Јован II Комнин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Јован II Комнин
Ίωάννης Βʹ Κομνηνός
Император на Источното римско царство

John II Komnenos.jpg
Мозаик од Јован II во Aја Софија
Византиски император
На престол 15 август 1118 – 8 април 1143
Крунисување 1092 како совладетел
Претходник Алексиј I Комнин
Наследник Мануил I Комнин
Сопружник Ирина Унгарска
Деца
Алексиј Комнин

Марија Комнина
Андроник Комнин
Ана Комнина
Исак
Теодора Комнина
Евдокија Комнина
Мануил I Комнин

Династија Комнини
Татко Алексиј I Комнин
Мајка Ирина Дукина
Роден(а) 13 септември 1087
Константинопол
Починал(а) 8 април 1143
(возраст: 55)
Киликија

Јован II Комнин (грчки: Ίωάννης Βʹ Κομνηνός, 13 септември 1087 - 8 април 1143), бил византиски император кој владеел од 1118 до 1143 година. Исто така тој бил познат како "Јован Убавиот" или "Јован Добриот". Тој бил најстариот син на царот Алексиј I Комнин и Ирина Дукина и вториот цар кој владеел за време на Комненовата обнова на Византиското царство. Јован бил благочестлив и посветен монарх кој бил определен да ја поправи штетата кое неговото царство ја претрпело по битката кај Манцикерт, половина век порано.

Претходен живот[уреди | уреди извор]

Царот Алексиј го оженил својот престолонаследник Јован со унгарската принцеза која доаѓало од кралство кое добивале се поголем углед во Европа.[1] Јакнењето на царскиот авторитет на Алексиј I овозможило создавање нова династија. И покрај неслогата што владеела во царското семејство и жолчните спорови околу наследството на престолот кои му ги затруле последните денови на царот Алексиј, сепак го наследил неговиот најстар син Јован. Преземајќи ја врховната власт во спогодба со династијата Дука, Алексиј I во почетокот за престолонаследник го одредил младиот Константин Дука, синот на Михаил VII, и го свршил со својата најстара ќерка Ана. Но кога му се родил син царот на него го пренесол правото на наследство на престолот (1092г.). Со тоа бил направен одличниот чекор кон создавањето на династијата Комнини, и кога наскоро потоа умрел младиот Константин Дука, се чинело дека сите тешкотии биле отстранети. Меѓутоа на таквото решение му се спротиставила амбициозната Ана. По прераната смрт на својот свршеник, Ана се омажила за цезарот Никифор Вриениј (1097г.) и побарала за престолонаследник да биде одреден нејзиниот маж. Енергичниот политичар и славен војсководец Алексиј силно бил подложен на влијанијата на жените. Во почетокот тој бил под влијание на царицата-вдовица Марија, сопругата на неговите двајца претходници и мајка на престолонаследникот Константин Дука. Оваа убава и умна жена му била голема љубов на Алексиј и тој дури бил готов да и ја жртвува својата жена Ирина Дука, а со неа и сите политички предимства на овој брак. Дури по одлучното инсистирање на патријархот Козма и странката на династијата Дука, тој се согласил со крунисувањето на Ирина. Потоа одлучувачкото влијание имала мајката на царот, интелигентната и властољубива Ана Даласена, која во времето на отсуството на Алексиј при борбите против Роберт Гвискард дури вршела регентство во Цариград. Најодзади до големо влијание стигнала и во почетокот запоставената царица Ирина. По прашањето за наследството на престолот таа ја поддржувала својата омилена ќерка Ана и нејзиниот маж Никифор Вриениј. Мајката и ќерката не престанувале да го наговоруваат царот круната да му ја предаде на Вриениј, па дури ни на смртниот одар не му давала мир. Иако Алексиј не можел отворено да го одбие ова барање, сепак во одлучувачкиот миг тој му помогнал на синот да го оствари своето право. Но по сите тие заплети и интриги, доаѓањето на власт на легитимниот престолонаследник добило карактер на државен удар. Ана не се помирила веднаш со својата судбина. Подготвила дури и атентат врз својот брат и дури кога ниту ова крајно средство не успеало, таа се повлекла во манастир и ја напишала историјата на својот татко, „Алексијада“, којашто го овековечила нејзиното име.[2]

Владеење[уреди | уреди извор]

Основни негови карактеристики[уреди | уреди извор]

Според оценката на современиците, Јован II бил најголем меѓу Комнени. Тој бил влатедел со цврста волја, но мудар и умерен, храбар војник и човек со благороден карактер, редок во неговото време. Внимателен но и непоколевблив во спроведувањето на своите намери, тој одлучно и доследно ја продолжил на својот татко, не губејќи ги никогаш од вид границите на можното.[3]

Венеција и Печенезите[уреди | уреди извор]

Залудно Јован II се обидувал да ја ослободи Византија и нејзината трговија од венецијанскиот притисок. Венецијанската република цврсто ги држела привилегиите коишто ги стекнала со договорот од 1082г. Нејзината флота ги нападнала византиските острови во Егејското Море, па на царот не му останало ништо друго освен да ги потврди сите венецијански повластувања со новиот договор (1126г.).

Напротив, на Балканот Јован II постигнал значајни успеси. По победата на Алексиј, Византија 30 години останала поштедена од нападите на Печенезите. Во 1122г. Печенезите одново во големи маси го преминале Дунав и ограбувајќи и пустошејќи продреле во Тракија. Меѓутоа ова било последното напаѓање на Печенезите кое Византија го доживеала. Тешкиот пораз што им го задал Јован II засекогаш го ослободил Царството од нивните наезди. Многубројните заробеници се населиле по византиските земји и нови печенешки контингенти биле припоени во византиската војска. За спомен на оваа голема победа царот вовел посебен "печенешки празник" којшто се празнувал уште кон крајот на XII век.[4]

Рашка и Унгарија[уреди | уреди извор]

Совладувајќи ги Печенезите, Јован II се свртел кон Србите кои постојано го вознемирувале Царството со своите упади. Додека неговиот татко морал да се задоволи со делумни успеси, Јован II постигнал одлучувачка победа над рашкиот жупан и се вратил со богат плен и многубројни заробеници коишто ги населил во Мала Азија. Србите морале да ги признаат византиските врховни права, но нивниот стремеж за слобода и натаму често се манифестирал во честите востанија кои на Византија и задавале многу грижи, уште повеќе што поддршка наоѓале кај Угрите. Јакнењето на Унгарија како нова јадранска и балканска сила ја определило за повеќе децениии ситуацијата на Балканскиот Полуостров. Роднинските врски со унгарскиот кралски дом му пружиле на Јован II можност да се меша во честите борби околу унгарскиот престол и да ги подржува унгарските претенденти. Оваа политика и овозможила на Византија да влијае на развојот на ситуацијата во Унгарија, но ја зголемувала и затегнатоста меѓу овие две сили. Стефан II (1114г.-1131г.) чиј ослепен брат Алмош нашол прибежиште на цариградскиот брод, ги отпочнал во 1128г. непријателствата против Византија. Угрите го зазеле Браничево и продреле длабоко во византиската територија. Меѓутоа, моќта на византиското царство била поголема и ги принудила на повлекување и склучување мир.[5]

Дејствијата на Исток[уреди | уреди извор]

Дури околу 1130г. Јован II можел најпосле да се сврти кон Исток и да ја обнови борбата започната по доаѓањето на престолот, а прекината поради заплетот на Балканот. Главен непријател во Мала Азија веќе не бил Иконискиот султанат кој бил ослабен од внатрешни немири, туку Мелитинскиот емират на династијата Данишмендити. Јован го совладал во 1135г., но му останал за решавање уште еден проблем пред да можел да и се посвети на најважната задача - потчинувањето на норманското кнежевство во Антиохија. На патот за Сирија се наоѓало малоерменското кнежевство во Киликија, творба на ерменскиот кнез Рубен, којшто во 1071г. се утврдил во Таурските планини. Малоерменскиот кнез Лав, потомок на Рубен, со помош на крстоносците во 1129г. ја освоил најважната тврдина во Киликија и со тоа забил клин меѓу византиската територија во Мала Азија и Антиохиското кнежевство. Походот на Јован II против малоерменска Киликија во пролетта 1137г. бил победоносен. Тарс, Адана и Мамистра брзо потпаднале во негови раце. Кнезот Лав спас побарал во бегство, но подоцна бил фатен и заедно со своите синови доведен во Цариград како заробеник. По покорувањето на Киликија, патот за Сирија бил отворен и веќе во август 1337г. Јован II пристигнал со војските пред ѕидините на Антиохија. Градот паднал по кратка опсада, а антиохискиот кнез Рајмонд од Поатје, зетот на Боемунд II, на царот му положил вазална заклетва и на градските ѕидишта го истакнал византиското знаме. Следната година Јован II се вратил во Сирија и својата победа ја прославил со свечено влегување во градот.[6]

Сицилијанското кралство и кнежевството Антиохија[уреди | уреди извор]

Против норманската држава во јужна Италија Јован II презел дипломатски мерки. По периодот на опаѓањето, норманската држава доживувала голем подем. Рожер II под своја власт ги обединил Сицилија и Апулија и на Божиќ 1130г. во Палермо бил крунисан за крал. Јакнењето на Норманите во јужна Италија ја загрозувало и Византија и Германија такашто меѓу двете царства дошло до зближување. Јован II склучил сојуз со царот Лотар, а по неговата смрт и со Конрад III. Во антинорманската коалиција влегла и Пиза. Во 1136г. Јован II и ги потврдил на Пиза привилегиите што и ги дал Алексиј I. Со оваа политика на сојузи на Запад царот си осигурал слободна акција на Исток. Бидејќи антиохиското прашање се уште не било конечно решено. Односите на Византија со државите на крстоносците се повеќе се влошувале и во 1142г. антиохискиот кнез, поттикнуван од латинското свештенство, ги откажал прифатените обврски. Царот одлучил одново да тргне на Антиохија, а имал намера, се чини, да ги прошири своите операции и да воспостави византиска власт и во Палестина. Меѓутоа, еден несреќен случај ги спречил овие планови. Ранет со отровна стрела во лов, Јован II умрел на 8 април 1143г. Тој ја подигнал моќта и угледот на Византија, ја зајакнал нејзината воена сила и во значителна мера воспоставил нејзина власт на Исток и на Балканот.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 439-440.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 452-453.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 453.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 454.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 454-455.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 455-456.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 456.