Роман IV Диоген

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Роман IV Диоген
Ρωμανός Δ΄ Διογένης
Император на Источното римско царство
Romanos et Eudoxie.JPG
Диптих од момчето цар Роман II и неговата сопруга-дете Берта Евдокија, ќерката на Хуго од Италија, о. 944-946. Овој диптих е често користен погрешно да го покаже царот Роман IV (Национална библиотека на Франција).
Византиски император
На престол 1068 – 1071
Претходник Константин X Дука
Наследник Михаил VII Дука
Сопружник Ана (ќерка на Алусијан)
Евдокија Макремболитиса
Деца
Константин Диоген
Никифор Диоген
Лав Диоген
Династија Дука династија (преку брак)
Татко Константин Диоген
Роден(а) околу 1030
Починал(а) 1072

Роман IV Диоген (грчки: Ρωμανός Δ΄ Διογένης, о. 1030г. - 1072г.), бил византиски император од Династијата Дука кој владеел од 1068г. до 1071г. Роман IV Диоген бил член на византиската војска и аристократија кој по неговиот брак со царицата вдовица Евдокија (сопруга на царот Константин X Дука) бил крунисан за византиски император. За време на неговото владеење тој бил решен да го запре опаѓањето на моќта на византиската војска и да ги спречи нападите на Турците Селџуци. Но, во 1071 година тој бил заробен, а неговата војска била поразена во битката кај Манцикерт. По неговото заробување тој бил симнат од престолот со државен удар. Кога набргу бил ослободен бил притворен од страна на членовите на семејството Дука. Во 1072 година тој беше ослепен и пратен во манастир, каде што починал од здобиените рани.

Качување на престолот[уреди | уреди извор]

По смртта на Константин X Дука (во мај 1067г.) неговата жена Евдокија ја презела власта во името на своите малолетни синови Михаил, Андроник и Константин. Одлучувачка улога на дворот Михаил Псел и цезарот Јован Дука, братот на покојниот цар. Меѓутоа, растела моќта на противничката партија и со оглед на катастрофалниот тек на настаните на боиштето, не можело да се помине преку нејзиното барање да се заведе моќен војнички режим. Патријархот Јован Ксифилин (помладиот) иако бил Пселов пријател, ги подржал овие барања, а и царицата морала да поведе сметка за нив. И покрај противењето на Псел и цезарот Јован, таа се омажила за генералот Роман Диоген, и на 1 јануари 1068г. тој стапил на престолот.[1]

Владеење[уреди | уреди извор]

Борби со Селџуците[уреди | уреди извор]

Роман IV Диоген бил храбар и спремен војсководец. Тој особено се истакнал во борбите против Печенезите и целосно го заслужил угледот што го уживал во воените кругови. Тој веднаш стапил во борба со Селџуците, но внатрешното опаѓање на Царството зело таков замав што од разорното дејство на странката на Псел, неговиот потфат пропаднал. Со голема мака Роман Диоген собрал војска чиј поголем дел се состоел од странски наемници: Печенези, Узи, Нормани, Франки. Неговите први походи во 1068г. и 1069г., сепак не биле безуспешни, но третиот поход завршил со страотен пораз за што многу придонесло и предавството на Андроник Дука, синот на цезарот Јован. Кај ерменското гратче Манцикерт, близу до езерото Ван, на 19 август 1071г., во битката, војската на Алп-Арслан ја уништила побројната, но разнородна и недисциплирана наемничка византиска армија. И самиот цар паднал во заробеништво.[2]

Соборување и смрт[уреди | уреди извор]

Заробениот цар склопил договор со селџучкиот султан со кој му била вратена слободата по цена на плаќање на лична откупнина и годишен данок, враќање на сите турски заробеници и испраќање помошна војска. Меѓутоа, противничката странка во Цариград, поттикната од цезарот Јован го симнала Роман Диоген од престолот. Најпрвин било воспоставено заедничко владеење на царицата Евдокија и нејзиниот најстар син Михаил Дука, но наскоро царицата-мајка била затворена во манастир а ученикот на Псел - Михаил VII на 24 октомври 1071г. бил прогласен за самодржец. Кога царот Роман се вратил од турското заробеништво бил дочекан како непријател при што дошло до граѓанска војна. На крајот Роман Диоген ја прекинал борбата бидејќи со писмо, коешто во името на Михаил VII го потпишале тројца митрополити, му била гарантирана лична безбедност. Меѓутоа, уште пред да стигне во Цариград, нему по налог на цариградската влада, со усвитено железо му биле ископани очите. Надминувајќи се себеси во цинизмот Псел на ослепениот цар со писмо му честитал на тоа што господ го удостоил со мачеништво. Господ му ги одзел очите, така пишувал Псел, за да му го подари видот на небеската светлост. Од здобиените ужасни рани Роман Диоген умрел во летото 1072г.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 413.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 413-414.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 414.

Надворешни врески[уреди | уреди извор]