Константин IX Мономах

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Константин IX IX Мономах
Κωνσταντίνος Θ΄ Μονομάχος
Император на Источното римско царство
Emperor Constantine IX.jpg
Мозаик во Аја Софија покажувајќи го Константин IX Мономах.
Византиски император
На престол 11 јуни 1042 – 11 јануари 1055
Крунисување 12 јуни 1042
Претходник Зоја Порфирогенита
Наследник Теодора Порфирогенита
Сопружник

Љубовница
Елена Склирина
Зоја Порфирогенита
Марија Склирина
Гуарандукт
Деца
Анастасија
Династија Македонска династија (преку брак)
Роден(а) околу 1000
Константинопол
Починал(а) 11 јануари 1055
Константинопол

Константин IX Мономах, (грчки: Κωνσταντίνος Θ΄ Μονομάχος, о. 1000г. - 11 јануари 1055г.), бил византиски император од Македонската династија кој владеел од 11 јуни 1042г. до 11 јануари 1055г. Тој бил одбран од царицата Зоја како сопруг и совладетел во 1042г., иако тој бил во прогонство поради заговор на нејзините претходен сопруг, царот Михаил IV Пафлагонецот. Тие владееле заедно се до Зоината смрт во 1050г.

Женидбата со царицата Зоја[уреди | уреди извор]

По симнувањето на Михаил V Калафат од престолот, решено било Зоја и Теодора, како претставнички на македонскиот дом, да ја преземат власт и да владеат заеднички. Теодора, која на барање од Зоја се закалуѓерила, имала силна подршка, особено во црковните кругови. Правото на жената за вршење царска власт неќе не било оспорувано како во времето на Ирина. Но двете царици биле толку неспособни, а нивната меѓусебна омраза толу непомирлива, што веќе по неколку недели се покажало дека мора да се побара друго решение и власта да му се довери на некој маж. Иако стара 64 години, Зоја подготвено стапила во трет брак. На 11 јули 1042г. таа се омажила за угледниот сенатор Константин Мономах кој утредента ја примил царската круна.[1]

Внатрешна политика[уреди | уреди извор]

Основни негови карактеристики[уреди | уреди извор]

Како и Роман III Аргир и Константин IX Мономах бил типичен претставник на византиската цивилна аристократија. Тој исто така бил слаб владетел, без енергија и државнички способности, без поголема сериозност го прифаќал и животот и својата владетелска должност и не му се противел на несреќниот развој на настаните кој бил во тек.

Т.н. круна на Мономах, околу 1042

Цариците Зоја и Теодора со кои го делел престолот сега за ништо не наидувале на ограничување. Непречено трошеле дршавни пари, заедно со безгрижниот цар. Од своја страна Зоја станала попустлива и под товарот на годините. Односите кои Константин IX сосема отворено ги одршувал со убавата и умна Марија Склирина предизвикувале огорчување кај народот, но не и кај царицата. Одликувана со новата почесна титула севаст, царевата љубовница, покрај двете царици учествувала во сите официјални дворски свечености. Кога Марија умрела нејзиното место го зазела една убава аланска принцеза.[2]

Култура и образование[уреди | уреди извор]

Лесниот и префинет живот на византиската Престолнина имал и извесни доблести. Византиската култура која била скаменета под суровото војничко владеење на Василиј II, во ова време доживеала нов полет. Чиновничкото благородништво на престолнината, кое тогаш го имало главниот збор, било несомнено најобразованиот елемент во Царството. Престолот го опкружувале луѓе со висока и вистинска култура, како Константин Лихуд, првиот министер на царот, истакнатиот правник Јован Ксифилин и младиот филозоф Михаил Псел.[3]

Од кругот на царевите учени советодавци, во кого припаѓале Псел, Ксифилин и Лихуд, потекнувала и мислата за основањето нова висока школа во Цариград. Во 1045г. во Цариград бил основан филозофскиот и правен факултет. Филозофските студии биле организирани според системот на тривиум и квадриум: нижиот степен го сочинувале граматиката, реториката и дијалектиката, додека вишиот степен - аритметиката, геометријата, музиката астрономијата, додека филозофијата се сметала за синтеза на сите науки. На чело на филозофскиот факултет бил поставен Псел, со звучната титула "конзул (ипат) филозоф". Шеф на правниот факултет станал Јован Ксифилин, со титулата "чувар на правото" (номофилакс). На тој начин бил отворен нов центар за проучување на грчката култура и римското право, чиешто негување претставува една од најголемите придобивки на Византија. Во исто време новата школа служела и за значајни практични потреби бидејќи подготвувала судии и чиновници за византиската држава.[4]

Олеснувања за велепоседништвото[уреди | уреди извор]

Превласта на цариградското благородничко чиновништво нималку не значело јакнење на централната власт спрема феудалните сили. Напротив, феудалното велепоседништво постојано растело и добивало се пошироки привилегии. Олеснувањето за кое велепоседниците најмногу тежнееле било ослободувањето од даночните обврски: добивањето имунитет или, како што во Византија се велело екскусија. Задоволувајќи ги желбите на моќните феудалци византиската централна власт во XI век оваа привилегија ја подарувале со се поголема широкоградност: и световните и духовните велепоседници се ослободувале од извесни даноци, а најмоќните и највлијателните од нив добивале целосен имунитет. Според тоа даночните и другите давачки на нивните парици не и припаѓале веќе на државата, туку ним, сочинувајќи ја нивната феудална рента. Едновремено со даночниот имунитет веќе во ова време се развил и судскиот имунитет: феудалецот добил право сам да им суди на своите селани. На тој начин феудалното велепосеништво се повеќе се осамостојувало во однос на државната влас. Феудалните добра кои уживале целосен имунитет сосема се издвојувале од надлежноста на државниот апарат, па на чиновниците дури им се забранувало да стапнуваат во нивна територија.[5]

Интересно е тоа што централната власт која е попустлива во се, во едно останала упорна и не ја испуштила контролата од свои раце. Таа не престанала да го контролира бројот на на париците на феудалните поседи. Не спречувајќи го веќе порастот на феудалните поседи, царската власт не го допуштала своеволното зголемување на париците на поседите, туку стриктно во секој поединечен случај го одредувала нивниот максимален број. Тоа покажува уште еднаш дека во борбата којашто се водела меѓу централната власт и феудалците околу малите имоти, не било најважно прашањето на самата земја, туку прашањето на нејзините сопственици - селаните. Изгубувајќи ја битката, централната власт продолжила уште прилично извесно долго време да се бори за селската работна сила.[6]

Во ова време првпат се јавил и системот на пронија. Како награда за службувањето, византиските великодостојници добивале во пронија извесни имоти. Земјата се добивала на пронија на извесен рок, обично до смртта на прониерот. За разлика од наследството, пронијата била условна сопственост и барем во почетокот не била наследна ниту можела да се отуѓува. Големо значење ќе добие системот на пронија дури подоцна, но карактеристично било што почетоците на овој систем паѓаат во оваа епоха на првиот голем полет на феудалните сили. Првиот познат прониер не бил никој друг туку главниот министер на царот Константин IX Мономах, Константин Лихуд.[7]

Откако изгубила голем дел од даночните приходи по опаѓањето на селанските имоти и давањето привилегии на велепоседниците, царската влада прибегнала кон системот на издавање на даночните приходи под накуп. Накупците се обврзувале во извесен округ да соберат и на државната благајна да и достават одредена сума пари и тоа обично значително поголема од онаа што во тој округ редовно се добивала. Природно покрај тоа тие настојувале од населението да соберат што поголема сума за сопствена полза. Сето ова значи дека феудалните велепоседници (прониарите и крупните наследници) и приватните претприемачи (наемателни на данок) ги одржувале своите сопствени управни апарати кои личеле на државен апарат и кои постоеле паралелно со него. Ова исто така значи дека се зголеумвал товарот врз населението од што државата имала само ограничена полза.[8]

Финанскиското растројство на византиската држава се манифестирало на виден и мошне кобен начин во расипувањето на парите. Државата била принудена при ковањето пари на златото да му додава метали од помала вредност. Византискиот златник, кој со векови не знаел за поголеми колебања на курсот, сега нагло почнал да ја губи вредноста и големиот углед што го уживал во целиот свет.[9]

Војска[уреди | уреди извор]

Главната карактеристика на оваа епоха било опаѓањето на воената моќ на Визанстиското царство. За да го оневозможи влијанието на соперничката воена странка, владата на цивилното благородништво систематски ги намалувало воените контигенти, а барајќи нови приходи на стратиотите вршењето на воената обрвска им го заменувала со даночни плаќања. Не само што многу стратиотски имоти исчезнале во процесот на феудализацијата, туку сега и преостанатите стратиоти им било овозможено со плаќање пари да се ослободуваат од вршењето воени должности. И тематското уредување го изгубило воениот карактер. Власта на тематските стратези се ограничувала, а покрај нив се повеќе се истакнувале преторите како претставници на цивилната провинциска управа.[10]

Со опаѓањето на домашната војска, одново поголемо значење добивала наемничката војска. Со тоа Византија се враќала на приликите од времето на Ираклиј, и како тогаш Готите, сега Норманите го чинеле најмоќниот елемент во нејзината војска. Дури и на Сицилија, под знамињата на Георгиј Манијакис, војувала познатата варего-руска дружина. Варезите ја сочинувале царската гарда, но тие веќе не доаѓале од Русија, како во времето на Василиј II, туку особено од седумдесетите години на XI век, пристигнуваат во поголем дел од Англија, такашто местото на варего-руската го заземала варего-англиската гарда. На друга страна, некогаш славните стари византиски гардиски полкови го загубиле своето значење и постепено целосно исчезнале.[11]

Судирот со Георгиј Манијакис[уреди | уреди извор]

Подвизите на Георгиј Манијакис на Сицилија биле последната светла точка на византискиот хоризонт кој од сите страни се замрачувал. Како да сакал да ја изврши последната волја на Василиј II, Георгиј Манијакис си ставил за задача Сицилија да ја врати на Царството. Силите на Арабјаните во Сицилија биле во опаѓање, па Георгиј Манијакис успеал за кратко време да им го одземе источниот дел од островот со Месина и Сиракуза. Но сите негови успеси биле засомничени со недоверба и неверица од цариградската влада. Во одлучувачкиот миг Константин IX го сменил војсководецот-победител. Георгиј Манијакис ја прифатил борбата. Неговата го прогласила за цар и тој се истоварил во Драч и од таму тргнал кон Солун. Неговата победа се чинела сигурна, а според тоа и промената на политичкиот курс во Византија. Но тој загинал, погоден од стрела, во една битка којашто речиси била добиена (1043г.).[12]

Ново узурпаторство[уреди | уреди извор]

Неколку години подоцна дошло до нов обид за узурпација, овојпат во "македонската област", т.е. во северозападна Тракија. За цар бил прогласен Лав Торникис, кој се чини бил од ерменско потекло, но се природил со балканската земја. Псел го нарекол водач на "македонската странка". На незадоволството на војската од антимилитаристичкиот режим на чиновничката странка му се придружил и отпорот на провинцијата против цариградскиот централизам. Бунтот на Торнакис добил уште поголем замав отколку оној на Манијакис. Цариград бил опседнат и неговото паѓање се чинело неизбежно (1047г.). Меѓутоа, владата на Константин IX, ја спасила неодлучноста на узурпаторот којшто го испуштил погодниот момент за јуриш на Цариград.[13]

Надворешна политика[уреди | уреди извор]

Општа ситуација[уреди | уреди извор]

Систематското ограничување на војската, коешто го спроведувала цариградската влада, делумно се објаснува со тоа што по големите победи од претходниот период, позицијата на Царството се чинела сигурна. Успешните походи на Георгиј Манијакис на Исток и Сицилија уште еднаш ја докажале надмоќта на Византиското царство спрема Арабјаните. Константин IX можел да ја продолжи политиката на Василиј II во Ерменија и да спроведе анексија на кралството на градот Ани. Меѓутоа, веќе се приближувал крајот на среќниот период на мир. Силата на дотогашните непријатели на Византија била исцрпена, но сега на византиските граници се појавиле нови воинствени противници. Не само што се сменила општата ситуација туку се смениле и главните чинители на византиската надворешна политика. Местото на Арабјаните на исток го заземе Турците-Селџуци, на запад Норманите, а на север наместо Бугарите и Русите, се појавиле номадските племиња на Печенезите, Узите и Куманите. Русите последен пат во 1043г. извршиле напад на Византија. По продирањето на номадските племиња и поместувањето на тежиштето на руската држава на североисток, Русите престануваат за подолг период да влијаат врз византиската политика. Меѓутоа во 1048г. преку Дунав преминуваат Печенезите.[14]

Односот со Печенезите[уреди | уреди извор]

Уште Константин Порфирогенит во својот надворешно-политички трактат го истакнувал значењето на Печенезите во византиската политика. Тие му служеле на Царството како сојузници против неговите непријатели на север, бидејќи можеле од грб да ги напаѓаат Бугарите и Угрите и спрема југ да им го пресечат патот на Русите. Поради тоа соработката со ова воинствено племе била значаен чинител во византиската надворешна политика во X век. По покорувањето на Бугарија положбата од основа се изменила. Византиската територија допирала до Дунав такашто упаѓањата на Печенезите повеќе не ги погаѓале непријателите на Византија, туку самата неа. Ослабената Византија не била во состојва да ги запре ордите номади коишто преминувале преку Дунав. Царската влада им одредила земја за населување на балканската територија и се обидела да ги искористи како помошна војска за одбрана на своите северни граници. Меѓутоа, Печенезите почнале набрзо да ја ограбуваат и пустошат околната територија па Византија морала против нив да употреби оружена сила. Судирите против Печенезите редовно завршувале со пораз на царската војска и царската влада била принудена да го откупува мирот со доделување нова земја за населување, со подароци и со давање почесни титули на поглаварите на Печенезите.[15]

Големата шизма[уреди | уреди извор]

Последната година од слабото владеење на Константин IX Мономах била одбележана со настанот од светскотоисториско значење. Со Расцепот на Црквата. После се што се збиднало во текот на последните векови расцепот меѓу Рим и Цариград бил само прашање на време. Патиштата по коишто оделе Истокот и Западот премногу разидувале, спротивностите меѓу овие два светски центра биле премногу големи и длабоки да за може фикцијата за духовната и верска заедница и понатаму да се одржува.[16]

Тоа се збиднало под особени околности - кога столот на св. Петар го заземал Лав IX, типичен претставник на клиниеското движење, со цариграската патријаршија раководел Михаил Керулариј, најенергичниот и најамбициозниот политичар во византиската историја, и кога власта се наоѓала во кревките раце на Константин IX Мономах кој бил немоќен да му се спротистави на неизбежниот расплет.[17]

Борбата влегла во завршната фаза и најдраматичната фаза кога во Цариград стигнало римско пратеништво под водство на кардиналот Хумберт. Охрабрени од ставот на Константин IX, кој бил за пријателството со Рим, бил готов да го жртвува својот патријарх. Папските легати на 16 јули 1054г. ставиле на олтарот на Света Софија була со која се фрлило проклетство на Керулариј и на неговите најугледни приврзаници. Меѓутоа, потпирајќи се на подршката на свештенството и народот, патријархот успеал да го разубеди слабиот владетел и да му ја наметне својата волја. Со согласност на царот, Керуларија одржал собор којшто од своја страна фрлил анатема на римските легати.[18]

Смрт[уреди | уреди извор]

Константин IX Мономах умрел на 11 јануари 1055 година. Власта уште еднаш ја презела царицата Теодора.[19]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 392-393.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 393.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 393-394.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 395.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 396.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 397.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 397-398.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 398.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 398.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 399.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 399-400.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 400.
  13. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 400-401.
  14. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 401.
  15. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 401-402.
  16. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 402.
  17. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 404.
  18. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 405.
  19. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 406.