Никифор III Вотанијат

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Никифор III Вотанијат
Νικηφόρος Βοτανειάτης
Император на Источното римско царство
Meister der Predigtsammlung des Heiligen Johannes Chrysostomus 001.jpg
Царот Никифор III Вотанијат.
Византиски император
На престол 3 април 1078 – 1 април 1081
Претходник Михаил VII Дука
Наследник Алексиј I Комнин
Сопружник Марија Аланска
Роден(а) околу 1002
Починал(а) 10 декември 1081

Никифор III Вотанијат (грчки: Νικηφόρος Βοτανειάτης, о. 1002г. - 1081г.), бил византиски император кој владеел од 1078г. до 1081г. Тој припаѓал на семејство кое тврдело дека води потекло од византиското семејство Фока.[1]

Преземање на царскиот престол[уреди | уреди извор]

Не е чудно што во времето на владеењето на Михаил VII Дука бунтовите во војската биле особено чести. Карактеристично било за тогашните прилики што јунак на еден таков бунт бил заповедникот на норманските наемници, Урсел од Бајела. Тој како кандидат за царскиот престол го истакнал цезарот Јован Дука. Исто така било карактеристично тоа што византиската влада против него ги повикала Турците. Турците го совладале и го предале за добра откупнина на царскиот командант Алексиј Комнин. Меѓутоа, добри војсководци тогаш во Византија имало малку. Наскоро Урсел бил пуштен од затвор и се борел заедно со Алексиј Комнин во служба на Михаил VII против новите узурпации. Речиси истовремено се појавиле двајца претенденти на престолот од круговите на византиското воено благородништво. Во Мала Азија се кренал Никифор Вотанијат, на Балканскиот Полуостров Никифор Вриениј.[2]

Дуксот на Драчката тема Никифор Вриениј, победникот над побунетите Словени од 1072г. бил најугледниот претставник на византиската воена аристократија во европските делови на Царството. Прогласувајки се за цар, тој во ноември 1077г. влегол во Едрене, своето родно место, и од таму испратил војска на Цариград. Стратегот на Анатолиската тема Никифор Вотанијат, како што се тврди - потомок на семејството Фока, истапил во името на малоазиското воено благородништво. Откако се прогласил за цар во 1078г., тој исто така тргнал на Цариград, откако претходно си осигурал помош од Сулејман, братучедот на Алп Арслан. Дури и во тогашните хаотични прилики, претставникот на Мала Азија, Никифор Вотанијат, се покажал надмоќен и успеал да го надитри својот соперник и соименик. Опозицијата во Цариград, зголемена поради непопуларните мерки на логотегот Никифорица, во него ги полагала сите свои надежи. Штом во март 1078г. Вотанијат се појавил со војската во Никеја, во Цариград избувнал бунт, во кого црквата и овој пат зела живо учество. Михаил Парапинак бил принуден да се одрече од царската круна и да се повлече во Студитскиот манастир. Никифор Вотанијат влегол во Цариград на 3 април и истиот ден бил крунисан за цар. За да им одговори на легитимните чувства на византиското население тој стапил во роднински врски со династијата Дука, оженувајќи се при сеуште живиот маж, со сопругата на својот претходник, Марија.[3]

Владеење[уреди | уреди извор]

Стариот Вотанијат не бил во состојба Византиското царство да го извлече од хаосот. Неговото краткотрајно владеење со кое завршила оваа епоха на опаѓање, било исполнето со борби и востанија, бидејќи по разгромот на моќта на цивилното благородништво меѓу војсководците започнало огорчено разграбување на највисоката власт. Круната најодзади му припаднувала на најсилниот и најспособниот, на Алексиј Комнин. Алексиј најпрвин, во служба на новиот цар го совладал Никифор Вриениј, а потоа и новиот узурпатор, Никифор Василакиј, којшто го наследил на местото дукс на Драчката тема па и во улогата на претендент. Меѓутоа, кога во 1080г. во Никеја бил прогласен за цар Никифор Мелисин, кој по примерот на Вотанијат го повикал на помош Сулејман, Алексиј не влегол во нова борба. Тој престанал да изигрува лојален слуга на царот Никифор Вотанијат и почнал да подготвува свое сопствено издигнување.[4]

Соработката на Вотанијат и Мелисин со Турците значително го олеснила турското освојување на Мала Азија. Веќе околу 1080г. Сулејман бил господар на цела Мала Азија, од Киликија до Хелеспонт. Овде, на старата византиска почва, тој го основал султанатот Рум, т.е. Римскиот султанат. Бидејќи пропаднал цврстиот византиски одбранбен систем и бидејќи исчезнал сталежот на визатиските стратиоти. Мала Азија, колепката на тој систем и тој сталеж била изгубена речиси без отпор.[5]

Во Цариград, чијашто посада се состоела во поголем дел од странски наемници, Алексиј влегол благодарение на договорот со заповедникот на германскиот одред. Како и трупите коишто го бранеле Цариград, и војската на Алексиј претставувала шаренило војници од разни народности, желни за ограбување и плен. Три дена и три ноќи византиската престолнина била сцена на подивено ограбување и насилство. Откажувајќи се од безигледната борба, Никифор Вотанијат се откажал од престолот и се закалуѓерил. На првиот ден на Велигден, 4 април 1081г., Алексиј Комнин бил крунисан за цар на Византија.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Kazhdan, pg. 1479
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 417-418.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 418.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 418-419.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 418-419.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 420.