Константин X Дука

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Константин X Дука
Κωνσταντίνος Ι΄ Δούκας
Император на Источното римско царство

Costantino X - histamenon - Sear 1847v.jpg
Златен хистаменон од Константин X.
Византиски император
На престол 1059 – 1067
Претходник Исак I Комнин
Наследник Роман IV Диоген
Сопружник непозната
Евдокија Макремболитиса
Деца
Михаил Дука
Андроник Дука
Константин Дука
Ана Дука
Теодора Ана Дука
Зоја Дука
Династија Дука династија
Татко Андроник Дука
Роден(а) 1006
Починал(а) мај 1067

Константин X Дука (грчки: Κωνσταντίνος Ι΄ Δούκας, 1006г. - мај 1067г.), бил византиски император од Династијата Дука кој владеел од 1059г. до 1067г. Тој бил првиот член од неговото семејство кој станал император.

Прогласување за цар[уреди | уреди извор]

Сојузот на црквата и чиновничкото благородништво кој што го урнал Исак Комнин, го довел на престолот Константин Дука. Константин Дука му бил школски другар и интимен пријател на Михаил Псел и на патријархот Константин Лихуд. Во неговото воздигнување, како и во абдикацијата на Исак Комнин, пресудна улога одиграл Михаил Псел, којшто во присутство на најугледните сенатори самиот ги облекол црвените царски обувки. Псел сега бил во зенитот на својата моќ. Како прв советник на царот и учител на неговиот син-престолонаследник, тој и давал правец на целата политика. Константин Дука бил исполнет со восхит спрема остроумниот филозоф и голем говорник. „Тој бескрајно ме сакаше“, забележал Псел во своите мемоари. „Ако не ме видеше неколкупати дневно, тој ќе се налутеше и беше тажен... Тој ги впиваше моите зборови како нектар“.[1]

Внатрешна политика[уреди | уреди извор]

Како што Комнините биле најистакнатите претставници на военото благородништво така и претставниците на царското семејство Дука биле во ова време експоненти на престолничката цивилна аристократија. Воената реакција под владеењето на Исак Комнин била само една епизода. Цивилната странка не само што ја повратила својата моќ туку и ја зголемила. Како што тоа го правела во времето во времето на Константин IX Мономах, таа и сега ги јакнела своите позиции со примањето на пошироките слоеви од цариградското граѓанство во редот на сенаторите. Според зборовите на Михаил Аталијат бројот на сенаторите во тоа време се качувал до "милијарда". Управниот апарат се повеќе го губел својот строг бирократски карактер. Константин X Дука нашироко се служел со давањето даночни приходи под наем, а и во централната власт финансиска власт вовел обичај на продавање на чиновнички должности такашто за пари не само што се добивале функции на собирачи на данок туку и функции на повисоки надзорници на финансиските органи. Војската целосна ја запоставил и толку многу ги намалил контингентите што тоа дури и на Псел, барем подоцна кога пишувал за тоа, му се чинело претерано. По узурпацијата на Исак Комнинстравот од воените кругови уште се зголемил. Од друга страна, финансиското сиромаштво ја наметнувало мислата дека со штедење во војската може да се израмни намалувањето на приходите и зголемувањето на расходите во други домени, особено расходите на чиновничкиот апарат кој станувал се поброен и како владеачки сталеж поставувал се поголеми барања. Растеле и расходите на дворот каде што владеел најголем раскош, додека државата опаѓала и сиромашела. Се зголемувале даровите на црквата чија благонаклонетост владата не смеела да ја изгуби, а исто така и подароците на странските владетели со кои владата и на тој начин се обидувала да ги одоброволува. На тој начин интересите на владеачкиот сталеж здружени со финансиските тешкотии ја уништиле воената моќ на Царството. Положбата била слична на онаа од времето на епигоните на Македонската династија само што надворешно-политичката ситуација во меѓувреме забележително се влошила. Антивоената политика на династијата Дука дошла во времето на најголемите надворешно-политички опасности и поради тоа била посебно кобна.[2]

Надворешна политика[уреди | уреди извор]

Случувања на Западот[уреди | уреди извор]

Тоа било времето кога Норманите под водство на смелиот Роберт Гвискард постигнуваат се поголеми успеси во јужна Италија. Угрите превземале силен напад и во 1064г. го зазеле Белград. На Печенезите им се придружиле сродните Узи и со тоа започнала нова тешка неволја. Како што своевремено Узите под притисокот на Куманите ја напуштила јужно-руската рамница и во есента 1064г. навлегле во Балканскиот Полуостров. Нивните безбројни орди дивјачки ги пустошеле Бугарија, Тракија, Македонија па дури и Грција. Ограбувањата и разорувањата на Узите предизвикало таков ужас што, според Михаил Аталијат, „целото европско население било со намера да се исели“. Меѓутоа, невидена епидемија ја ослободила Византија од Узите. Тие изумреле во маси, дел од преживеаните се вратиле во прекудунавските покраини, а останатите се населиле на византиската земја и стапиле во царска служба.[3]

Турците Селџуци[уреди | уреди извор]

За судбината на Византиското царство имало продирањето на Турците Селџуци од исток. Селџуците ги збришале остатоците од арабиските сили во Азија со таква брзина и леснотија пред коишто бледнееле сите успеси на некогашните византиски офанзиви. Тие ги покориле персиските области, продреле низ Месопотамија и ја освоиле калифовата престолнина Багдад. Калифатот, кому му останала само верската надмоќ, влегол под протекторат на моќниот султанат кој завладеал над мухамеданскиот свет во Азија. Набргу целата предна Азија до границите на Византиското царство и Фатимидскиот калифат во Египет им припаѓал на Селџуците и сега тие удриле на Византија. Како што покорувањето на Бугарија ја урнала браната меѓу Царството и номадските племиња на север, така анексијата на Ерменија извршена во времетона Константин Moномах им отворила пат на нападите на Селџуците. Воената заслабност на Византија им овозможила брз продор во централните покраини на Царството. Во времето на Алп-Арслан, вториот селџучки султан, Турците поминале низ Ерменија и го освоиле Ани (1065г.), ја опустошила Киликија, навлегле во Мала Азија и ја зазеле Цезареја (1067г.). Политиката на византиските властодршци тешко им се одмаздила.[4]

Смрт[уреди | уреди извор]

По смртта на Константин X Дука (во мај 1067г.) неговата жена Евдокија Макремболитиса ја презеле власта во името на своите малотетни синови. Одлучувачка улога на дворот играле Михаил Псел и цезарот Јован Дука, братот на покојниот цар.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 410.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 410-411.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 412.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 412-413.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 413.