Алексиј IV Ангел

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Алексиј IV Ангел
Αλέξιος Δ' Άγγελος
Император на Источното римско царство
Alexius4.jpg
Царот Алексиј IV Ангел
Византиски император
На престол 1203 - 1204
Претходник Алексиј III Ангел
Наследник Алексиј V Дука
Династија Ангели
Татко Исак II Ангел
Мајка Ирина
Роден(а) околу 1182
Починал(а) 8 февруари 1204

Алексиј IV Ангел (грчки: Αλέξιος Δ' Άγγελος, околу 1182 - 8 февруари 1204) бил византиски император од династијата Ангели кој владеел од август 1203 до јануари 1204 година. Тој бил син на царот Исак II Ангел и неговата прва сопруга, која се закалуѓерила по името Ирина. Негов стрико бил царот Алексиј III Ангел, постариот брат на Исак II Ангел.

Преземање на царската власт[уреди | уреди извор]

За време на Четвртата крстоносна војна, по првото свртување (крстоносното освојување на Задар) дошло и второто свртување, предизвикано со доаѓањето на принцот Алексиј Ангел, синот на царот Исак II. Младиот Алексиј успеал да побегне од занданата во која бил затворен со својот ослепен татко. Барајќи помош тој тргнал на Запад и по состанокот со Инокентиј III којшто не вродил плод стигнал на дворот на својот зет - Филип Швапски. Филип со задоволство ги поддржал претензиите на својот шура за цариградскиот престол. Спречен од внатрешните тешкотии самиот да стапи во акција тој им се обратил на Венецијанците и на крстоносците повикувајќи ги да го вратат на престолот Исак II и неговиот син. Овој повик на венецијанскиот дужд му дошол како порачан, а и водачот на крстоносците, Бонифациј Монфератски, кој имал силни семејни врски на Исток, со задоволство ја прифатил приликата да се вмеша во византиските работи. Додека крстоносците зимувале во освоениот Задар, им стигнале пратеници од германскиот крал и неговиот штитеник, па дошло до спогодба која двете страни ја посакувале. Дарежлив како и секој претендент Алексиј IV им ветил на крстоносците и на Венецијанците огромни суми пари, дал до знаење, за да го одоброволи папата, изгледно склучување црковна унија и се обврзал дека по враќањето на византискиот престол со сите средства ќе ја потпомага крстоносната војна. Речиси сите крстоносци тргнале со Дандоло и Бонифациј Монфератски. Искушението било големо, совеста можела да биде мирна бидејќи крстоносната војна, по походот на Цариград, ќе продолжела и тоа со зголемени средства кои ги ветил византискиот претендент. Алексиј IV им се придружил на крстоносците уште во Задар. Во мај 1202г. на Крф меѓу него и крстоносците, бил потпишан договор, такашто веќе на 24 јуни флотата на крстоносците стигнала пред византиската престолнина, пред „царицата на сите градови“.[1]

Откако крстоносците ја зазеле Галата и го пробиле синџирот што го затворал влезот во Златен Рог, бродовите на крстоносците продреле во цариградското пристаниште и тогаш од копно и од море започнал јуриш на градските бедеми. Иако византиската посада пружила силен отпор, на 17 јули 1203г. Цариград паднал во рацете на крстоносците. Кутриот цар Алексиј III побегнал однесувајќи го со себе државното богатство. Слепиот Исак II повторно бил кренат на престолот, а како совладетел царска круна добил и неговиот син Алексиј IV, штитеникот на крстоносците.[2]

Владеење[уреди | уреди извор]

Византиската влада во Цариград се уште постоела, но таа целосно била зависна од милоста на Венецијанците и крстоносците, кои залогориле пред градските ѕидини. Оваа милост не траела долго, зошто набрзо се покажало дека Алексиј IV не бил во состојба да ги исполни ветувањата дадени во Задар и на Крф. Сега тој се нашол меѓу два огна. Крстоносците и Венецијанците ги барале ветените пари одбивајќи ги сите молби за одлагање, а византиското население се бунтувало против царот којшто во земјата ги донел крстоносците и им се потчинил себеси и својот народ на Латините. Кон крајот на јануари 1204г. во Цариград избувнал бунт. Алексиј IV не само својата скапо платена крна туку и главата, а неговиот татко бил ставен ставен во затвор каде што наскоро и умрел. На царскиот престол бил доведен Алексиј V Дука Мурзуфл, зетот на Алексиј III, мажот на бившата жена на Стефан Првовенчаниот, Евдокија.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 499-500.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 500.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 500-501.