Никифор II Фока

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Никифор II Фока
Νικηφόρος Β΄ Φωκᾶς
Император на Источното римско царство
Nikiphoros Phokas.jpg
Царот Никифор II Фока
Византиски император
На престол 16 август 963 – 10–11 декември 969
Претходник Роман II
Наследник Јован I Цимискиј
Сопружник Теофано
Деца
Василиј II
Константин VIII (посинети)
Династија Македонска династија (преку брак)
Татко Варда Фока
Роден(а) околу 912
Починал(а) 10–11 декември 969
Константинопол

Никифор II Фока (грчки: Νικηφόρος Β΄ Φωκᾶς, о. 912г. - 10-11 декември 969г.), бил византиски император од 963г. до 969г. Неговите брилијанти воени подвизи придонеле за оживувањето на Византиското царство за време на X век.

Потекло[уреди | уреди извор]

Никифор II Фока бил син Варда Фока кој бил брат на доместикот на Схола - Лав Фока. Никифор II Фока бил внук на славниот војсководач Никифор, татко на Варда и Лав Фока.[1]

Како војсководец[уреди | уреди извор]

Влијание кон царот Роман II[уреди | уреди извор]

За државните работни Роман II воопшто не се грижел, туку му ги препуштал на способниот но безобѕирен и мошне непопуларен евнух Јосиф Вринга. Првата улога во Царството, меѓутоа, ја играл големиот војсководец Никифор Фока.[2]

Воени акции[уреди | уреди извор]

Во летото 960г. Никифор Фока тргнал со голема флота на Крит. По долгата и мошне тешка опсада, која траела цела зима, неговите трупи во март 961г. ја освоиле Кандија, престолнината на островот. Крит одново и припаднал на Византија откако речиси 140 години се наоѓал под власта на Арабјаните, служејќи им како главна база во источниот дел на Средоземното море. Поголема и позначајна победа Византија веќе неколку векови не доживеала.[3]

По триумфалниот дочек во Цариград, Никифор Фока, ја обновил борбата со Саиф-ад-Даулах во Азија. Неговото војување и овде било крунисано со извонредни успеси. Еден по друг паднале: Аназарб во Киликија, Германикеја околу кој биле водени многу борби, Рабан и Дулук (Телух), а во декември 962г.по тешка опсада се предал и Алепо, престолнината на Саиф-ад-Даулах. Иако заземањето на овие градови не значело и нивно дефинитвно припојување на Византија, сепак победоносното продирање на византискиот војсководец јасно ја докажало неговата голема надмоќ. Борбата со Хамданидите, која во текот на последните три децении била во средиштето на византиската надворешна политика, уште тогаш била решена во полза на Византијците.[4]

Станување цар[уреди | уреди извор]

Награда за славниот војсководец била царската круна. По прераната смрт на Роман II, на 15 март 963г., власта кратко преминала во рацете на царицата Теофано, која го презела регентвото на своите малолетни синови Василиј II и Константин VIII. Но ова било само привремено решение. Младата умна царица самата го увидела тоа и стапила во врска со Никифор Фока. Откако војската го прогласила за цар во Цезареја, Никифор на 15 август влегол во Цариград, го скршил отпорот на Јосиф Вринга во крвави улични борби, и на 16 август во Света Софија од рацете на патријархот ја примил царската круна. Потоа веќе побелениот војсководец се венчал со младата царица. Со овој брак Никифор Фока се поврзал со Македонската династија и како очув на младите легитимни цареви ја примил на себе улогата на нивни заштитник.[5]

Внатрешна политика[уреди | уреди извор]

Основни карактеристики[уреди | уреди извор]

Со Никифор II Фока дошол на власт претставник на една од најмоќните византиски магнатски семејства. Навистина, ниту надворешната појава, ниту држењето и навиките на новиот цар не му биле аристократски. Бил грд, со груб и строг карактер, живеел аскетски. Ја сакал војната и војничкиот живот, но исто така го пожелувал и друштвото на калуѓери и пустиници. Бил голем почитувач на Атанасиј, основачот на Велика Лавра во Света Гора. Во негово време почнало да цвета овој најзначаен центар на византиското монаштво, а се прикажува дека и самиот цар Никифор, големиот освојувач и победител на Сарацените, помислувал да го напушти световниот живот и да се закалуѓери.[6]

Администрација[уреди | уреди извор]

Раководењето со цивилната државна управа го презел место Вринга, евнухот Василиј, вонбрачниот син на Јован Лакапин, итар Византиец, подмитлив и грабежлив, но и генијален политичар. Уште во времето на владата на Константин VII тој играл значајна улога, а сега, како паракимоменн носејќи ја новоустановената висока титула на проедор, му станал десна рака на новиот цар. Позицијата на врховен заповедник на војската на Исток ја зазел како доместик на Истокот Јован Цимискиј, претставник на едно благородничко семејство, покрај царот, најистакнатиот византиски војсководец на тоа време, Лав Фока Помладиот, царевиот брат и неговиот стар воен другар, како доместик на Западот ја добил титулата куропалат, додека царевиот татко Варда Фока бил одликуван со цезарско звање.[7]

Законски одредби[уреди | уреди извор]

И покрај својата неаристократска природа, Никифор Фока бил вистински претставник на дворјанството, а неговото доаѓање на престолот значело победа на византиското благородништво. Додека порано централната власт се обидувала да го спречи порастот на на велепоседништвото, сега настапило реакција. Во законот од 967г. Никифор Фока тврдел дека неговите претходници биле пристрастни спрема селаните и со тоа му згрешиле на начелото за еднаква праведност спрема сите поданици. Никифор Фока го отповикал правото на првенство на селанецот при купувањето на благородничките имоти: од селанецот нека купуваат благородниците, а од благородникот - благородниците. Инаку, старите закони останале на сила, но престанало правото на жалба за купувањето земјишни походи извршено за време на гладта во 927г., бидејќи истекол предвидениот четириесетгодишен рок на застарување. Овие одредби сами по себе не внесувале особено длабоки промени во постојната правна состојба, уште повеќе што било големо прашање, дали селаните навистина некогаш имале прилика да го користат своето право на првенство спрема благородништвото. Но, секако, огромно било психолошкото дејство на новиот закон, кој го осудувал законодавството на поранешните цареви и божем под името на праведноста го зел под заштита благородништвото.[8]

Во исто време царот-војник настојувал не само да ги зачува, туку и да ги зголеми војничките имоти. Во случај да се бара враќање на порано продадените војнички имоти, новелата на Никифор Фока пропишувала како минимална вредност на ваквите имоти, според старото правило требало да се смета вредност од четири фунти злато и до висината на тој износ, враќањето требало да се врши без надоместување. Во иднина пак, бидејќи новото тешко оружје барало поголеми издатоци, минималната вредност на војничките имоти ќе се подигнела на дванаесет фунти злато, така што војникот ништо не смеел да продава од својот посед ако неговата вредност не ја надминувала оваа граница. Тројното зголемување на војничките поседи кое го предвиделе Никифорините промени, секако, морало да предизвика и промени во социјалната структрура на византиската војска. Тешко вооружените стратиоти, на кои царот сакал да им осигура посед во вредност од дванаесет фунти злато, не можеле да бидат селани. Тие можеле да му припаѓаат само на сталежот на пониското благородништво, на оној сталеж од кого подоцна произлегле прониерите.[9]

Наспроти тоа, Никифор Фока се обидел да го спречи порастот на црковните и манастирските имоти и за тоа во 964г. објавил специјална новела, која претставувала еден од најсмелите споменици на византиското законодавство. Црковните имоти растеле исто толку брзо како и световните зошто црковното и манастирското земјиште постојано се зголемувало, благодарение на даровите и на завештанијата на побожните Византијци од сите општествени слоеви. Растел и бројот на новите манастири. Иако во принцип црковните и манастирските поседи во Византија биле обврзани да плаќаат даноци, државата не можела да очекува од нив исти давачки како од другите имоти, уште повеќе поради тоа што тие фактички, по пат на привилегии, често биле ослободувани од даночните должности. Откако во Царството почнал да се чувстува недостигот од земја - дека тој недостиг во X век се чувствувал докажува и огорчената борба околу селанските и војничките имоти - зголемувањето на црковните поседи морало да има неповолни последици за државата бидејќи се вршело на сметка на попродуктивните поседи. Меѓутоа, покрај овие причини, и мотиви од верски и морален карактер го поттикнувале побожниот цар да му објави војна на порастот на манастирските поседи. Во својата новела Никифор Фока немилосрдно ја нападнал глабежливоста на калуѓерите кои мислеле само на зголемување на имотите, а заборавиле на своето монашко завештание, претворајќи го манастирскиот живот во „празна комедија која го навредувала Христовото име“. Царот забранувал премин на земјиште во сопственост на манастирите, црковните установи како и на претставниците на црквата. Забранувал и основање на нови манастири, кое најчесто се покренувало од празна суета. Кој сакал да ја покаже својата побожна дарежливост не ги помогне старите задужбини кои биле во опаѓање, но и на нив не смеело да им се подарува земја, туку само со пари. Спротивно, основањето ќелии во пустините, кои не клонат кон стекнување туѓа земја, не само што се дозволувало, туку се истакнувало како благородна постапка. Овој смел закон не останал долго во сила, но е мошне карактеристичен и за политичкиот став на царот Никифор Фока и за неговата пуританска побожност.[10]

Надворешна политика[уреди | уреди извор]

Војната на Исток[уреди | уреди извор]

Како цар, Никифор Фока ги продолжил освојувањата со кои почнал како доместик во служба на Роман II. Неговото владеење и владеењето на двајцата негови наследници претставуваат во историјата на средновековното Византиско царство епоха на најголема војничка слава. Моќното продирање на царот Никифор ја пробило границата на Таура кој повеќе векови била неосвојувана. Првите две години биле посветени на тешките и напорни борби во ридестата Киликија и на опсадата на Тарс и Мопсуестија. Дури во летото 965г. изгладнетите тврдини се предале. Истата година византиската флота го зазела Крит. Тоа било ново и многу значајно јакнење на византиската позиција на море. Заземањето на Киликија и Кипар било подготвително за извршувањето на главниот план на Никифор Фока: освојувањето на Сирија. Веќе во октомври 966г. царот стоел со своите војски пред ѕидините на Антиохија, но не успеал да ја заземе. Дури во 968г. тој одново упаднал во Сирија, продрел до должината на брегот далеку на југ, заземајќи град по град, а потоа одново и се свртел на Антиохија. И покрај сите напори опсадата се оддолжила, па царот веќе се вратил во Цариград, кога најпосле, на 28 октомври 969г., неговите војсководци Петар Фока и Михаил Вурцис, успеале да ја освојат сириската престолнина. Неколку месеци подоцна паднал и Алепо, чиј емир, инаку втор наследник на Саиф-ад-Даулах (умрел во 967г.) морал да склучи понижувачки мир со Византија. Еден дел од Сирија со Антиохија бил припоен на Византија, другиот со Алепо го признал византискиот суверенитет.[11]

Анексијата на Киликија и на поголемиот дел од Сирија значително ја зголемила територијата на Византиското царство. Неговите граници сега го опфаќале едно од најважните источни средишта, Антиохија, која повеќе од три столетија се наоѓала под арабјанска власт и се чинела засекогаш загубена. Византискиот суверенитет се проширил и на областа на некогашната престолнина на Хамданидите: емирот на Алепо му станал вазал на византискиот цар, а неговите мухамедански поданици и плаќале давачки на византиската држава.[12]

Обнова на Западното царство[уреди | уреди извор]

Во ова време на брз подем на византиската моќ дошло и до обнова на Западното царство (се мисли на Светото римско царство). Станало неизбежно соперништвото меѓу двете царства одново да се пробуди. Идеолошки, тоа било предизвикано од взаемната претензија на царската титула и римското наследство, политички - од судирот на интересите на двете сили во јужна Италија. Отон I, кој една година пред доаѓањето на Никифор на престолот ја примил во Рим царската круна и под себе ја потчинил речиси цела Италија, испратил во 968г. пратеници во Цариград за да се спогодат со Византија за се уште неосвоените делови на Италија. Неговиот пратеник, епископот Лиутпранд од Кремона, кој уште во 949г., во времето на Константин VII, доаѓал во византиската престолнина по налог на кралот Беренгар II, и понудил на византиската влада брак меѓу синот на својот господар и сестрата на младите византиски цареви, а како мираз ги побарал византиските територии во јужна Италија. Оваа понуда, во Византија сфатена како подбивна, била отфрлена со негодување и презир. Византискиот цар сметал дека интересите и достоинството на неговото Царство се длабоко повредени од неодамнешните настани во Италија. Големите успеси на неговите потфати на Исток ја зголемиле неговата самодоверба, такашто тој никако не можел да се помири со тоа пто Отон I ја зел царската круна, станал господар на Рим и ја ставил под своја власт речиси цела Италија, што стапил во врска со кнезовите на Капуа и Беневенто, вазали на Византиското царство, и дури презел, неуспешен напад на византискиот Бари. Пратеникот на Отон бил дочекан во Цариград на најнавредлив начин при што морал да слуша дека неговиот господар не е цар, а ниту Римјанин, туку обичен варварски крал и дека за брак меѓу синот на таков крал и во "пурпур родената" царска ќерка не можело да стане збор.[13]

Бугарија[уреди | уреди извор]

Значењето на големиот подем на византиската моќ веднаш не го разбрала ни соседната Бугарија. Веднаш по освојувањето на Киликија и Кипар, стигнале во есента 965г. бугарски пратеници во Цариград да побараат од Византија данок кој претходните влади и го плаќале на Бугарија. Разлутениот цар Никифор наредил бугарските пратеници да бидат камшикувани и ги вратил со навреди и со заканувања. Византиската војска упаднала во Бугарија и разрушила повеќе погранични тврдини. Зафатен со големите потфати на Исток, Никифор Фока, меѓутоа, не можел да се впушта во подолго војување со Бугарите, па му се обратил на рускиот кнез Свјатослав и го повикал во негово име да ги казни Бугарите. Воинствениот руски кнез, кој неодамна го срушил Хазарското царство и со тоа значително ја придигнал својата моќ, со задоволство се одѕвал на овој повик проследен со богати подароци. Во 688г. тој го преминал Дунав и со голема брзина ја совладал Бугарија. Се разбира, рускиот кнез не ја освоил Бугарија само за да му направи услуга на византискиот цар, туку и самиот да се зацврсти на Дунав. Нападот на Печенезите на Киев го приудило во 969г. да се врати во татковината, но во летото истата година тој повторно дошол во Бугарија, го симнал бугарскиот цар Борис II, синот на Петар, и станал господар на Бугарија. Никифор Фока самиот увидел дека на местото на дотогашниот слаб противник, довел многу посилен и поопасен непријател. Сега тој се обидел да се спогоди со Бугарите против Свјатослав и дури имал намера да ги ожени младите византиски цареви со бугарски принцези. Меѓутоа, тешката грешка која ја направил не можела така лесно да се поправи. На Балканот настанала мошне заплеткана ситуација.[14]

Смрт[уреди | уреди извор]

Шест недели по заземањето на Антиохија, Никифор Фока паднал како жртва на атентат. И покрај своите блескави победи овој цар не можел да биде популарен. Неговото војничко владеење го потчинувал целиот државен живот на потребите на војската и тешко го оптоварувало населението, затоа што големите воени походи барале постојано зголемување на даноците. Имало вести за значителното поскапување на намирниците и за губењето на вредноста на парите во неговото време. Меѓутоа, паѓањето на Никифор Фока не било предизвикано од нерасположението на народот, туку од раскинувањето со Јован Цимискиј и од неверството на царицата Теофано. Теофано му станала љубовница на младиот и блескав војсководец Цимискиј, кој иако мал по раст, за разлика од Никифор Фока бил многу убав и привлечен. Таа го подготвила атентатот, а Цимискиј и неговите другари го извршиле: ноќта меѓу 10 и 11 декември 969г. Никифор Фока подло бил убиен во својата постела.[15]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 319.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 342.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 342.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 342.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 342-343.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 343-344.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 343.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 344.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 344-345.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 345-346.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 347-348.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 348.
  13. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 348-349.
  14. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 349-350.
  15. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 350-351.