Крушевица (Прилепско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Крушевица
Krushevica-Mariovo-MK.JPG

Поглед на селото Крушевица

Крушевица се наоѓа во Republic of Macedonia
Крушевица
Местоположба на Крушевица во Македонија
Координати 41°12′25″ СГШ 21°39′06″ ИГД / 
Регион Мариово
Општина Coat of arms of Prilep Municipality.svg Општина Прилеп
Население 87 жит.
Надм. вис. 760 м
Commons-logo.svg Крушевица на Ризницата


Крушевица (познато и како Крушејца или Крушеица) е село во Општина Прилеп, во областа Мариово.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка од селото Крушевица
Глетка од стари куќи во селото

Селото Крушевица се наоѓа во областа Мариово во нејзиниот западен дел лево од Црна Река познат како Горно, Ново, Мало или „несалам“ Мариово, а воедно во јужниот дел на Општина Прилеп. Од градот Прилеп е оддалечено 26 (односно 29) километри[1]. До селото Крушевица води неодамна изграден, модерен асфалтен пат во одлична состојба кој продолжува кон селото Чаниште, а се одвојува од главниот патен правец кој води од Прилеп преку превојот Слива низ Мариово кај месноста наречена Липов Дол. Крушевица е ридско село расположено на 759 метри надморска височина[2]. Сместено е на источната падина на Селечка Планина непосредно веднаш под нејзиниот највисок врв Висока (1471 м.н.в.) Атарот на селото Крушевица е релативно голем и зафаќа простор од 27 км² на кој пасиштата заземаат површина од 1316 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 1190 хектари, а на шумите само 28 хектари[3]. Шумите кои се состојат најмногу од даб, јавор, багреми, леска се наоѓаат на падините и врвот Висока веднаш западно над селото, додека на пространиот атар јужно од селото се наоѓа и помало вештачко езеро со мала земјена брана. Селото Крушевица изобилува со повеќе извори на вода, која е убава за пиење, со занимлива појава да биде студена лете, а топла зиме. Од почетокот на новиот XIX век, пред 15 години во Крушевица е изграден водоводод кој со цевки носи вода од изворите кои се наоѓаат во месноста Каве на падината веднаш под врвот Висока, а на самиот крај на селото се наоѓа и кладенецот наречен Дуње кој е соѕидан во камено корито (дупка длабока околу 1 метар) чиј водостој е непроменлив во текот на целата година.

Историja[уреди | уреди извор]

Остатоци од древниот град во Висока

На подрачјето на селото Крушевица, постоел организиран живот уште од древните антички времиња за што сведочат ископините од остатоците на античкиот македонски град Пелагонија, кој се наоѓа на самиот врв висока на еден километар веднаш над селото.

Во пишаните податоци во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година селото Крушевица се среќава запишано како чисто христијанско македонско село кое како тимар и припаѓало во рамки на нахијата Тиквеш во состав на Ќустендилскиот санџак[4]. Во ова време во селото, живееле 91 македонски христијански семејства кои произведувале 25 товари пченица, 150 товари мешано жито, 3 товари уров, лен, градинарски култури, грозје и вино, сено, се чувале и свињи и пчели во улишта и кошници, работела 1 воденица, за што се остварувло приход и давачки од 9000 акчиња[4]. Приредувачите на книгата „Турски документи за историјата на македонскиот народ“ овој запис погрешно го навеле дека се однесува за кавадаречкото село Крушевица во Општина Росоман во Тиквешката Котлина, затоа што во самиот турски запис е зашишано дека селото Крушевица имало „ушур“ (приход) однадвор, од селото Пчаништа бидејќи во синорот (атарот) на споменатото село Крушевица, земја обработувале жители од Чаниште и ушурот му го давале на спахијата на споменатото село Крушевица[4]. Ако се има предвид дека селата Крушевица и Чаниште и денес постојат и се наоѓаат во непосредна близина и воено меѓу нив постои зарамнет дел со обработливо земјиште и пасишта, станува јасно дека овој средновековен запис за село Крушевица од турските дефтери за нахијата Тиквеш од 16 век - 1570 година, се однесуваат на прилепското мариовско село Крушевица, а не на истоименото тиквешко кавадаречко село кај Росоман.

Имајќи ја предвид поволната положба кој ја има Крушевица, таа до денес важи како „село со најмногу поле“ (обработливо земјиште) во Мариово, во втората половина на XIX век во селото покрај имотите и земјата во сопственост на селаните постоеле неколку чифлици на бегови-Турци кои имале и неколку две и трикатни беговски кули во селото[5]. Во овој период во 1868 година во Крушевица се родил познатиот „Толе Паша“ - Стојан Трајков (Кулески) кој уште како дете со својот татко Трајко и чичко Куле аргатувајќи на чифлиците во Крушевица и во селата во плодната Пелагонија го навлекол гневот против неправдата и безмилосното изживување врз македонските селани. Уште како млад се одметнал како ајдутин и со својата дружина ги напаѓал беговите имоти и самите бегови. На сред село во Крушевица го убил турчинот Акиф кој мошне често ги напаѓал сеслките девојки и невести од христијанските семејства, а потоа во месноста Скала во заеда го начекал и убил насилникот Рафит, со што то станал страв и трепет за турските аги особено при ссобирањето на данокот од мариовските селани. Имајќи го предвид познатиот факт дека Македонскиот (Солунски) фронт во Првата светска војна минувал низ Мариово, Крушевица како и повеќето останати мариовски села претрпело многу тешки последици. За време на бугарската окупација во Втората светска војна во 1943 селото го имало 12000 овци и кози, што е воопшто најголем број за селото и околината. По втората светска војна селото било дел од општината со седиште во мариовското село Дуње, па потоа било дел од општината Прилеп, а во периодот од 1996 до 2004 Крушевица била дел од општината Витолиште. Со нејзиното укинување во 2004 година, селото е повторно дел од Општина Прилеп.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

На нивите и ливадите во непосредната близина на селото Крушевица во голема мера се застапени крушовите дрвја. Според кажувања на жителите, крушовите насади кои во најголем дел се од зимните жолти круши (кантарки) имаат толкава родност што селаните береле по пет и повќе товари круши, кои стасувале за јадење и употреба од Голема Богородица на крајот на летото до Благовец во средината на пролетта[6]. Голема е веројатноста поради изобилството и големиот број на круши селото да го добило името Крушевица.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Сушење на тутун во Крушевица

Според составот на атарот селото Крушевица има сточарско-полјоделска функција. Врз основа на природните околности на околината и атарот погодни за стопански дејности селото Крушевица важи како „село со најмногу поле во Мариово“. Во основа жителите на селото најмногу се занимаваат со сточарство, особено со одгледување на овци, крупен добиток како крави, волови, а во помала мерка и кози. Денес во селото се чуваат околу 1000 овци и 200 крави и телиња, а во минатото во периодот 1941-1943 за време на бугарскатаа окупација во Втората светска војна во селото Крушевица се чувале и одгледувале 12000 овци и кози[7]. Од овчото млеко во селото повеќето домаќинства го произведуваат познатото и прочуено мариовско биено сирење, како и овчо сирење кое во продажба се движи од 160 до 180 денари за килограм, урда, матеница и други млечни производи. Поради поволните услови во селото е застапено и полјоделството односно одгледување на житни култури најмногу пченица која како лебно жито се продава на мелничарите, ’рж кој се користи како лебно жито за домашна употреба и пченка засадена во многу мали размери во градините, потоа тутунот од индустриските култури застапен на околу 5 хектари кој се носи на откуп во Прилеп, Тополчани и Беровци и во сосема помали размери се одгледуваат градинарските култури како домат, пиперка, лук, кромид во малите градини (бавчи) близу кладенците.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година, селото Крушевица брои 87 жители, сите Македонци.

Како и сите останати села во Мариово, така и Крушевица бележи значајно и постојано опаѓање на бројот на своите жители. Поради големата миграција и иселување Крушевица преминала од средна по големина во мала селска населба[8]. Во 1961 година во Крушевица живееле 637 жители, додека во 1994 бројот се намалил на 117 жители[9]. Според народната припадност во селото Крушевица од секогаш живееле исклучиво Македонци, а бројноста на населението во текот на ХХ век била следна: 420 во 1900 година, 555 во 1948 година, 599 во 1953, 637 во 1961, за потоа да почне да бележи постојано опаѓање на 595 жители во 1971 и 283 во 1981 година[10]. Денес во селото постојано живеат околу осумдесетина жители меѓу кои и 8 деца на училишна возраст.

Родови[уреди | уреди извор]

Во селото Крушевица од секогаш па сѐ до денес живеат исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Денес во Крушевица постојат и живеат следниве македонски православни родови: Шарковци, Кртовци, Јовевци, Кришиовци (сите староседелци), Трајчевци, Велјановци, Колимагаревци (имаат родовска гранка и во с.Витолиште), Кулевци, Грковци, Чуруковци (доселени од с.Вепрчани)[11], Гарлевски, Поповци името го добиле по основачот на родот кој бил поп и како домазет се доселил од соседното село Чаниште, а потоа од таа фамилија произлегле селските свештеници - поповите, поп Трпко, поп Илија, нивниот внук Тодор Попов кој е роден некаде 1895 г. бил познат во селото како голем трговец и земјопоседник, кој потоа го наследуваат неговите два сина Петре роден 1913 г. и Блаже роден 1920 г.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Цркви[12]
Главната селска црква Свети Архангел Михаил
Археолошки локалитети[13]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Најзначајна културно-историска знаменитост во непосредната околина на Крушевица се ископините од остатоците на античко македонскиот град Пелагонија кои се наоѓаат веднаш на самиот врв Висока. Истражувањата на овој археолошки локалитет се сѐ уште во тек и тој е прогласен за капитален проект од национален интерес за 2015 година[15]. Од природните знаменитости забележителни се повеќето камења од вулканско потекло со многу занимливи и интересни форми и облици, кои се наоѓаат расфрлани по ливадите и пасиштата југоисточно од селото во правец на на вештачкото езерце.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Селска слава на селото Крушевица е патрониот празник на селската црква Св. Архангел Михаил, односно зимен Арангеловден. Општонароден собор се одружува и секој јули за време на прославата на Света Недела во дворот на блиската истоимена црква, каде има конаци за преспивање кои се во завршна фаза на изградба. Во чест на мариовскиот војвод Толе Паша се одржува културна манифестација со многу посетители од државата и странство.

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Најголемиот дел од населението се иселило во Прилеп како и околните рамничарски села во Пелагонија.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.166
  2. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.166
  3. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.166
  4. 4,0 4,1 4,2 Соколоски, Методија (1982) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 641-642. 
  5. Според кажувања на Трајко Ристески од родот Шарковци, роден во Крушевица во 1931 г. и неговиот внук Никола Ѓорѓиоски роден 1990 г. во Прилеп. Забележал Марио Шаревски на 23-24.08.2014
  6. Според кажување на Трајко Ристески од родот Шарковци, роден во Крушевица во 1931 г. Забележал Марио Шаревски на 24.08.2014
  7. Според кажувања на Трајко Ристески од родот Шарковци, роден во Крушевица во 1931 г. и неговиот внук Никола Ѓорѓиоски роден 1990 г. во Прилеп. Забележал Марио Шаревски на 23-24.08.2014
  8. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.166
  9. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.166
  10. Башески, Илија. Мариово и Меглен - Природни и социо-економски карактеристики. во: Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен, Зборник на материјали од научниот собир одржан во Прилеп и Витолиште 24, 25.05.1990. Прилеп, 1994. стр. 55
  11. Според кажувања на Трајко Ристески од родот Шарковци, роден во Крушевица во 1931 г. и неговиот внук Никола Ѓорѓиоски роден 1990 г. во Прилеп. Забележал Марио Шаревски на 23-24.08.2014
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  13. Коцо, Димче (1996).Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 978-9989-101-06-9
  14. http://cooltura.mk/arheologija/zashtitni-arheoloshki-istrazhuvanja-lokalitetot-talambasica
  15. - „Македонија го откри својот таен загубен град“ - Нова Македонија, бр. 231261, 30-31.08.2014