Исак I Комнин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Исак I Комнин
Император на Источното римско царство

GoldHistamenonIsaacIKomnenos1057-1059.jpg
Златен хистаменон од Исак I Комнин.
Византиски император
На престол 5/8 јуни 1057 – декември 1059
Крунисување 1 септември 1057
Претходник Михаил VI Вринга
Наследник Константин X Дука
Сопружник Катерина
Деца
Мануил Комнин
Марија Комнина
Династија Комнини
Татко Мануил Еротик Комнин
Роден(а) околу 1007
Починал(а) 1060/61
Константинопол

Исак I Комнин (~1007 - 1060/61) — византиски цар од династијата Комнини кој владеел од 1057г. до 1059г. Тој бил првиот член од неговото семејство кој станал император. За време на неговото кратко владеење тој се обидел да ги поврати истрошените финансии на Царството и поранешната строга организација на владата.

Доаѓање на власт[уреди | уреди извор]

Подготвен да ги исполни сите желби на владеачката цивилна странка царот Михаил VI Вринга бил глув за барањата на воените кругови и ја одбил депутацијата којашто ја предводеле истакнатите генерали Исак Комнин и Катакалон Кекавмен. Озлобените дигнале востание против цариградската влада. Во едно пафлагонско село Исак Комнин на 8 јули 1057г. бил прогласен за цар. Приврзаници му пристигнале сите делови на Мала Азија и набрзо Исак со својата војска допрел до Никеја. Војската што цариградската влада ја испратила против него претрпела пораз. Михаил VI морал да стапи во преговори со својот противник и му понудил преку пратеништвото што го предводеле Константин Лихуд и Михаил Псел, титула на цезар и место на престолонаследник. Ваквите концесии само ги охрабриле неговите непријатели. Сега и во Цариград се кренала опозицијата и му подала рака на Исак Комнин. Пресудна улога одиграла Црквата како трета сила и најважен чинител покрај двете сопернички аристократски групи. Патријархот Михаил Керулариј се поставил на чело на опозицијата, Света Софија станала центар на агитација против владата. Михаил VI бил присилен да го напушти престолот и да се закалуѓери. На 1 септември 1057г. Исак Комнин влегол во Цариград и од рацете на патријархот Михаил ја примил царската круна.[1]

Владеење[уреди | уреди извор]

Општа ситуација[уреди | уреди извор]

Во текот на последните децении моќта на престолничкото цивилно благородништво непрекинато растела. Секоја нова влада и донесувала нов триумф на цивилната странка. Со доаѓањето на Исак I Комнин настапила реакцијата. Иако владеењето на овој прв од династијата Комнини било краткотрајно, тој сепак успеал да ја зајакне воената моќ на Царството. Границите на исток биле успешно бранети, упадот на Угрите преку Дунав бил одбиен, па и Печенезите, спрема кои неговите претходници биле немоќни, ја почувстувале неговата силна рака. Како претставник на малоазиското воено благородништво Исак I Комнин се обидел да воспостави цврсто воено владеење. На парите тој бил претставен со исукан меч во раката. По стапувањето на престолот тој делегацијата на сенатори ја дочекал на ист начин како што неговиот претходник ја примил делегацијата стратези којашто ја предводел. Меѓутоа, тој не бил нималку груб во своето држење: луѓето коишто посредувале меѓу него и Михаил VI, коишто впрочем брзо ја оцениле ситуацијата и навреме ја промениле странката, дошле до нови почести. Псел бил одликуван со високата титула на проедар, Лихуд одново бил ставен на чело на државната управа, а подоцна станал и патријарх. Сакајќи пак да ги отстрани грешките на поранешните влади, Исак Комнин не се одрекувал од остри и радикални мерки. Бидејќи зачестило дарувањето земјиште на манастирите и аристократите и мошне се намалил државниот земјишен фонд, тој решил да конфискува извесни поседи, како световни така и црковни. Тоа пак предизвикало остар судир со моќниот патријарх.[2]

Односот со Михаил Керулариј[уреди | уреди извор]

Во личноста на Михаил Керулариј се одразувало јакнењето на византиската црква во XI век. Ова јакнење се манифестирало со осамостојувањето од Рим, а тоа морало да се манифестира и во односот спрема царската власт. Михаил Керулариј му помогнал на Исак Комнин да дојде до престолот. Затоа очекувал концесии во полза на Црквата и тие навистина не изостанале. Управата на Света Софија, која што дотогаш претставувала привилегија на царот, му била потчинета на патријархот и царот се обврзал дека ќе избегнува секакво мешање во верскиот живот. Царот можел да владее со Државата, а патријархот да раководи со Црквата. Тоа во византиските прилики значело огромно зголемување на црковната моќ. Меѓутоа, оваа состојба на рамнотежа и разграничувањето на сферите наскоро била нарушена од обете страни. Царот почнал да ги конфискува црковните поседи, а патријархот се занесувал со мислата духовната власт да ја стави над световната. Интересно е тоа дека Керулариј своите високи претензии ги засновувал на "Константиновиот дар" кој сега првпат влијаел на развитокот на Византија. Се зборувало дека тој - во духот на тој западен фалцификат - носел црвени царски обувки и дека му се заканувал на царот со симнување од престолот. На тој начин меѓу царот и патријархот избил огорчен судир кој најодзади довел до пад и на едниот и на другиот. Несомнено било дека царот располагал со посилни и поефикасни средства, но популарноста на патријархот била таква што царот не се осмелувал против него да употреби мерки на насилство во самиот Цариград. Дури откако Керулариј во една таква прилика ја напуштил престолнината заради посета на некој манастир, царската стража го фатила и го одвела во изгнанство (8 ноември 1058г.). Меѓутоа, со никакви средства не можеле да го принудат смелиот патријарх на абдикација, па морало да се свика собор да одлучи за неговото сменување. Царот повторно не се осмелил соборот да го свика во Цариград туку го пренесол во едно провинциско гратче. Обвинението против Керулариј го составил Михаил Псел. Славниот филозоф не се притеснувал на својот бивш пријател да му стави во грев најневеројатни ереси и пороци. Ова, впрочем, не му пречело наскоро потоа во посмртниот говор да го велича Михаил Керулариј како најголем бранител на православието и олицетворение на сите доблести. Михаил Керулариј, имено, умрел уште за време на заседанието на соборот. За патријарх бил поставен Константин Лихуд, додека Псел го презел местото на прв министер.[3]

Детронирање[уреди | уреди извор]

Се чинело дека царот Исак ја постигнал својата цел. Но набрзо се покажало дека мртвиот патријарх како маченик станал уште поопасен противник. Возбудувањето, коешто настанало и завладеало меѓу цариградското население по остранувањето на неговиот врховен пастир, уште повеќе се зголемило по неговата смрт. Заедно со опозицијата на цивилното благородништво дошло и непријателството на црквата и огорченоста на народот. Како што пред две години сојузот на црквата и военото благородништво довел до отстранување на Михаил VI, така сега сојузот на црквата и опозиционото чиновничко благородништво предизвикало пад на Исак Комнин. Во декември 1059г., болен и обесхрабрен, царот Исак, по упорното инсистирање на Псел, се откажал од престолот и се замонашил во Студитскиот манастир.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 406.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 407-408.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 408-409.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 409.