'ẹсен, л'ẹп, 'ọко, н'ọга, а во селските говори тие се дифтонгизираат: įела, įеден, дįедо, куога, уосум.
  • на поширок ареал отсуствува фонемата /ф/, со исклучок на градскиот говор; туѓото ф се предава со в: вурна, вилџан, вира, вустан, каве, но: фрла, фес, фенер, фурна во градскиот говор
  • фонемите /ќ, ѓ/ се реализираат во некои позиции (најчесто пред задните вокали) со доста изразена фрикација: куќа, свеќа, паѓа, меѓа, односно: кујќа, цвејќе, нојќе, вејѓа, мејѓа, лујѓе, прејѓеска - со антиципирано ј, а во говорот на помладата генерација и цвејче, лујџе.
  • прилепскиот говор се разликува од битолскиот по суфиксот -ув(а) за образување на имперфективни глаголи: купува, кажува

Карактеристики на битолскиот говор се:

  • фонемата /л'/ како континуитет на старото палатално *l': Битол'а, бл'ут, кл'уч, пријател'
  • глаголските образувања со суфиксот -в(а) од типот купва, кажва, менва, зајдва, посаква, радва, јавва итн.
  • за одредување на личните заменки, секаде се користи машки род: му кажав нејзе, му дадов на луѓето.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Дијалектите на македонскиот јазик, том 1, Божидар Видоески, стр.191-192