Бонче
| Бонче | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°14′0″N 21°36′59.77″E / 41.23333°N 21.6166028°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Пелагонија |
| Население | 22 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 7514 |
| Повик. бр. | 048 |
| Шифра на КО | 20007 |
| Надм. вис. | 620 м |
Бонче — село во Општина Прилеп, во областа Пелагонија, во околината на градот Прилеп, сместено во преминот кој ги дели Селечка Планина и Дрен.
Потекло и значење на селото
[уреди | уреди извор]Името на селото како Бонче првпат е споменато во документи од XVI век (1568-69 г.). Научните истражувачи претпоставуваат дека името на селото потекнува од посесивна придавка од прекар Боне, Боно, Бончо изведен од личното име Богдан или Бојан.[2]
Името потекнува од македонскиот јазик изведено со деминутивната наставка „-че“.[2]
Меѓу населението на Бонче и околината не постои посебно толкување или предание за настанокот на името на селото.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа во крајниот југоисточен дел на Прилепското Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Прилеп.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 620 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 29 километри.[3] Селото се наоѓа во подножјето на Селечка Планина.
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од асфалтираниот регионален пат 1107 непосредно по историското село Писокал. Поради оваа причина, иако селото е сместено во Пелагонија, до него се стигнува по асфалтен пат од регионалниот пат за Мариово веднаш по превојот Слива.
Поради ваквата поставеност, местоположба и сообраќајна поврзаност, доста е раширено погрешното мислење дека Бонче припаѓа на областа Мариово. Бидејќи селото Бонче се наоѓа на допирот на подножјето на западната падина на Селечка Планина со котлинското дно на Прилепското Поле тоа географски припаѓа во котлината Пелагонија. Соседни села во Пелагониската Котлина се Подмол кон запад и Лопатица кон југ-југозапад, а на исток преку падината на Селечка Планина е селото Крушевица во Мариово.
Селото е сместено во долот на горниот тек на малата Писокалска Река, која како поток тече низ самото село. Над селото од исток се издигнува падината Грнчарица на планинскиот масив на Селечка каде има пасишта и ретка шума, а на запад и југозапад во котлинската рамнина се наоѓаат обработливите површини. Водата за пиење се добива од кладенци.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Горни и Долни Врв, Горни и Долни Преслап, Кочаноец Долни и Горни, Смрдлеец, Коњарник, Тодоровско, Штрба Висока, Габеро, Гробо, Митреа Чешма, Коритата, Леските, Криви Дол, Тумба, Чешурки, Црвена Стена, Дупките, Кичерчето, Чепигово, Занога, Венчето, Вртачи, Друмо, Белутражиште, Широка Падина, Чоеко, Гредата, Веслец, Липа, Столоите, Млаките Бонечки, Венци, Страга, Три Пештери, Џонов Дол, Павлеа Чука, Дупнатица, Голи Гумна, Змејица, Орлоа Дупка, Самовилникот, Средни Рид, Дувлото, Шесталото, Стајалиште, Сивостоец, Резаецо, Длабоки Дол, Капка, Вурвало, Лизгалата, Бусница, Крушка, Црната Пештера, Еџоа Чешма, Суви Дол, Кутлина, Барата, Музоец, Златев Дол, Спасити Камен, Мемедоец, Божја Врата, Прекуорници, Кркушица, Мал и Голем Боан, Улиците, Ружина Пештера, Долга Ливада, Карулица, Лисички Камен, Битолски Пат, Реква Чука, Босица, Чешкин Дол, Калуѓерица, Бања, Калуѓеров Камен, Воденчиштата, Присово, Златев Дол, Јаребички Камен, Слива, Басто, Младено, Попоа Ливада, Црвенио Мел, Јанини Нивје, Дупен Камен, Гола Меа, Чешурките, Старо Бонче, Нерези, Стара Корија, Цветково, Рамништето, Ристов Клаенец, Острилата, Голината, Трикамна (Три камења), Змијарникот, Колибите, Шумјако, Цуцулесто Камче, Вигната, Прчинога, Рамнити Камен, Чашица, Куќата, Вајгалестио Камен, Прагојте, Јаловарникот, Бајмовото Чешме, и Гол Камен.[4]
Бонче е село од збиен тип и се дели на три маала: Топчиовско, Средно и Стојковско.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]
Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) и имало 13 семејства, 1 неженет и 1 вдовица, сите христијани.[5]
Бројните археолошки пронајдоци, особено од времето на античка Македонија, во Бонче и неговата непосредна близина укажуваат дека тука во минатото постоел голем и значаен македонски град. На основа на пронајдените остатоци уште кон крајот на 1930-тите години истражувачите заклучиле дека тука се наоѓала значајна античка населба.[4]
Од археолошките пронајдоци и старини посебно се занимливи: старата гробница од IV-III век пред нашата ера, која покрај тоа што временски соодветствува со кралскиот македонски период, заедно со пронајдените македонски борбени штитови со сонца, монети од Александар Македонски и ископините од градот Пелагонија на врвот Висока во непосредната близина, дефинитивно потврдуваат дека овде се наоѓал важен град на античка Македонија.
Меѓу населението постои предание дека „старото каурско село Бонче“ се наоѓало на 2 километри јужно од денешното село во суводолицата. Тоа место и денес се вика Старо Бонче. Селаните велат дека еднаш „таму тепала чумата и народот избегал“, при што дел од жителите од старо Бонче дошле да живеат во денешното село. На тоа селиште и денес се познаваат грамади од куќи, мраморен (мермерен) камен од црква на местото Миреч Ливада и гробови,[4] а на зарамнетото подножје во овој дел е и познатата античка македонска гробница.
Еден од постарите записи на името на селото Бонче потекнува од 1568/69 година каде тоа е запишано во турските пописни дефтери. Со истото име запишано како „Бонѕче“ се среќава и во црковни книги во XVI век, а во црковни и манастирски книги од XVII и XVIII век тоа се среќава запишано како „Бонγе“.[2]
Во Бонче постои доста стара црква посветена на „Свети Јован“, која што била изградена околу 1850-тите кога селото имало 20 куќи. Гробиштата се наоѓаат под селото, недалеку од селските куќи, каде има ѕидини од стара црква.[4] Во поново време таму е подигната манастирската црква „Св. Јован Богослов“.
Пред крајот на турското владеење во Бонче на сопствена земја слободно живееле, односно биле „рајати“ само родовите: Славковци, Божиновци, Топчиовци и Јаневци, што укажува на тоа дека тие можеби се старински родови. Останатите жители биле „ортаци“ на чифлиците од кои два биле на Турци од Битола (Осман-ага и Асан-ага), а еден на Влав од селото Нивици (Ќир-Анаќија) во пределот Горна Преспа (денес под Грција) населен исто така во Битола. Во селото имало 5 чифликсајбиски кули, а неговите жители земјата од чифлиците на Турците ја откупиле до 1912 година, додека земјата од чифлигот на Влавот на селаните им ја доделила државната власт.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]
Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 20,7 километри квадратни. На него пасиштата заземаат површина од 1.262 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 743,8 хектари, а на шумите само 0,5 хектари.[3]
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[3]
Во него преостанатото население како и луѓе кои имаат потекло и имоти, најмногу се занимаваат со сточарство. Од сточарството најзастапено е одгледувањето на овци, при што во селото се одгледуваат неколку стада кои и преку летниот и зимскиот период се напасуваат на ридовите јужно и источно од селото.[6] Во помал обем се чуваат и одгледуваат и кози кои се напасуваат на ретката нискостеблеста и грмушеста шума на падината на Селечка Планина источно од селото. Покрај овчото млеко во Бонче се произведува и познатото биено сирење, како и овчо месо за пастрма. Од поледелството најзастапено е одгледувањето на тутун, како и жито претежно пченица и ’рж на повеќе ниви веднаш западно од селото. За сопствени потреби во дворовите на куќите и бавчите крај потокот се одгледуваат и градинарски култури како црвени и зелени тенки пиперки, кромид, лук, патлиџан (домат), марула, зелка и тикви. Неколку куќи се занимаваат и со пчеларство и производство на мед од десетината пчелни сандаци, а постојат и неколку мали насади на лозници и овошни дрвја како круши, јаболка, цреши и сливи. Жители на селото и градот Прилеп се занимаваат и со лов на дивеч во околината на селото.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бонче живееле 350 жители, сите Македонци.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бонче имало 240 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Бонче се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 30 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[10]
Од Бонче се иселил значителен дел од населението,[3] а и денес продолжува постојаното опаѓање на бројот на жителите. Така во 1961 година селото броело 580 жители, а во 1994 бројот се намалил на 86 жители, сите Македонци.[3]
Според пописот од 2002 година, селото Бонче броело 45 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 22 жители, од кои 18 Македонци, 1 Албанец и 3 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | 350 | 240 | 566 | 634 | 580 | 475 | 243 | 95 | 86 | 45 | 22 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
[уреди | уреди извор]Бонче е македонско село.[4]
Според истражувањата од 1955 година, родови во селото се:
- Староседелци или доселеници со непознато потекло: Мојановци (7 к.), Божиновци (4 к.), Шапковци (3 к.), Ашковци (2 к.), Стојковци (8 к.), Дојчиновци (6 к.), Јаневци (4 к.) и Колевци (4 к.).
- Доселеници: Топчиовци (5 к.) и Сејменовци (5 к.), порано биле еден род, доселени се од мариовското село Дуње. Доселени се на почетокот од XIX век. По Сејменовци во Дуње една месност се нарекува Сејменска Градина; Славковци (3 к.) и Пецовци (4 к.), порано биле еден род, доселени се, но не знаат од каде; Мајсторовци или Бабјаковци (6 к.), доселени се од некое место во Мариово, а нивните предци биле ковачи; Тантушевци (8 к.), доселени се од раселеното село Писокал кое се наоѓало на патот Прилеп-Мариово; Гулевци (2 к.), доселени се од некое околно прилепско село и Чулевци (3 к.), доселени се од некаде.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од Бонче има значаен број на иселеници и тоа: Дамјановци, Зуберовци и Чунтевци во Подмол, Бончевци во Добрушево, од родот Бабјаковци иселеници има во Марул и Добрушево, Брајановци во Гнеотино, Димоски во Мојно, Бончани во Долна Чарлија и Секуловци во Алинци (Прилепско).[4]
Голем број иселеници има и во градовите Прилеп, а помал број и во Битола и Скопје.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]
- ПУ „Кирил и Методиј“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Кирил и Методиј“ - Канатларци
- Училишната зграда била обновена во 2012 година и тогаш настава посетувале 4 ученици.[17]
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Бонче било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Тополчани.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Тополчани во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Канатларци, во која покрај селото Бонче, се наоѓале и селата Ерековци, Канатларци, Лопатица, Марул, Подмол и Шелеверци. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамките на Општина Подмол, во која се наоѓале селата Бонче, Лопатица, Марул и Подмол.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1507 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 42 гласачи.[19] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 39 гласачи.[20]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Спаница — осамени наоди од македонско (хеленистичко) и доцноантичко време;
- Старо Бонче — некропола од хеленистичко и римско време;
- Црквиште — населба од хеленистичкото и римското време;
- Висока (Цуцулот, Каве) — остатоци од раноантичкиот град Пелагонија, кои се наоѓаат 2 километри југоисточно од селото, но припаѓаат во атарот на соседното мариовско село Крушевица, на кота од 1.472 метри;
- Градиште Цветково — остатоци од раноантичка тврдина, предстража на градот Пелагонија на Висока;
- Вигната — остатоци од ранохристијанска базилика;
- Миреч Ливада — наоѓалиште од неопределен тип и непознат период;
- Веслец — античко утврдување;
- Голема Спаница — античка некропола;
- Горна Преслапта — античка некропола;
- Грамаѓе — античка населба;
- Грамаѓе под Три Камна — античка некропола;
- Грамаѓе под Спаница — раноантичка некропола;
- Долен Град — античка населба;
- Дупнатица — раноантичка некропола;
- Кладенец — античка некропола;
- Мала Спаница — античка некропола;
- Петочна Вода — раноантичка некропола; и
- Плаза — депо на монети.
Во близина на селото се најдени монети од Александар Македонски и Јован II Комнин кои се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. На месноста Старо Бонче се откриени гробови во кои се најдени монети од времето на Александар Македонски и други македонски владетели, како и римски бронзени монети. Во 2004 година, тука биле откриени борбените штитови со македонските сонца (Ѕвездата од Кутлеш).
- Цркви[23]
- Црква „Св. Јован Богослов“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Јован Богослов“ — манастирска црква; и
- Црква „Св. Богородица“ — помала селска црква.
- Манастири
- Бонечки манастир — понов манастир во селото.
- Реки[24]
- Подмолска Река — помала река која поминува покрај селото.
- Остатоци од древномакедонската гробница кај Бонче
- Малата селска црква „Св. Богородица“
- Манастирската црква „Св. Јован Богослов“
- Главната селска црква „Св. Јован Богослов“
- Остатоци од античкиот град Пелагон
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави
- Свети Јован (во мај) — селска слава
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]- „Тура преку Слива“ - велосипедска тура која започнува од градот Прилеп и преку превојот Слива минува низ Бонче посетувајќи ја древната гробница.
Галерија
[уреди | уреди извор]- Поглед на Бонче
- Поглед на гробницата во Старо Бонче
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 65. ISBN 978-608-220-026-2.
- 1 2 3 4 5 6 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 34. Посетено на 22 декември 2025.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 132-134. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 68
- ↑ Според кажување на Цане Тошески, жител на Бонче. Забележал Марио Шаревски на 31 октомври 2015
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 148-149.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ М., Ка. (5 септември 2012). „Заѕвони ѕвонче во селото Бонче“. Скопје: Нова Македонија. Посетено на 2 ноември 2015.[мртва врска]
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 24 декември 2025.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 281-282. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Миткоски, Александар; Темелкоски, Душко (2019). „ГЕОРЕКОГНОСЦИРАЊЕ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ОПШТИНИТЕ ПРИЛЕП, ДОЛНЕНИ, КРИВОГАШТАНИ И КРУШЕВО“ (PDF). Каламус. Посетено на 25 декември 2025.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 56. ISBN 978-9989-2117-6-8.

