Јован VI Кантакузин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Јован VI Кантакузин
Ἰωάννης ΣΤʹ Καντακουζηνός
Император на Источното римско царство
John VI Kantakouzenos.jpg
Јован VI Кантакузин како претседава на синод
Византиски император
На престол 31 март 1347 – 10 декември 1354
Претходник Јован V Палеолог (самостоен)
Наследник Јован V Палеолог
(заедно со Матеј Кантакузин)
Совладетел Јован V Палеолог
Византиски император
На престол 15 април 1353 – 10 декември 1354
Претходник Себеси
(заедно со Јован V Палеолог)
Наследник Матеј Кантакузин
(заедно со Јован V Палеолог)
Совладетел Матеј Кантакузин
Сопружник Ирина Асанина
Деца
Матеј Кантакузин
Мануил Кантакузин
Андроник Кантакузин
Марија Кантакузина
Теодора Кантакузина
Елена Кантакузина
Династија Кантакузини
Татко Михаил Кантакузин
Мајка Теодора Палеологина Ангелина
Роден(а) околу 1292
Цариград
Починал(а) 15 јуни 1383
Пелопонез, Морејско деспотство

Јован VI Кантакузин (грчки: Ἰωάννης ΣΤʹ Καντακουζηνός, о. 1292 - 15 јуни 1383) бил византиски император од династијата Кантакузини кој владеел од 1347 до 1354 година.

Како голем доместик[уреди | уреди извор]

Борбата против царот Андроник II[уреди | уреди извор]

За време на владеењето на Андроник II Палеолог, Јован Кантакузин како византиски дворјанин се ставил во опозиција заедно со царевиот внук Андроник III Палеолог и Сиргијан. Кантакузин покрај извесното обештетување, исто така, за управување добил некои окрузи во Тракија. Продавањето на должностите било многу распространето во државата на Палеолозите. Овојпат тоа опасно и се одмаздило на цариградската влада бидејќи Сиргијан и Кантакузин откупените окрузи ги употребиле како база за организирање на борбата. На Велигден во 1321г., Андроник III ја напуштил престолнината и и се придружил на војската којашто неговите пријатели ја собрале околу Едрене. Андроник II потоа бил принуден да склучи мир.[1]

Веќе во 1322г. одново избувнала војна. Во лагерот на младиот Андроник дошло до несогласувања предизвикани, во крајна линија, од соперништвото меѓу големиот дукс Сиргијан и големиот доместик Кантакузин. Бидејќи Андроник III застанал на страната на својот пријател Кантакузин, Сиргијан, којшто дотогаш бил главен водач на целиот потфат, му се придружил на стариот цар и во негова служба сега го преземал водството во борбата против својот неодамнешен закрилник и господар. Откако повеќе градови во близина на престолнината го прифатиле него, Андроник II одново попуштил и била постигната спогодба според поранешните услови.[2]

Владеењето во сенка[уреди | уреди извор]

Со Андроник III на власт дошла нова генерација чијшто најистакнат претставник бил Јован Кантакузин. Вистинскиот водач во граѓанската војна во последните години, Кантакузин во свои раце ја зел државната управа. Со државничките способности тој значително ги надминал сите свои современици, па и храбриот и непостојан цар. Андроник пожртвувано и не без успех ги водел војните, но правец на државната политика и давал Кантакузин. Периодот на демагошките ветувања изминал. Преземајќи ја власта и одговорноста, Андроник III и Кантакузин значително се придружувале кон мерките на претходната влада. Разбирливо, многу последици од граѓанските војни не можеле веќе да се отстранат. Финансиските тешкотии уште повеќе се зголемиле и вредноста на перперата во времето на внатрешните борби одново паднала.[3]

Тоа што особено ја карактеризира политиката на новата византиска влада, давајќи и ново обележје, била соработката на Кантакузин со селџучките емири коишто, како и на Византија, се чувствувале загрозени од османлиската експанзија. Воедно византиската влада се обидувала да се ослободи од врската со Џенова за да воспостави сопствена самостојност како поморска и трговска сила. Тоа не можело да се постигне без јакнење на византиската флота, па градењето бродови за царот Андроник III и големиот доместик Јован Кантакузин била една од најнеодложните задачи. Бидејќи за тоа не биле доволни државните средства Кантакузин и другите византиски магнати, секако, уште тогаш го помагале градењето бродови од свои лични средства.[4]

Надворешна тогашна состојба[уреди | уреди извор]

Андроник III и Јован Кантакузин храбро се обиделе да и се спротистават на тешката судбина. Во 1329г. тргнале во Мала Азија со 2,000 војници за да ја ослободат опседнатата Никеја. Но биле поразени во нерамна борба кај Филокрена и во почетокот на март во 1331г. Орхан влегол во Никеја. Шест години подоцна во рацете на Османлиите паднала и Никомедија.[5] Андроник III и Јован Кантакузин се обиделе со помош на новоизградената флота да ги засилат византиските позиции на море. Во 1329г. царската флота тргнала најпрвин на Хиос којшто под власта на џеновјанското семејство Цакарија се одметнал од Царството. Овој важен остров бил освоен и се до 1346г. останал под византиска власт. Исто така, со поддршка на соседните селџучки емири, била принудена да ја признае врховната власт на Византија, воедно и Фокеја, којашто исто така се наоѓала во рацете на Џеновјаните.[6]

Откако го отрула својот маж-деспот, епирската деспотка Ана ја презела власта со својот син Никифор II и стапила во преговори со византискиот цар. На чело на поголема војска, чиешто јадро со сочинувале турски трупи, Андроник III и Јован Кантакузин побрзале од Тесалија за Епир за да ја примат изјавата на верност од епирската деспотка (1337г.). На тој начин Епир со Акарнанија без борба бил припоен на Византиското царство. По налог на титуларната латинска царица Катарина Валоа, којашто тогаш владеела со Ахајското кнежевство, анжујскиот намесник во Драч организирал востание за враќање на отфрлениот деспот. Никифор II во Арта бил прогласен за владетел, а царскиот намесник Теодор Синадин бил затворен. Меѓутоа, само неколку градови му се придружиле на деспотот, додека поголемиот дела на земјата му останал верен на византискиот цар. Кога Андроник III и Јован Кантакузин пристигнале со малата војска, востанието било брзо ликвидирано (1340г.). Никифор морал да се врати во своето чесно прогонство во Солун и да се задоволи со титулата паниперсеваст и со свршувачка со ќерката на Кантакузин. Јован Кантакузин со занес го величал овој успех, којшто ниту една поранешна влада, и покрај сите напори не била во состојба да го постигне.[7]

Регентството врз Јован V Палеолог[уреди | уреди извор]

Кога Андроник III на 15 јуни 1341г. умрел, неговиот син Јован V имал само девет години. Како најблизок пријател и соработник на покојниот цар, големиот доместик Јован Кантакузин полагал право врз водењето на регентството. Меѓутоа, против него се создала моќна опозиција којашто се собрала околу царицата мајка-мајка Ана Савојска и патријархот Јован Калекас. А најопасен противник на Кантакузин му бил неговиот некогашен приврзаник, итриот Алексиј Апокавк, којшто во времето на граѓанската војна се истакнал на страната на Андроник III и се здобил со големи почести и богатства.[8]

Надворешно-политичка состојба[уреди | уреди извор]

Дворските интриги и борбите на странките го исполнувале животот во византиската престолнина. Меѓутоа, надворешно-политичките неприлики не чекале. Турците го ограбувале тракискиот брег, Србите одново продреле до Солун, а и Бугарите се заканувале со војна. Со трупи врбувани со лични средства, Кантакузин успешно им се спротиставил на непријателите. Дури, му се отворила можност одново да ги засили византиските позиции во Грција. Ахајските феудалци го известиле големиот доместик дека се подготвени да го признаат византискиот суверенитет. Во Ахајското кнежевство владеело длабоко вриење такашто француските барони повеќе сакале да му се потчинат на византискиот цар отколку на претставниците на банкарското семејство Ачајуоли од Фиренца, коишто од неодамна управувале со Ахаја како намесници на титуларната царица Катарина. Кантакузин бил исполнет со занес и надежи. „Ако со божја помош успееме“, рекол во воениот совет, „да ги потчиниме Латините населени на Пелопонез, тогаш и Каталонците во Атина и Беотија доброволно или присилно ќе ни се приклучат нам. Тогаш власта на Ромеите, како во старото време, ќе се шири од Пелопонез до Византион, и ќе ни биде лесно и од Србите и од другите соседни варварски народи да добиеме задоволство за сите навреди кои толку долго ни ги нанесуваа“.[9]

Новата граѓанска војна[уреди | уреди извор]

Но овие надежи биле пресретнати од избувнувањето на нова граѓанска војна којашто не само што ги урнала сите изгледи за приширување на византиската власт, туку го уништила и тоа што минимално на Византија и останало. Заминувањето на Јован Кантакузин од престолнината, противничката странка го искористила за извршување државен удар. Големиот доместик, којшто се одушевувал од грандиозните патриотски планови, бил прогласен за државен непријател, неговата палата била урната и ограбена, а неговите приврзаници, доколку не успеале да побегнат од Цариград, биле затворени. Во договор со царицата Ана Савојска, на чело на регентството застанал патријархот Јован. Алексиј Апокавк бил поставен за голем дукс и управител на престолнината и соседните градови и острови, а на неговите приврзаници им биле дадени високи позиции. Кантакузин ја прифатил борбата и во Димотика на 26 октомври се прогласил за цар. Меѓутоа, почитувајќи го принципот на легитимитетот, кон кого и во натамошниот тек на граѓанската војна цврсто се придржувал, тој наредил во свечените акламации на прво место да се споменуваат имињата на царицата Ана и легитимниот цар Јован V, а дури после нив неговото име и името на неговата сопруга Ирина. Тој сакал да нагласи дека не се бори против легитимниот царски дом, туку против Апокавк, којшто наскоро во Цариград станал семоќен. Како востаничко движење во времето на првата граѓанска војна и Кантакузиновата акција против цариградското регентство се потпирала пред се врз тракиското благородништво, така што и овојпат провинцијата ја надминала престолнината.[10]

Движењето на исихастите[уреди | уреди извор]

Византија се наоѓала на прагот на една од најтешките кризи што воопшто ја доживеала. Додека граѓанската војна од дваесеттите години значително го ослабела Царството, граѓанската војна од четириесеттите години му ја одзела последната животна сила. Во многу поголема мера во внатрешните борби сега се замешале странските сили, а борбата на политичките струи се заострила со социјални судири и верски спорови. Византија ја зафатила не само политичка туку и тешка социјална криза. Силно социјалноо-револуционерно движење дошло до израз во странката на зилотите, а со политичките и социјалните борби се преплетил и огорчениот верски спор, предизвикан од движењето на исихастите, најинтересното верско движење во доцновизантиската епоха.[11]

Исихасти во Византија од дамнина биле нарекувани калуѓерите кои во целосна повлеченост и тишина воделе строг самотнички живот. Во XIV век исихазмот добил карактер на побено мистичко-аскетска струја. Далечен претходник на оваа струја бил познатиот мистичар од XI век, Симеон Нови Богослов, со кого доцновизантискиот исихазам имал блиски допири во науката и практиката. Прв основател на исихастичкото движење бил синајскиот калуѓер Григориј, којшто во триесеттите години на XIV век ги обиколил византиските земји проповедајќи го своето мистичко-аскетско учење. Учењето на Григориј Синаит во византиските манастири наидувал на силен одек. Особено било големо одушевувањето во Света Гора. Ова старо жариште на византиското православие станала средиште на исихазмот. Најголемата цел кон која се стремеле исихастите била визијата за божествената светлина. Таа цел се постигнувала со помош на одредени аскетски методи.[12]

Социјални разлики[уреди | уреди извор]

Не биле помалку остри ниту социјалните спротивности кои што го раскинувале Византиското царство. Токму социјалниот расцеп бил причина за крајната жестокост со која била водена оваа граѓанска војна. Колку што Царството повеќе осиромашувало и слабеело, толку поголема била сиромаштијата на широките маси на населението на село и во град. И на село и во градовите сиот имот бил концентриран во рацете на тенок слој од аристократијата, и таа станала предмет на омраза на огорчените маси.[13]

Во времето на својот расцут, византискиот апсолутизам врз урнатините на старата муниципална управа го изградил својот бирократски апарат и градскиот живот му го подредил на својот сеопфатен централизам, иако со времето локалните сили дошле одново до израз и оживеале традициите на градските слободи. Меѓутоа, ова заживување на градската автономија било причинето пред ес од слабеењето на централната власт под притисокот на феудалното велепоседништво, а не од подемот на новите општествени сили. Во градовите на доцновизантиската епоха не господарела новата класа на трговците и занаетчиите, како на Запад, туку локалната земјишна аристократија. Оваа разлика не смеела да се испушта од вид колку и да било точно дека настаните коишто во средината на XIV век го потресле византискиот градски живот, имаат многу аналогии во историјата на современите италијански или фламански градови и дека влегуваат во општите рамки на социјалните судири во тогашните европски градови. Оваа основна разлика објаснува зошто Византија, некогашната водечка економска сила во светот, толку брзо била надмината од италијанските градови и толку целосно потисната во заднина.[14]

Последователни востанија[уреди | уреди извор]

Со избувнувањето на судирот меѓу цариградското регенство и водачот на аристократите Јован Кантакузин, социјалниот антагонизам, којшто тлеел, избувнал со сета своја сила. Во борбата против Кантакузин, Алексиј Апокавк вешто го корисел огорчувањето на нижите слоеви против благородништвото собрано околу неговиот соперник. Во Едрене избувнало востание против локалната аристократија и набрзо пожарот ги зафатил и другите грчки градови. Членовите на благородничките и на имотните семејства коишто биле приврзаници на Кантакузин, насекаде биле отстранети.[15]

Најголема жестокост меѓутоа, достигнале класните борби во Солун, во огромното пристаниште со разнородно население, каде што најголемата сиромаштија постоела, покрај најголемото богатство. Во Солун, кој отсекогаш заземал посебна положба во Царството и каде што стремежите за слобода биле особено силни, се формирала странка, странката на зилотите. Антиаристократското движење тука не се манифестирало само преку стихијно излевање на народната огорченост, туку и завладеало со градот. Во 1342г. зилотите успеале во Солун власта да ја земат во свои раце.[16]

Намесникот Теодор Синадин морал да избега од градот. Исто така, и припадниците на повисокиот сталеж, приврзаниците на Јован Кантакузин, спасот го побарале во бегство. Нивните имоти биле запленети. Како противници на Кантакузин, зилотите ја признавале легитимната влада на царот Јован V Палеолог. Дури најпознатите водачи на оваа антиаристократска странка биле од семејството на Палеолозите. Бидејќи го избркале дотогашниот солунски намесник, како приврзаник на Кантакузин и изразит претставник на благородништвото, зилотите го прифатиле претставникот што бил испратен од Цариград. Меѓутоа, првиот избор во градот го немал царскиот намесник, туку водачот на зилотите. Со текот на времето неговото влијание само растело такашто Солун фактички живеел свој посебен живот и уживал речиси целосна самостојност. Во вториот град на Царството подолго време загосподарила револуционерната антиаристократска странка којашто енегично ја бранела својата власт и сурово се пресметувала со своите противници.[17]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 604-605.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 606.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 608.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 610.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 612-613.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 613.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 615.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 616.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 616-617.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 617-618.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 617-618.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 618-619.
  13. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 622.
  14. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 622-623.
  15. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 623.
  16. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 623.
  17. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 624.