Андроник I Комнин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Андроник I Комнин
Ανδρόνικος Αʹ Κομνηνός
Император на Источното римско царство
ByzantineBillonTrachy.jpg
Конкавен било (монета) на Андроник I Комнин.
Византиски император
На престол 24 септември 1183 – 12 септември 1185
Претходник Алексиј II Комнин
Наследник Исак II Ангел
Сопружник

Љубовнички
Агнеса-Ана Француска

Евдокија Комнина
Филипа Антиохиска
Теодора Комнина
Деца
Мануил Комнин
Јован Комнин
Марија Комнина
Алексиј Комнин
Ирина Комнина
Династија Комнини
Татко Исак Комнин
Мајка Ирина Галициска или Ката Грузиска
Роден(а) околу 1118
Починал(а) 12 септември 1185
(возраст: 66-67)
Константинопол

Андроник I Комнин (грчки: Ανδρόνικος Αʹ Κομνηνός, о. 1118 - 12 септември 1185) бил византиски император од династијата Комнини кој владеел од 1183 до 1185 година. Тој бил син на Исак Комнин и внук на царот Алексиј I Комнин.

Претходен живот[уреди | уреди извор]

Андроник Комнен е една од најинтересните личности на византиската историја. Во тоа време веќе шестнаесетгодишник тој зад себе имал бурен живот, полн со романтични подвизи и авантури. Бил мошне надарен човек, блескаво образован, духовит, одличен говорник, храбар на бојното пол, смел и отворен на дворот. Единствено тој отворено се осмелувал да му пркоси на царот Мануил. Андроник и Мануил отсекогаш биле соперници и Мануил, не без причини се сомневал дека неговиот властољубив братучед се стреми кон царската круна. Андроник од ништо не се плашел, неговата желба за власт и неговото славољубие биле безмерни, за постигнување на своите цели тој никогаш не избирал средства и не знаел за обѕири и скрупули. Меѓу него и царот Мануил често доаѓало до отворени судири. Бегајќи од гневот на царот тој години скитал по светот, се задржувал и на дворот на галицискиот кнез во југозападна Русија и кај мухамеданските владетели во предна Азија. Соперништвото меѓу Мануел и Андроник, меѓутоа, не било само од лична природа. Андроник бил непријател на феудалното благородништво и одлучен противник на латинофилскиот правец. Поради тоа опозицијата латинофилското цариградско регентство сите свои надежи ги полагала во него.[1]

Доаѓање на престолот[уреди | уреди извор]

Внатрешната слабост на византиската држава јасно се манифестирала кога по смртта на Мануил (24 септември 1180г.) на престолот стапил неговиот дванаесетгодишен син Алексиј II, а регентството го презела царицата-мајка Марија, антиохиската принцеза, по потекло Французинка. Со државата всушност управувал љубимецот на царицата, протосевастот Алексиј Комнин, внукот на умрениот цар. Влијанието на овој неспособен и суетен човек предизвикало кај другите Комнини големо огорчение. Народот го мразел исто толку колку и Латињанката Марија. Под ова регентсвто сосема природно, латинофилскиот превац во византискиот политика уште повеќе зајакнувал и на оваа околност Цариграѓаните и го припишувале брзото влошување на полошбата на Царството. Омразата на Византијците спрема Латините станувала се поголема. И спрема италијанските трговци коишто во Византија се богателе, и спрема западните наемници кои ја чинеле главната потпора на регентството. Одделни гленови на домот на Комнини се обидувале повеќепати да го соборат регентството на царицата Марија, но без успех. Опозицијата во Цариград немала доволно моќен човек и способен водач. Единствениот моќен човек меѓу Комнени тогаш Мануеловиот братучед Андроник којшто се наоѓал вон Цариград како управник на една област на Понт.[2]

На поминување низ Мала Азија Андроник не наидувал речиси на никаков отпор. Неговата мала војска постепено се зголемувала со пристигнувањето на незадоволници. Во пролетта 1182г. тој влегол во Халкедон. Протосевастот Алексиј се бидел да го затвори Босфорот сметајќи на флотата чијашто посада во поголем дел се состоела од морнари од Запад. Меѓутоа, заповедникот на морнарицата, големиот дукс Андроник Контостефан, преминал на страната на узурпаторот такашто позицијата на регентството била загубена. Во Цариград дошло до преврат. Протосевастот Алексиј бил ослепен и фрлен во зандана. Сега омразата на Византијците против Латините коишто се населиле во византиската престолнина и направиле ужасно крвопролевање. Таков бил почетокот на владеењето на Андроник Комнин. Одушевено поздравен тој во мај 1182г. влегол во Цариград.[3]

Внатрешна политика[уреди | уреди извор]

Како штитеник на Алексиј II[уреди | уреди извор]

Во почетокот Андроник настапувал како бранител на младиот цар Алексиј II. Неговите противници биле погубени под обвинение дека работеле против легитимниот цар. Покрај другите била погубена и царицата-мајка Марија чијашто пресуда самиот морал да ја потпише младиот цар Алексиј. Откако на тој начин подготвил терен за себе Андроник одлучил, божем само излегувајќи во пресрет на молбите на дворот и свештенството, да ја прими царската круна, па во септември 1183г. бил крунисан за совладетел на својот штитеник. Меѓутоа, два месеци подоцна неговите луѓе го удавиле несреќното момченце и го фрлиле неговото тело во море, а стариот цар, за да го задоволи принципот на легитимитет, се оженил со неговата тринаесетгодишна вдовица Агнеса-Ана, ќерката на францускиот крал Луј VII.[4]

Реформи во администрацијата[уреди | уреди извор]

И личноста на Андроник и неговата државничка дејност се полни со спротивности. Наивно, но во суштина точно, вели Евстатиј Солунски дека Андроник бил човек за кого можело да се говори со најголем восхит но и со најголемо гнасење - според тоа на која негова особина во дадениот монент се мислело. Трагичната личност на Андроник несомнено во себе имало нешто привлечно. Андроник настојувал да спроведе регерација на државата. Тој одлучно станал против злата коишто се одомаќиле во Византиското царство во времето на неговите претходници. Тој сакал да ја скрши превласта на благородништвото. Но крајно безобѕирните методи со коишто се служел, неговата влада ја претвориле во свирепа страховлада.[5]

Без сомнение Андрониковите мерки во провинциите предизвикале брзи и видливи подобрувања. Многу тешките недостатоци кои на современиците им се чинеле неизлечиви Андроник ги искоренил со одлучната строгост. Престанала продажбата на чиновнички позиции. Царот ги избирал најспособните луѓе и на чиновниците им давал задоволителни плати за да ги направи помалку подложени на примање мито. Немилосрдно прогонувал секаква корупција и им оставал на чиновниците да избираат: „или да престанат да прават неправда или да ја загубат главата“. Со таквите методи тој успеал да ја оствари и онаа неправда којашто населението најмногу го тиштела: злоупотребата при собирањето на даноците. Со тоа пред се се објаснува подобрувањето на приликите што тогаш настапило во византиските провинции. Енергичното прогонување на вкорените злоупотреби создало кај намаченото селско население, чувство на дотогаш непозната правна сигурност. „Од оној којшто на царот му го дал царевото ништо повеќе не се барало, никој нему не му ја одземал последната кошула, како што порано се случувало, никој не го терал во смрт; бидејќи името на Андроник ги распрскувало грабливите собирачи на данок како некаква волшебна реч“. Голем впечаток кај современиците направило и отстранувањето на раширениот обичај на ограбување на настраданите бродови. Овој варварски обичај, против кого неговите претходници залудно се бореле, Андроник го окончал на тој начин што наредил да се обесат виновниците на јарболите на ограбените бродови. Тој бил убеден „дека не постои ништо што царевите не би можеле да го доведат во ред и дека не постои неправда којашто тие со својата власт не би можеле да ја искоренат“.[6]

Борбата против благородништвото[уреди | уреди извор]

Оваа верба во сопствената неограничена моќ криела во себе големи опасности. Неговата борба против благородништвото се претворила во вистински терор. Средствата со коишто се служел тој во својата борба биле секогаш безобѕирни, секогаш насилнички, а често и перфидни. Тоа го поткопуваол неговиот стремеж кон правда и праведност. Теророт предизвикал против-терор. Заговорите и востанијата не престанувале. Раздранет од отпорот царот, чијапто избувливост и сомнежливост со времето добивале всушност размери на болест, се поостро се пресметувал со своите противници, но со тоа си создавал се повеќе и нови непријатели. Земјата се нашла во состојба на латентна граѓанска војна. Сепак, се покажало дека имало работи спрема кои и царот бил немоќен. Андроник залудно се обидувал да го сврти наназад тркалото на историјата. Борбата против феудалните сили којашто била целесообразна во X век, сега била безизгледна. Велепоседничкото благородништво одамна веќе станало главна потпора на византиската држава и нејзината војска. Да се потисне тоа било невозможно, а неговото физичко уништување директно ја поткопувало основата на византиската одбранбена моќ. Борбата на Андроник против корупцијата, како што признаваат и неговите противници Никита Хонијат И Евстатиј Солунски, имала позитивни резултати. Но, неговиот обид за радикално обновување на државниот систем доживеал неуспех. Антилатинската полтика го засилила непријателството на западните сили против Византија, а антиаристократскиот правец ја ослабел и без тоа ослабената држава. Кога допло до неизбежниот судир со странските сили, Византија се покажала војнички целосно немоќна и доживувала пораз по пораз.[7]

Надворешна политика[уреди | уреди извор]

Унгарија и Србија[уреди | уреди извор]

Блесокот на Мануиловата голема моќ брзо избледнел и првите бури дошле токму од таа страна од каде што неговата политика се чинела особено успешна: oд Унгарија и од Србија. Личниот авторитет на Мануил во значиелна мара дејствувал и на мирољубивиот став на унгарскиот крал Бела III и врз послушноста на големиот жупан Стефан Немања. По смртта на Мануил исчезнале овие лични врски, а очигледната слабост на Византиското царство, коешто во времето на Андрониковото деспотско владеење се наоѓало во постојан вриеж, ветувала лесен успех. Веќе во 1181г. Унгарија одново завладеал со Далмација, Хрватска и Срем и со тоа исчезнале сите плодови на големите и напорни борби на Мануил со Унгарија. Исто така, брзо пропаднале и сите плодови од долгите и тешки борби против Србите, коишто сега ќе успеат да ја ослободат својата земја од византиската власт. Со убиството на царицата Марија, Андроник лично му го дал оружјето на унгарскиот крал во раце овозможувајќи му да истапи против Византија како одмаздник на вдовицата на Мануил. Во 1183г. Унгарците и Србите како сојузници упаднале во Византија и ги опустошиле Белград, Браничево, Ниш и Сердика. Во борбата против Византија, Немања успеал да и осигура на својата земја независност и на сметка на Византија значително да ја прошири нејзината територија на исток и на југ. Воедно тој ја проширил својата власт и на Зета којашто под негово водство се соединила со Рашка во еден државен организам.[8]

Кипар[уреди | уреди извор]

Во Азија, во меѓувреме, се нижеле востанија. Византиските великодостојници, на чело со членовите на семејството Комнини, на Андрониковата влада и пружале очајнички отпор. Најпосле дошло дотаму што Исак Комнин се зацврстил на Кипар како самостоен владетел, се прогласил за цар и дури ковал свои пари. Византиската власт не била во состојба против него да преземе ефикасни мерки, туку се задоволила со убивање на неговите пријатели што биле фатени во Цариград. На тој начин овој стратешки остров бил загубен за Византија. Започнало распарчувањето на Византиското царство.[9]

Зближувањето со Саладин и Венеција[уреди | уреди извор]

Андроник I склучил сојуз со моќниот султан Саладин којшто во 1171г., соборувајќи го Фатимидскиот калифат, завладеал со Египет, а по смртта на својот бивш господар (големиот сириски владетел Нуредин кој умрел во 1174г.), ја презел власта и во Сирија. Од друга страна, Андроник и покрај своето непријателство спрема Латините, се обидел да ги засили византиските позиции на Запад обновувајќи ги односите со Венеција и обврзувајќи се да им ја надополни штетата претрпена за време на настаните од 1171г. Меѓутоа, ни тоа битно не ја променило ситуацијата.[10]

Новиот нормански напад[уреди | уреди извор]

Како во времето на Роберт Гвискард, Норманите прво удриле на Драч (јуни 1185г.). Градот брзо бил заземен и норманската војска тргнала кон Солун. Таму тргнала и норманската флота и патем ги зазела Крф, Кефалонија и Закинтос. Се покажало дека Византија сега, само неколку години по славното владеење на Мануил, била многу послаба отколку во времето кога Алексиј I Комнин, по подолг период на опаѓање, стапил во борба против Роберт Гвискард. Тогаш царот успеал моќно да му се спротистави на непријателот и кај Драч и во внатрешноста на земјата. Тогаш Норманите не се ни приближиле до Солун. Сега, тие не наишле на никаков отпор и веќе на 6 август стигнале пред солунските ѕидини. На 15 август во солунското пристаниште влегла и норманската флота. Започнала опсада од копно и од море. Одбраната на градот била слаба, снабдувањето недоволно, командантот Давид Комнин се покажувал неспособен, а помошната војска од Цариград не стигнала навреме. На 24 август Солун, вториот град во Царството, паднал во рацете на Норманите. Во освоениот град дошло до страотен колеж, сличен на колежот на Латините во Цариград пред три години. Жителите на Солун свирепо биле малтретирани, измачувани и убивани. Еден дел од норманската војска од Солун тргнал спрема Сер додека главнината се упатила во правец на Цариград.[11]

Детронирање и смрт[уреди | уреди извор]

Напнатоста во византинската престолнина достигнувала врв. Теророт на владата беснеел безобѕирно како никогаш дотогаш, а стравот од непријателската наезда растел од ден во ден. На 12 септември 1185г. силна бура се истурила врз градот. Жестока несреќа го снашла последниот владетел од династијата Комнини. Разјарената маса ѕверски го растргнала царот на цариградските улици, истиот когошто пред неколку години го славела како спасител на Царството.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 474-475.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 474.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 475.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 475-476.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 476.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 476-477.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 477-478.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 478-479.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 479.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 479-480.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 480-481.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 481.